Со нашата љубов ги рушиме бариерите: Ана Христова и Кервин Кендел Вилијамсон
Кога ќе ги запознаете, тогаш сфаќате дека нивната љубов може да ги сруши сите бариери за предрасудите околу бракот на жена од бела раса, со маж од црна раса. Родени се на две различни страни на светот, и во себе носат разноликост. Но и двајцата многу сакаат џез, креативни се, духовити, драматични, општествено заинтересирани и засегнати. Тие се Ана Христова и Кервин Кендел Вилијамсон. Живеат во Скопје со својот четири и пол годишен син.
Анае дипломиран музички педагог, џез пејачка и музичарка.Работи како наставничка по музичко образование од петто до осмо одделение во НОВА меѓународни училишта. Кервин Кендел Вилијамсон е визуелен ументник и фотограф. Студирал уметност и историја на „Фордхам“ универзитетот во Њујорк. Има своја виртуелна продавница во која можат да се најдат негови дела и разни производи со неговите дизајни.
* На некое место, во одредено време, без намера и случајно, се среќаваат две личности. Или се се сведува на запознавање или се случува љубов. Како беше случајот со
вас?
- Се запознавме двапати, прво преку ФБ, во 2011 година, кога Кервин работеше на својот проект за урбани промени. Планот Скопје 2014 беше штотуку промовиран, па стапи во контакт со повеќе уметници, меѓу кои бев и јас. Ми побара интервју за во својот тогашен блог. Комунициравме кратко, разменивме меѓусебен интерес за тоа што го правевме и тоа беше се. Ништо посебно. Вториот пат се запознавме во вистинскиот свет. Беше април 2014 година, кога тој конечно дојде во Скопје, градот од кој е фасциниран подолго време. Е, овојпат беше нешто посебно.
* Љубов на прв поглед, хемија, или тоа се случи со текот на времето?
- Една дождлива ноќ во понеделник, два дена по неговото пристигнување во Скопје, го чекав во Чаршија, пред Стоковна Мост. Иако времето беше некако хаотично и очилата нѝ беа замаглени, нашето дружење беше многу пријатно и едноставно. Можеби зашто веќе знаевме по нешто за себе. Со сигурност може да се каже дека беше препознавање на прв поглед, но и привлечност на неколку начини. Не можевме да престанеме да зборуваме, и сѐ уште е така.
РОДИТЕЛИТЕ МЕ УЧЕА ДЕКА СВЕТОТ Е ДОМ ЗА СИТЕ
* Какво беше вашето размислување и познавање за луѓето од друга вера или раса?Кадебеа видливи најмногу разликите, а во кој смер се надополнувавте?
- Бев воспитувана и растев со родители кои ме учеа дека светот е дом на сите, дека разликите не постојат вистински, туку се вештачки создадени. Дека постои само разноликост, но не разлики, барем не од тој тип. Јас и Кервин доаѓаме од две различни страни на светот, па така со себе носиме разноликост. Но и двајцата многу сакаме џез. Креативни сме, духовити, драматични, општествено заинтересирани и засегнати, делиме иста идеологија и сме на иста страна за работите кои најмногу нѐ засегаат. Тенот ни е различен, да, но, на пример, ниту двајцата не сме религиозни. Полот ни е различен, но ниту двајцата немаме никакви предрасуди кон спротивниот пол, а исто ниту кон лица со различна сексуална ориентација од нашата. И двајцата многу сакаме да јадеме, но тој е месојадец, а јас вегетаријанка. Двајцата сме близнаци во хороскоп, но јас во хороскоп не верувам, а тој да. Совршено се разликуваме и совршено се надополнуваме!
* Од каде е твојот сопруг?
- Кервин е њујоркчанец од рано детство, а роден е на Тринидад и Тобаго. Големо семејство се, убаво и топло, со мултикултурно потекло. Сите живеат во Њујорк и често одат на Карибите, освен него. Тој е некако човек од „градот“.
* На кој начин те запроси?
- Се забавувавме околу две години, а врската беше исполнета со сите можни географски, меѓучовечки и бирократски предизвици. Поради тој начин на живот решивме дека не сакаме да се разделуваме. Една есенска октомвриска вечер, Кервин направи највкусна вечера што сѐ уште ја памтиме и ми подари преубав рачно изработен филигрански прстен. Ме праша дали сакам да се омажам за него, а јас наместо да му оговорам, го прашав истото. Секако планот да не се разделуваме не нѝ се оствари, географијата нѐ раздели. Но, успеавме да се вериме, а во меѓувреме излезе и дека очекуваме дете, најнеочекувано. Нашата врска никогаш не била како во бајките. Ние и не веруваме во бајки, повеќе во стрипови зашто се пореални. Но, веруваме во среќни краеви и со нашата љубов ги пребродуваме предизвиците и ги рушиме бариерите.
НАШИОТ СИН ГО ВОСПИТУВАМЕ ДА БИДЕ ХРАБАР
* Како твоите родители, семејството, пријателите реагираа на фактот што реши да се омажиш за човек од црна раса?
- Сите од моето потесно и пошироко семејство, и моите пријатели се радуваа за нас. Сите роднини го засакаа, а и тој нив. Најмногу жалам што не се запознаа со татко ми кој почина година и пол пред да се сретнеме со Кервин. Сигурна сум дека ќе беа многу блиски. Татко ми секогаш зборуваше дека нема поубаво од тоа кога луѓето од разни култури ќе се спојат, дека нема поголемо човечко богатство од тоа да добиваш и наследуваш од две култури. Ние двајца не веруваме во различни раси, туку во една, човечка раса, така и го воспитуваме нашето дете, но секако свесни за антрополошките разлики кои нѝ помагаат околу неговото одгледувањето.
* Дали Македонците се расисти и тоа не можат да го сокријат?
- За жал, има и такви. Додека блиските нѝ се радуваа и гледаа на нас со воодушевување, истовремено се соочивме со фактот дека во нашава земја живеат и расисти. Веројатно од „неинформираност“, површност, нетрпение и гнев кон поинаквото. Сме биле предмет на напад и двајцата. Секој од нас бил навредуван на разни начини. Но, шокот е што ниту нашиот син не е исклучен. Вито го сакаат сите, топи ледени ликови и ги насмевнува луѓето од уво до уво. Секаде сакаат да го погалат по косата, да искоментираат колку е убав, дури и да му дадат по нешто. Секогаш добива на подарок нешто кога оди на пазар или во дуќан. За жал имало и такви коментари што пуштале отрови, но за среќа тој се уште не разбира. Затоа зборуваме отворено и се спремаме за мигот кога ќе почне да разбира.
* Што ви е најбитно во воспитувањето?
- Го воспитуваме да е свој, храбар и да не се плаши. Да има здрави навики на спиење навремено и квалитетно, на јадење здрава и разнолика храна од двете култури од кои потекнува. Дека е во ред да падне, но само треба „да се истресе и да се исправи“, дека е во ред да плаче, но не и да бара над можностите преку плачење. Да си води грижа за своите работи, да си ги средува играчките, да има добра хигиена, да е внимателен. Зборуваме отворено и се обидуваме да ги објасниме нештата најадекватно, без да се лажеме и да измислуваме.
КЕРВИН ГО ОБОЖАВА СКОПЈЕ
* Какво дете е Вито? Кој јазик го зборува? Кои гени се доминантни кај него?
- Вито е животец и живец. Многу вивидно дете, името му е вистински погодено. Иљач дете, со љубов за сите, насмевка што те освојува и поразува и манипулативен шарм. Единственото нешто што не нѝ беше по план, а излезе таков каков што е. Инаку нашите планови не се остваруваат кога сме ги замислиле.Тој е круна на нашите животи и на нашата љубов. Нашата сврзувачка материја, нашиот потсетник за она што е важно, оној кој нѐ порасна и направи посилни и се надевам подобри. Зборува паралелно и македонски со мене и англиски со татко му. Одлично ги зборува и разбира и двата јазика, се префрла од еден во друг во стотинка, но и многу често меша. Ние го викаме Маседомерикан неговиот јазик. Личи и на двајцата, ги носи и двете наши презимиња, но е толку свој и поразличен, што остануваме зачудени многу често. Носи карибска топлина, особено видлива кога танцува, но и балканско „абе ајдеееее“кога нешто не му одговара. Од пола нагоре е чочек, од пола надолу е калипсо. Цел ден пее, свири инструменти, измислува песни, зборови и смешки, многу сака да црта и да пишува, обожава книги и колички, лего, знае сѐ за диносаоруси, вежба јога, сака филмови, сака да биде фотограф како татко му, но и во бенд со мајка му. Би возел точак, скутер и скејт секој ден, по цел ден. Непотрошлива енергија што зрачи!
* Сега живеете во Скопје. Планирате ли селидба?
- Тука сме и не се делиме. Остануваме додека остануваме. Не брзаме за ништо и никаде. Тоа не научи животот последниве години. Ова го сакавме и нѝ е важно, да сме заедно, на едно место и во исто време.Од пред една недела се преселивме во друг стан, а во истовреме Кервин официјално доби и престој, па веќе размислува да започне свој бизнис. Но, и покрај тоа се надева да најде работа што ќе одговара на неговите способности и интереси. Со години се мачиме со администрации, документи, апликации, дури иостваруваме историски дипломатски односи меѓу Македонија и Тринидад и Тобаго. Но, ете, насред светска пандемија, кога е најтешко и најмали се шансите да направиш нешто, ние наидовме на прекрасни луѓе кои нѐ препознаа и нѝ помогнаа, вистински професионалци на своите позиции. Имавме среќа со нив и засекогаш ќе им бидеме благодарни на овие личности.
* Што најмногу го одушевува твојот сопруг во Македонија? Какво е неговото мислење за нас, како народ?
- Тој најмногу ја сака природата, пејзажите, архитектурата, разликите меѓу урбаното и планинското опкружување на градот, храната и пијалоците, културата, уметноста, особено современа ликовна и музичка ументност. Многу го сака Шпато, секогаш свири дома во недела. Ги сака дури и уморниот и помалку оштетен изглед на градот, дождливите денови, чудната историја на земјава, мене. Нему луѓето тука му се многу интересни, современи, друштвени, но сепак понекогаш и резервирани. Во секој случај, му се допаѓа тука.
* Планирате ли да одите на Карибите?
-Да. Во мојата фантазија, не само што ќе одиме, туку и ќе живееме таму и ќе имаме мал хотел, кадешто Кервин ќе готви и уредува визуелно, а јас ќе пеам...Вито е секако секаде главен.
Соња Алексоска Неделковска
Фото: Лени Вон Гелева