Стотина повици дневно на едно место за животни проблеми
Советодавен услужен центар со педесетина психијатри, социолози, јасновидци, астролози и толкувачи на соништа изминатиот период работи интензивно и дневно добива 100-тина телефонски повици од сите краишта од Македонија, иако цената на еден разговор е 51 денар со платен ДДВ по минута.
- Дискретноста е загарантирана, а советите што ги добиваат се објективни, бидејќи клиентот не се приврзува со оној со кој што разговара. Можеби повикот не е евтин, но има јавувачи кои сакаат да разговараат и до еден час. Тоа се главно млади кои имаат проблеми во сексуалните односи или не можат да воспостават сексуален однос, а за тие грижи се срамат да се обратат некому директно, па затоа ние, како единствен контактен центар од ваков тип, им остануваме единствен бастион за помош. Во секој случај, на овој начин тие се поотворени за разговор и соработка - вели вработен оператор.
Опфатот на работа се состои од проблеми од областа на семејното насилство, зависности од дроги, детски стравови, соништа, анксиозност, воспитни проблеми и потешкотии, училишни проблеми, родителски свет, партнерски односи, брак и брачна криза, емоционален развој, справување и надминување на депресивна состојба ( справување со загуба, промена, интензивна состојба, советодавна работа и справување и надминување на анксиозност, фобии и стравови, итн.
- Ние сме единствените во Македонија кои ги нудиме сите овие услуги на едно место, иако низ светот овој начин на советување е многу популарен. Многупати во земјава имало обиди да се отворат некои слични телефонски линии за помош во одредени ситуации, но ниту една не профункционирала како што било замислено. Нашиот Советодавен услужен центар работи 24/7 и има оператори на линија во секое време, каде чекаат и одговараат на повиците од клиентите, вели управителот Марија Ѓоргиева.
Центарот работи неполна година, поинтензивно последниве месеци. Вкупниот број на операторите достигнува до 50. „Сите наши оператори се професионалци и со долгогодишно работно искуство во својата област. Дневно регистрираме околу 100 повици, вклучувајќи ги сите категории на професии. Се јавуваат корисници од различни краеви во Македонија со различни проблематики“, додава Ѓоргиева.
Претходно, во центарот функционирала и линија со педијатри, но поради осетливоста на темата и можноста родителите неодговорно да постапат кон своите деца, избегнувајќи да ги однесат на потребен преглед, таа повеќе не работи.