Словенечко вино од македонско црвено грозје
Словенечката винарија Пуклавец отвора „бутик“ винарска визба во Неготино. Со оваа вредна инвестиција Пуклавец го проширува својот асортиман со производството на црвени вина од македонско грозје. Вината што ќе се произведуваат во неготинската винарија, новиот бренд на Пуклавец, ќе бидат класифицирани во три квалитативни сегменти и на пазарот ќе се пласираат под името Инстинкт. Достапни за продажба ќе бидат до крајот на годината.
„Со инвестицијата во винарската визба во Неготино, само ја прошируваме целта и визијата што ја имаме воопшто во Пуклавец, а тоа е производство на вина кои можат да се натпреваруваат со најдобрите светски вина на меѓународните пазари. Македонското виногорје е познато по црвените раси, а македонските црвени вина се познати по богатството на вкусот, зрели и комплексни ароми. Овој вид вино е високо ценет на меѓународните пазари и токму тоа ќе го понудиме. Нашата првична амбиција, да бидеме меѓу најдобрите производители на вино во светот, расте и се засилува токму со винаријата во Северна Македонија, што ќе ни овозможи дополнително растење, развивање и збогатување на портфолиото на Пуклавец“, изјави Владимир Пуклавец, сопственик на семејната винарија.
Семејната винарија Пуклавец веќе присутна на меѓународните вински пазари, имаше потреба од развој на производство на црвено вино, бидејќи во Словенија климатската состојба не е толку податлива за производство на црвени вина. Одлуката да се инвестира во производство на црвени вина во Македонија, стана активна во 2011 година. На локалните лозја Пуклавец има засадено Мерло, Каберне Совињон и локалното Вранец.
„Винаријата Пуклавец има долга традиција и знаење за производство на квалитетни вина. Успехот го постигна применувајќи специфичен пристап во работата со поддржување на природниот начин на производство на вино, со минимални интервенции врз грозјето и многу внимание во развојот и созревањето на виното. Македонското виногорје совршено се вклопува во ваквиот начин на производство. Тиквешкиот регион, каде што се наоѓа винаријата, со сувите, топли и долги лета, релативно студените зими, ридскиот пејзаж, лоциран помеѓу 250 и 400 метри надморска височина и уникатниот тероар богат со минерали нуди совршени услови. Сето тоа создава уникатни услови за производство на премиум црвени вина“, вели Дане Јованов, менаџер на винаријата во Неготино.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, го поздрави успешно завршениот циклус на инвестиции и отворањето на винаријата: „Особено ми е драго што со Владата на Република Словенија имаме навистина одлична институционална соработка, којашто покажа и потврди во периодот дека имаме сериозна поддршка во нашите мерки, планови и политики што ги креираме. Минатата година бевме и земја партнер на еден од најзначајните саеми во Република Словенија, бевме и во Ормож и ја посетивме токму и оваа винарија, а денеска сме тука во Дисан, во Неготино, каде што отвораме една нова приказна.”
Вредноста на инвестиција во визбата во Неготино се проценува на 1,6 милиони евра, а почетниот капацитет е 300.000 литри вино годишно.
Семејната винарија Пуклавец е познат и почитуван вински бренд од Словенија, каде што досега се произведуваа најмногу бели и пенливи вина. Семејството Пуклавец се врати во винската приказна, започната од Мартин Пуклавец во 1934 година, пред точно десет години иконтинуирано расте и се проширува. Со спојувањето на винарските визби Ормож и Љутомер, семејните вина Пуклавец почнаа да пишуваат ново поглавје фокусирано на производство на високо квалитетни вина. Брендовите на Пуклавец се присутни на бројни светски пазари, вклучувајќи Велика Британија, Бразил, Полска, Холандија, Хрватска, три пат по ред се наградени како Винарија на годината во Словенија, а поседуваат и други многубројни реномирани вински признанија, како што се Decanter Platinum за најдобро словенечко бело вино.