„Сувенир из Сарајева“ и врвна „копче-дугме“ забава како сувенир за душата за македонската публика: „Бело Копче – Tribute Bijelo Dugme“ промовираа авторска песна и спот
Најпознатиот македонски трибјут бенд „Бело Копче – Tribute Bijelo Dugme“, предводен од познатите музичари Стевче Грозданов – гитара и пејачот Зоран Рудан – Цеки, вчеравечер, четврток 30 јануари 2025 во скопскиот мјузик бар „Интермецо“, приредија незаборавна ноќ за паметење.
Досега „верно на оригиналот“ и со музика и со изглед и со својот сценски настап го пресликуваа најголемиот рок ен рол бенд на сите времиња на овие простори, а однеодамна и со сопствена авторска музика, чиј старт го одбележа нивната прва песна и видеото за неа, насловена како „Сувенир из Сарајева“ (Сувенир од Сараево), која заедно со видеоспотот за неа пред македонската публика беше промовирана на најдобар можен начин.
Пред присутните гости во ноќниот клуб, пријателите, соработниците, колегите и претставниците на македонските медиуми, промоторот на ивентот, познатиот македонски музички новинар и ТВ водител Антонио Димитриевски присутните ги запозна со деталите за првото авторско чедо на бендот и видеоспотот за него. Музиката е на стариот проверен мајстор и хит мејкер Саша Драгиќ, текстот го напишал Владимир Митровиќ, а аранжманот го направил Стевче Грозданов. Песната е снимена во студиото „Целофан“ во Скопје, додека миксот и мастерингот ги направил Горан Гешовски. На песната совршено се надоврзува едноставното, но мошне функционално видео во кое покрај членовите на бендот се појавува познатата македонска актерка Катерина Шехтанска, како фотографката на групата во видеото, кое го потпишува AleXanDeR, псевдоним зад кој се крие името на познатиот македонски музичар и режисер на видеоспотови, Александар Ристовски Принц.
Како што кажа и самиот модератор на настанот, песната не случајно е избрано да го носи тој наслов, како што не е случаен ниту изборот да биде отпеана на јазик кој го разбираа поширокиот екс ЈУ регион, зашто „Бело Копче – Tribute Bijelo Dugme“ имаат цел токму него да го освојуваат. Првите настапи надвор од Македонија на разни моторџиски собири и други рок ивенти се веќе тука, како и оној неодамна во Сараево, во ноќниот клуб „Слога“ , култното место каде што и самите „Бијело дугме“ го имале својот прв настап. Што се однесува до самата песна, музички целата оддава амбиент на прочуената сараевска школа од средината на 70-ите до крајот на 80-ите, кога на прочуениот сараевски рокен ен рол мирисаше целата екс Ју сцена, па и целиот Балкан. Токму со таков сензибилитет, со таа нота на вдахновеност и шмек кој потсетува на тие убави времиња дише и првата песна на „Бело Копче“. Да е некое друго време, слободно би можела да биде нова песна на некои од споменатите бендови, вклучувајќи го и самото „Дугме“.
Музички перфектно отсвирена, пејачки Цеки ја вметнал целата експресија која ја поседува од влијанијата на големите пејачи како Бебек, Тифа или Ален, но како што и самиот одговори на прашањето на водителот, најмногу се потрудил да и вдахне и свој дух и сопствена емоција, што на песната и дава дополнителна свежина која ја прави блиска и за новите деца…
По презентацијата на видеозаписот, бендот ја отсвире „Сувенир из Сарајева“ премиерно и во живо, но вистинската рок ен рол „копче-дугме“ забава допрва ќе следува, откако бендот по кусата пауза за костимирање се врати на сцената, за потоа во два и пол часа жива свирка на присутните да им приреди вистинско аудиовизуелно уживање „за сите пари“. Стевче, Цеки, Боби и дружината „ги прошетаа“ присутните во клубот низ сите фази на „Бијело дугме“ свирејќи ги и буквално „верно на оригиналот“ нивните незаборавни хитови.
Музичка екскурзија низ старите добри времиња, навраќање на спомените кога царуваа вистинските вредности и во животот и во рок ен ролот, атмосфера полна со емотивен набој и фитбек од публиката која во еден глас ги пееше сите песни заедно со групата, која пак „остави срце на бината“ за да ја направи и сопствената промоција и таа вечер на публиката – незаборавна. А публиката си замина дома презадоволна, емотивно исполнета, со „сувенир во душата“ од вечерта на која долго ќе се сеќава!
Фото: Јованка Гроздановска/Вангел Тануровски