Совршена си - потруди се за себе во оваа година!

Добивај вести на Viber

Во изминатава година имав повеќе можност за директни познанства и дискусии со еминентни жени со веќе добро етаблирани кариери. Во било која позиција и да се наоѓа, дали е сингл, со партнер, во брак со деца или пак разведена, на крајот од разговорот дејствието завршува само со една тема - обликот на женското тело, прифаќање на килограми, посета на салони за убавина и вештачки суплементи и зафати за менување на личен опис. 

По многу светски и мои лични истражувања, кога моделот или манекенката е со совршена слим силуета, шансите за да производот се продаде се 70% поголеми отколку кога е нормално или полничко тело. А повторно, најпродаван конфекциски број на глобално ниво е помеѓу 42-44, нормално се тоа детално зависи и од континент и од генетска градба, но некое заокружување би било 44-46 за поширокиот круг од Балканот на возрасна граница 25 плус. Што на просечна висина 168цм е веќе гојазна состојба. Колку и да бараме идоли во манекенски силуети, сепак на крајот борбата во реалноста е сосема поинаква. Колку и да ги осудуваме што јадат само зелена салата за ручек, потајно посакуваме да сме манекенките од рекламата, без разлика што имаме дупло од нејзините години. И во сите тие калкулации и сите тие разговори кои ги имав на крајот сите се сведуваа на изглед и кој што прави за естетска убавина, здравје никој никаде не спомнува. Поготово не здравјето на една зрела жена од 30 плус години која и те како комплетно физички се менува откако влегува во зрела фаза од животот. 

Се сеќавам пред 15 -тина години имаше активни дискусии на темава по часописи и магазини, ама мене тогаш тоа не ме допираше, јас бев млада и ни на крај памет не ми доаѓаше дека ќе дојде ден каде моите прекумерени килограми ќе го загрозат моето здравје. Денес тие теми не постојат, денес е тренд клиники за промена на комплетен личен опис. Да сме на чисто, често зборувам на темава и не можам да глумам светица, скоро се поминав во животов, од сопствено искуство солам памет и си давам за право да коментирам. Потребно ми е да говориме повеќе за содржина и внатрешни состојби отколку за тоа која колку се здебелила или ослабела или со какви филери се напукала. Толкав фокус и енергија на естетика наназад историски немало одамна, можеби последен пат 16/17 век. Знаете онаа ситуација во дворот на Луи кога селанец се онесвестува кога кралот замавнува со плаштот? Епа така некако, не се бањаме ама ставаме шминка. Не одиме на гинеколог ама ставаме нокти, на забар одиме за филери. И здебелувањето и слабеењето е за лајкови и туѓи ставови, а најмалку, најмалку за себе, за да трае и за да сме здрави. Би ја посветила годинава на женското здравје во форма на личен баланс, би се фокусирала на тоа да си се смириме сами на себе, да не сме си толку лути за изборите кои сме ги направиле во даден момент и ни го промениле целиот живот. Немој да заборавите, кога настапува зрелост одлуките кои сега ќе ги донесете за себе се оние кои ќе ви ја донесат вистинската среќа. Па така помалку мудрување оваа година, повеќе дела, повеќе здравје, фитнес, балансирани оброци помалку форсирање, помалку пластика, помалку јојо диети со моментални ефекти а трајни последици. Повеќе фокус на стил, на сопствена силуета, помалку на мода и тренд. Да не заборавиме на трајните вредности, на традицијата за себе нега која активно ја започнавме во 90 -тите а некако ја угушивме со преголем извор на продукти и глобален конзумеризам. 

Едноставно е ако сакаш да биде, за да задржиш постојана килажа, мора да задржиш постојана ментална состојба на мир внатре во себе. И да се фокусираш на тоа дека одиш кон длабока зрелост, која нема да ти прости ако не си подготвена за неа. Дај си време годинава, продолжи си го времето, нека оваа година трае цели десет за тебе. Посвети се сама на себе и види се каде си, ако си среќна продолжи, ако не ти се смее душата тргни се и започни одново, ќе видиш времето ќе ти даде простор за да се пронајдеш баш тогаш кога треба.