СПОРТСКАТА СТРАСТ НА ПЕЈАЧКАТА ЛЕА ТАЌИ: Велосипед, трчање и пливање во едно
Триатлон е спорт кој се состои од: пливање, велосипедизам и трчање. Овие три спорта се прават одеднаш, еден по друг. Моите пријатели ме задеваат- како не ми е напорно постојано да се пресоблекувам Таќи-Леа, поранешна членка на „Ај Кју“, ќерка на легендарниот рокер Гранит Таќи од групата „Лева патика“. Она што е помалку познато за Леа е тоа што таа рекреативно, но многу посветено се занимава со три спорта, три во еден, триатлон.
Кога татко ми сфати дека музиката е она што го сакам, малку по малку почна да ми помага и сега стасавме до фаза кога обожаваме да настапуваме заедно.- Леа и Гранит на концертот на „Меморија“, лани во ноември
„Триатлон е спорт кој се состои од: пливање, велосипедизам и трчање. Овие три спорта се прават одеднаш, еден по друг. Моите пријатели ме задеваат- како не ми е напорно се постојано да се пресоблекувам, од еден спорт на друг? Се разбира дека ми е огромен предизвик. Пливам и возам велосипед од рана возраст, но попрофесионално, прво започнав со трчање, се пријавив на неколку полу-маратони, и потоа ја открив љубовта кон триатлонот“, ни раскажа Леа за своето интересно хоби. Таа искрено раскажува дека посериозно спортски се активирала дури пред десет години, кога имала дваесет, и за Леа тоа е доказ дека за физичка активност никогаш не е доцна.
На хуманитарна трка
„Бев мошне мрзливо дете, морам да признаам. Но, подоцна, во таа некоја борба да станам подобар човек и поздрава жена, решив да почнам да се занимавам со спорт. Потоа почнав да ја откривам љубовта кон триатлонот и на првата трка се пријавив во 2014 година. Најголемата трка ми се состоеше од 3.8 километри пливање, 180 километри возење велосипед и 42 километри трчање“, ни раскажа Леа. Таа додава дека на почетокот, себе си се сметала како пејачка која често спортува, но сега се труди, еднакво внимание да им посветува и на музиката и на спортот. За да успее во двете работи во кои е вљубена, Леа вели дека треба многу дисциплина, многу здрава исхрана и многу баланс. „Со добра организација, се може да се постигне и при тоа да не се загубат убавините на слободното време и на приватниот живот“.
На музички план, шармантната пејачка и спортистка вели дека има нов бенд со кој работи на нејзиниот прв албум, за кој допрва ќе зборува. Голем музичко влијание, врз неа имал нејзиниот татко, Гранит Таќи.
Велосипедизмот, заедно со пливањето и со трчањето е дел од триатлонот
„Татко ми се обидуваше да ме спречи да се занимавам со музика, поради некои свои негативни искуства се обидуваше да ме оттргне. Но, кога едноставно си роден за да правиш нешто, нема бегање од тоа. Кога татко ми сфати дека музиката е она што го сакам, малку по малку почна да ми помага и сега стасавме до фаза кога обожаваме да настапуваме заедно“, ни раскажа пејачката. Леа, заедно со татко и, беше гостинка на концертот на „Меморија“, лани во Метрополис Арената. Уште едно интересно искуство за Леа е позирањето за новогодишниот календар за „Пелистерка“ кој се промовираше лани во декември. За тој ангажман, вели дека долго се мислела, но не се кае, затоа што била во друштво со уште 11 прекрасни жени, спортистки.
Леа во кампања против семејно насилство
„Целиот свет на спортот е дизајниран за мажи, од нутриционистички совети, гелови, напитоци, целата спортска исхрана, се е некако специфично работено во минатото за машкиот организам. Едноставно, ми требаше повеќе време правилно да се едуцирам, да ја пронајдам вистинската литература за да знам како помалку да се повредувам и правилно да се хранам“, изјави Леа за крај.
Милица Џаровска