Сложувалка
Една од добрите активности за насочување на вниманието и смирување на енергијатана моето дете е - редење сложувалка. И, така,летово, наредивме две. Големи. Се редеа со денови, понекогаш поради тоа сите јадевме во дневната соба, за да биде слободна масата во кујната, за, на неа, да биде распослана сложувалката.
Децата се нашите учители, тие се нашите водители кон подобри верзии
од нас.
Така и јас, по не знам кој пат, освестив
нешто ново. Всушност, освестив
две работи.
Не знам дали сте ределе голема сложувалка, со многу делчиња? Дали ви е познато чувството кога не можете да најдете едно делче? Гледате, преместувате, се наваднувате под масата, ги пребарувате делчињата....го нема! Потоа се насочувате на друг дел од сликата, правите друга целина за да ви се смени шарата пред очите, па пак барате, па пак се враќате...и така... Она што ми се случи како увид, лекција и момент на растење – беше кога на два пати делчето ми се „појави“ тука пред очи! Тоа било тука цело време, јас не сум го видела.
Колку пати сте
застанале да земете воздух, да го смирите умот, да се насочите на нешто друго,
за потоа кога ќе се вратите – решението да биде пред вашите очи? Пред носот,
како што велиме.
Колку пати решението го барате таму некаде, далеку или надвор од вас, а тоа
било пред вас или во самите вас?
Запишете си некое прашање на коешто во моментов барате одговор, барате решение,
барате начин? Оставете го така, па навратете му се со други очи, со друга
свесност. Разгледајте поблиску околу себе, во себе, во својот дом, канцеларија,
компјутер, телефон, фиока, полица...душа. Можеби решението веќе го имате. Само
не сте го
виделе бидејќи сте биле зафатени со – барање.
Одете
понатаму. Што друго во животот не
гледам пред мојот нос?
Кое решение во мојата работа не го
гледам или не го слушам во главата?
Каде да се раздвижам, да се свртам – за да го најдам?
Другото искуство од сложувалките, за среќа, не го доживеав летово, но, помислив на него. Можеби вие сте го доживеале редејќи сложувалка? Последното делче?
Сложувалката не може да биде цела, да биде готова без тоа едно делче. Ќе има дупка, ќе недостасува една шара, ќе има празен простор и нема да е целина.
Така е и со светот. Тоа делче сте вие.
Излезете, живејте ја вашата приказна. Дајте го вашиот придонес. Зашто, ниту
едно друго делче од сложувалката не е како вас. Ниту едно друго делче ја нема вашата форма, шара, место во целата слика.
А, како делче, вие, можеби, не можете да ја видите целата слика и се прашувате
за својата улога, за своето место, за својата вредност. Ако успеете да се
издигнете над целата слика, ќе го видите своето место, ќе ја видите својата
улога и ќе ја осознаете својата вредност што, како уникатно делче, ја давате на
целата сложувалка.
Оваа
планета што без прекин се врти со незамислива брзина околу својата оска и околу
сонцето, во некој бесконечно широк простор наречен вселена, веројатно знае што
прави.
И тоа го знае многу повеќе од нас.
Затоа, не двоумете се многу. Комплетирајте ја сложувалката со вашето активно постоење и придонес.
Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој
Inspirit Coaching