СКОПЈЕ МЕ ЛЕЧИ ОД СИТЕ БОЛЕСТИ: ЕМОТИВНО ИНТЕРВЈУ СО ДИМЧЕ МЕШКОВСКИ
Мислам дека ќе ни треба три интервјуа за да ви раскажам за моите болести. Имам четири бајпаса, имам проблем со колкот кој ми е два пати опериран, потоа паднав од велосипед па ја скршив коска на бутот, и сега сум инвалид од колкот. Опeрирав паратироидна жлезда, опасен некој тумор беше. Па, имам преживеано мозочен удар, тежок артритис, витилиго, одам на дијализа, ми откажаа бубрезите. Оперирав и хранопроводник и така уште неколку болести. Но, добар сум и среќен што луѓето не ме заборавиле
Бифето на Драмски е моето легло.- Димче со пријателот, режисерот Коле Ангеловски
Во „Викенд на мртовци“ беше легендарниот Тасе, во „Солунски патрдии“ го играше Секула, а нѐ смееше и како дел од екипата на „Женски оркестар“, „Хиирику“ и многу други. Од скопскиот Драмски театар, патот го одведе близу до Холивуд, во Лос Анџелес. Легенадрниот Димче Мешковки, за пријателите, а и за публиката Мешко, четири години живее во Санта Моника. Најголемата причина е неговата внука Леона од ќерката Јасна, но и напредната медицина која му ги олеснува здравствените проблеми. Од сите места на светот, најдрагото на Мешко му е она во кое што се сретнавме, бифето на Драмскиот театар. По четири години колку што не бил дома, вели дека новото Скопје му изгледа чудно, а старите пријатели се сѐ уште на старото место. На интервјуто за Женски магазин, друштво ни правеше еден голем пријател на Димче, познатиот режисер Коле Ангеловски кој му помогна во еден од одговорите.
* Каде точно живеете во Америка, по колку години сте повторно во Скопје?
- Во моментов живеам во Лос Анџелес, во квартот Санта Моника, а инаку живеам и тука, во Скопје, на Партизанска. Веќе четири години сме во Америка. Сега веќе не сме со ќерка ми, сопругата и јас добивме свој стан, меѓутоа до нас е близу училиштето на нашата внука Леона. Ние ја зeмаме од училиште и поминуваме време заедно додека родителите и се на работа. Прекрасно е, морам да кажам, Санта Моника е еден од најубавите делови на Лос Анџелес. Тука ни е близу океанот, палмите, и се што е најубаво.
* Како се вклопивте во животот таму?
- Животот е убав и скап. Особено за нас, затоа што ние заминавме како пензионери, плус со сите мои здравствени проблеми. Веќе не можам да работам за да допиринесувам дома. Егзистираме скромно, но врзани сме за ќерката и за внуката, затоа сме и таму. Една од причините што заминавме е американската медицина. Во Лос Анџелес многу добро ме лечат, медицината таму е највиско ниво. Стручни кадри, стручна екипа, медицинска техника до совршенство. А јас, бидејќи имам повеќе од 65 години, имам право на бесплатно лекување.
* Од која болест се лекувате ?
- Мислам дека ќе ни треба три интервјуа за да ви раскажам за моите болести. Имам четири бајпаса, имам проблем со колкот кој ми е два пати опериран, потоа паднав од велосипед па ја скршив коска на бутот, и сега сум инвалид од колкот. Оприрав паратироидна жлезда, опасен некој тумор беше. Па, имам преживеано мозочен удар, тежок артритис, витилиго, одам на дијализа, ми откажаа бубрезите. Оперирав и хранопроводник и така уште неколку болести, не можам сега сите да ги набројувам.
Изиграв 6.000 претстави и околу 100 премиери* Претходно ми рековте оти мислевте дека луѓето тука ве заборавиле. Ви приоѓаат ли на улица, и какво е чуството кога ве препознаваат ?
- Прво, среќен сум што сум сега овде. Мене ми беше малку чудно. Вистина мислев дека луѓето ме подзаборавиле. Четири-пет години не сум бил дома, и пред тоа подолго време не снимав, не работев, две три години пред да заминам тие болести ме зафатија. Меѓутоа уште кога менувавме авион, од Виена за Скопје, ме препознаа луѓе. Ми пријдоа: „О, господине Мешковски, како сте?“ Тогаш и реков на сопругата: „Добро бе жено, не ме заборавиле луѓето“. Ми беше многу пријатно тоа чуство. Се видов со многу пријатели, роднини, не можам да здивнам откако сум овде. Толку сум исполнет цело време со некакви активности. Изгледав неколку претстави тука, многу сум задоволен и ги полнам батериите. Ми приоѓаат луѓе и тука. Можеби некои мислат дека засекогаш отидов, дека ме снема, ама ете , се вратив, добар сум, се чуствувам добро. Скопје како да ме излечи. Ќе останеме уште еден месец па ќе се враќаме. Внуката почнува со училиште, а јас и мојата сопруга Марица се грижиме за неа.
* Што најмногу ви недостасува од Скопје во Америка?
- Многу работи ми фалат од Скопје. Прво, ваквото дружење, ваквата комуникација со луѓе ги немам таму. Потоа ми фали театарот, театрите таму се полуаматерски, не се доходовни. Во Америка водечка индустрија е филмот, првата уметност. Бев во Лос Анџелес да го гледам „Ослободување на Скопје“. Бев изненаден, само ние и уште една фамилија од Македонија беа на приемерата. Имаше Срби, Хрвати, Американци во публика, а наши, Македонци најмалку. Ми беше криво што е тоа така. Главно збиралиште на нашите таму е една црква во Лос Анџелес, и тоа е се. Изгледав неколку добри мјузикли но вакви, класични претстави имаше две-три, но беа многу сиромашни.
Мило ми е што уште се кажуваат реплики од фимот „Викенд на мртовци“.- Димче како Тасе*Знаете ли бројка, колку претстави сте одиграле до сега?
- Имам одиграно околу 6.000 претстави, над 100 премиери за 35 години. Јас си отидов малку порано од театарот, и еден кус период бев слободен уметник, но продолжив да играм уште некое време. Коле Ангеловски режираше една добра претстава, „Ладало“, играв и во неа. Тогаш се уште се играше и „Солунски патрдии“, играв и во неа и во уште неколу други. Имав и школа за млади актери во состав на Општина Карпош, работев со ученици од шесто одделение нагоре, така што животот ми беше исполнет и со таа активност. Потоа добив инвалидска пензија.
* Ваше обележје освен театарските улоги се и ТВ проектите и легендарната „Хихирику“. Што мислите, по што луѓето најмногу ве препознаваат и ве паметат?
- Мислам дека најмногу ме паметат по „Солунски патрдии“ и по „Викенд на мртовци“. Потоа доаѓа „Театарче лево ќоше“, „Женски оркестар“, „Балкан бенд“. Доста детски серии, па партизнакси серии во социјализмот, и серии на темите Илинден и Солунскиот конгрес, има доста.
* Незаборавен е ликот на Тасе Стопарески кој го игравте во „Викенд на мртовци“. Имате ли некоја интересна ангедота да споделите од снимањето на тој култен филм?
- Кога го снимавме „Викенд на мртовци“, работевме со наши колеги од Белград. Сека Саблиќ, Бата Живоиновиќ, Ташко Начиќ. Јас до тогаш немав улога во филм, тоа ми беше прв кој го снимав. Бата Живоиновиќ тогаш играше епизодна улога, го глумеше директорот. Јас го задевав, му велам: „Еее, Бата што дожиева, јас да играм главна улога, а ти епизодна, хахаха“. Човекот беше широк, духовит, па така се изнасмеавме. Но, најинтересно беше со Ташко Начиќ. Тој беше еден огромен човек, висок и крупен. Се спријателивме убаво, го поканив и кај нас дома. Беше неколку пати на ручек, на кафе. Еднаш го однесов на ручек во „Езерце“, тогаш сопственик на ресторанот беше Раде од “Три бисери“. На Ташко му беше мило што тој не пречека убаво. Раде не почести со предјадење, некои салати и мезе. Порачавме едно главно јадење, па малку ни беше едно, порачавме уште едно. Се најадовме, и си заминавме. Ташко ми вели: „Оди си ти дома, јас ќе прошетам малку до хотелот, да ми спадне јадењево.“ Утредента отидов пак кај Раде во „Езерце“ и му велам: Како си задоволен од гостите? А тој ми одговара: „Абе Мешко, овој Ташко многу јаде. Вчера, само што си заминавте вие, тој пак се врати и порача уште“, хахаха. Ташко сакал да ме откачи и се вратил да се дојаде, му било незгодно пред мене. Тоа се убави спомени. Многу е интересно што од „Викенд на мртовци“ остана многу реплки што и сега се употребуваат: „Ово нема у Београду“, „Ми кажа директорот“, „Сите ќе умрете“ и многу други. Е сето тоа е заслуга на мојот другар овде, Коле Ангеловски.
* Вистина ли е господине Ангеловски, дека Сека Саблиќ ја згрешила легендарната реплика „Сите ќе умрете“ и од што ви било симпатично сте ја оставиле грешката во филмот?
Коле Ангеловски- Да така беше. Сека требаше да каже „Сите ќе умреме“, но згреши и изговори „Сите ќе умрете“. Тоа на сите ни беше толку смешно и симпатично што така остана во филмот. (Разговорот продолжува со Димче Мешковски)
Мешко со Ванчо Петрушевски во „Женски оркестар“* Како ви изгледа сега Скопје, по толку години, ви се допаѓаат ли промените на градот?
- На прв поглед Скопје изгледа убаво. Меѓутоа, колку што ние уметниците се разбираме по малку во барок, по малку во во рококо, мислам дека ова е кичерај. Вака, за некој што доаѓа од надвор, може да се воодушеви на прва. Но, мислам дека има многу утки и со фасадите и со спомениците. Фрлени се големи пари, а од друга страна, болниците ни се за никаде. Требало да се вложи во нешто што е позначајно. Вардар е најзагадена река. Значи, имало за што друго да се искористат тие пари. Добро, има и убави работи. Без разлика каков-таков, имаме нов театар. Не е се за критика, но повеќето е.
* Како е вашата ќерка Наташа, успеавте ли да се видите и да го надполните времето додека не бевте заедно?
- Наташа не можам да ја видам. Ангажирана е на сто полиња. Професор е на Факултетот за физичка култура, има две школи за пливање, па води некоја емисија на 1 ТВ. Беше на светското првенство во Русија како спортски амбасадор на „Гаспром“, така што имаше доста активности и ретко се гледаме. Но, мене ми е драго дека го работи тоа што го сака и среќен сум кога гледам дека е исполнета.
* Со што се занимава вашата друга ќерка, Јасна?
- Јасна тргна по моите стапки, таа заврши глума на Универзитетот во Лос Анџелес. Но, знаете, во САД има милион невработени актери, меѓу нив е и ќерка ми. Сега работи како менаџер во еден познат ресторан кој што е дел од една цела корпорација. Добро работи, но не беше тоа нејзина желба. Судбина ми е постојано да сум во женско друштво. Наташа, Јасна, сопругата Марица и внуката Леона, тоа се моите четири грации.
* Какви спомени ви буди ова место, театарското бифе, и дали сте сега во контакт со колегите со кои порано сте работеле?
- Ве повикав да дојдете овде, во театарското бифе, најмногу поради тоа што мене тука ми е леглото. Со некои мои колеги како покојниот Дади, Стево Спасовски, и со Коле се разбира ни беше главно свратилиште. Доаѓаа актери и пејачи од цела Југославија, тука мезевме убав пинџур со домашна ракија, игравме табла и пеевме песни. Сега, се помалку и помалку актери доаѓаат овде. Жал ми е што е така. Таа дружба меѓу колегите е многу битна за да опстои и за да расте еден театар, и за да има квалитет и можности за подобри претстави. Порано немаше тензии, немаше кавги, немаше тензии како сега што има. Тоа многу ми фали, и секој ден речиси доаѓам да се видам со некои од колегите, но тие се многу ретки и многу малку. Секако, имам и други пријателства и други средби.
* Имате ли своја приватна архива, колекција на вашите снимки од ТВ сериите и од филмовите?
- Толку многу работев во животот, настапи, претстави, снимања, а немам време да си составам некое свое Си-Ви, биографија. Немав ниту едено цеде со снимка од моја претстава, ниту една ТВ снимка. Во една прилика, се сретнав со покојниот Тоше Проески. Тој ме најде случајно, во едно бифе и многу непосредно ми пријде. „Може ли да седна со вас“, ме праша. „Тоше, како да не, многу си ми драг“, го поканив. Тогаш ми рече нешто многу впечатливо и неочекувано. „Да ви кажам, толку многу патувам, настапувам, снимам, што едвај чекам да стасам во Крушево, да си пушстам цеде и да ве гледам во „Викенд на мртовци“.Тоа ме релаксира најмногу, и затоа пријдов да ви го кажам тоа“. Многу ме израдуваа и ме трогнаа тие зборови. Му реков дека јас немам ниту едно цеде, ниту една снимка од тој филм. Тоше веднаш ми се понуди дека ќе ми направи копија. Му се понудив цеде да му дадам. Ми рече: „Таман работа, какво цеде, имам се, за неколку дена ќе ви направам копија и ќе ви ја дадам.“. Три дена по таа наша средба се случи трагичната сообраќајка и Тоше загина. И јас тогаш, само поради тоа што тој ми вети, му се јавив на еден пријател од една приватна телевизија која често го пушташе филмот, и го замолив да ми направи копија. Да не беше средбата со Тоше, немаше никогаш да ја имам.
* Сте размислувале да напишете своја биографија?
- Сум размислувал, но ништо од тоа. Не чуствувам некоја посебна потреба да имам книга за себе. Повеќе би сакал да напишам нешто како роман, но со други главни ликови.
Милица Џаровска