„Страв од педесеттата“
Мајка ми раскажува дека на 23 јануари 1972 година имало студ и мраз какви што не памети да имало годините пред и потоа, а јас секогаш велам дека имало, ама бидејќи цела ноќ ја мачеле болки ѝ се чинело така. Нејсе, се раѓам во 08:15 часот (да не пропуштам доручек) долга 50 см и тешка 3.950 гр, со светло косиче и со дерење таман за да ја кренам во вис цела болница. Докторот свечено му кажува на татко ми дека има син, а овој зашеметен што од исчекување, што од радост одма истрчал за да ја каже веста на баби и дедовци, тетки, чичковци и останата родбина, оти и од двете страни јас сум била прво внуче, па тоа било многу важен настан. Да, да... убаво прочитавте дека докторот му кажал оти има син, а мајка ми се отепала од плачење зошто така да му кажат кога се родила Ана, а не Андреј. Имињата биле претходно одбрани, а и тоа било своевидна борба оти Ана Марија не доаѓало предвид демек долго (ко ќе ми текне дека детево не само што се вика Аргентина, туку и во извод има две презимиња ко од шпанска серија), а секое друго им било со по некоја фалинка, па се одлучиле да сум само Ана, ама никој да не ме викал принцеза (од милост) оти принцезата Ана била коњеста (со опроштење). И така татко ми прославил за синот, па после за ќерката откако сиот вџашен прашал да не сме близнаци, а ден-денес сум и син и ќерка на татко и мајка, зависи од потребата и приликата.
После воведов, веќе ви е јасно зошто токму денес заедно со Женски Магазин ја објавуваме колумната која инаку оди секој понеделник. Денес е денот кога полнам 50 години и искрена да бидам некако не знам да дефинирам како се чувствувам, оти толку се прави фама за оваа бројка што сум збунета и барам нешто спектакуларно за да направам разлика меѓу довчерашните 49 и денешниве 50. Баба ми за секое животно доба на мајка ми ѝ велеше оти тоа се најубавите години, а сега истото мајка ми ми го кажува мене на секои 10 години. Се сеќавам дека кога имав едвај 20, а можеби и помалку, мислев дека 40-тите се години кога човек веќе не го бива за ништо, а 50-тите ми беа синоним за „длабока старост“. Жив уплав бев дека кога ќе имам 50, ќе бидам престара за било што, а сега само си го мислам она што го велеше баба ми ко ќе направев некоја глупост „годините да ти ги имам, ама умот не“. Од овој аспект тврдам дека има вистина во тоа дека секое животно доба си е најубаво, само да има човек среќа и привилегија да го доживее, а и да знае како да го живее. Да ме прашате дали сакам да се вратам назад, дефинитивно ќе ви кажам НЕ, ама (секогаш има АМА) може некоја брчка помалку или помалку бели влакна за да не се фарбам толку често (додека не присоберам храброст, па да ја оставам да си израсне ваква шарена) или некои такви ситници кои би ми го олесниле чекорот во 60-тите.
Кога ќе речат оти годините се релативна работа, сега веќе потполно се сложувам. Од една страна сум јас пред триесетина години кога ми изгледаше дека сѐ над 30-35 е за на геријатрија, а од друга страна покојната ми баба која за оние од 70 кога ќе починеа, велеше дека си отишле млади. Има ли младоста остра граница кога престанува да биде младост? Има ли староста почеток? И кога прашувам, не мислам на она дека „научниците утврдиле дека блаблабла“, туку дали е нормално и ок да се чувствувам дека на 50 ми почнува нов живот и дека мислам оти мајка ми и татко ми на свои 73 и 74 години се вистински фраер и шизика? Да, кога се гледам на огледало си ги гледам и годините испишани на ликот, кога си го гледам телото факт е дека има 2-3 точки кај кои има уште работа и вежбање, ама тоа не ме вознемирува, туку ми е предизвик. Поголем стрес ми беше кога порано мислев на стареењето, а сега некако немам време да мислам на тоа, едноставно живеам она што е мое и тоа е. Со ќерка ми носиме ист број облека, па често ми се случува да излезам во маица со Дизни карактер или од некое аниме, да облечам фармерки кои се искинати и со ланци, другарките нејзини велат дека ич не сум личела ко за 50 (токму ова ми е муабетот, како треба да личи некој за 50?). Од една страна свесна сум за предрасудите кои ги има за жените на мои години, а од друга страна сето тоа ми изгледа како да се однесува за таму некои жени во кои не спаѓам јас и оние кои ги познавам и ми се блиски. Стално се шегувам со другарките дека имам најмало дете од сите нив и дека најдоцна ќе станам баба, ама после ми притекнува дека кога ќе дочекам и таа радост, ќе бидам најстара баба.
Митот за 50-тите кога е човек помлад е дека се тоа години кога минува интересот за многу работи, како што е сексот, експериментирање со облека и стил, менување работа, партнер или наоѓање ново хоби. Како да е животот и живеењето резервирано за оние кои се под 40, додека останатите треба да се помириме со она што го имаме дотогаш направено и да чекаме....што?! пензија, смрт?! Налет таквиот живот во кој едно утро ќе се разбудам и ќе си речам „ок, тоа беше тоа....сега да се истурка до кога може“. Не знам дали воопшто некогаш ќе кренам бело знаме и ќе се помирам дека толку беше моето, па ќе се залежам додека не ми дојде времето за да заминам од овој свет.
Како стареам, станувам поспокојна и посамоуверена. Едноставно знам дека ова е моето време, дека немам друго и дека што ќе сторам со него и како ќе се чувствувам, зависи најмногу од мене. Избегнувам премногу од сѐ, сеедно дали е храна, стрес, пијалак, луѓе. Се ограничувам повеќе на она што ми е потребно, си го слушам телото и срцето, а потоа го вклучувам умот кога треба да се носат одлуки. Имам внатрешна листа на приоритети и ретко што може да ме измести од колосек. Си ја сакам рутината на грижа за себе, со тинтрање на лицето и телото, едвај чекам да се стопли за да можам повторно да уживам во кафето надвор на сонце, да пишувам и фотографирам. Веројатно помладите ќе речат оти ова му доаѓа ко она со лисицата и грозјето или дека нема врска што зборувам, ама ќе почекаме да се уверат и самите дека младоста е во страста со која се сака животот. Имало моменти кога на 30 сум се чувствувала како да имам 100, исто како што има сега моменти кога се чувствувам како врсничка на Нина.
Среќна сум, конечно можам да кажам дека сум смирена и среќна. И да сме на чисто дека и ние со 50 и 50+ го обожуваме сексот исто како и вие кои сте многу помлади. Впрочем, на повозрасни години многу повеќе си го знаеме телото и точно знаеме како, каде и колку. Откриваме нови работи кои нѐ интересираат и кои ни го исполнуваат времето и тоа варира од готвење, плетење, пишување, спорт...а некогаш и сѐ заедно. Умот ни е бистар, а искуството и интуицијата многу помагаат во насочување кон иднината. И да, сакаме промени, предизвици, возбуда, го сакаме животот и токму затоа што сме свесни дека е краток, го дишеме со полни гради.
Денес наполнив 50 години и ја имав привилегијата да споделам со вас како се чувствувам. Овие 365 дена имам во план издавање на 2 нови книги поезија и уште 2-3 книги колумни, симнување на уште 3 килограми за да бидам до мојата идеална тежина, поѕверско вежбање (имам нови тегови и волја), имам таман време да размислам што ќе правам со еден куп фотографии кои ги имам изначкрапано.
Не болат годините кои ги полниме, туку сознанието дека не ги дишеме целосно и онака како што сакаме. Затоа, „стравот од педесеттата“ го заменувам со „предизвикот на педесеттата“.
Живели, да сте ми живи и здрави...ве љубам.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Кога на жена ќе почнеш
годините да и’ ги броиш
Поарно фати џаде подалеку од неа
И пули си ја својата работа
А и неа остај ја своето да го тера
Не туку чепкај онаму
Кај шо и ѓаолот не се осмелува
Оти ако сакаш жена да изгубиш
За навек да те отсака
И да не те гледа појќе ко единствен на светот да си
Само гледај ја под око и брчките број ѝ ги
И задевај ја за белите влакна на глата
Та уште така наивно и невино кажи си
Дека младоста окото ти го задева
Ех, драги мој
Секојпат помлади и поубај ќе има
Во лицата мазни
И со гради кои не признаваат гравитација
Оти секојпат ќе има такви со коси раскошни
Без целулит и со кожа ко во млеко искапена
Со нозе од тука до вечноста
Секогаш ќе има поубај од онаа шо до тебе ќе биди
И еве, околу себе ги гледам и себе в огледало се
пулам
Убај жени пред време овенати
Кои трката со времето ја изгубиле
А на ликот им се гледа оти ко капка роса биле
Нежни и мазни
И ден-денес дами се
Со гордо држење и со питома женственост
Со мудрост која од очите им цути
И можеби градите свенати им се
И ко ќе се насмеат имаат мрежа кај очите
Се мачат со мигрени
И нозете им отекуваат од долго стоење
Ама тие таквите баш тебе те љубат
Да, иако и ти старееш заедно со нив
И можеби косата ти опаднала
А стомакот ти се опуштил
Да, токму тебе те љубат
Иако ни твоето лице веќе не е младо
И немаш мускулесто тело
Како оној онде од рекламите
Ама имаш среќа бе пиле
Имаш среќа што една таква жена
Те љуби баш тебе
Иако си згужван во вратот
И имаш старечки пеги на рацете
Токму таа во тебе го гледа она момче кое некогаш си
бил
И никојпат нема да ти признае дека ѝ недостасува
млад мажјак
Оти те љуби
Оти не сака да те повреди, ниту пак да те навреди
сака
Оти твоите години во нејзините очи не постојат
Оти таквата жена ќе гледа секогаш зад бројот
На свеќичките кои ги дуваш
Оти е дама, оти во душата е млада
И секојпат помлада ќе е од твојата
Непресушена глад и жед за непрежалена младост
Драги мој
На жена години не ѝ се бројат
И остај ја брчките со гордост да си ги носи
Оти во секоја и тебе те носи
Твоите падови
Непроспиени ноќи болен ко си бил
Сите твои неуспеси
И долгите славења за успесите
Секоја нејзина бразда на лицето е и твоја
И затоа почит да имаш
И ко ќе заспие со милост лицето да и’ го галиш
На таа што со тебе била и во добро и во зло
На таа пиле воздишките по тебе да и’ ги броиш
И насмевките со кои те дарува во текот на денот
На таа
На таа да ѝ се поклониш, на жената до тебе шо стои
Шо те љуби
Што секогаш ќе те сака појќе од младоста која ти ја
дала