Спец. Др. Даниела Попоска од одделот за онкологија: „Врската меѓу онкологот и пациентот е посебна, се гради низ меѓусебна доверба“
Д-р. Даниела Попоска е лекар специјалист на одделот за третман на малигни тумори на дојката при УК за радиотерапија и онкологија Скопје и партиципант на постдипломскиот програм за компетентност во третман на карцином на дојка на Европската школа за онкологија. Докторант е и на Медицински Факултет при УКИМ Скопје. Овие „титули“ имаат уште поголема вредност бидејки, токму нејзиното име е едно од најомилените меѓу значајните имиња на Онкологија, бидејќи несебично се грижи за своите пациенти кои покрај стучната поддршка, тие добиваат многу љубов и позитивна енергија, велат, таа е нивната „ѕвезда водилка“.
Иако e сопруга и мајка, Др. Даниела секогаш наоѓа време за совет и консултација со своите пациенти кои ја чувствуваат како дел од семејството. Иако во последно време случаите на Онкологија ја „разнишаа“ довербата кај некои пациенти, таа искрено жали што медиумите заради помпа и бомбастична приказна не помислија на овие пациенти, кои освен со страв за иднината, ќе треба да живеат со стравот и несигурноста за секоја примена терапија.
Сепак ова интервју, одлучиме да го почнеме во името на „Подигање на свеста за ракот на дојка“, токму поради тоа што, не само во откомври, жената треба постојано да е „будна“ во сите месеци од годината и да ги следи промените на своето тело, со редовни конторли.
Ж.М. За октомври се вели дека е месец за подигање на свеста за ракот на дојка, но сепак би рекле дека не само тој, туку секој месец во годината, барем еднаш, жената треба да размислува за своето здравје и за тоа дека редовните контроли спасуваат живот. Кои прегледи се треба редовно да се применуваат?
Така е, месец октомври е месец посветен на борбата против ракот на дојка, но грижата за себе и своето здравје не треба и не смееме да ја оставиме само во рамките на овој месец. Би сакала овој разговор да го правиме барем еднаш месечно, пишувајќи за предизвиците врзани со карциномот на дојка, дијагностиката, третманот на пациентите и всушност сите реални проблеми кои го следат ова заболување, иако останати се навистина многу малку неодговорени или никогаш непоставени прашања кои треба да се постават и одговорат. Правилната здравствена едукација и зголемена свесност се особено важни и придонесуваат за навремено откривање, а со тоа и за подобра прогноза за текот на болеста.
Карциномот на дојка, иако доста поретко, се јавува и кај мажите, што значи дека не е ексклузивен само за понежниот пол. Според актуелните глобални статистички показатели, една од 8 жени и 1 во 100 мажи ќе заболат од карцином на дојка. Во Македонија , годишно се дијагностицираат 1200-1500 случаи на карцином на дојката, што се енормни бројки, па оттука потребата за здравствена едукација и поголемо информирање на населението добиваат на значење.
Инаку, карциномот на дојка е излечлива болест, под услов да се дијагностицира во ран стадиум, што пак е возможно исклучиво со практикување редовни превентивни прегледи.
Ненавремено поставување дијагноза, заради неприфаќањето на самите пациенти да се соочат со некаква промена и ризикот кој го носи или заради недостапност на прегледи и дијагностички процедури, доведува до ситуации со кои се соочуваме во секојдневната пракса, а тоа е потврда на напреднат стадиум на болеста. За жал, претходното не оди во прилог на добра прогноза и додава на тежина во поглед на крајните исходи.
Редовните прегледи подразбираат месечен самопреглед на дојките и навремено започнување со скрининг прегледи. Со скрининг или превентивни прегледи, се опфаќа популација над 40 или 45 години, во зависност од националните препораки. За популација со познат зголемен ризик скринингот се започнува и порано, пред 40тата година. Режимот на прегледи зависи од наодите на базичната мамографија и најчесто се извршуваат на секои две години. Морам да напоменам дека особено важно е доколку на базичен преглед се утврди дека пациентката има наод за густа дојка, што е дополнителен ризик фактор. Во тој случај има потреба да се упати на соодветни дополнителни иследувања кои вклучуваат тродимензионална (3Д) мамографија или преглед на дојките со магнетна резонанца (МРИ).
Ж.М. Многу жени не ја знаат разликата помеѓу ехо и мамографија, па затоа некои од нив никогаш не направиле мамографски преглед кој всушност е доста важен, ве молам да појасните зошто?
Мамографијата е неинвазивна радиографска процедура, која користи јонизирачко зрачење во минимални дози, истото е минимално – значи безбедно, но најважното е што се работи за процедура која практично спасува живот.
Ултрасонографијата на дојки, или ехо прегледот, е истотака безбедна и неинвазивна дијагностичка процедура која користи ултра-звучни бранови. Двете методи се комплементарни т.е. не се исклучуваат меѓусебе и најчесто ехо дијагностиката служи да го надополни мамографскиот преглед. Овде повторно би нагласила дека основна метода за скрининг на популацијата е мамографијата.
Ж.М. Што значи 1, 2, 3... стадиум, која временска разлика е помеѓу овие „бројки“?
Кај секое малигно заболување заради потребата да се класифицира степенот на тежина во моментот на поставување дијагноза, а подоцна и соодветно да се определи третманскиот пристап, се дефинираат стадиумите на болеста. Согласно неколку карактеристики како големина на примарниот тумор, бројот на зафатените лимфни јазли - далечни или блиски и присуство на одалечени метастази, се препознаваат вкупно четири стадиуми.
Стадиум I (прв) значи дека заболувањето е локализирано на местото на јавување , без присуство на метастатски изменети лимфни јазли и е со најдобра прогноза.
Стадиум II (втор) значи дека туморот е со големина до 5 см, или со потврда за постоење на метастатски изменет лимфен јазол. Присуството на позитивен лимфен јазол под пазувата е знак дека болеста почнала да се шири по лимфен пат, што ја зголемува можноста и за подалечно ширење.
Секое зголемување на обемот на туморот/големината и бројот на изменетите лимфни јазли ги дефинира промените на ниво на следниот стадиум III (трет), со што се зголемува потенцијалот за далечно ширење на болеста или можноста за метастатска болест, односно стадиум IV (четврт) .
Во државите каде е воведен скриниг за карцином на дојка, пациентките најчесто се дијагностицираат во I (прв) стадиум или т.н. in situсостојба.
Ракот на дојката е хетерогено заболување. Тоа значи дека има многу молекуларни и хистопатолошки поттипови кои заедно со останатите фактори како возраста на пациентката, стадиумот на болеста, генетски мутации влијаат на лекувањето и прогнозата. Од тука јасно е дека не е утврдена точна временска рамка на настанување или прогресија на болеста. Третманот на пациентите треба да е индивидуален за секој пацинет што подразбира мултидисциплинарен пристап, односно заедничка одлука на повеќе специјалисти за рак на дојка, онколози, радиотерапевти, хирурзи, радиолози и патолози. Само функционален мултидисциплинарен тим може да обезбеди идеален персонализиран третман за секој пациент на принцип на медицина базирана на докази, следејки ги препораките на европската комисија за здравство, европските и светски онколошки здруженија.
Ж.М. Најчесто прашање кое се поставува е - што е тоа што го предивикува карциномот и како можеме превентивно да дејствуваме тоа да не се случи. Многумина велат дека стресот е главниот виновник, дали е тоа вистина?
Постојат бројни ризик фактори за појава на карциномот на дојка. Стресот е ризик фактор и е составен дел на брзиот начин на живот, препознаен преку недоволно одвоеното време за себе и за своето здравје, а надополнет со неправилната исхрана, отсуството или недоволната физичка активност, и конечно недоволниот и неквалитетен сон. Стресот преку зголемено ниво на кортикостероиди во организмот, симулира засилена естрогено активност, која пак од своја страна го зголемува ризикот од појава на канцер на дојка. Имајќи го предвид сето ова може да кажеме дека стресот е еден од главните виновници за ова заболување.
Ж.М. Уште една работа е доста битна кога се во прашање пациенти заболени од било кој вид на рак, а тоа е дека истите потребно е да направат тест BRCA 1 и BRCA 2 за да видат дали нивните деца ќе бидат подложни на оваа болест во иднина. Ве молам да ни објасните нешто повеќе за оваа постапка.
Карциномот на дојката се одликува со вродени и стекнати мутации на генетскиот материјал, при што се генериират сигнали кои иницираат променето однесување на клетките, кои стануваат различни од нормалните и потребните, односно малигнизираат.
Вродените генетски мутации можат да се наследат подеднакво од двата родитела и доколку кај едниот има вродена мутација, секој потомок има 50% можност да ја наследи истата. Стекнатите или соматски мутации не се наследуват.
Кај карциномот на дојка најважни се девет вродени гени, меѓу кои се и најпенетрантните BRCA 1 и BRCA 2, дирекно асоцирани со појава на карцином на дојка. Нивната детекција влијае на треманот, следењето на пацинетите како и на ризикот од појава на промени и на контралатералната дојка. Препораките се дека кај секоја пациентка со ран карцином на дојка на возраст под 40 години треба да се направи испитувањето како и кај пациенти со тројно негативен ран или метастатски карцином на дојка.
Тестирањето на членовите од семејството кај нас не се спроведува задолжително, но секој потенцијален пациент што има детектирана мутација треба да оди на советување кај генетичар и онколог.
Во развиените земји здравствените системи осигурителните компании нудат здравствено осигурување кое го вклучува и тестирањето на семеството на пациенти со детектирана мутација. Целта е спроведување на индивидуален скрининг програм за секој член од тоа семејство. Тука само ќе го спомнам примерот со холивудската актерка Анџелина Џоли, која заради откриена мутација се подлегнала на превентива билатерална мастектомија .
Ж.М. По разговорите со некои ваши пациенти, слободно можам да кажам дека вие сте една од ретко пожртвуваните доктори на Онкологија, која е секогаш тука за пациетните. Не само за преглед и терапија туку и за совет и мотивација. Колку оваа професија бара откажување од приватниот живот?
Професијата доктор бара лична жртва и многу откажувања. Пред да се определите за оваа хумана професија треба да се направи изборот и со прифаќање и на оваа страна на работата – тоа навистина е личен избор и голема одлука. Дополнително, онкологијата е многу специфична гранка од медицината, која вклучува познавања и пракса од многу други специјалности, но и навистина многу емпатија , несебичност и љубов за пациентите. Секојдневната пракса бара многу енергија, вложување прво во себе, во сопствената едукација со цел да дадеш што повеќе и што подобро за пациентите. Факт е дека нашата работа не завршува со крајот на работното време, најчесто ја носиме и дома и одзема дел од времето што треба да го посветиме на семејството, но сатисфакцијата за тоа е помошта и олеснувањето кое сте го пружиле на пациенти кои се сензитивни во секој поглед.
Ж.М. Дали по актуелниот случај со Онкологија, се случи да ја изгубите довербата кај некои пациенти, иако е повеќе од јасно дека „еден или двајца“ не ја сочинуваат Онкологија, туку дека таму работат доктори кои речиси целиот живот го имаат посвтено на оваа наука?
Врската меѓу онкологот и пациентот е посебна, се гради низ меѓусебна доверба. Пациентот бара емпатија, сигурност и поддршка, а добар лекар е оној кој стручниот совет и препорака ќе ги дополни со внимание и многу разбирање и стрпливост. Таа врска меѓу лекарот и пациентот ништо не може да ја уништи, ниту туѓи постапки, медиумска помпа, ниту политиката и бизнис интересите.
Недамна имав прашање од една пациентка дали постои можност да не ја примала хемотерапијата и покрај тоа што и паднала косата, и покрај тоа што ги имала несаканите ефекти како што сум ги опишала, и покрај тоа... Навистина жалам за сите прашања како ова кои се наметнати од политички одлуки, од бизнис и други интереси. Жалам и што медиумите заради помпа и бомбастична приказна не помислија на овие пациенти, кои освен со страв за иднината ќе треба да живеат со стравот и несигурноста за секоја примена терапија.
Ж.М. Како работата како доктор специјалист која е доста стресна, влијае на вашето секојдневие?
Големиот број на пациенти во секојдневната пракса е огромен предизвик од една страна но и огромен притисок и одговорност од друга страна. Огромна сила и мотив да бидам подобар човек и лекар имам од семејството, моите деца и сопругот. Сила ми дава и секоја добра приказна, секоја излечена болест која е заеднички успех , на лекарот и пациентот. Тоа е мотивот кој ме води во секој нов работен ден. Во секојдневната пракса за жал има и многу тажни приказни кои заедно ги проживуваме со пациентите и нивните најблиски. Без оглед на се, и на убавите и на тажните приказни секојдневно се трудам да бидам најдобра верзија од себе, да го почитувам човекот и животот. Сметам дека тоа е есенцијата на практикувањето медицина на хуман и достоинствен начин.
Ж.М. Како успевате да балансирате помеѓу семејството и работата, со оглед дека сте во среќен брак од кој имате две малолетни деца, притоа изгледате беспрекорно, која е тајната, што е она што ве одржува?
Љубовта е тоа што ме одржува.
Ж.М. Да не сте докторка би биле...?
Никогаш не сум сакала друга професија... но ако веќе размислувам, можеби нешто во врска со музиката..
Ж.М. За крај, кој е вашиот совет за жената?
Сакајте се себе си, зборувајте си убави зборови и бидете добри со себе си. Само така може да ги сакате и другите и само така можете да го смените светот.
Елеонора А.