СОНУВАМ МАКЕДОНИЈА ДА ЈА ГЛЕДАМ НА СВЕТСКО: Јане доби екслузивен фудбалски сет од Руската амбасада

Добивај вести на Viber

Десетгодишниот Јане Велковски кој стана светски познат поради големата љубов кон фудбалот, сношти беше на прием во Руската амбасада во Скопје, по повод Денот на Русија и почетокот на светското фудбалско првенство. 

Јане со подмладокот на ФФМ 

Јане, од рускиот амбасадор Олег Шчербак и од фудбалската легенда Дарко Панчев на подарок доби фудбалска топка, руски дрес и маскота на светското првенство. 

„ Се надевам дека и Македонија еден ден ќе учествува на Светското фудбалско првенство и дека и јас некогаш ќе можам да следам некое од првенствата во живо. Кога веќе Македонија не учествува, навивам прво за Србија , а потоа за Франција“, ни изјави Јане. Неговата мајка, Деница Велковска вели дека приемот, на кој присуствувале со Јане, со сопругот Ѓорѓи и со помалиот син Огнен, бил целиот во духот на фудбалот.

Со помалиот брат Огнен 

„ Кога ги доби подароците, на сцената, Јане на гостите им се заблагодари на руски, рече „спасиба“. Маскотата која рускиот амбасадор му ја подари е единствената која што е донесена во Македонија, инаку се продаваат само во специјализирани продавници. Јане беше многу среќен што учествуваше во фудбалските игри, заедно со подмладокот на  ФФМ“, изјави за Женски магазин, мајката на Јане. Таа додава дека нејзиниот син веќе го има собрано целиот албум со сликички за светското првенство, и оти дома им рекол дека нема да пропушти ниту еден натпревар. 

Гордите родители на Јане, Деница и Ѓорѓи 

На приемот, присуствуваа и министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски и за трансопрт и врски Горан Сугарески, како и италијанскиот амбасадор Карло Ромео. 

Јане стана миленик на народот поради својата мила ѕвезда, уште од кога за прв пат се појави во медиумите.Тој беше придружба на фудбалската репрезентација на Македонија на квалификацискиот натпревар против Шпанија во јуни лани, а потоа беше дел од проектот „Рамноправна игра“ на УЕФА и сними рекламен спот, кој стана хит и допре до големите фудбалски ѕвезди како Пол Погба, Роберт Пирес, Нуно Гомез. 

На приемот, присуствуваа и министрите од Владата како и италијанскиот амбасадор Карло Ромео со сопругата 

Со своето семејство, Јане од 12 до 15 март му беше гости на познатиот светски фудбалер Пол Погба, кој е негов голем идол. Сонот на Јане се оствари откако во живо го проследи натпреварот на „Манчестер јунајтед“ против „Севиља“ на „Олд Трафорд“, а добредојде му посака лично Погба.  Јане боледува од од спинална мускулна атрофија (СМА), а во април годинава Владата одобри средства да се набавува лекот  „спинраза“.

Милица Џаровска