TAA E… Тања Кармзова-Костиглиола: „Најтешката борба ми беше да си ја признаам љубовта кон Франција, а притоа да немам впечаток дека ја изневерувам Македонија“

Добивај вести на Viber

Таа е мојот одраз во огледалото, но помудра, поистрајна, похрабра, со перо кое дроби од убост и реалност. Се најдовме уште пред да се видиме (затоа ги сакам социјалните мрежи) и си ги намирисавме душите. Иако многу помлада од мене, во неа има мудрост чиниш со себе носи векови и векови искуство. Ја имав честа да бидам на нејзината промоција на книгата “ТРНОТ Е ВО НАДЕЖТА” и при првата средба само ми се потврди дека секој од нас си има сродна душа.

Не можам да ви доловам каков благодет ми се муабетите со неа, пиењето кафе на вибер додека меѓу нас зјаат скоро 2000 километри, а сепак, како да ми е тука, до мене. Кога беше дојдена во Скопје пред неколку години ми беше гостинка (или повеќе личеше како да ми е дел од домот, оти нејзината енергија и сила само ми го збогатија раатот дома) и тие 2-3 вечери исполнети со бесконечни муабети и вино, уште ме греат кога ми се чини дека се’ е отидено удолу. И двете (такви какви што сме) една ноќ со часови ловевме богомолка за да ја извадиме надвор од станот, притоа пазејќи да не ја повредиме или исплашиме.

Најголемата среќа е кога човек успева низ животот да си ги најде луѓето со кои ќе кликне од прва, кои ќе бидат дел од нашето битисување какви и да се околностите или приликите. Најголема среќа е да го чувствувате спокојот од сознанието дека имате кому да си ја распостелите душата без ниту една ронка сомнеж. Најголема среќа е да имате со кого да бидете свои, а таквите пријателства остануваат да живеат додека дишете.

Радост ми е и голема љубов да ви ја најавам мојата денешна гостинка во ТАА Е...

Ladies and gentlemen… Тања Кармзова-Костиглиола!

РАСПЕТИЕ НА ДУШАТА, КУТИЈА СО СОЛЗИ, ТРНОТ Е ВО НАДЕЖТА, ДВАЕСЕТ И ЕДЕН ГРАМ. ЧИНАМ ДЕКА ДУШАТА И НЕЈЗИНАТА СОСТОЈБА Е НЕСПОРНО ДОМИНАНТНАТА ИНСПИРАЦИЈА ВО ТВОИТЕ КНИГИ. АКО СТАВИМЕ НА КАНТАР СЕ ШТО НИ СЕ СЛУЧУВА, КАКО СТОИМЕ СО ДУШАТА ВО ДЕНЕШНИЦАВА? ЈА ИМА ИЛИ ПОЛЕКА СЕ ГУБИ?

Прилично лошо стоиме, би рекла, но не безнадежно. Нашава генерација е некоја сорта на жртва сама на себеси, меѓу здравствени, социо-економски, политички, идентитетски и какви уште не кризи. Една од мааните ми е оваа претерана рационалност и потреба сè да идентификувам, да измерам, да дефинирам. Почнувам да мислам дека тоа е мој очаен обид да сфатам и разберам, да прифатам нешто што навидум ми е далечно. Затоа, сè помалку ставам на кантар, но сè повеќе слушам, гледам, читам. Она што ме загрижува е отуѓеноста и рамнодушноста кон истата и од оние што ја живеат и од оние што ја наоѓаат кај некој друг. Чинам дека таа е најголемата опасност што ги демне душите, а не ја мериме/есапиме доволно. Но, сакам да верувам дека нема да биде пресудна, инаку – чуму нашето постоење, чуму сеќавање на предците, чуму надеж во потомците ?!


ДВАЕСЕТ И ЕДЕН ГРАМ Е ДЕЛО СО КОЕ ВО 2020 ГОДИНА БЕШЕ ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА СТОЈАН ХРИСТОВ ЗА НАЈДОБРА КНИГА ПОЕЗИЈА ОД ДИЈАСПОРАТА ВО РАМКИТЕ НА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА. ДАЛИ НАВИСТИНА ТОЛКУ ТЕЖИ ЕДНА ДУША?

Насловот што го избрав беше мој начин да си поиграм со читателот, но и да го натерам на размислување. Оваа средновековна теорија за тежината на душата е одамна побиена од научен аспект, ама ми се чини доволно зајадлива, од анегдотска гледна точка, за да нè усмери кон философско размислување. Што всушност мериме ние во една душа ? Во која мерна единица ? По чие скалило ? Ако денес речам дека душата на Хитлер тежела педесет пати повеќе од онаа на Ана Франк, нема ли таа тежина да ја протолкуваме како онаа на гревот ? И обратно, нема ли таа маса да ѝ ја препишеме на емотивната зрелост, храброст и големина на малата Ана ? Тоа ми беше поентата и на насловот и на истоимената песна што, мислам, е соодветно надополнување на оваа сосема намерна и свесна конфузија што ја иницирав.

ОДАМНА СИ ВО ПАРИЗ (АКО НЕ ГРЕШАМ, ВЕЌЕ 15-ТИНА ГОДИНИ). ШТО ТЕ ВООДУШЕВУВА И ШТО ТЕ ЗГРОЗУВА ВО ГРАДОТ НА СВЕТЛИНАТА?

Ах, со Париз го имаме тој нездрав однос на наизменично љубење/мразење, што јас го перцепирам како двонасочен. Ме фасцинира дел од архитектурата, пространите паркови и бројните музеи. Посебно ми е важен фактот што концерти има постојано, што градот е колку-толку жив и покрај минатите и актуелните кризи и што секој може да си најде сопствена палета задоволства што не се финансиски товар, доколку навистина сака. Се ужаснувам од нечистотијата, сообраќајниот метеж, нефункционалноста на јавниот превоз, чувството на небезбедност во одредени квартови, во одредени часови и често, климата. Интересно е што кога јас ќе поитам кон Париз одлично расположена и облечена во некој, да речеме, цветен дезен, ќе ме пречека со бура или некоја незгода, речиси задолжително. И обратно. Има некоја чудесна двојност во нештата, зарем не ?


ИМАШ ЛИ СВОЕ КАТЧЕ ВО ПАРИЗ ВО КОЕ ОДИШ ДА ПИШУВАШ ИЛИ ЕДНОСТАВНО ДА ЗДИВНЕШ ОД СЕКОЈДНЕВИЕТО СО КАФЕ/ВИНО?

Редовно седам во универзитетската библиотека или во дворот на кампусот. Ако решам да «денгубам », односно да се опуштам, земам кафе од киоск или бар и му се предавам на паркот Монсо. Пишувам во воз, дури патувам, постојано барајќи начин да го оптимизирам времето. А виното ми е еликсир после напорен период, мојата амброзија што задолжително ја делам со драги луѓе, во речиси тотална негрижа за местото што нè трпи (се смее).

ЖЕЛНА СУМ ЗА МИР ОКОЛУ МЕНЕ. ЗА ДА МОЖАМ ДА СИ ОБЈАВАМ ВОЈНА САМАТА СЕБЕСИ И ДА ЈА ВОДАМ БЕЗ ТОРМОЗЕЊЕ. ПА ДА ИЗВОЈУВАМ ПОБЕДА. (ОД СТИХОЗБИРКАТА ТРНОТ Е ВО НАДЕЖТА). МИРОТ ОДАМНА КАКО ДА НЕ ИМА СИТЕ НАПУШТЕНО. УСПЕВАШ ЛИ СЕПАК ДА ИЗВОЈУВАШ ПОБЕДА БАРЕМ НА НЕКОЛКУ ФРОНТОВИ, АКО НЕ НА СИТЕ?

Ако треба да го земам предвид внатрешниот мир, неодамна ми стана јасно дека ниту го имам, ниту ќе го имам. И тоа ми е сега сосем во ред, оти веројатно таков ми е теркот и мојот мир е всушност - немирот. Важно ми е да не ми биде пречка, туку сојузник. Понекогаш успевам, другпат потфрлувам. И веројатно тоа е некоја суштина на денешницава : постојана борба, лична, општествена, цивилизациска. Можеби тоа се педалите што го овозможуваат вртењето на Земјата.


ЖЕНА, ПОЕТЕСА, СТУДЕНТКА, МАЈКА, СОПРУГА. КОЛКУ Е ЛЕСНО ЕДЕН СЛОБОДЕН ДУХ ДА ЖОНГЛИРА СО СИТЕ ОБВРСКИ?

Да бидеме реални, не е лесно. Пред нешто повеќе од шест месеци го прекинав деценискиот ангажман во аптека токму поради неможноста да жонглирам со сè истовремено. Сиве овие улоги ми се исклучително важни, од витално значење. Дефинитивно мајчинството стои над сите, колку и тоа да звучи клише, ама « женскоста » е таа што ги чува сите под своето ѕвоно. Слободниот дух е капацитетот да се циркулира и преминува од една улога во друга. Никогаш не е избалансирано, ама таква е играта : важно е да биде објаснета и санирана итноста, што некогаш ќе биде зависна од едната, другпат од другата улога. И да, обврски се и бракот и мајчинството, иако преферирам да ги гледам преку призмата на императиви за среќа.

ЖИВЕЕШ НАДВОР ОД ПАРИЗ, ВО ЗЕЛЕНИЛО И СПОКОЈ, НО СЕКОЈДНЕВНО ПАТУВАШ СО ВОЗ ДО ЦЕНТАРОТ НА ГРАДОТ ЗАРАДИ ОБВРСКИТЕ КОИ ГИ ИМАШ. ТУКА КАЈ НАС, НЕКАКО КАКО ЛУЃЕТО СЕ УШТЕ ДА НЕ СЕ СПРЕМНИ ДА ЈА НАПУШТАТ БЕТОНСКАТА ЏУНГЛА. МОЖЕБИ Е ТОА ЗАРАДИ ОТЕЖНАТИОТ ПРЕВОЗ, МАТЕРИЈАЛНАТА СОСТОЈБА ИЛИ НЕМАЊЕ ЖЕЛБА ДА СЕ НАПУШТИ ПРИВИЛЕГИЈАТА НА СЕ МИ Е НА ДОФАТ. КОИ СЕ БЛАГОДЕТИТЕ ДА СИ, А СЕПАК ДА НЕ СИ ВО МЕТЕЖОТ?

Апсолутно сум неспособна да живеам во Париз. Настрана буџетните разлики, имам вистинска потреба од селото. Градот е зуење, селцето, што официјално е гратче, е тишина што ми е насушна. Воздухот е дефинитивно почист, што е огромна привилегија, просторот со којшто располагам е прилично простран и приватноста е подостапна. Метрополата ми е ортак, руралната средина – конечност и бесконечност што ми гарантира релативно квалитетна егзистенција.


НИКАДЕ НЕ Е СОВРШЕНО, НО МИСЛАМ ДЕКА Е ПОТЦЕНЕТ СПОКОЈОТ НА ДУШАТА (ЕТЕ, ПАК СЕ ВРАЌАМЕ НА НЕА). ШТО ТЕ ПРАВИ СПОКОЈНА? НА КОЈ НАЧИН СЕ ВРАЌАШ НА СЕБЕ ПОСЛЕ СИТЕ ИЗМЕСТУВАЊА КОИ НИ ГИ ПРАВИ СЕКОЈДНЕВИЕТО?

Со пиење кафе (се смее), ете и нему му се враќаме. Со кафето, некогаш ми треба книга, некогаш музика, филм, гушкање, разговор. Прилично сум непостојана во потребите, морам да признаам, но не сум каприциозна. Освен душевната храна во којашто ги класифицирам љубовта и знаењето, немам потреба од никакви хиперболи.

ПИШУВАШ И АНАЛИЗИ, ОСВРТИ НА ПОЛИТИЧКИ МОМЕНТИ И СИТУАЦИИ, ГЛАСНО И МНОГУ ЈАСНО ГИ КАЖУВАШ СВОИТЕ СТАВОВИ. КОЛКУ Е ИСПЛАТЛИВО (НЕ МИСЛАМ МАТЕРИЈАЛНО, ТУКУ ОД АСПЕКТ НА СОЧУВУВАЊЕ НА СОПСТВЕНИОТ МИР) ДА СЕ ГОВОРИ ГЛАСНО ЗА ОНА ШТО НЕ БОЛИ ИЛИ ОБЕСПРАВУВА?

Ваквите ангажмани морав да ги сведам на минимум пред три години, сосема свесно и постепено. Нејсе, исплатливо е да се крене глас затоа што тоа ослободува од некој вид на морален товар, затоа што е чист одраз на умот, а не обид за манипулација на масите, затоа што е соочување со оние што те читаат, но и со себеси, оти останува трага од таа некоја идеолошка борба пред којашто потенцијално можеме да се најдеме ако нашите ставови еволуираат. Тогаш треба да имаме интелектуална чесност прво пред себеси да си ги признаеме грешките и пропустите, па и храброст да ги извадиме од под черга ако некој што нè читал ни ги посочи. Драстично намалените интервенции кај мене не се резултат на страв или заплашување, туку на две други реалности : патот на професионално преусмерување одзема многу време, особено во рамките на семејна ситуација како мојата и апатијата.  Од оваа позиција на иселеничка, немам впечаток дека значително би помогнала да се смени курсот на околностите. Но, не ја исклучувам можноста да вклучам « турбо » доколку погоре наведените реалности се променат.

ВЕЛАТ ДЕКА ФРАНЦУЗИНКИТЕ СЕ БЕЗВРЕМЕНСКИ ЖЕНИ. ШТО Е ТОА ШТО ГИ ПРАВИ ПОСЕБНИ И СВОИ?

Не можам да се согласам во целост со ваквата афирмација, затоа што виртуелниот свет си го направи своето и таа безвременост неповратно се губи, за жал. Ако ја проширам троа дефиницијата, можеби безвременоста лежи во нивната различност, во смисла на хетерогеноста на општеството. Овде секој има корени од некаде, или речиси и тоа е (по мое) тајната на нивниот шарм.

БИ СЕ ВРАТИЛА ЛИ НЕКОГАШ ВО МАКЕДОНИЈА И ПОД КОИ УСЛОВИ? ДАЛИ НЕКОГАШ СЕ КАЕШ ДЕКА СИ ЗАМИНА ИЛИ АКО СЕ ВРАТИШ НАНАЗАД, ПОВТОРНО БИ ИЗБРАЛА ЖИВОТ ВО ТУЃИНА?

Најтешката борба ми беше да си ја признаам љубовта кон Франција, а притоа да немам впечаток дека ја изневерувам Македонија. За многу кратко, ќе се изедначи бројот на годините што ги поминав овде со оние што ги поминав таму. Со сите нејзини недостатоци и предности, Франција ме освои и денес тоа можам да го кажам без чувство на вина. Ретко се каам за било што, но знам да признаам кога грешам. И по цена на негативни реакции и коментари, сакам да бидам искрена и да кажам дека не, не се каам, ниту ми беше грешка одлуката да се преселам, оти тука изградив дом, семејство, кариера. Сметам дека си го најдов местото. Тоа не значи дека го имам изгубено чувството за припадност и свесноста за моите корени, туку дека нема соодветен сплет на околности што би ми дал желба да се « откорнам » и од овде. Не би предвидувала ништо за во иднина, оти ако нешто научив, тоа е дека чудото живот носи со себе едно чудо мали чуда.

НЕ СИ ЧОВЕК КОЈ ДОЗВОЛУВА ДА МУ НЕДОСТАСУВААТ ЛУЃЕТО КОИ ГИ ЉУБИ. ВИБЕР, ФЕЈСБУК, МЕСИНЏЕР, ВИДЕО РАЗГОВОРИ ...ЕДНОСТАВНО, КАКО ДАЛЕЧИНАТА ДА НЕ Е НИШТО КОГА Е ВО ПРАШАЊЕ ОДРЖУВАЊЕ НА КОНСТАНТНОСТ ВО ПРИЈАТЕЛСТВАТА. СЕПАК, КОЛКУ ТИ НЕДОСТАСУВА ФИЗИЧКИОТ КОНТАКТ СО ПРИЈАТЕЛИТЕ, ОДНОСНО КОЛКУ УСПЕВААТ СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ ДА ГО КОМПЕНЗИРААТ ТВОЕТО ОТСУСТВО?

Ах, не би рекла дека успевам да ја надмудрам далечината, за жал. Максимално се трудам, а чинам дека никогаш не сум била помалку редовна од сега. И знам дека односите се оладуваат, дека сите сме со свои обврски и со свои временски пречки што воопшто не се добар микс со километрите. Пандемијата, семејните и професионалните обврски направија еден кратер меѓу мене и луѓето што ми се драги, и тоа не само од Македонија. Но, убедена сум дека наскоро ќе можеме да ги освежиме пријателствата, затоа што имам огромна желба да дојдам.


ОБРАЗОВАНИЕТО НИ Е НА СТАКЛЕНИ НОЗЕ, ЗДРАВСТВОТО НИ ТОНЕ. КАКО Е ВО ФРАНЦИЈА? ШТО Е ТОА ШТО ТИ СЕ ДОПАЃА ВО НИВНАТА ПРАКСА КОГА Е ВО ПРАШАЊЕ КЛУЧНОТО, ЗДРАВЈЕТО НА ДЕЦАТА И НИВНАТА НАОБРАЗБА?

Мислам дека регресијата е глобална, само што стартната положба на Македонија беше критична, па последиците од низата кризи се многу подраматични и повидливи. Образованието и овде има тенденција да се влошува, недостиг на образовен кадар, буџетски рестрикции, реформи често пишувани од бирократијата што нема познавања од теренот. Квалитетот на здравството исто така опаѓа, впрочем, тоа беше една од споредните причини за да се одлучам за целосна промена на професијата. Сепак, не можам да негирам дека болниците се одлично екипирани (освен со медицински персонал, што навистина недостига). На темата образование, би издвоила само едно нешто што ми се чини круцијално : Франција многу малку инсистира на учење напамет, вклучително и дефиниции, многу повеќе фаворизира анализа на конкретни случаи, еден вид на применети науки, па и јазици.

ЕДВАЈ ЧЕКАМ ДА ГО ПРОЧИТАМ НАСЛОВОТ НА СЛЕДНАТА ТВОЈА КНИГА (УБЕДЕНА СУМ ДЕКА ПОВТОРНО ЌЕ Е НЕШТО ПОВРЗАНО СО ДУШАТА). КОГА ДА ОЧЕКУВАМЕ НЕШТО НОВО ОД ТЕБЕ, НО СО ОРГАНИЗИРАЊЕ ПОГОЛЕМ НАСТАН НА КОЈ ДОСТОЈНО ЌЕ СЕ ПРЕЗЕНТИРААТ ТВОИТЕ КНИГИ ?

За жал, не сум оптимист по ова прашање. Сето битие ми е буквално вшмукано од социјалните науки за коишто си открив таква страст, што сè уште ми е чудно, и сосема логично, го запоставив поетското перо. Верувам дека се работи за еден вид пауза и сакам да им се вратам на стиховите, ама со душа (пак !), а не поради обврска од било какви побуди. И да, кога тоа ќе се случи, ветувам убав настан што ќе сакаме да го сочуваме како заеднички спомен, оти нели, ретко имаме можност заедно да градиме спомени.


ЗА КРАЈ, ДАЛИ ИМА НЕШТО ШТО БИ САКАЛА ДА ГО СПОДЕЛИШ СО НАС, НЕШТО ШТО НЕ БИЛО КАЖАНО ВО НИТУ ЕДНО ИНТЕРВЈУ?

Би сакала да го споделам авторот и насловот на книгата што се наоѓа на мојата ноќна масичка. Исклучително фасцинантен ум, Португалецот Фернандо Песоа и неговата « Книга на немирот ». Книга што не ја читам на ред, туку оставам случајноста да одреди на која страница ќе се отвори. Адаптирана е за ваков тип на читање бидејќи се работи за грстови и грстови мисли во целосна хронолошка независност. Целта е секоја ноќ, пред спиење, да го јавнете умот во непозната насока. Пробајте ! 

Денес, ќе ве почестам со песна од Тања (патем речено, јас сум голем фан на нејзиниот пишан збор и мисла). Таа знае со неверојатна прецизност да ме погоди, замисли, натажи и израдува истовремено, оставајќи ме без зборови. Тања моја, ти благодарам што беше дел од ТАА Е... едвај чекам да те видам и многу те сакам.

Сомнеж сум,

постојана точка на рамнотежа

што се клати од сечиј здив.

Сомнеж сум,

тежам на сите страни,

и удирам во почвата

и го касапам воздухот

и носам немири при секое судирање,

при секое отскокнување.

Сомнеж сум

облечен во терезија,

товар што ползи

од една крајност кон друга

и обратно.

Сомнеж сум,

откако ти стана вина

што се изли во браздите

на сè во што некогаш верував,

и ги засипна корењата,

ги разика стеблата,

ги разнебити цветовите

и секој плод се стори камен.

Сомнеж сум,

се чукам по грбот

за да те исплукам,

се притискам на градите

за да те проголтам,

се завивам во молк

за еден ден да можам

да ти простам.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска