Стефанија Тиквешанaц и доктор Александар Стојменов: Фитнесот нѐ спои како пар
Стефанија Тиквешанaц е млада студентка. Има 21 година и потекнува од Штип. Слободното време го вложува во изградба на своето тело, но како фитнес инструктор помага и на други девојки да дојдат до посакуваната форма.
*На вашиот Инстаграм профил гледаме дека сте згодна девојка. Како го постигнавте моменталниот изглед, колку време ви беше потребно ?
-Ви благодарам на комплиментот, но јас секогаш се фокусирам на делчињата од моето тело кои сакам да ги поправам, инаку на себе како проект работам веќе 7 години, во кои во секој 6-7 дена неделно имам резервирано 1-3 саати за фитнес. Отсекогаш сум имала афинитет кон спортски активности, како мала имам учествувано на турнири за брзо трчање а конкретно за фитнес ме повлече желбата да ставам некое килце повеќе на себе.
*Во врска си со доктор кардиолог Александар Стојменов, кој исто така се занимава со фитнес. Раскажете ни нешто за вас како пар?
-Една од придобивките (или мааните (се смее) се надевам дека тој нема да го види ова) е врската со доктор Стојменов . Нашето запознавање беше баш во теретана и тоа за време на снимање на емисија за фитнес. Заедно сме веќе 4 години, и често тренираме заедно.
*Важите за најфит пар. Како реагираат кога ќе ве сретнат заедно, дали често ве знаат да ви побараат некој совет или слично ?
-Па да, понекогаш знаеме да привлечеме по малку екстра внимание, веројатно поради тоа што малку поретко е и двајцата партнери во една врска да бидат посветени кон фитнес. Често добиваме прашања за исхрана, но најчесто луѓето бараат неколку зборови за мотивација, па една насмевка со неколку основни совети се доволни за една личност да се мотивира да го започне своето фитнес патување.
*Колку внимаваш на исхраната, како се храниш, со што го почнуваш денот ?
- Токму оваа тема ме инспирираше да станам фитнес инструктор, односно варијабилноста во различните типови на тела и нивните различни одговори на многуте диети. Кога станува збор за моето тело имам "мала" привилегија да не бидам толку ригорозна во начинот на исхрана. Јас својот ден го започнувам со кашичка од бебешки ориз плус протеински прашок подготвена од Александар. Исхраната ми е главно протеинска, често користам и додатоци во исхраната а времето за "забранета храна" е најчесто во периодот од денот околу тренингот.
* Често девојките сонуваат за рамен стомак и се придржуваат до разни исцрпувачки режими на исхрана. Како според тебе најлесно и најбрзо може да се ослабе?
- Брзината на постигнување на целта зависи од многу фактори и поради тоа препорачувам консултација со фитнес инструктор, но ако морам да генерализирам, стратегијата би вклучила начин на исхрана во калориски дефицит и задолжително тренирање за да дојдеме до оформување а не само слабеење на телото.
*Што мислиш за фитнесот во земјава, дали зема се повеќе замав ?
-Фитнесот во нашата земја е на многу повисоко ниво од порано, но
многу на пониско ниво во споредба со останатите земји.
*Каква според тебе треба да е современата жена?
-Современата жена би требало да спои дама, мајка, амбиции, цврстина (столб на општеството) но и да најде време за надоградување на својата женственост и преку изгледот исто така.
*На која дама вие и се восхитуваш и зошто?
-На ум ми доаѓа една девојка, Аделина Тахири која покрај тоа што е успешна и професионална во кариерата, одлично изгледа но не помалку набилдан е и нејзиниот карактер и таа во изобилство има нешто што и фали на современата балканска жена, а тоа е храброста.
Ирена Ставрова