TAA E…Кристина Арнаудова: „Ако имате повеќе отколку што ви треба за добар живот, дајте им малку на оние кои немаат ни за оброк дневно“

Добивај вести на Viber

Фото  насловна: Стефан Соколовски

За мене, таа е жената која никогаш не мирува пред неправди, сиромаштија, нееднаквост.

За мене, таа е пример за храброст, издржливост, посветеност.

За мене, таа е искра надеж дека се’ уште има луѓе кои повеќе сакаат да дадат, отколку да земат.

За мене, таа е едноставно пример за тоа каков треба да е секој од нас.

За мене, таа дроби со гласот и разнежнува со појавата.

Импресивна беше нејзината биографија со сите песни, достигнувања, награди но секако, тоа можете да го најдете на интернет. Денес, ви ја претставувам Кристина со посебна радост, особено што знам колку ќерка ми сака да ја слуша.

Нема да должам, затоа што Кристина има многу што да ви каже.

Ladies and gentlemen…Кристина Арнаудова!

ЗАСЕКОГАШ Е ПЕСНА ЗА КОЈА МНОГУМИНА ОД НАС СИ РЕКОА ДЕКА ЕТЕ, КОНЕЧНО ДОЧЕКАВМЕ НОВО ЧЕДО ОД ЕДЕН ОД НАЈМОЌНИТЕ ГЛАСОВИ НА МУЗИЧКАТА СЦЕНА. ВО ТЕКСТОТ ИМА ДЕЛ КОЈ ВЕЛИ КОГА СМЕ СРЕЌНИ МАЛКУ СМЕ СУЕТНИ И БАРАМЕ УШТЕ СТАНУВАМЕ ДАЛЕЧНИ. КОЛКУ СРЕЌАТА И СУЕТАТА ОДАТ РАКА ПОД РАКА? ДАЛИ СМЕ ПРОКОЛНАТИ ДЕКА БАРАМЕ ПРЕМНОГУ ИЛИ ПРЕМАЛКУ ОД И ВО ЉУБОВТА?

Весна Малинова во текстот многу убаво го има опишано нашиот однос во љубовта која ја имаме, кога имаме се’. Не знаеме да го почитуваме тоа што го имаме, не гледаме што имаме, забораваме да го негуваме, да го зачуваме и така стануваме далечни....Баш така. Имам чувство дека општо како луѓе сме неблагодарни, не знаеме да сме среќни со тоа што го имаме, секогаш бараме повеќе и тоа неизбежно води кон несреќа. Љубовта е универзално чувство, не се работи само за врските, туку и за љубовта која ја даваме и примаме од секаде и од секого. Треба да научиме како да живееме постојано со тоа чувство и да сме благодарни за тоа наместо да го убиваме, да ја убиваме љубовта. Таа е како цвет, ако не се наводнува умира. Клише, ама е вистина.

ПЕСНАТА ЗЕМИ МЕ Е НАШ ФАВОРИТ (МОЈ И НА ЌЕРКА МИ, КОЈА И ДЕН-ДЕНЕС ГО ПУШТА ЦД-ТО ДОДЕКА ПАТУВАМЕ НЕКАДЕ, ИАКО СЕГА ВЕЌЕ ГО ДЕЛИ ПРВОТО МЕСТО СО ЗАСЕКОГАШ). МОЖЕБИ ЗАТОА ШТО ЛИЧНО МЕ ИМА ПОГОДЕНО БИДЕЈЌИ СЕ ПОЈАВИ ТОКМУ ВО ПЕРИОД КОГА МИ СЕ СЛУЧУВАА ИНТИМНИ ПРЕВИРАЊА, ТАА ХИМНА МИ СТАНА ДУРИ И ТРИГЕР ЗА ПИШУВАЊЕ. АКО ТРЕБА ДА ОДВОИШ ПЕСНА КОЈА Е ТВОЈ ЛИЧЕН ПЕЧАТ, НЕКОЈА КОЈА ЈА ОТСЛИКУВА КРИСТИНА СО КОЈА РАЗГОВАРАШ НАСАМО, КОЈА БИ БИЛА?

Не знам зошто, но не ги доживувам моите песни лично. Порано да, сега веќе не. Ги пеам за другите, за нивните чувства, за нивните животи, универзална порака која ја праќам и престанува да биде само моја кога ја давам на публиката. Сите велат дека мој личен печат во музиката е Прашина, па веројатно е така. Јас лично најмногу ја сакам “Возови”, бидејќи сосем нескромно сметам дека таа песна донесе нова димензија во поп рок музиката,нов пристап, генијален аранжман од Кокан Димушевски. Jјас сум поразлична во таа песна...многу е интимна. 

ДОКОЛКУ ТРЕБА ДА СТАВИШ НА КАНТАР ЗА И ПРОТИВКОГА СТАНУВА ЗБОР ЗА МАКЕДОНСКАТА МУЗИЧКА СЦЕНА ПРЕД ЕДНА ДЕЦЕНИЈА И СЕГА, ДО КАДЕ СМЕ СТАСАНИ?

Па до никаде, одиме наназад последниве 10 години ако не и повеќе. Многу малку се вистински ѕвезди кои можат да полнат сали и да продаваат карти, со чест на исклучоците што се сепак артисти од мојата генерацијаа бевме на супер пат да се стигне таму. Локални ѕвезди кај нас се артисти од Србија, Хрватска, Босна, оние кои се постојано на нашите радио станици, оние кои добиваат простор. И не гледам дека тоа ќе се промени.

УМЕТНИК, МАЈКА, СОПРУГА, ХУМАНИТАРЕЦ. КАКО УСПЕВАШ ДА ЖОНГЛИРАШ СО СИТЕ ОБВРСКИ И КОЛКУ Е ТЕШКО ДА СЕ ОДРЖИ БАЛАНСОТ ЗА ДА ГО ИСТУРКАШ ДЕНОТ?

Па потребна е одлична организација, да си поставиш приоритети. Секој ден си има свој приоритет. Заради недостаток на време, намалив од моите музички активности и професионално сум скоро сосема посветена на моето здружение “Проект среќа” кое прерасна во голема граѓанска организација каде огромен број на лица не’ поддржуваат заедно да изградиме подобар свет за многу деца на кои сме им потребни.Има денови во кои се’ ќе се собере, улогата на мајка, жена, музичар, пеачка и хуманитарен работник ќе се преклопат, и тогаш е вистински предизвик да се истрча денот. Се трудам да балансирам, но секогаш приоритет ми е да сум мајка и затоа мојот работен ден завршува во 14.30 часот, кога ги чекам децата да се вратат од школо и да ручаме сите заедно. Мислам дека нема ништо поважно од тоа. Ако тоа го немаме и го изгубиме, за што всушност работиме? 

ИМАШ СПЕЦИФИЧЕН СТИЛ НА ОБЛЕКУВАЊЕ СО КОЈ СЕКОГАШ СЕ ИСТАКНУВА КОЛКУ СИ СВОЈА. КОЛКУ ШТО МОЖАМ ДА ПРИМЕТАМ НЕ ГИ СЛЕДИШ МОДНИТЕ ТРЕНДОВИ И НЕ ДОЗВОЛУВАШ ОБЛЕКАТА ДА ТЕ ДЕФИНИРА, ТУКУ ЈА ПРИЛАГОДУВАШ НА СВОЈОТ КАРАКТЕР. БЕЗ КОИ ПАРЧИЊА НЕ МОЖЕШ ДА СИ ГО ЗАМИСЛИШ ГАРДЕРОБЕРОТ?

Модата ја прилагодувам на мојот стил, тоа така било отсекогаш и така ќе остане. Слепо следење на модни трендови е всушност недостаток на стил и на индивидуалност. Имам одбивност кон тоа. Не можам да си го замислам гардероберот без фармерки, долги кошули, кожни јакни, хеланки, долго фустани и шљокици (се смее). Сосема сум неопседната со мода, можеби дури и премногу, сосем нетипичен претставник на жените и на јавните личности. Облеката не може и не смее да те дефинира, но секогаш се трудам да сум облечена во склоп со настанот и со она како сакам да изгледам и како се чувствувам удобно.

ВЕЛАТ ДЕКА ТАЛЕНТОТ ЗА УМЕТНОСТ СЕ ПОЗНАВА КАЈ ДЕЦАТА УШТЕ ОД НАЈРАНА ВОЗРАСТ (ЗА ТЕБЕ ЗНАМ ДЕКА МУЗИКАТА ТЕ СЛЕДИ УШТЕ ОД ГРАДИНКА). КОЛКУ ТВОИТЕ СИНОВИ МАКСИМ И МАТЕО ИМААТ АФИНИТЕТИ КОН МУЗИКАТА И КАКО ТЕ ДОЖИВУВААТ КОГА ЌЕ ВИДАТ ВИДЕО ЗАПИС ОД НЕКОЈА ТВОЈА ИЗВЕДБА? КОЛКУ МОЖАТ ДА ЈА ПОВРЗАТ МАМА СО ЖЕНАТА ЧИЈ ГЛАС И ИЗГЛЕД НИКОГО НЕ ОСТАВА РАМНОДУШЕН?

Ти благодарам на комплиментите. Имаат талент, но немаат афинитет и не ги форсирам воопшто. Ако некогаш посакаат да се занимават со тоа, ќе бидам тука за нив но мојата филозофија за воспитување деца е дека не треба да ги тераме и вовлекуваме со сила во нешто кон кое не чувствуваат страст или желба. Јас сум за нив само мама, не ме гледаат, не се фалат со тоа што ме прави горда, но кога ме гледаат на сцена и во живо, среќни се и горди. Тоа можам да го приметам. За нив сум најчесто мама, која им помага на сиромашните (така тие тоа го нарекуваат) и тоа е сосема во ред. 

МАКСИМ Е ВЕЌЕ ТИНЕЈЏЕР. ЗА ЖАЛ, ДЕЦАТА НИ РАСТАТ ВО НЕКОИ ЧУДНИ ВРЕМИЊА ВО КОИ ПОВЕЌЕ СЕ ДРУЖАТ ПРЕКУ СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ, НАЈДОБРИ ДРУГАРИ ИМ СЕ МОБИЛНИТЕ ТЕЛЕФОНИ, ЧЕСТОПАТИ СЕ СВЕДОЦИ ИЛИ ЖРТВИ НА ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО. СО ЕДЕН ЗБОР, ВРЕМЕТО ВО КОЕ НИЕ РАСТЕВМЕ ДРАСТИЧНО СЕ РАЗЛИКУВА ОД ДЕНЕШНОВО. КОИ ВРЕДНОСТИ ИМ ГИ ВСАДУВАТЕ СО СОПРУГОТ, НА ШТО ГИ УЧИТЕ И НА ШТО ПАЗИТЕ НАЈМНОГУ?

Многу е тешко да си дете, но и да си родител во ова време. Понекогаш се прашувам што е правилно, како да се постапува. Се трудиме да разговараме со нив за се’, особено со Максим кој е во таа возраст кога се соочува веќе со околината и со тоа какви можат да бидат луѓето. Се фокусираме на тоа да бидат културни, да ги третираат луѓето со почит и еднакво,  без оглед дали е тоа премиер или хигиеничарка. Социјалните медиуми знаат да бидат од корист, но и да направат голема штета и тука е најголемиот проблем. Како да му објасниш на дете во развој дека се’ што гледа не е баш така и не е во ред. Што се однесува до врсничкото насилство, со оглед на тоа и дека во “Проект Среќа” повеќето деца се или биле жртви на булинг, на таа тема најмногу обрнувам внимание и како мајка, но и како некој кој работи на проекти со кој сакам да го намалиме и спречиме тоа. Да им ги отвориме очите на децата и родителите.

ЧИНАМ ДЕКА ПРОЕКТ СРЕЌА НАЈМНОГУ ТЕ ДЕФИНИРА КАКО ЧОВЕК, ХУМАНИТАРЕЦ, ФИЛАНТРОП. ШТО ЗНАЧЕШЕ ЗА ТЕБЕ ОТПОЧНУВАЊЕ НА ОВОЈ ПРОЕКТ И СО КАКВИ ПРЕДИЗВИЦИ (ИЛИ ПРЕПРЕКИ) СЕ СООЧУВАШЕ ИЛИ СООЧУВАШ?

Тоа беше моја детска желба, која ја остварив. Да им помагам на децата кои имаат потреба од помош. “Проект Среќа” постои веќе скоро 8 години и тоа е моето примарно работно место. Место каде ги осмислувам и реализирам проектите со кои треба да им се овозможи еднаков пристап до добра, храна, образование, култура, спорт и знаења на многу деца. Предизвиците се големи и секојдневни, најмногу во однос на тоа како да се финансираат проектите. Но ете, се уште постоиме и сите проекти до сега се успешно реализирани. Секогаш на крај некако наоѓам начин за реализација, но секако без донаторите, граѓаните, компаниите кои ни веруваат, ништо од тоа немало да се случи. Затоа оваа благодарност оди кон нив. Се надевам дека нивниот број ќе се зголемува, како би можеле и ние да направиме повеќе за повеќе деца.

ШТО Е ТОА ШТО ТЕ ПРАВИ СРЕЌНА И КОЛКУ Е СРЕЌАТА ОДРЖЛИВА? ДАЛИ МИСЛИШ ДЕКА САМИ СМЕ ОДГОВОРНИ ЗА НЕА ИЛИ Е СПЛЕТ НА ПОВЕЌЕ ФАКТОРИ?

Среќна ме прават моите деца, моето семејство, да сме сите здрави и насмеани, среќна ме прави кога пред да си легнеме си кажуваме колку се сакаме и се гушкаме, среќна ме прават нашите заеднички патувања, среќна ме прават моментите со мојот сопруг и љубовта која ја имаме и ја негуваме, мојата мајка кога ќе ми каже “те сакам мами”. Во главно, среќата иако ја бараме во големите нешта на крај и во суштина е во малите. Бидејќи без малите нешта, големите не значат ништо. 

КОЈА Е КРИСТИНА ЗАД ЗАТВОРЕНИ ВРАТИ НА ДОМОТ? КАКО ТИ ПОМИНУВА ДЕНОТ И ШТО НАЈЧЕСТО ТИ ИЗМАМУВА НАСМЕВКА И ТЕ ПРАВИ СПОКОЈНА?

Скоро иста како пред јавноста, не сум нешто многу различна освен што имам повеќе шминка на мене (се смее). Денот ми поминува во жонглирање помеѓу домашните обврски и работата, а најсреќна сум кога сме сите дома, Матео и Максим не се тепаат и караат (машки деца, се смее) и кога планираме некое патување. Сите дома имаат добра смисла за хумор, па често знаат да ме смеат и децата, но секако тука води Александар, кој најдобро знае да ме насмее. Се трудам да сум смирена и да не викам кога ќе ме извадат од кожа, и тоа ми е за сега најголем предизвик, некогаш успевам а некогаш и не (се смее).

ШТО ПОДГОТВУВАШ СЛЕДНО НА МУЗИЧКИ, НО И НА ХУМАНИТАРЕН ПЛАН? КОЛКУ СМЕ ЗРЕЛИ И СПРЕМНИ ЗА ЧЕКОР ПОНАПРЕД СО КОЈ ЌЕ ИМ ГО ОЛЕСНИМЕ ИЛИ ПОДОБРИМЕ СЕКОЈДНЕВИЕТО НА ЛУЃЕТО КОИ СЕ БОРАТ ЗА ДОСТОИНСТВЕН ЖИВОТ?

На 8 јуни е премиерата на детската претстава за врсничко насилство “Ех да можев...”, која јавно ја отвора темата со која се соочуваат илјадници деца и млади. Потоа следуваат летни кампови, а претставата ќе ја играме низ цела Македонија. Во меѓувреме го работиме и големиот проект “Оброк за секое дете во училиште”, со кој се обидуваме да им обезбедиме храна на стотици деца кои гладни седат во училиште. На музички план можно е летово и есента да имам неколку настапи, концерти, но за тоа ќе видиме. Едно по едно. Секако, летово најмногу ми е посветено на семејството и патувањата и тоа најмногу ме радува, како пасиониран патувач ( кој многу сака да го прошета цел свет, се смее).

МИНАТОТО НЕ МОЖЕМЕ ДА ГО СМЕНИМЕ БЕЗ ОГЛЕД КОЛКУ И ДА ВЕРУВАМЕ ДЕКА АКО СМЕ ПОСТАПИЛЕ ПОИНАКУ ВО ОДРЕДЕНИ СИТУАЦИИ, БИ НИ БИЛО ПОУБАВО ИЛИ БИ ИМАЛЕ ПОКВАЛИТЕТЕН ЖИВОТ. ВПРОЧЕМ, ТОА ШТО СМЕ ДЕНЕС Е РЕЗУЛТАТ НА СИТЕ ИСПРАВНИ, НО И ПОГРЕШНИ ОДЛУКИ КОИ СМЕ ГИ ДОНЕЛЕ. СЕПАК, СЕ КАЕШ ЛИ ЗА НЕШТО?

Не, апсолутно за ништо. Се’ е така како што требало да биде. Каењето е една непродуктивна емоција, која се трудам да ја избришам и да не постои, и мислам дека успевам во тоа. Среќна сум што повеќето од работите кои сакав да ги направам во животот веќе сум ги направила, сега само работам на нивен развој и раст. Благословена сум и свесна сум за тоа…и многу благодарна.

Постер на Александар Сотировски

НЕОДАМНА ПРОЧИТАВ ЕДЕН ТВОЈ СТАТУС НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ КОЈ (МЕЃУ ДРУГОТО) ВЕЛИ САМО ЉУБОВТА РАЃА ЉУБОВ И ОМРАЗАТА ОМРАЗА. КОЛКУ УСПЕВАМЕ ДА ЗАСАДИМЕ ЉУБОВ МЕЃУ ЛУЃЕТО?

Ако сакаме да садиме љубов, садиме љубов. Ако сакаме да садиме омраза, садиме омраза. Се’ е тоа избор. Мислам дека луѓето несвесно шират омраза, задоени се со тоа и тоа е особено потенцирано овде, на балканското поднебје каде секој за секого знае се’ и каде никој никому не посакува среќа. Тоа е ужасно. Луѓето не се поддржуваат помеѓу себе, па дури ни пријателите. Тргнете од свој личен пример, колку пријатели ве поддржале во вашиот бизнис, проект, работа, акција. Колку естрадава се подржува помеѓу себе. Безбројни се примерите. Огромни нивоа на его и суета, сосема неоправдана, без легитимитет и беспотребна. Видете ги само коментарите на било која објава за јавна личност од Македонија на било кој портал и се’ ќе ви стане јасно. Токму затоа се тргнав од се’ и се појавувам многу ретко, без оглед дали е тоа за музика или за “Проект Среќа”.

АКО ТРЕБА ДА ОДВОИШ НЕКОЛКУ ЖИВОТНИ СИТУАЦИИ КОИ ТЕ ИЗБРУСИЛЕ ДА СИ ДЕНЕС ТОА ШТО СИ, КОИ БИ БИЛЕ И КОЛКУ ТИ БИЛЕ ПОУКА, БОЛКА, РАДОСТ, СОЗРЕВАЊЕ?

Уф, тоа е тешко.Имало многу такви моменти, но сите нив сум ги сфатила како добра лекција, уште еден факултет. Научив како да се справувам со тешки ситуации, со лицемерни луѓе, со околината. Тоа е дел од животот, ако сакаш да го сфатиш како траума и болка , тоа и ќе биде.  Ако сакаш да го сфатиш како дел од растот на личноста и созревање и учење, тоа и ќе биде. Се зависи од нашата перспектива како ги гледаме нештата.

ЗА КРАЈ, ДАЛИ ИМА НЕШТО ШТО БИ САКАЛА ДА ГО СПОДЕЛИШ СО НАС, НЕШТО ШТО НЕ БИЛО КАЖАНО ВО НИТУ ЕДНО ИНТЕРВЈУ?

Скоро се’ имам кажано, но би сакала да повторам. Бидете добри луѓе, сакајте се, не судете, ширете љубов, немојте да ги мразите оние за кои не знаете ништо, потрудете се сами да го направите светот подобро место за живеење, затоа што сам нема да се направи. Ако имате повеќе отколку што ви треба за добар живот, дајте им малку на оние кои немаат ни за оброк дневно. Горе долу, тоа би било тоа.

Драга Кристина, ти благодарам за муабетов и за честа да си ми гостинка во ТАА Е...”. Песната што ќе ја прочитате подолу има посебно значење за Кристина, тоа е песна која му ја посвети на својот сопруг за роденден.

Убав чоек до себе да имаш

Да си најдиш чоек рамен на тебе

кој ќе ти ја љуби и сенката

кој и својата во твојата ќе ја гледа

и да те чува ко капка вода на рака

ко жеден чоек во пустина да те гледа

ко да си му зеница

ко да си нешто што не видел никојпат

таков чоек пиле да си најдиш

кој нема да ти се плаши оти ко другите не си

кој нема да ведни глава ко ќе викаш

кој тогаш глата ќе ти ја фати меѓу дланки

и ќе те замолчи со бакнеж

кој ќе ти биди изгрејсонце

а зајдисонцето рака в рака ќе го минувате

кој никогаш нема в постела грб да ти заврти

и со лоша мисла покрај тебе да заспие

таков пиле

таков да ми најдиш за себе

кој простум до тебе ќе стои ко ќе врни

и ко во животот молњи ќе ве навјасаат

кој ќе те покрие ко ми ти студи од болка

и кој ќе те нишка ко мало дете да си

кој твојата нежност ќе знај да ја види

и на твојот убав збор душата ќе му се топи

немој див чоек да земиш до себе

таквиот само ќе те умори и поболи

оти срцето твое ко памук е

и сиот јад ќе го збери

и телото ќе ми ти страда

и очите сјајот ќе ми ти го изгубат

убав чоек

рамен на себе да бараш

и колку и сама да си да не бираш шогоде

ниту да се пазариш за неговото внимание

да те остај своја да си

да те остај да пишиш оти тоа си

да не се плаши од твоите зборој на хартија

ниту од тоа дека силна знајш да бидиш

кој ќе ми те љуби и ко си со глата крената

и со нурната в земи ко не ти е арно

оти животов краток е

толку кус

шо на старост ќе ти се чини оти само си сонвал

оти ништо не било реално

зато времето да не си го губиш

ниту себе да се изгубиш во бркотници и објаснувања

кротко и мило да си го бараш она шо ти треба

она шо градината во умот ќе ти ја расцвета

а пилето во градите ќе ми ти го распеј

оти животот кус е

и горчлив знај да биди ко е чоек несреќен

и глата горе

тука е

оти секој чоек е напола сечен

и среќа е да си ја најди полојната

таа со која цел ќе е со која свој ќе е

слободен и среќен

слободен пиле...слободен и среќен. 


За Женски Магазин, Ана Бунтеска