Софиа ќе биде балерина, а Михаел информатичар: Интервју со Елена Петреска
За неполни две години роди две деца, но не ја запостави естрадната кариера. Елена Петреска Толевска сними неколку рефрени, повремено настапува со својот бенд и стана заштитно лице на специјализиран центар против стареење.
- Јас сум човек што не може да седи без обврски. Со добра организација успевам да имам време за сѐ. Сепак, за Софиа и Михаел нема термини и стратегии. За нив сум достапна во секое време - нагласува таа.
Софиа
* Ви се исполни желбата по синот Михаел да родите и девојче. Какви интереси покажуваат Вашите деца?
- Мајчинството е најубавата работа која ми се случила. Децата се неизмерна љубов, позитивна енергија и радост. Ми се оствари желбата да имам и син и ќерка. На лик се многу слични, дури на моменти како близнаци, а во карактерот се многу различни. Многу се мали да зборувам за нивните интереси, но ако уште отсега се гледа, Софиа ќе биде балерина, а Михаел ИТ Менаџер. Тоа се моите прогнози (се смее). Важно е да се живи и здрави. Што и да работат во животот да биде од љубов, да бидат задоволни и духовно и материјално.
Михаел
* Сѐ повеќе естрадни уметници незивесноста која ја носи комерцијалната сцена ја заменија со сигурно работно место. Колку време сте хорист во МОБ и кои се Вашите амбиции кон класичната музика?
- Во Македонската опера и балет сум веќе десет години. Точно е дека многу уметници заради несигурниот статус и климавата атмосфера одбираат и сигурна основа. За среќа, мојата примарна работа е уметничка, па не ми претставува напор. Напротив. Како пејач на класична музика амбициите одманна ми се намалија. Иако како мецосопран имав доста понуди и можности да студирам и да пеам надвор од државата, сепак нешто ме одвлече од таа насока, очигледно не требало да биде.
* Во една прилика изјавивте дека на ноќните настапи имате поголема слобода во музицирањето, импровизирањето и репертоарот. Како успевате да ги усогласите семејните обврски со ангажманите кои подразбираат нарушен биоритам?
- Свирките ми се канализирање на енергија, се чувствувам опуштена, слободна и своја. После второто породување договорив повеќе настапи однапред и не бев свесна дека во таков период со две мали деца не е воопшто лесно да ја усогласам работата со домашните одбврски. Затоа, сега сум повеќе дома и уживам во секој момент поминат со нив.
* Сте се соочиле ли со некоја непријатна ситуација на Вашите свирки?
- Нашата работа е поврзана со чести патувања, среќаваме луѓе со различни карактери, па освен убави имало и непријатни моменти. Со текот на времето и искуството ја научив психологијата на луѓето и вешто избегнувам тензични ситуации.
Ѓ.С.