Сопругот ми е онаков каков што го посакував пред да го сретнам: Приватно со Надица од радио „Фортуна“

Добивај вести на Viber

Малкумина знаат како изгледа, а по гласот многумина ја препознале. Надица Спасовска е еден од најпозитвните ликови во нашиот радио етер. Цели 17 години, таа е во љубов со радио „Фортуна“, и ја води претпладневната програма секој работен ден од 7 до 12 часот. Станува секој ден во исто време, уште пред 6, и после работа има сила да се искачи на Водно, ако не до врвот, барем до средно Водно. Енергијата и насмевката која им ја пренесува и на слушателите, ја црпи од десетгодишната ќерка Нина, но и од сопругот со кого е во брак 11 години.

*Долги години си заштитен глас на радио „Фортуна“. Колку точно години работиш во овој медиум, кога почна твојата љубов со Фортуна?

-Љубовта кон радиото ја имав уште пред да почнам да работам во радио „Фортуна“, впрочем посакував да работам во радио. А желбата, мотивот и инспирацијата потекнуваат уште од О.У Ацо Шопов каде бев заштитен глас и дежурен радио новинар за сите новитети од училиштето кои се пренесуваа во една утринска емисија на националното радио. Како минуваше времето јас знаев што сакам да учам, студирам и имав јасни цели. Коцките ми се редеа една по друга, ненаметливо, но успешно онака како што посакував. Се запишав на Правиот факултет (новинарство) и веднаш потоа почнав да работам во телевизија , па потоа ми стигна понудата од Радио Фортуна, која со задоволство ја прифатив и љубовта ни трае верувале или не цели 17 ипол години. Следната година на 26 јуни ќе славам полнолетство(да сме само живи и здрави). 

Се радувам на секој нов ден, затоа што мојот ден почнува со музика, ја водам утринско – претпладневната програма на Фортуна секој работен ден од 07:00 до 12:00 часот. 

*Кои ти се најдрагите моменти од сите овие години во радиото?

-Многу години, многу денови и само драги, убави моменти, Фортуна ми е секојдневна среќа. Радиото ми е елан, секојдневно ми овозможува насмевки и позитивна енергија. И кога не ми е до смеење, затоа што животот сите овие години ми поставува многу предизвици со кои храбро се носиме фамилијарно, максимално се трудам секојдневно да сум на висина на задачата и никој да не забележи дека “мене не ми е денот”. Дружби со колеги, емисии во живо на големи настани, многу интервјуа...во радио нема лоши моменти, невозможно е, 24 часа сме со музика. Во радио може да биде само ПЕСНА.

*Во време на пандемијата, многу медиуми работеа од дома, како вие ги поминавте овие најтешки  две години?

-Немав застој ниту еден ден изминативе две години, освен кога морав да бидам во изолација две недели затоа што така наметнуваа тогашните протоколи.  Не беше лесно посебно на стартот од пандемијата, од аспект дека секојдневно пристигнуваа тажни вести од сите страни, многу непознати,  што делуваше прилично стресно за сите нас, а од друга страна си медиум кој треба да забавува, релаксира. Колегијално пристапивме многу заштитнички со следење на сите протоколи и тоа е така до ден денес. 

*Вљубеник си во планината, речиси секој ден си на Водно, колкувреме трае оваа твоја пасија, што значи качувањето на Водно за тебе?

-Отсекогаш сум била физички активна, признавам не редовно и во континуитет, сè додека не се најдовме со Водно на иста бранова должина. Има зошто Водно е мојот избор.  Убаво се чувствував и додека вежбав аеробик, пилатес, зумба, фитнес но сè е тоа во затворен простор. Кога се преселив од куќа во стан пред  11години, стана многу јасно што ми недостига. Природа. Слобода. Чист воздух.  Така што со моето преселување, на почетокот задолжително со друштво одевме по неколку пати месечно, а сега веќе е друга приказната. Ако не секој ден, секој втор ден одам на Водно, некогаш до средно, некогаш до врв, секако зависи од обврските и времето. 

Можам многу да пишувам што мене ми значи Водно и како се чувствувам по секое искачување, но ќе се обидам да бидам концизна. Како личност сум многу емотивна и многу од информациите кои секојдневно пристигнуваат до мене, како поради работата, сакала јас или не, или приватно, ми се лепат за срце што свесно знам дека не е добро. Водно ме ослободува од негативностите,  ме храни со мир, спокојство, добивам нова свежа енергија, нови идеи. Едноставно сум посреќна, а со самото тоа и луѓето околу мене. За многубројните здравствени придобивки во следното интервју (се смее). 

*Мајка си на десетгодишната Нина, какво дете е Нина, на кои најважни животни вредности ја учиш?

-Девојчето ми порасна многу брзо, растеше срамежливо, мирно, повлечено, исполнително.  Сега веќе често ме изненадува со свои јасно истакнати ставови, карактерно е своја. Ја интересира сето она што е актуелно за нејзина возраст, 5 години танцува латино, менторите велат дека е многу талентирана и искрено посакувам да продолжи да танцува и тоа безгрижно низ животот. 

Често знам да ѝ кажам, сè што прави во животот да го прави тоа со љубов, ја учам да биде љубезна, дружељубива, трудољубива, многу да чита, да учи, да биде своја, да се почитува себеси, повозрасните, а од време на време и ја приближувам и реалната слика од надворешниот свет со која ќе се соочи за брзо време, дека не е сè така розово како што изгледа во детските очи. 

*Како се организираш помеѓу обврските во домот, планирањето кое одзема време, работата, ќерката, имаш ли место за се ова во еден ден?

- Знаете како велат, кој рано рани две среќи граби, мојот ден започнува во 5.45, така што со добра организација, меѓутоа и со поддршка, помош и разбирање од сопругот и свекрва ми која е секогаш тука кога ми е потребна, успевам да ги завршам сите мои обврски, желби но и потреба за секојдневно да учам нови работи, да се дообразувам, надградувам како личност. Љубопитноста секогаш била дел од мене, така што постојано имам нешто што ме поттикнува да осознавам нови области и да учам нови нешта. А за ќерката, апсолутно секогаш имам време, Нина ми е приоритет број еден, така и ќе остане.  

*Колку сопругот ти е помош, поддршка, и кои се најубавите особини кои најмногу ги сакаш и ги цениш кај него?

-Сопругот ми е токму онаков каков што го посакував пред да го сретнам. И двајцата потекнуваме од традиционални семејства, така што за најважните животни вредности размислуваме во ист правец, а по одредени прашања сме сосема спротивни, со што пак се надополнуваме еден со друг, учиме еден од друг, ги корегираме своите слабости, правиме супер баланс кој се покажа како успешен изминативе години. 

Многу е скромен, а многу галантен, малку зборува, а многу кажува, не знам како му успеваат овие комбинации, кои очигледно биле и се’уште се моќни. 

*Колку време трае вашата љубов, како се запознавте?

-Сакам да се потсетувам на убави моменти, јас сум вечен романтичар, а вие баш успеавте да ме вратите на најсреќните. Неодамна прославивме 11 години брак во нашиот Охрид од каде и започна нашата љубовна приказна. Охрид ја има таа магична нишка, иако првите искри беа во едно од скопските кафулиња. 

*Каква е Надица приватно, која твоја особина ја сметаш за најголема доблест, а која за најголема маана?

- Приватно сум личност која многу се грижи за најблиските, многу ми е важно луѓето околу мене да се добри, да се задоволни, среќни. Во тие моменти јас сум десетпати повеќе среќна. Сакам убави нешта, сакам уметност, театар, концерти, многу сакам културни луѓе, совесни. Уживам во морска храна и добро вино. 

За вториот дел од прашањето, побарав помош од сопругот хаххаа, вика немам маана. Еве една искрена, со години се борам со мојата преголема чувствителност. Наоѓам начини, методи, имам многу прочитано на оваа тема и мислам дека сум на добар пат да бидам само чувствителна. 

*Колку ти значат новогодишните празници, кои ти се најдрагите спомени од прослава на Нова година?

- Сè што е традиционално, што го спојува семејството, фамилијата, пријателите, што зрачи со убави, искрени желби, среќни моменти, со позитивна енергија мене многу ми значи. Уживам во новогодишните и божиќните празници, во приготвувањето на храна, декорирањето на домот, купување подароци за сите, слушање новогодишни песни, креирање на нови планови за следната година. Имам прекрасни спомени, уште од мала кога моите родители славеа со пријатели, па се до ден денес кога ние славиме со наши пријатели.  А нешто посебно што го одбележа моето другарување со Вечни Радишанки( ние сме 10 другарки од основно)а е поврзано за Нова Година, е што секоја година си правевме лотарија и си купувавме подароци една на друга, секако ова секогаш било пропратено со добра храна, многу музика и смеење. Е сега дел од нив се преселија по други континенти, држави, дел низ земјава, така што оваа наша традиција е едно убаво сеќавање кое не се заборава. 

*Каде ќе ја прославиш Новата година, и освен здравје и враќање на старото нормално за сите нас, што посакуваш? 

-Во нормални услови важев за добра организаторка на дружби, сега веќе е сè поинаку. Веќе е невозможно да планираш однапред многу нешта, секој втора реченица ни стана, само да сме здрави и живи. Сè друго е во втор план. 

Сепак, вреди да си посакаме сите повеќе безгрижни моменти, да сме окупирани со позитивни вести, да имаме поубав живот сите ние кои останавме во оваа наша држава, после сè низ што поминавме, заслуживме нели?


Милица Џаровска

Фото: Приватна архива