„Стереотипите беа и сè уште се присутни“: Интервју со Ирена Андреевски - Димитриевска, спортски новинар во МТВ
Привилегијата ја има таа, да биде дел од тимот каде што е гордост да се биде единствена жена.
Ирена Андреевски - Димитриевска од спортската редакција на Македонската Радио Телевизија сосема случајно почнала да се занимава со новинарството. Нејзините почетоци биле пред три децении кога работела како тренер по пливање, кога добила понуда да биде дел од утринската програма МТВ. По неколку години поминати како новинар во утринска програма, продолжила во спортската редакција на МТВ.
„Новинарството дојде случајно, но со спортот, и дел од спортот сум од дете“, вели Ирена.
За спортот, но и за човечките вредности учела од доајените на спортското новинарство и коментаторство Атанас Костовски, Зоран Поповски, Зоран Михајлов, Златко Калински, Александар Сидоровски.
Одблизу со Ирена Андреевски - Димитриевска во интервјуто за Женски магазин …
„Почетоците ми беа речиси пред три децении. Бев тогаш тренер по пливање, ја тренирав ќерката на тогашниот уредник на утринската програма на МТВ, „Добро утро Македонијо“, Иван Андреевски. Човекот за кој морам да потенцирам дека беше вистински пред сè човек, со големо Ч, родител и критичар на место и воедно силен поддржувач. Ме праша еден ден, дали би сакала да бидам дел од тимот на утринската програма, да подготвувам прилози и разговори од областа на спортот. Не беше прифатено од прва, но ми сугерираше да се обидам … и, ете сум … По неполни 3,5 години во утринска, продолжив во спортската редакција на Македонската телевизија“.
Имала привилегија да работи во спортската редакција на МТВ, во времето на големите спортски новинарски имиња, чии гласови и спортски реплики ќе останат засекогаш во историјата на спортското коментаторство.
„Во спортската редакција ја имав привилегијата да бидам во времето на Атанас Костовски, Зоран Поповски, Зоран Михајлов, Златко Калински, Александар Сидоровски, од кои и тоа како имаше што да се научи, не само за спортот туку и за човечките вредности. Тоа беа/се, луѓе кои го имаа зашитничкиот, родителски и пријателски пристап кој секако ми ја даде потребната сигурност. Во тој период, практично тоа беше влезот во новиот милениум, бевме една супер дружина, покрај бардовите на спортското новинарство, тука тогаш беа (дел сè уште сè) Горан Стерјов, Горан Милковски, Зоран Видевски, Марјан Ников, Александар Табаковски, Тони Танчевски, супер, супер друштво, во коешто, ниту еден, кон никого не гледаше конкуренција, напротив“.
Спортот иако е збор во машки род, сепак не е наменет само за мажите. Спортот е за сите. Иако стеротипите за тоа сè уште постојат, Ирена вели дека дискриминација не почувствувала на своја кожа од колегите.
„Бев прифатена максимално од колегите. За тоа што се случува надвор, тоа е, стереотипите беа присутни, сè уште се и секогаш ќе ги има. За сето тоа гледам како на елементарно воспитување, тоа е капацитет, тоа на крајот на краиштата е лично однесување. Чудното е тоа што се суди, се носат заклучоци, се употребуваат недолични навредливи зборови за некого кого не го ни познавате, тоа не е убаво, за било кого … Инаку, да, како што велите, имаме и женски и машки спортисти“.
Креативен хаос во спортската редакција на МТВ има кога во светот, но и кај нас се случуваат поголеми спортски настани, за кои е потребна поголема подготвеност. Во моментов во тек се Летните олимписки игри во Париз, па ова се моменти кога работа е задоволство.
„Работните денови се различни, сега да, во време на Олимписки игри речиси целодневна е ангажираноста. Но ова е работа за која јас знам да речам хоби, бидејќи го работите со љубов, па оттука маката е слатка. Деновите се различни, динамични“.
Родовата застапеност на жените во светот на спортското информирање кај нас може да се набројат на прсти, за разлика од некои други земји каде сликата е поразлична.
„Таквиот однос, ви го отсликува општеството, средината, сфаќањата, па нека е и храброста. Има исклучоци во ставовите и размислите, но во целина е тоа“.
Репрезентацијата е секогаш нас сè и пред сè, вели Ирена како одговор на прашањето кој е омилениот спорт за кој сака посебно да информира, пишува, коментира.
„Македонските спортисти и клубови, радоста, па и тагата која ја споделувате за своите, нема мерлива скала“.
Уникатноста кај спортот е сплотеност, радост и тон емоции, па и затоа е тешко да се каже дека нејзината професија е „работа, само за на работа“.
„Спортското новинарство е работа нонстоп, постојано има спортски настани, постојано нешто се случува, менува. Ова не е работа, само за на работа. А и она што е уникатност кај спортот, е токму тоа, ве сплотува, ве прави горди, ви буди насмевки, возбуда, емоции, а и во тагата и разочарувањето сте повторно заедно, сè додека не се преминат границите на пристојност. И да, гледаме дома спорт, убаво тричлено спортско семејство сме си“.
Спортското информирање е далеку поразлично од информирањето за дневно – политички, економски, културни настани. Кога слушаме спортски телевизиски прилог се чувствува креативноста на новинарот, неговата дарба и посебен речник кој се користи. „Спортската поезија“ ве прави поразлични и остава свој печат кај слушателот/гледачот, но сепак препознатлив за новинар.
„Кога го сакате спортот, кога сте дел од него и го живеете, искрено, навивачки, па и подлабоко, суштински, емоционално, ментално, тогаш зборовите некогаш едноставно сами се нижат, носат. Особено кога сакате да допрете до она што значи, радост од маката, успех од фрустрацијата“.
Пред да седне во столчено за коментирање, на Ирена потребни и се и неколку дена подготовка во зависност од ситуацијата, која се состои од статистики и интересни факти, но тоа е и нејзина секојдневна рутина.
Доколку во моментов ѕирнете во спортската редакција на МТВ која го врши преносот на ЛОИ, ќе сретнете ваква ситуација:
„Некогаш раздвижено, некогаш растрчано, а некогаш како да сте на испит, тивко. Во целина убаво, работно, со симпатичен умор. Многу луѓе, многу мислења, малку нервоза, но сета таа динамика, комуникација, го прави процесот интересен, посебен“.
За Ирена Олимписките игри се уникатно доживување, открива и која дисциплина кај неа посебно предизвикува емоции.
„Доаѓам од пливањето, па веројатно и тоа буди поинакви емоции, поинаку го доживувам и гледам. Поединечните спортови, знам да се фатам дека знаат поинаку да ми влијаат. Можеби за многумина помалку атрактивни од екипните, но во нив сте сами, се она што ќе го направите сте вие, па оттука и моето воодушевување за нивната комплетност, спортска, а и како личности воопшто“.
Што би ги советувале идните спортски новинарки, дали да го одберат спортот доколку се двоумат?
„Ако го сакате тоа, не се двоумите. Ако пак на некој начин се „плашите“, немојте, прифатете го предизвикот и бидете подготвени. Секогаш ќе постојат различни луѓе, со различни мислења, ставови, лоши и добри мисли. Па на крајот од денот, и ако се е позитивно, не ќе да е на арно. Важно е да уживате во тоа што го правите, да влијаете позитивно и да делувате искрено“.
Габриела Додевска Глигоровска