Создала империја со сопствен труд: Три совети за успех од најбогатата жена во светот

Со нето заработка од 7,4 милијарди долари, 48-годишната Жу Канфеј, основач и сопственик на Lens Technology, повторно е најбогатата жена во светот според „Форбс“ која богатството не го наследила, туку го стекнала благодарение на сопствен труд.

Родена во село во провинцијата Хунан во Источна Кина,  воопшто немала лесно детство. Останала без мајка кога имала само пет години, а татко ѝ ослепел и останал без прст во бизарна несреќа на работното место. Морала да научи како самата да преживее.

За да заработи, на 16 години го напуштила училиштето, заминала во Јужна Кина во градот Шенцен и почнала да работи во фабрика за производство на стакло за часовници. Нејзините соништа биле големи.

Подоцна станала менаџер во истата компанија. По десет години изградила фабрика за сочива за часовници вработувајќи илјада работници. Животот комплетно ѝ се менува кога во 2003 година добива понуда од Моторола да им биде доставувач. Ја прифаќа поканата и нејзиниот бизнис се пробива во интернационални рамки. Нејзината империја подоцна ја гради произведувајќи стакло за гиганти како што се Тесла, Епл, Самсунг и Хуавеи.

Во интервју за CNBC Make It преку електронска пошта, најбогатата жена во светот споделила три совети за претприемачи.

1. Подгответе се добро

Секој претприемач треба да биде подготвен за тоа што доаѓа. Има неколку аспекти за совладување. Прво, да ја зголемите целокупната конкурентност. Второ, мора да бидете ментално силни и трето, да се стремите да го разберете што е можно подобро пазарот и вашата конкуренција.

2. Продолжете да учите

Клиентот нема да ви даде подобра цена за вашите производи затоа што имате повисоко образование. Но, вашето знаење за бизнис ќе ви помогне да ја одржите конкурентноста на вашата компанија. Кога имате способност да учите, имате способност да растете.

3. Никогаш не се откажувајте

Многупати ќе се соочите другите луѓе да се обидат да ви ја разнишаат самодовербата, но клучот е истрајноста во најтешките моменти. Ако се откажете на половина пат, никогаш нема да имате храбрст да се вратите и повторно да почнете од почеток.