Снежана Илиева–математичар и сликар: Победува жената која верува во себе
Денес разговараме со Снежана Илиева. Храбра со бројките, но уште посмела во движењето на четката, кога ги создава своите уметнички чеда. „Дијалог со стварноста и акварелот“ е насловот на нејзината изложба, која се реализираше во „Матица ексклузив“ во Скопје. Преку сликите се обидува да излезе од кафезот на својата душа.
За нејзиното сликарство академскиот сликар д-р Стојаче Тоциновски вели: „Илиева Снежана е многу успешен сликар на акварели. Тајната на нејзиниот успех се должи на генот што го поседува, храброста што ја има, преку потегот на четката и играта на водата и боите кои завршуваат во хармонична реална слика.“
Кажете ни некои основни навики што ги применувате секој ден? Како ви поминува времето?
Се трудам да го почнам денот со позитивни мисли и да го направам свој.
Станувам рано кога ќе се раздени. Уште во кревет медитирам и се посветувам на себеси. Потоа станувам и вежбам скоро цел час. Пијам задолжително чаша вода. Одмарам со чај или кафе, овошје или леб.
Претпладневните часови ми се најдрагоцени и исполнети. Секој ден имам друштвени и општествени задолженија. По враќањето купувам весник, со него одмарам и читам. По ручекот честопати сликам или пишувам и тоа навистина ме исполнува. По некој пат, навечер ги посетувам моите деца и внуци и водиме заеднички разговор.
Кој е вашиот мотив за да бидете успешна личност?
Научив да ги разбирам луѓето, да ги почитувам и да ги сакам. Содржината на животот ја гледам во работата.
Дали сте среќна?
Да! Задоволна и среќна.
Како ја дефинирате убавината, самодовербата и успехот?
Убавината е цел, вистински однос према сопствениот живот. Таа бара многу жртви, труд и одрекувања, а враќа со здравје и умствен мир.
Која жена победува?
Таа што мисли дека може.
И.С.