Со првиот пациент дошле со истиот лет: Втор случај на индиски сој на коронавирус во земјава
Вториот случај на индиски вид коронавирус е потврден во земјава. Ова го изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Тој од Битола рече дека се работи за колега на првиот пациент кој беше потврден со тој мутиран вид во Македонија, со кого работеле заедно во Ирак.
„Ова е колега од првиот откриен случај на овој мутиран вирус, кој беше регистриран во нашата земја на 7 јуни. Двајцата работеле во Ирак, се вратија со истиот лет, но другиот пациент јавил симптоми подоцна“, рече Филипче.
Министерот за здравство посочи дека состојбата на другиот пациент заразен со индискиот вид на ковид „е под контрола и не претставува ризик“.
Филипче додаде дека не постои ризик од ширење на болеста и дека нема потреба од дополнителни мерки, нагласувајќи дека вакцините штитат од сите тешки форми на болеста, дури и во таква мутирана форма.