Со сопругот ги воспитуваме децата да пораснат во личности кои самите би се гордееле со себе: Со Зорица Николовска за мајчинството
Секоја година, првата седмица од месец октомври им се посветува на децата под мотото Детска недела.
Велиме дека децата се иднината, надежта, дека светот почива на нив. Светот создаден од возрасните, сепак, не дава еднакви шанси за успех на сите деца. Децата секогаш имаат право. А, имаат и права кои се наша најголема обврска. Наша обврска како родители е да ги сакаме и воспитуваме правилно.
Како родители на три дечиња, Зорка вели дека со сопругот се трудат да ги насочи да станат добри луѓе, да разграничат добро од лошо, и да пораснат во личности во кои самите би се гордееле со себе.
„Не е лесно, морам да признаам, веќе имаме проблем да објасниме дека опкружувањето не секогаш игра фер, ама мора да научат дека тоа секогаш не е нивна игра. Не би рекла дека сме ниту престроги како родители, ниту преблаги. Се трудиме да одржуваме некаков баланс. Она што ми е важно е да уживаат во детството, да создадат здрави навики, да бидат одговорни и самостојни луѓе. Се друго е на второ место“ - вели нашата денешна соговорничка радиоводителката и авторка Зорица Николовска.
Сигурно кога ќе слушнете „Тик Так и Зорка“ ќе знаете која е, иако нејзиниот глас можете да го слушнете во бројни ТВ и аудио проекти, реклами, филмови и детски серии, години наназад. Дел од слободното време го поминува и на својот Инстаграм – профил (@zorica.s.nikolovska), но и со поткастот Труднички муабети.
ЖМ: Зорка, пред три месеци станавте мајка на девојче. Како сте, се навикнавте ли веќе една на друга?
- Три месеци летнаа како 3 недели. Толку брзо минува времето, што едноставно гледам во неа и не можам да си поверувам дека бебето кое се роди помалку од 2 ипол кг, сега е шармантна кукла од 3 месеци. Доаѓањето на Јана во семејството беше огромна промена за сите нас, браќата и се веќе големи, а таа го ужива вниманието и љубовта од сите нас. Не престана да биде гласно, весело и интересно и откако таа си дојде дома, всушност, само го надполни она што и претходно ни недостигало, а не сме биле свесни за истото.
ЖМ: Какво бебе е малата Јана? Што е поразлично со неа од вашето прво мајчинство?
- Јана е вистински борец, мирно, насмеано и тивко бебе (засега). Таа е татина желба и радост и конечно ја разбирам таа врска татко-ќерка уште од самиот старт. Навистина е лесно да се справам со нејзините барања. Сѐ е многу полесно со второ дете, иако добар дел од деталите за тоа како растат, што се дава од витамини и слично, ги имав заборавено. Иако навидум е исто одгледувањето на секое бебе, јас како личност не сум иста од пред 7 години, па така ова патување, ова растење има тенденција да биде малку поинакво. Самата самодоверба на една мајка е многу поголема при одговарање на барањето на бебето и препознавање на потребите на истото. Го нема оној страв, онаа паника која ја имав кога прв пат станав мајка. Некаде прочитав, „Со првото учиш да бидеш мајка, а со второто уживаш во наученото“ и веројатно вака најпрецизно би одговорила на ова прашање.
ЖМ: Кој најчесто ви помага, како се организирате по дома?
- Тешка е организацијата на едно 5 члено семејство, секој со своите потреби и обврски, но сепак успеваме некако. Сопругот е мојата најголема помош и поддршка, но преблагодарни сме на помошта и од поширокото семејство и пријателите, морам да го споменам и брат ми, но особено свекрвата која е тука секогаш кога ни треба, а помош сега на почеток ни беше многу потребна, но како поминува време успеваме да се организираме и самите, некако да влеземе во штос.
Иван е полуматурант оваа година, Мартин е прваче, а Јана бебе. Сопругот е на работа дел од денот, а јас не успеав да се убедам целосно да престанам да работам, особено што уживам во проектите и обврските кон работата додека сум дома, иако значително го успорив темпото за разлика од пред бременоста. Се трудам да бидам тука за сите нив, но и тие се тука за мене. Има бурни денови, но и убави моменти. Успеваме дури и да украдеме по некој час за мене и сопругот и да излеземе на кафе, со пријателите или на концерт. А се охрабривме и да заминеме на викенд во новиот состав. Засега нема да се жалам.
ЖМ: Во една прилика на социјалните мрежи, велите дека бременоста не ви била баш лесна, но коцките на крај совршено се вклопиле и наместиле токму како треба. Дали сте подготвени да ни ја раскажете приказната и да им бидете инспирација на многу мајки?
- Веројатно и самата разлика меѓу Мартин и Јана (6 години) ви кажува доволно за тоа колку бев преплашена и не бев подготвена да бидам бремена повторно. Бременоста со Мартин беше стресна и тешка и бев во кревет голем дел од времето, а бременоста се водеше како високоризична. Откако се роди Мартин, мислев дека никогаш повеќе нема да се решам да поминам низ истото. Но Мартин порасна, јас потзаборавив, ама и таа тема ја затворивме со сопругот. Сепак кога почнав да работам со полна пареа на многу обврски и проекти, се случи позитивниот тест за бременост. Бременоста уште од старт почна да се комплицира и повторно бев принудена да бидам во кревет до крајот на бременоста. Овојпат, не паднав во депресија, напротив бев многу свесна дека едноставно, уште еднаш ќе го изодам потешкиот пат. Наместо да лежам и депримирам, се заангажирав да го создадам поткастот Труднички Муабети, каде (од лежечка позиција) снимивме над 20тина епизоди за најинтересните, комплицираните или неочекуваните моменти од бременоста. Разговаравме и снимивме со многу мајки епизоди на најразлични теми, баш заради таа поддршка која на трудниците им е потребна, за да ја слушнат и другата страна, различното искуство на секоја од соговорничките, справувањето со одредени проблеми кои ги имале додека се оствариле како мајки и целиот тој проект некако ми даде утеха дека можам и ќе успеам до крај. Не велам дека секогаш беше лесно, особено многу поддршка добив од семејството, пријателите кои (иако бев во кревет толку месеци) не забораваа да дојдат, да ме посетат, да ме расположат и да ме потсетат колку среќна сум што се дел од мојот живот. Никако не смеам да ја заборавам и мојата докторка- Др. Јана Белеска, која беше ОГРОМНА поддршка во целото патување наречено бременост, што ме водеше низ 9те месеци, нејзините совети, насоки, а најубавиот момент беше кога ми ја подаде во прегратки мојата Јана.
ЖМ: На почетокот од мајчинството бевте разочарана и од доењето. Како успеавте во оваа мајка-ќерка врска ?
- Доењето за мене беше нов предизвик. Првиот пат не доев, имаше многу причини, не бев подготвена, долго заздравував и се плашев, не се охрабрив доволно да се впуштам во тоа. Овој пат искрено ми помогна многу снимањето на епизодата на тема доење, на поткастот Труднички муабети каде остварив контакт со Наташа (Доење со љубов) која зборуваше за целиот процес на доењето со таква жар и љубов, која низ нашиот разговор, индиректно ми покажа што сѐ сум пропуштила првиот пат. Тогаш донесов одлука дека, што и да се случи ќе дадам се од себе и ќе се обидам да воспоставам таква врска со своето бебе.
Нормално, не секогаш излегува како што планираме, и почетокот беше многу тежок. Но едноставно бев доследна на себеси и си дадов шанса да успеам низ процесот. Прашував, слушав предавања, се советував, прашував следачи на Инстаграм, едноставно се отворив за сите нови информации што можев да ги добијам од поискусните мајки. Им благодарам на многуте мајки од инстаграм кој несебично ме поддржуваа и советуваа, односно што ги споделија нивните искуства низ порака со мене. Бев упорна, и научив да уживам во процесот. Максимумот што го извадив од оваа ситуација беше комбинирана исхрана (доење + адаптирано млеко) со кое се храни бебе Јана веќе 3 месеци, за разлика од тоталниот неуспех од првиот пат кога станав мајка. Сепак би сакала да напоменам, дека сум била и од двете страни на приказната. Првиот пат не доев, а сега дојам- она што го заклучив е доела или не, најважно е мама да е среќна за да биде среќно и бебе.
ЖМ: Иако сте мајка на три дечиња, сепак не престанавте да работите на вашиот мал бизнис, дневникот за трудници. Како постигнувате и менаџирате сѐ?
За среќа, кога се работи за Дневникот за Трудници, менаџирање на профилите на социјални мрежи, продажбата и целосната организација, ја имам среќата да работам рамо до рамо со партнер кој навистина знае да мотивира, помогне, да ме насочи, но и да ме одмени кога тоа е потребно. Едноставно се надополнуваме. Мајка и на @sparklydaughter (Instagram) е другата половина од овој бизнис, и никогаш не престанавме да се мотивираме и да уживаме во процесот на креирање, иако за двете, Трудници.МК е наша втора работа, ама прва љубов.
ЖМ: Како дојдовте до идеја за Дневникот за трудници? Колку мајките го бараат и користат, зошто го препорачувате?
-Идејата за “Дневник за Трудници” се јави уште одамна, а реализацијата следува неколку години подоцна кога две мајки решаваат максимално да го искористат корона карантинот и да создадат временска машина за секоја една трудница, навраќајки се на спомените од својата бременост додека создаваат лист по лист од дневникот со многу љубов. Во денешно време кога сѐ имаме во апликација, сакавме да направиме нешто што ќе остане и кое понатаму ќе се препрочитува, каде сѐ ќе биде на едно место и ќе може да се чита и заедно со детето кога ќе порасне. Колку и да сакаме да запаметиме се- едноставно е невозможно, со дневникот за трудници го добивме баш тоа што ни беше замислено - спомени кои траат.
Секоја трудница поминува 9 неверојатни месеци во еден сосема нов свет, каде целосно се менува нејзиното тело, емоции, доживувања и едноставно е невозможно да запаметиме се колку и да сакаме, секоја трудница го прави својот дневник уникатен, посебен и преполн со емоции. Целосно свесни колку недостигаше еден ваков дневник на почетокот на нашите бремености и со огромно жалење што дел од работите поминале во заборав, создадовме совршен подарок за секоја идна мајка. А втората бременост уживав пополнувајќи го тоа што го создадовме.
ЖМ: Зорка, како ги воспитувате децата, на какви вредности ги учите?
- Се трудиме да ги насочиме да станат добри луѓе, секојдневно ги учиме да разграничат добро од лошо, и да пораснат во личности во кои самите би се гордееле со себе. Не е лесно, морам да признаам, веќе имаме проблем да објасниме дека опкружувањето не секогаш игра фер, ама мора да научат дека тоа секогаш не е нивна игра. Не би рекла дека сме ниту престроги како родители, ниту преблаги. Се трудиме да одржуваме некаков баланс. Она што ми е важно е да уживаат во детството, да создадат здрави навики, да бидат одговорни и самостојни луѓе. Се друго е на второ место.ЖМ: Кога
почнува а кога завршува еден ваш ден?
Денот почнува некаде околку 7 часот наутро, кога им помагаме на момците да се подготват за училиште. По нивното излегување, го продолжувам сонот уште половина час или колку и да ми дозволи бебе Јана.
Денот ретко кога ми завршува пред полноќ. Ја користам тишината и сонот на децата да го средам домот, да си го прераскажеме денот со сопругот или да завршам некоја од работните обврски кои ги имам. Секако, понекогаш, на секоја мајка и е потребно 15 минути мир и тишина, кои јас ги добивам на крајот на денот со чај во раката, добра книга или серија или набљудувајќи ги децата како слатко се потонати во сон. Тие моменти едноставно немаат цена!
Ирена Ставрова