Сузана Турунџиева: Животот ме научи прво да си ги „измијам“ мислите, а потоа телото - со огромна радост ја „облекувам“ најубавата насмевка и излегувам од дома

Добивај вести на Viber

Како тинејџерка го негувала хипи стилот – долги широки сукњи и бели кошули. Во тоа време хит биле и кожните бохо чизми со реси кои ги набавувала од Франција, Германија и Шпанија, на многуте турнеи и екскурзии каде патувала со хоровите во кои пеела. Но, исто така храбро носела и мини здолниште, кога температурата во Битола паѓала на-28 степени под нулата.

Стилот на Сузана Турунџиева, нашата популарна пејачка и водителка доживеал многу промени на низ годините. Но, една размисла останала иста-дека во ултра скап фустан ќе изгледа подобро, поотмено или посамоуверено, отколку во просечно скапа облека.

· ЖМ: Оставате впечаток на убава и уредна жена. За да се стекнат овие епитети потребна е желба, цврста волја или божја дарба? Како би го дефинирале Вашиот стил на облекување?

·-Мојот стил на облекување претрпе многу промени низ годините, патем ви благодарам на забелешката. Да, се трудам да бидам уредна, да изградам некој „мојски“ стил, независно од актуелните модни трендови, на кои никогаш, ама баш никогаш не им робував. Но, за да изградиш свој личен стил вистински е потребна пред сè дарба, волја, смелост, ама и вродено чувство за естетика. Во минатото за таа цел многу често консултирав наши домашни дизајнери и препуштав се во нивни раце, а сега, да бидам искрена, уживам сама да си одбирам што ќе носам, од каде ќе го купам, како ќе го комбинирам и тотално сум растоварена од тоа дали тоа им се допаѓа на модните критичари или не.

· ЖМ: Кога не би постоеле жените дијамантот би бил обичен камен-рекол Виктор Иго. Колку за целокупниот гламур на жената битни се скапите и луксузни нешта? Каков е Вашиот однос кон овие нешта? Дали сакате с$ што облекувате да биде гламурозно или од позната фирма?

· -Никогаш не мислев, а не мислам ни сега дека во ултра скап фустан ќе изгледам подобро, поотмено или посамоуверено отколку во просечно скапа облека. Сум имала прилика да носам и многу скапи парчиња и сосема обични фустанчиња во кои сум се чувствувала подеднакво добро. Можеш да го облечеш и најскапиот фустан, ако самодовербата ти е ниска, расположението ти е „старо‘, џабе се на тебе е ново! Животот ме научи наутро кога ќе станам, најпрво да си ги „измијам“ мислите, а потоа телото. Потоа облекувам чиста, уредна облека и нанесувам малку шминка, а најпосле со огромна радост ја „облекувам“ најубавата насмевка и излегувам од дома. Со таа насмевка ја поздравувам онаа која ме чека во огледалото од мојот лифт и ѝ велам: Денес е твој ден, напред чупенце, Ти можеш СЕ! Нели е тоа луксуз, кој не умее секој да си го дозволи?!

· ЖМ: Кои делови од облеката се Ваша страст? Што најмногу доминира во Вашиот орман и во која боја?

·-Во мојот орман има се и сешто: Од класична еднобојна облека која ја практикувам исклучиво за во емисија, бидејќи утринската програма не ми дозволува баш многу гламурозни, слободни креации, ниту пак шаренила, па се до лабави, шарени бохо комбинации во кои уживам последните 7,8 години. Уживам во долги ленени кошули со многу, многу ѓердани, широки хурем панталони, тексас јакни комбинирани со многу додатоци и живи бои, како и безброј рачно изработени ташни. Белата боја ми има значајно место во облеката за сите годишни времиња!

· ЖМ: Убавината може да биде непријател, а не сојузник кон патот до успехот. За да се успее во животот најбитни се квалитетот и вештината што ја поседува личноста. Како би ја надополниле оваа дефиниција со ваши размислувања?

Убавината, мислам на физичката може да биде огромна предност за секоја жена, но и проклетство за оние кои одбираат да го живеат животот по „пократкиот“ и „полесниот“ пат … Тоа се за жал оние „убавици“, кои неретко знаат сами да се вклучат на опцијата „автоматски пилот“ и да дозволат некој друг да управува со нивните животи. Сретнав многу преубави (физички) жени кои направиле несреќни избори или пак се заглавени во некои несреќни врски, наспроти просечно убави жени кои ми делуваат сто пати поубави од оние другите, затоа што од нивните очи зрачи вистинска среќа, задоволство и жизнерадосност. Затоа ќе речам: Убавината ја гледам внатре, а не надвор кај луѓето!

ЖМ: Какво дете бевте? Дали внимавате како ќе изгледате?

- Во Битола не постои чупе кое не сака да се дотерува. Таму сите се дотерани, средени, дури по сред бел ден да излезете на Широк сокак, сите чупиња се во штикли, стокмени, намонтирани … Таму нема денско кафе во тренерки. Како мала сакав многу повеќе да шетам и да си купувам, отколку сега. Сега купувам наменски, без многу шетање и размислување, туку го купувам првото кое ми се допаѓа. Додека во минатото не ме мрзеше со денови да шетам, да споредувам и да го изнајдма идеалното парче облека. Ако моите не ми го купеа истиот ден кога ќе им кажев дека ми се допаѓа, се лутев и не разговарав сè додека не ми го купат.

ЖМ: Тинејџерските години се период кога го спознаваш своето тело и почнуваш да се формираш, да бараш и експериментираш. Каков беше Вашиот стил во тој период?

- Како тинејџерка го негував хипи стилот, долги широки сукњи и бели кошули. Во тие 80-те години хит беа кожните опинци, кои задолжително ги носевме од април до октомври. Бев меѓу првите во тие 80-те години кои во летниот период носеа кожени бохо чизми со реси кои ги набавував од Франција, Германија и Шпанија на многуте турнеи и екскурзии каде патувавме со хоровите во кои пеев. Но, исто така знаев и храбро да носам мини сукња, која во битолските зими сум ја носела и на-28 под нулата

ЖМ: Како гледате од оваа временска далечина на периодот кога се занимававте со музика? Имавте ли стилист за настапи?

- Иако моите настапи се многу поретки од оние во минатото, јас сè уште за одредени поводи консултирам стилист и најчесто довербата и ја давам на мојата драга стилистка Јана Манева Чупоска, која ги има изработено најголем број од креациите кои во минатото ги носев на фестивалите додека бев заштитно лице на модната куќа Кара. Инаку, од оваа временска далечина се трудам да се ослободам од сè што е вишок во мојот живот: вишок облека, додатоци, вишок обврски, вишок чевли, предмети … Бидејќи сè што се собирало низ годиниве и што е направено или купено само заедно облекување навистина ми создава хаос и ми го затвора енергетскиот простор

ЖМ: Кој се грижи за Вашиот изглед пред камерите?

- Алфа ТВ неколку пати во годината ни овозможува соработки со некои текстилни фирми или македонски бутици, каде си бираме облека, така да сето тоа во комбинација со мала интервенција и од моја страна, користејќи ги моите приватни парчиња облека, се трудам да правам интересни комбинации. Морам да признаам дека непрестајно во мојот инбокс на социјалните мрежи добивам понуди за соработка со наши, македонски бутици и текстилни компании, па којзнае, можеби повторно ќе се одлучам да отпочнам некоја посериозна и подолгорочна соработка како онаа пред 20 години со Орка Холдинг.

ЖМ: Косата е ваш заштитен знак. Кои препарати ги имате во својата тоалетна торбичка?

- Да, косата е оној битен „детал“ кој не се откажа од мене, дури и тогаш кога јас се откажав од неа. За жал, речиси 20 години јас упорно одев спротивно на природата во мене и ја исправував косата со фенирање. Да не ни се случеше пандемијата во 2020, можеби никогаш немаше да се охрабрам да си ја вратам назад мојата природна кадрава коса. Да, како девојче во средношколските денови, па и порано не си ја сакав и не си ја прифаќав како украс, но сега во овие зрели години, ќе признаам дека вистински сум благодарна што сум родена со ваква коса и со гордост си ја носам и одржувам. Во мојата ташна, каде и да патувам, секогаш имам пена за коса, која е поддршка за моите локни.

ЖМ: Имате ли посебен однос кон храната – како израз на размислување и живеење? Дали готвите? Како ја одржувате линијата?

- Храната е многу важен сегмент за нашето здравје. Пред да кажам што било, ќе речам: Се што ќе заштедите на храна, ќе го потрошите на лекови! Затоа, не штедете на храна, нека има разновидна, калорична и богата со протеини, витамини и јаглехидрати храна. Редовните оброци, овошјето и зеленчукот треба да бидат на секојдневната трпеза, ако не можеме од се, барем од она што е од наше поднебје. Линијата е веројатно поддржана од добрите гени, но секако и од дисциплинираниот начин на живот: јога, пливање, пешачење, редовни вежби во домашни услови …

ЖМ: Која е најбесмислената работа што сте ја купиле?

Одамна не сум купила нешто што не ми е потребно, но, затоа, во минатото, често знаев да ја практикувам онаа: Нека ми се најде за некаде! И нормално, многу од тие несреќно купени парчиња, никогаш не ми се најдоа за никаде, туку завршија во плакарите на моите другарки, внуки, братучетки.


ЖМ: Емотивните кризи некој ги лекува со шопинг и менување на фризура. Со што го лекувате лошото расположение. Што најчесто може да Ве насмее?

Никогаш лошото расположение не го лекував со шопинг, изгледа јас сум некоја чудна сорта на која тоа досега никогаш не и паднало на памет! Во таквите моменти јас знам да седнувам на клавирот и да свирам и пеам, да ставам нешто на хартија или да седнам на моето биро и да нацртам или изработам некоја нова изработка од моите камчиња. Тие се мојиот лек, терапија и секое време поминато во креативни цели ми го елиминира и стресот и тагата. Во последно време, единствено нешто што може да ме насмее е мојот внук Јаков, кој е најсветлата точка во мојот живот. Неговото брилијантно мозоче, чистото душиче и дружбите со него ми се поскапоцени од кој било шопинг, па дури и да ми нудат бесплатно да земам се од најскапите бродавници! Рачињата на Јаков на мојот врат, се најскапоцениот ѓердан кој некогаш сум го имала.


Каков е вашиот стил на живот?

- Мојот животен стил е една непредвидлива импровизација. Се трудам да учам по нешто ново секој ден. Не дека имам некој животен стил кој е уникатен или посебен, едноставно учам, импровизирам и гледам исклучиво само напред … Мислам дека успеав низ годиниве да ги поедноставам нештата, да бидам практична, да го намалам стресот, да се фокусирам на сè што ми е битно, да не одложувам и да не оставам ништо за утре, да се будам рано и да го зграпчувам денот, да го започнувам секој ден со благодарност, молитва и со убава мисла …

С.А.Н