Со спектакуларен настап на Ванеса Меј започна „Охридско лето“
Охрид вчеравечер блесна во полн сјај за свеченото отворање на 59. издание на „Охридско лето”. Неколкуилјадната публика, во традиционално преполниот Антички театар уживаше во спектакуларниот концерт на светски популарната виолинистка Ванеса Меј, која настапи во придружба на Македонската филхармонија, под диригентската палка на маестро Иван Кожухаров од Бугарија.
Одличниот настап на една од најдобрите виолинистки на денешницата донесе радост и задоволство кај присутните, но и многу еуфорија и големи очекувања од годинашното „Охридско лето”. Охрид до крајот на август ќе биде културен центар на Балканот, на којшто ќе настапат врвни домашни и странски познати имиња од светот на културата и уметноста! Mанифестацијата ја отвори Меј, којашто го носи епитетот светско чудо, но програмата на „Охридско лето“ и во следните четириесет дена ќе им овозможи на посетителите да уживааат во 45 исклучително интересни, но пред сè различни музички и драмски содржини.
Светски познатиот фестивал се реализира со поддршка од Македонски Телеком. Со ова традиционално партнерство, компанијата ја потврдува својата заложба за поддршка на настани од особена важност за културата и уметноста во Република Северна Македонија.