Судир на ковид и есен - како да се заштитиме и полесно да поминеме настинки и вируси: Интервју доктор Вукосав Трајковски
Настинките веќе наголемо виреат насекаде. Разни вируси се шират, а повторно се активираше и алармот за корона вирус. Очекувано со доаѓањето на есента, да се зголемат бројките и да се воведат повторно заштитни мерки како превентива во здравствените установи.
Како да се заштитиме, и доколку се разболиме, полесно да го поминеме вирусот или настинката, како да се храниме и што да конзумираме. На оваа тема поврзана и со ковид, денес разговараме со Вукосав Трајковски доктор по општа медицина вработен во ИМП Крива Паланка.
ЖМ: Доктор Вукосав, во немањето на доволно информации во јавноста околу последните симптоми, како граѓаните да препознаваат дали имаат ковид или вирус – кои се вашите познавања?
-Многу симптоми на КОВИД-19 се слични со симптомите на грип, настинка и други состојби, па затоа е потребен тест за да се потврди дали некој има КОВИД-19. Симптомите може да се појават 2 до 14 дена по изложеноста на вирусот и може да варираат од многу лесна до тешка болест. Некои луѓе кои се заразени или биле заразени немаат никакви симптоми. Најчести симптоми се температура, кашлица и замор. Други симптоми може да вклучат губење здив, болка или притисок во градите, болки во мускулите или телото, главоболка, губење осет за вкус или мирис, конфузија, воспаление на грлото, затнатост или течење на носот, дијареја, гадење и повраќање, болки во стомакот и осип на кожата.
ЖМ: Кога треба граѓаните да се јават на лекар?
-Корона вирусот ги напаѓа горните дишни патишта и се манифестира со симптоми слични на настинка, а често се јавуваат и главоболки и зголемена температура која може да трае неколку дена. Ризична група се лицата со послаб имунолошки систем, односно децата и повозрасните лица. Со оглед на тоа што симптомите се како на настинка, консултирајте се со својот матичен лекар, но не кревајте паника, сепак во голем дел случаи може да се работи за обична настинка.
ЖМ: Дали е безбедно мајката да дои ако е заразена со корона вирус?
-Сите мајки во погодените и ризичните подрачја кои имаат симптоми на треска, кашлица или отежнато дишење, треба рано да побараат медицинска помош и да ги следат упатствата на давателот на здравствена заштита. Имајќи ги предвид придобивките од доењето и незначителната улога на мајчиното млеко во пренесувањето на други респираторни вируси, мајката може да продолжи со доењето, притоа применувајќи ги сите потребни мерки на претпазливост.
ЖМ: Засега нема воведување на некои подрастични мерки за ковид, освен задолжителни маски во здравствените установи. Што мислите вие дали ова е доволно засега?
-Јас мислам освен носење на задолжителни маски во здравствените установи пред да се отворат установите потребно е да се исчистат и дезинфицираат сите простории во објектите, да се направи чистење и дезинфекција на целата опремата и инвентарот (во магацините, пералните, собата за изолација, административните простори и другите простории во објектите). После извршената дезинфекција да се направи проветрување на просториите.Установата да обезбеди доволна лична заштитна опрема (маски и ракавици ) за вработените. Установата да обезбеди доволна количина на средства за одржување на општа и лична хигиена, средства за дезинфекција на вработените и просторот. На влезните врати во објектите да има поставено бариера за дезинфекција. Хронично болните да бидат ослободени од работа. Вработените да се однесуваат одговорно и да се придржуваат кон општите препораки за превенцијата на КОВИД-19 (физичка дистанца и употреба на лична заштитна опрема).Веднаш да се отстранат вработените лица од своите работни места доколку имаат било какви симптоми на болест.
ЖМ:Има ли потреба од паника со оглед дека бројот на заразени не се кажува,а информациите велат дека вирусот се шири?
-Простор за паника од корона вирусот во нашата земја не постои...Здравствениот систем од ден за ден ја следи состојбата на новозаразени станува збор за вирус што дава многу слични симптоми на грипот. Може да помине со лесна и средна форма, но и со тешки форми кои што еве веќе предизвиукуваат и смрт кај пациенти заболени од овој вирус. Потенцирам дека тоа се пациенти кои се постари со намален имунитет и пациенти кои имаат хронични заболувања.
ЖМ: Која возрасна група е најмногу на удар, и посебно да внимава?
Регистрирани се заболени лица од сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст од 30-39 год, 20-29 год и 40-49 год.Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9год. Најчесто се заразувале лица над 60 години, кои и таквите лица на оваа возраст треба најчесто да внимаваат и да бидат препазливи.
ЖМ: Време е и на есенски настинки – на што да се обрне внимание кога ќе залади и времето?
-Најдобриот начин да се борите против лошите есенски настинки е да се заштитите од нив. Бидејќи поголем дел од бактериите се шират поради контакти со други лица или други површини и предмети кои сите ги допираат, најлесниот начин за да ги намалите шансите за настинка е редовно да ги миете рацете со топла вода и сапун секогаш кога ќе имате можност. Ова е посебно важно за сите кои секојдневно контактираат со повеќе лица. Друг ефикасен начин за да се чувате од есенската настинка е да бидете сигурни дека вашето тело е спремно да се бори против нив. Како да го направите тоа? Најлесниот начин е да бидете активни за време на мократа и студена есен и да го одржувате вашиот имунитет. Секако, трчање или пак возење велосипед. Исто така дека е важно каков чај пиете. Најдобрите чаеви кои може да ги пиете за време на ладните денови и кои ќе ви помогнат да ги победите настинките најчесто се билните и овошните чаеви, а за дополнителни резултати треба само да додадете сок од лимон и лажица или две природен мед. Доколку пушите цигари и продолжите да го правите тоа додека сте настинати, непријатните симптоми ќе станат уште понепријатни. Пушењето го намалува имунитетот, го иритира грлото, го отежнува дишењето и создава главоболки, па затоа држете се настрана од цигарите додека вашето тело се бори против настинката. Колку пати кога сте биле дете сте слушнале дека не треба да излегувате на ладно време без долна маица? Ниските температури секако дека директно не ги предизвикуваат настинките (настинките се вирусни инфекции), но сигурно е дека ја уништуваат ефикасноста на имунитетот. Па затоа отворете го плакарот со зимски додатоци како што се шаловите, капите и ракавиците уште пред да дојде зимата. Некои луѓе можеби чудно ќе ве гледаат, но тие може да ги поминат наредните неколку дена во кревет, кога настинката ќе ги мачи, а вие ќе бидете здрави како дрен. Сериозно, излезете од топлото ќебе кое ве грее во овие студени денови и поминете време надвор. Дури и ако сонцето не грее толку како во лето, сепак тоа е некаде меѓу облаците и му дава на вашето тело витамин Д, кој му е потребен на вашето тело за да може соодветно да работи. Само внимавајте, не поминувајте многу време во толпи од луѓе, бидејќи шансите да фатите настинка од другите се многу големи.
ЖМ: Како да го зајакнеме имунитетот во есен и зима?
-Имуниот систем го сочинуваат различни видови на клетки, органи, протеини и ткива. За да го зајакнеме имуниот систем потребно е да се придржуваме до здравиот животен стил, односно да се храниме квалитетно, да имаме редовна физичка активност, да престојуваме на свеж воздух, да не земаме антибиотици кога не е потребно…Витаминот Д има две многу важни улоги , антинфламаторна и имунорегулаторна. Поради тоа е многу важен за функционирањето на имуниот систем, бидејќи со своето дејство тој го заштитува телото од инфекции, недостатокот на сон може негативно за влијае на имуниот систем. Возрасните и децата кои не спијат доволно и немаат квалитетен сон имаат многу поголеми шанси да се разболат кога се изложени на вируси. Спиењето исто така влијае и на брзината на опоравување кога ќе дојде до болест. Освен што ќе се чуствувате здраво и силно, вежбањето и поминувањето доста време на свеж воздух, може да ви помогне и во зајакнување на имуниот систем. Затворениот простор е преполн со микроби, посебно таму каде што престојуваат деца – училници, градинки, забавишта… Поради тоа е многу важно децата, но и возрасните еден период во текот на денот да го поминат на свеж воздух. Престојот на свеж воздух го поттикнува зајакнувањето на имуниот систем, но и отпорноста на алергии кај деца.
ЖМ: Што да се конзумира а да се поминат полесно настинките и вирусите – кои се вашите препораки?
--Топла супа..пилешка, говедска каква што сакате, важно е само да не е ладна, бидејќи топлата и солена течност помага при рехидрација и при отстранување на секретот. Исто така мед кај бактериските инфекции тн. гнојни воспаленија на грлото ви е потребна помош од антибиотици бидејќи медот нема толку силни антибактериски средства. Меѓутоа, кај настинките и вирусите медот е ваш главен сојузник. Исто така грлото често ни се суши при настинките и затоа му треба дополнителна доза на хидратација, а најдобриот ефект ќе го постигнете со солената вода и на крајот најдобар ефект е да имате при настинка подигната перница бидејќи спиењето на ниска перница не е пријатно при настинката. Затоа потпрете ја главата со повисока перница и така ќе си го олесните дишењето.
Ирена Ставрова