СРПСКИОТ НОВИНАР ПЕЦА ПОПОВИЌ ОТКРИ ИНТЕРЕСНА ПРИКАЗНА: Мајката на Влатко Стефановски била бремена со него додека играла претстава
Додека играла во претставата „Госпоѓа министерка“, мајката на легендарниот гитарист Влатко Стефановски била бремена со него. „Влатко беше на сцената уште пред да се роди, во стомакот на својата мајка“, откри познатиот белградски новинар и музички критичар Петар Пеца- Поповиќ сношти во Скопје, на премиерата на српскиот рокенрол документарен филм „Заробено време“.
Фотографија од мајката на Влатко, Нада, е на обвивката на неговиот нов албум, „Мајчин јазик“
„Мајката на Влатко, Нада, беше позната актерка. Му реков на Влатко да ме запознае со неа, и таа ме покани на чај, точно во пет. Дојдов во нивниот дом неколку минути пред пет. Влатко ме пречека на врата и ми рече: Ќе мораш да почекаш, мајка ми ќе те прими точно во пет, дојден си порано. Кога дојде време, таа ме пречека во вечерен фустан, а на масата имаше поставено чај, бисквити и три шолји. Од тогаш е мојата поврзаност со семејството Стефановски. Овој негов нов албум, „Мајчин јазик“ е сосема нормална и природна работа“, рече Поповиќ на премиерата на филмот, сношти во киното „Фросина“ во МКЦ. „Не заборавајте дека таткото на Влатко основал 17 театри во Македонија, а брат му Горан ги напишал едни од најпознатите драмски дела“, додаде тој.
Во документарецот, чиј режисер и сценарист е Милан Никодијевиќ, главен лик е Поповиќ, кој тргнува на носталгично патување низ шест држави од Вардар до Триглав, и интересни музички приказни му раскажуваат 40 соговорници.
Главниот лик и раскажувач во филмот „Заробено време“, новинарот Пеца Поповиќ, со режисерот и сценарист Милан Никодијевиќ
И Калиопи, Велибор Џаровски-Џаро и новинарот Иван Бечковиќ се дел од македонската приказна на филмот. „Многу би сакала да можев некогаш да ја сретнам Тина Тарнер. Не мора да запеам со неа, туку само да и се доближам, во очи да ја погледнам“, раскажа Калиопи во својот дел од филмот. Влатко Стефановски пак откри што изјавил кога се распаднала поранешна Југославија. „Реков дека тоа е исто како сега од шестособен стан да се преселам во еднособен. Таа изјава и денес ми ја паметат“, раскажа Стефановски.
„Сон ми е да и се доближам на Тина Тарнер“.- Калиопи
Горан Бреговиќ, Саша Лошиќ, Јасенко Хоура, Јосипа Лисац, Дадо Топиќ, Џибони, Бајага, Јасен Зоран Предин, Гиле од „Електрични оргазам“, Корнелије Ковач, членови на групите „Тајм“, „Смак“, „Индекси“, „Ју група“ се дел од соговорниците во филмот. Џибони раскажува како би сакал да направи старечки дом за сите рок гитаристи на хрватскиот остров „Корчула“. „Таму ги чекам и Влатко и Стив Стивенс кога ќе остарат“, изјави Џибони. „Музиката не е неопходна како храната, воздухот или сексот. Без неа се може. Но, таа е како солта. Ако не ја посолиш храната, таа е блунтава“, се дел од зборовите на Горан Бреговиќ. Живата енциклопедија на југословенскиот рокенрол, како што го нарекуваат Пеца Поповиќ внимателно ги бирал соговорниците и од секој од нив успеал да извади интересна изјава и емоции. Филмот заслужено доби долги аплаузи.
„Вечерва имам трема исто како во 1976 година, кога за прв пат списанието „Џубокс“ го донесов во Скопје да се печати во печатницата „Нова Македонија“, рече Пеца Поповиќ во Скопје. Повозрасната генерација го памети како заштитен радио глас на емисијата „Вечер со радио“ на Радио Белград, а меѓу другите печатени изданија, и како уредник на „Џубокс“.
„Музиката е како сол во јадењето“.- Горан Бреговиќ во филмот
Скопската промоција се одржа во рамките на манифестацијата „Денови на српската култура во Македонија“, во организација на културно-информативниот центар на Србите во Македонија, „Спона“.
(М.Џ.)