Стравот од висина нема врска со стравот од летање: За параглајдерството со Оливер Цветковски
Не постои човек на земјата кој не би сакал да ја набљудува природата од висина, да се чувствува слободно давајќи му уште една димензија на своето движење.
Параглајдингот , како еден од најмладите воздухопловни спортови , станува сè поактуелен за љубителите на активни предизвици во природата. Тоа е место каде се нудат емоции, кои подоцна се чуваат во сеќавањата.
Македонија е една од најатрактивните места за параглајдинг во светот. Планините со повеќе врвови над 2,500 метри, погодни за полетување, големи долини наоколу, кои овозможуваат безбедно и удобно слетување, неверојатни пејзажи кои со сигурност вредат да се видат.
Параглајдерството тоа и го овозможува, блискост со природата и претворање на сонот во реалност. Параглајдерството како рекреативен, натпреварувачки, авантуристички спорт е распространет низ целата земја. При посета на клубовите во Скопје, Прилеп, Маврово, Крушево, Битола, ќе добиете целосна опрема и професионални водичи за овој спорт.
За каков спорт станува збор, дали е тоа само адреналин, или можеби еден од најризичните, се обидовме да откриеме во разговор со претседателот на параглајдинг клубот „Летачки Конзули“ од Битола, Оливер Цветковски.
Да се потсетиме овој клуб традиционално го одбележува роденденот на Битола со летање од Антена, настан кој привлекува бројни учесници од повеќе земји, а што претставува одлична промоција на Баба планина, Пелистер и Битола.
* Секоја година за празникот на градот организирате летање со параглајдери над градот. Како помина оваа година тоа одбележување ?
- Параглајдингот
е спорт чии активности се условени со временските услови. За полетување потребна
е одредена брзина и правец на ветерот во зависност од местото на полетување.
Бидејќи полетувањето за овој настан го правиме од самиот врв на Баба планина
„Пелистер“, условени сме со чист пат, без снег, кој во овој период од годината
на одредена висина често го има. Оваа година имавме среќа сите овие параметри
да се во границите на толеранција па полетувањето го изведовме во целост. Во
принцип кај параглајдингот тешко можете да организирате настан во кој ќе бидете
сигурни дека ќе се реализира во целост, временските услови секогаш се основна
пречка. Од друга страна имавме добри термички услови за летање над самиот град,
што за овој дел од годината е реткост, па така можевме неколку часа да го
надлетуваме градот. Беше големо задоволство како за гостите од другите клубови
од државата, така и за нас од „Летачки Конзули“.Можеби најдоброто 4-то Ноемвриско летање до
сега.
* Со параглајдингот се занимавате долги години. Од кога и како се појави интересот токму за овој спорт? Како го доживувате параглајдингот?
- Со праглајдингиот се занимавам 13 години, а желбата и интересот ги имав повеќе од 20 години меѓутоа обврските не ми дозволуваа да најдам време и да ја започнам обуката многу порано кога и самиот спорт се појави во Македонија. Знаете, желбата за летање ја има кај повеќето од луѓето, меѓутоа стравот од висина исто така е присутен. Да не постоеше стравот, мислам дека небото ќе беше преплавено со параглајдери и други летала за слободно летање. Не постои човек на земјата кој не би сакал да ја набљудува природата од висина, да се чувствува слободно давајќи му уште една димензија на своето движење.
Ќе си земам слобода да кажам дека, пред се, параглајдингот е стил на живот. Пред неколку години имав повреда при полетување, после која размислував дали да се откажам од параглајдингот. Лесно ми беше да се откажам од летањето, но никако не можев да се откажам од стилот на животот, односно дружењето, авантурите и најважното - запознавањето со многу луѓе од различни краеви на светот кои имаат отворен ум, слободни се во размислувањето, без политички, национални, религиски или не знам какви не други ограничувања. Параглајдеристот е параглајдерист без разлика од кој дел на светот потекнува. Било каде да се наоѓате слободно отворете во телефонскиот именик и побарајте некој преставник од локалниот летачки клуб, веднаш ќе ви се излезе во пресрет.
* Кои се Вашите совети за луѓето кои за прв пат летаат со параглајдер?
- Стравот од висина нема врска со стравот од летање. И јас чувствувам страв од висина кога стојам на балкон од висококатница, меѓутоа кога летам тоа чувство го немам, напротив стравот доаѓа кога сум ниско. Најбезбедно е на 3000м, верувајте. Па така доколку имате желба за летање, занемарете го стравот, контактирајте не, другото е наша обврска. Летањето со параглајдер е вистинското летање кое нема врска со летањето во авион. Во авионот сте затворени како во конзерва и доколку не сте покрај прозорот летањето единствено ќе го чувствувате преку стомакот, кај параглајдингот е сосема нешто друго, речиси секој втор лет, летате заедно со некоја птица во термички столб. Летате покрај облаци, дишете воздух кој го дишат само птиците, го слушате само ветрот, едноставно чувствувате слобода.
* Кои се се ризиците од параглајдингот, колку е тоа опасен спорт, а од друга страна кои се придобивките по здравјето на луѓето?
- Како и во секој спорт, така и во параглајдингот ризикот постои, но не е така голем како што повеќето од луѓето го замислуваат. Параглајдингот може да биде прилично безбеден доколку се почитуваат правилата и се лета во безбедни услови, а може да биде доста ризичен доколку се туркаат границите, а тоа често се прави на натпреварите. Во принцип, за несреќа, потребно е да се нарушат два од трите основни принципи во летањето, а тоа се: временски услови, опрема и грешка на пилотот. Во лоши временски услови со добра опрема и искусен пилот немате несреќа, меѓутоа и најдобриот пилот со лоша опрема во лоши временски услови тешко ќе ја избегне несреќата. Или, лош пилот, во добри услови со лоша или несоодветна опрема ви е чест случај за несреќа. Слободно можам да кажам дека ние, македоските летачи летаме безбедно и ги почитуваме горенаведените правила. Во целата историја на македонското летање не сме имале некои сериозни несреќи, што не е случај за некои летачи од други држави кои доаѓаат за летање во Крушево. Скоро секоја година се случува по некоја несреќа во Крушево и за тоа највероватно сте слушале, меѓутоа морам да напоменам дека во Крушево годишно доаѓаат по неколку илјади летачи од целиот свет. Секој ден во летачката сезона, која трае преку целиот летен период, зафатен е со натпревавувања. Од друга страна, натпреварувањата се проблем за несреќи кога се „бркаат“ резултати, а тоа најчесто се случува на последниот ден од натпреварите. Да не должам, уште еднаш би сакал да нагласам, летањето е многу безбедно ако ги почитуваме правилата и летаме во безбедни услови.
* Што би им советувале на оние кои сакаат професионално да се занимаваат со параглајдинг?
- Да се занимавате професионално со параглајдинг пред се потребно е да си обезбедите спонзор. Дури и да сте најдобриот пилот на светот невозможно е да заработувате од натпревари, бидејќи наградите се симболични. Тоа е добро што е така, бидејќи во спротивно границите на безбедоста уште повеќе би се поместиле и несреќите би биле почести. Меѓутоа постои и друг начин со кој би можеле да заработувате како параглајдерист, а тоа е летањето во тандем. Има доста наши пилоти кои преку летниот период летаат во тандем и добро заработуваат.
* Колку членови брои клубот Летачки конзули?
- Во моментот „Летачки Конзули“ има 14 членови, од кои половината се доста активни, а другата половина доаѓаат повремено. Под доста активни се мисли да се оди на летање барем во половината од деновите во кои има услови за летање. Или тоа е некаде над 100 сати во воздух на годишно ниво.
* Колку е голема заинтересираноста на битолчани за овој спорт?
- За разлика од другите градови во Р.Македонија интересот кај битолчани не е многу голем. Не сме имале нов член во клубот во изминатите пет години. Во текот на сите овие години поминати со параглајдингот научив дека не треба да инсистираме на нови членови. Сите кои сме ги убедувале или да кажам „регрутирале“ за пилоти, брзо се откажале. Мислам дека параглајдеристот се раѓа и тој што сака да лета ќе не најде.
* Со кои предизвици се соочувате како претседател на параглајдинг клубот?
- Организирањето на било каков настан поврзан со летањето е предизвик. Пред се потребно е да се внимава на безбедноста.
* Со кои меѓународни учества на параглајдинг настани, награди, претставувања може да се пофали овој клуб?
- Секоја година Крушево е домаќин на безброј интернационални натпревари. Покрај натпреварите во македонската лига, учество земаме и во другите натпревари кои се одржуваат во летниот период, кој како е слободен. Да појаснам, многу држави од Европа и Светот, своите национални натпревари ги организираат во Крушево. Крушево е светски центар кој нуди добри услови за летање, имаме добра организација, патна структура (Пелагонија е мрежа од патишта), и секако најважното во летниот период при организирање на натпревар, шансите да се реализира натпреварот во целост се огромни за разлика од некои северни држави каде во предвидениот термин на натпреварот може да се случи ниту еден ден да не даде услови за летање. Поради ваквите услови во Крушево до сега речиси сите Европски држави ги организирале своите натпревари на наш терен. Сите натпревари најчесто се од отворен тип, па така наши пилоти може да се натпреваруваат на Британско, Чешко или Нордиско национално првенство. Минатата година во Крушево се одржуваше светското првенство во параглајдинг на кое најдобар резултат од македонските пилоти оствари битолчанецот Владимир Неделковски.
Во текот на годината редовно земаме учество на неколку натпревари во Албанија, Грција, Турција и Косово. Како што напоменав во овој спорт има многу дружење, патување и авантури.
* Ваши омилени места за параглајдинг?
- Мое најомилено место за полетување, а најверојатно со мене ќе се сложат и сите членови на „Летачки Конзули“ е Чука. Тоа е врв од Баба планина кој гледа према Преспанско Езеро. Чука е нашето клупско место за летање кое љубоморно го чуваме.
* Колку Баба планина има ги задоволува условите за параглајдинг ?
- За да одговорам на ова прашање мора да појаснам неколку работи со кои најчесто се прави забуна. Кога се спомнува параглајдингот веднаш се прави паралела со Крушево како едно од најдобрите места за летање во светот. Меѓутоа, Крушево е само местото од каде се полетува, а летањето е Пелагонија. Всушност Пелагонија е таа која го нуди доброто летање. Пелагонија е местото каде што многу летачи од светот ги направиле своите персонални рекорди. Кога има натпревар, најчесто трките се преку 100км што не е случај за другите места од светот. Во добри услови низ Пелагонија можат да се прават прелети над 100км што е бариера која се стремат да ја пробијат многу млади летачи од светот. Од друга страна Пелагонија има одлична патна мрежа. Поврзани се сите села, а за еден летач од особено значење е да се слета покрај асфалтен пат, се разбира поради превозот. Пример во Аргентина и Бразил имате подобри услови за летање, меѓутоа имате рамници каде на 300км нема асфалтен пат. И најважното, имате пријателски настроени Македонци кои секогаш се трудат да помогнат.
Врвот Неолица е исто добар за полетување, меѓутоа проблем е пристапноста. Доколку би имале асфалтен пат до врвот и добро среден старт, сигурен сум дека многу натпревари за полетување ќе се организираат од тука, а селата Лавци и Брусник ќе имаат голем бенефит од тоа.
* Што за Вас како битолчанец значи Пелистер?
- Пред да почнам да се занимавам со параглајдерство, моето хоби беше планинарењето и скијањето, а овие две работи се тесно поврзани со за мене најубавата планина на светот. Ја сакам со целото срце, иако, кога и да се погледнам ме облева тага бидејќи пред седум години на неа го изгуби животот еден од членовите на „Летачки Конзули“, нашиот пријател Петар Костадиновски.
Параглајдерството е спорт во кој секој може да си го најде своето место, без разлика дали е тоа туристичко летање со тандем, рекретивно или натпреварувачко летање. Чуството што ве обзема притоа е индивидуално и никој не може да ви го раскаже и долови, единствена опција е да пробате.
Неда Маретиќ