СО ЉУБОВ СЕ СПРАВУВАМ СО АУТИЗМОТ НА МОЕТО ДЕТЕ: Интервју со Ивана Гажиќ, претседател на Управата на Загрепската Берза
Таа е претседател на Управата на Загрепската Берза. Личност чија харизматичност ве плени веднаш. Ѕирка од секој нејзин гест. Отворена и комуникативна, непосредна како и секој Близнак според астролозите, не освои со нејзината срдечност. Прецизна во поставувањето на своите лични цели, својата кариера визионерски ја издига, потпирајќи се на новите знаења кои ги стекнува, како и вештини кои ги усовршува во меѓувреме. Нејзиното бизнис портфолио е импозантно. Ја запознаваме за време на нејзиното гостување на 18 годишна конференција на Македонска берза. Ивана Гажиќ не освои со нејзината приказна за успешност во деловниот свет, но, не инспирираше со личната битка како мајка на детенце со посебни потреби. Мајчинството ја зголемило нејзината ефикасност. Денес го штеди времето како ресурс, за да може да го троши на мајчинството. Грижлива, полна со прашања, сепак трпеливо го градела патот на унапредување и интегрирање на нејзиното аутистично синче. Љубовта, упорноста и трпеливоста се најсилните ресурси кои ги впрегнала во својата битка. Со силна трема, во првите денови кога нејзиниот син го започнал своето школување, таа храбро застанала пред родителите на дечињата со кои учи нејзиниот син и рекла: „Мојот син е во аутистичен спектар. Мошне е драг и топол. Ве замолувам за разбирање за сите негови потешкотии“
* Каква е Ивана како мајка? Како успевате да го усогласите приватниот и деловниот живот?
- Јас сум многу посветена како мајка. Синот го родив со 34 години. Немав поддршка на „баба сервисот“, ниту пак жалев за него. Кога одлучив да имам дете, сакав да му се посветам. Бев доволно долго во бизнисот, за да можам да му се посветам на детето. Бев реализирана, со мајчинството станав поефикасна. И денес често ми се случува на работа да си го изедам сендвичот пред компјутер, наместо да одам да вистински ручек. Го штедам времето за да стасам дома навреме и да бидам мајка.
* Живееме во општество во кое децата со посебни потреби треба да се борат за своите нормални животи. Конкретно нивните семејства. Какво е вашето искуство како родител на дете со посебни потреби?
- Мојот син е во аутистичен спектар. На почетокот прогнозите беа загрижувачки, а сепак денес тој е прекрасно деветгодишно момче кое оди во редовно училиште. Меѓутоа, патот до таму не беше ни малку едноставен и лесен. Не можам ни да замислам колку им е тежок животот на личностите кои живеат во помалку развиени општества или потешки околности. Децата како син ми пред само 20 години беа товар за семејството, затоа што не постоеше апсолутно никаква поддршка за децата со посебни потреби. Денес ситуацијата не е идеална, но е подобра. Она што го научив е дека помош не им треба само на децата, туку и на нивните семејства. Семејствата тешко се носат со товарот од спознанието дека нивните деца не се како другите, дека им треба дополнителна помош, дека се среќаваат со судот од околината. Слободно можам да кажам од мое искуство дека дијагнозата на моето дете не ми беше најтешка, туку недостигот на поддршка од луѓето и институциите околу мене.
* Дали училиштето на вашиот син е инклузивно?
- Училиштето на син ми е генијално. И тоа е истото во кое бев и јас пред многу години. Тогаш во училиште не беа деца со посебни потреби. Во меѓувреме, многу работи се промениле. Во Хрватска имаме среќа што постои добро организиран состав на асистенти во наставата, каков има и син ми. Тој е ученик во второ одделение и ќе го заврши со одлични оценки. Многу ми е тешко, кога на миг ќе помислам дека пред деценија ќе немал право на едукација.
Од мајчинството, се придвиживме кон нејзината професионална предодреденост. Ивана Гажиќ е познато и признато име во финансискиот сектор во Хрватска. Кариерата ја започнала во Плива, ја продолжила во Лура, Сплитска, Хипо Банка, пред да застане на чело на Загрепската берза. Силна и амбициозна, со точно зацртани цели се фокусира кон бизнис предизвиците кои ги освојува. Знаењето надополнето со искуство, се алатки со кои успешно управува и го гради својот успех во деловниот свет.
* Имате успешна
кариера. Сте работеле на високи позиции во најголемите хрватски компании.
Постојат ли разлики при машкото и женското однесување во бизнисот?
- Нормално дека постојат. Како што постојат во приватниот живот, така постојат и во бизнисот. Прашањето за еднаквост на жените е прашање за еднакви прилики, а не прашање дали ние сме еднакви или не, затоа што навистина не сме. Светот би бил досаден, ако сме еднакви сите.
Мажите во бизнисот повеќе се ориентирани кон резултатот, а жените пак се фокусираат на самиот процес. И тоа во некоја мера е генерализација, бидејќи има и мажи и жени кои се различни од тоа. Според моето искуство, жените се доверливи и темелни, па и затоа повеќе избирам да соработувам со нив. Мажите покажуваат поголема склоност кон ризици, а кога тоа е контролирано, може да биде одлично за бизнисот.
* Вашето работно место дефинитивно е голем кариерен предизвик. Дали понекогаш ви е жал затоа што сте дел од оваа позиција во време кое е неповолно за пазарот на капиталот?
- Кога го прифатив ова работно место, во 2010 година, во ниеден миг не размислував така. Оваа работа ми изгледаше како голема чест и предизвик во исто време. Така ја чувствувам и денес. Таа 2010 година ние не можевме ни да претпоставиме колку и како кризата ќе ја зафати Хрватска. Сакавме да го сочуваме пазарот, неговиот интегритет, но и да донесеме нова динамика во него. Попатно ја биевме битката со најдлабоката рецесија со која Хрватска се сретна од својата самостојност. Само што започна закрепнувањето, се случи Агрокор, случај кој донесе нови предизвици. Кога ќе погледнам наназад, добро е што имав толкаво искуство кога тоа започна во април 2017. Некој со помалку искуство, тешко ќе можеше да се мери со криза од толкав размер.
* Кои вештини жените би можеле да ги научат од машките, а и обратно, кои женски карактеристики недостасуваат во деловниот свет?
- Жените првенствено од мажите би требале да ја присвојат солидарноста. Мажите меѓусебно се поддржуваат, формираат неформални групи и си даваат поддршка едни на други. Често знаат да си најдат работа едни на други, да помогнат, да реализираат контакти и слично. Жените заради својата оптовареност да бидат добри и дома и на работа, својата природа, а понекогаш и по линија на помал отпор, не вложуваат доволно во градење на мрежа на лични контакти. Можеби тоа не е во нашата природа сосема, но, кога почнав да го работам, навистина почнав да уживам. Меѓусебното делење на искуства меѓу жените ослободува. Забележувате дека истите проблеми со кои се борите, ги има и во животот на другите луѓе. Најдете своја група на поддршка. Жените во деловниот свет ги има сè повеќе, па и навистина знаат да бидат силна мотивација за да ги постигнете своите цели и во приватниот и во деловниот свет.
На мажите, им недостасува интуицијата која им помага на жените во животот и во работата. Секако, ова е генерално. Го знаете она чувство кога ќе го видите своето дете или друга блиска личност и автоматски знаете што му треба, како се чувствува? Во бизнисот, тоа чувство има непроценлива вредност. Со постојаното преслушување на околината, може да дојдете до информациите кои ќе ви помогнат да бидете успешен.
* Во светот започна трендот со кој се погласно се разгледува можноста за зголемување на квотите на жени на водечки позиции. Дали и Вие сметате дека тоа би било идеално за овој регион?
- Квотите никаде не се идеално решение. Меѓутоа, многу држави препознаа дека без квотите нема да има напредок на стапката на жени на водечки позиции. Квотите создаваат отпор, затоа што луѓето мислат дека со нив се предизвикува на позиција да дојдат луѓе кои не заслужиле. Праксата покажа дека квотите предизвикуваат дополнителен напор од компаниите со цел да ги подготват жените за водечките позиции. Светот во кој живееме, се повеќе се насочува кон општествено одговорно работење. Една од суштинските цели е еднаквоста, еднаквост на приликите, без разлика дали се работи за поло или која и да е друга карактеристика. Како пример би навела бројни (и безуспешни) напори да се подигне вработеноста на лицата со инвалидитет. Ние како општество имаме одговорност тие проблеми да ги решиме. Меѓутоа, конкретно во Хрватска постои закон кој пропишува квоти на изборните листи на партиите. Тој закон го донесоа политичките партии кои ни сами не го практикуваат. Мислам дека ова е доволен доказ дека не постои политичка ни општествена одговорност за вакви промени.
* Каква е ситуацијата на берзата во Загреб? Колку жени се вработени и на кои позиции?
- Во Загрепската берза преку 60% од вработените се жени. Во управата сум јас и колега. Од пет директори, четири се жени. Постојано се преиспитувам, дали тоа е така затоа што сум жена, но сепак мојот тим го прават навистина компетентни личности. Меѓутоа, важно е да споменам дека минатата година бев на конференција на која имаше 11 директори на берзи, а јас бев единствено жена. На највисоките позиции, дефинитивно и понатаму постои нееднаквост.
* Постојат ли типично женски карактеристики во бизнисот?
- Мислам дека не постојат. Постојат луѓе кои прават разлика меѓу мажи и жени. Јас сум среќна затоа што во мојата кариера имав прилика да соработувам со надредени кои не се грижеа дали јас сум жена или маж, туку се фокусираа на тоа како работам. И тоа е се што некој од нас може да го бара-еднаква прилика. После сè, секој нас успех, зависни од нас сами.
Нашето општество не е подготвено за дечињата со посебни потреби. Како да не е доволно што животот на тие семејства е тежок, околината свесно или несвесно, придонесува да стане потежок. Нејзината посветеност и љубов како родител придонеле за развојот и напредокот на нејзиниот синче. Веројатно посветеноста како нејзина одлика, има влијание и во градењето на нејзината кариера. Токму и затоа Ивана преку нејзиниот пример, посакуваме да биде мотив за многу мајки. Силни, храбри и одлучни. Мајки кои го менуваат светогледот со цел да го овозможат најдоброто за своите деца. Родителите на дечињата со посебни потреби имаат потреба да им се помогне.
* Која е вашата порака до мајките на дечињата со посебни потреби? Како да успеат денес? Како да ги совладаат препреките во системот?
- Немам некој посебен рецепт. Само сакајте го своето дете. Кога сме ги носеле и родиле, сме немале во глава некое посебно дете. Таму било само нашето дете кое ќе го сакаме. Понекогаш ќе биде многу тешко, но ако тоа го победите, децата тоа ќе го почувствуваат и ќе го ценат. Храброста која ќе ја пронајдете во себе, ќе ви даде сила да ја совладате секоја препрека.
За Женски Магазин, Вики Чадиковска