Сомнежот
Многу често работам со жени, индивидуално или во група.
Луѓето често ме прашуваат што точно работиме. Дали нешто учиме? Какви се тие (коучинг) разговори што ги водиме? Дали е тоа обука или е терапија?
Ја мислев темава од насловот уште откако ја завршивме летната двомесечна обука за жени, ја мислам уште повеќе откако ја објавивме најавата за есенската група што почнува од октомври, ја мислам секој ден кога правам план за индивидуалните сесии со клиентките што се сега во пакет индивидуална програма... Но, нешто што прочитав некаде на социјалните мрежи, нешто што, всушност, два-три пати го прочитав, ме насочи да и’ дадам и „локален“ призвук, боја, емоција....
Прво да кажам дека, во сесиите секако учиме и нови вештини, нови сознанија и знаења, нови начини на размислување, релации со себе, со другите, со енергијата... Но, она што прво и најмногу го работиме е – да ги откриеме внатрешните пречки, ѕидови, да ги пронајдеме местата каде што самите се запираме...
Тие можат да бидат во вид на одредени мисли, за коишто веруваме дека се вистинити и според кои се управуваме во носењето одлуки и преземањето постапки. Потоа, тие постапки ја сочинуваат и управуваат нашата животна патека... Тие можат пречки, мисли, чувства можат да бидат различни, но, едно е над сите, пред сите, најчесто се појавува, а тоа е – сомнежот во себе.
Оваа практика е раширена и позната во светот, секако дека ја имаат и мажите. Она на што сакам овде да се осврнам, а, од што, верувам, ќе имаат корист и жените и мажите, е праксата и податоците дека тој сомнеж многу почесто и поизразено се јавува кај жените.
Овде ќе ги прескокнам истражувањата и доказите на неврологијата (како работи нашиот мозок) и други аспекти на психологијата, а ќе се задржам на аспектот на антропологија и култура. Нашата локална, а, може и - Балканска култура. Под култура подразбираме - како се прават работите кај нас. Во што веруваме, како одредуваме што е добро, што е лошо.
И, тука започнува „тренингот“. Од мали нозе жените се тренирани да бидат мирни, послушни, да не се истакнуваат многу, најчесто да ја реализираат својата вредност преку маж, преку грижа за другите или, ако ја реализираат својата вредност преку работни достигања, тоа е често пати на „машки“ начин – со многу правење, морање, напор... Често пати, тие не се ни видливи во своето семејство и своето окружување, а ако се видливи, често пати се на удар на критики.
И, во тој суров свет на очекувања, доделени улоги, места и правила, во тој свет на тренирана условеност со генерации – жените длабоко во себе цементираат една верба дека треба многу пати да се проверат, да се подготват, да знаат се’ (интелектуално, во умот), да го имаат најдобриот начин, многу да се трудат (по можност и да се мачат што повеќе), многу да прават и постојано - да се сомневаат во себе.
Тој сомнеж во себе не може да се искорени, но, може да се препознае, ублажи, да му се даде посоодветно место (како советник, на пример, ама, хонорарен, повремен), да се препознае како се појавува, кога се појавува, какви се речениците со кои ни зборува, какво е чувството што ни го буди и, најважно од се’ – дали не’ мотивира на подобрување и акција, или не’ запира?
Мојата порака е кратка и едноставна: пронајдете каде се’ ве запира вашиот сомнеж и обидете се да правите чекори, да преземате активности со него под рака! Не бркајте го, не чекајте го да си оди. Нема да си отиде. Чекорете напред со него под рака. Се’ она што треба да подобрите, да усовршите - можете да го направите по пат. А, можеби и ќе научите дека и не морало да биде изведено на тој начин како што вие сте го замислиле. Можеби, можело и полесно, и поедноставно.
Пред
да ја почнете оваа пракса, дајте му шанса на следново размислување, пробајте ги
следниве прашања/вежби:
„Каква би била, кога би знаела дека сум сосема доволна и сосема во ред со
самото мое раѓање и постоење?“
„Каква би се појавувала во мојот живот и како би се однесувала, кога би верувала дека ова е вистина – дека сум доволна и вредна со сето тоа што го веќе го имам и со самото тоа што постојам?“
„Кога би верувала дека сум сосема доволна и сосема вредна со самото мое раѓање и постоење, кои одлуки би можела да ги донесам, кои промени би тргнала да ги правам, кои чекори би ги презела?“
Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој
Inspirit Coaching