Таа е мајка на три деца, тој е момче и помлад од неа: Се верија новинарката Александра Спировска и кошаркарот Милан Димитриески
Почетоците на Александра Спировска(44) во МРТВ датираат од 2000 година, кога почналада работи како новинар во утринската програма.Потоа животот ја одвел во други правци- изработувала накит, сликала, држела приватни часови по пијано. Во истата телевизија се вратила во 2009 година и дел е од информативната редакција.
Спировска е мајка на три деца Миа (24), Каја (16) и Вилен(6). Вели дека секој потег во животот го прави искрено и од срце. Таква е и во љубовта. По два неуспешни брака, повторно љуби. Неодамна се вери со кошаркарот Милан Димитриески од КК Феникс.
Не ја забележуваат, ниту им пречи разликата во годините, зашто тие не се гаранција за тоа дали некоја врска ќе истрае.
ЖМ: Да се биде дел од МРТВ е привилегија, без разлика на кризните моменти низ кои минувале вработените од финансиски аспект или колку квалитетот на програмата варира, што се одразува на прејтингот на гледаноста. Во куќата има големи професионалци со кои е чест да се работи. Зошто оваа телевизија беше ваш избор и од кого научивте најмногу во изминативе 10 години?
-Точно е дека да се работи во Македонската Радио Телевизија е чест и привилегија, но и голема одговорност. Без разлика низ какви премрежја поминувала или се уште поминува, таа секогаш ќе остане плодно тло на кое го учеле новинарството најквалитетни кадри. Моите почетоци беа уште во 2000 година, кога почнав во утринската програма „Добро утро, Македонијо“ како новинар. Траеше 2-3 години. Потоа животот ме одведе во други правци, изработував накит, сликав, држев приватни часови по пијано, и се вратив повторно во 2009 година и оттогаш сме во непрекината врска. И откако се вратив на новинарството повторно влегов во утринската програма - овој пат како водител, а потоа следеа повеќе телевизиски проекти, меѓу кои и МТВ Крстозбор. Конечно се скрасив, во информативната редакција, каде со моите колешки и колеги секојдневно во трка со времето ги подготвуваме вестите. Стресна и адреналинска работа, но никогаш досадна, И да, имав привилегија да учам од најдобрите. Имавме постојано часови за читање со правилна дикција со Благоја Крстевски, доајенот на македонското спикерство. Човек со најпрепознатливата боја на гласот заедно со Бранка Станковска. Многу научив и од сите со коишто работам во моментов. И уредници и колеги. Ние сме одличен тим.
ЖМ: Од утинска програма, преку тв крстозбор до вести. Искуство со различен дискурс на тв програма. Дали најмногу се пронаоѓате во ангажманот во вестите и кои теми ви се предизвик?
- Моите телевизиски ангажмани почнаа со забавни едукативни и детски емисии за сега да се скрасам во сериозна редакција како информативната. Јас сум сестрана личност, се шегувам, но, човекот созрева и во професијата, нели. Тогашниот уредниик во информативната редакција ме повика еден ден и ми соопшти дека почнува ново поглавје во мојот живот. Вести. Смрзнав. Се исплашив. Од весела и опуштена атмосфера во утринската програма, сега ме чека нов и сериозен предизвик... Тој велеше скалило погоре, но за мене звучеше страшно и стресно. Сепак, бидејки темпераментот ми е немирен, а многу ја сакам уметноста и музиката, па така и мојот ресор,култура во вестите направи баланс помеѓу сериозноста на работата и мојот карактер и интереси како човек. Политика категорично не.
ЖМ: Имате завршено средно музичко и свирите на клавир. Зошто не продолживте кон патот на музиката?
- Не продолжив можеби професионално, но музиката,не само класичната секогаш ќе биде моја љубов пасија, мир и бегство во друга димензија. Знам за своја душа и на најблиските да засвирам на стариот „Петроф“, а љубовта кон пијаното им ја пренесов и на моите ќерки. Кога завршив прво нижо, а потоа и средно музичко, имав толку многу различни пасии, што не можев да се одлучам на која страна да тргнам. Дали глума, уметност и вајарство, дизајнирање и изработка на накит или музичко – клавир - соло пеење.За на крајот, ова сѐ да стане дел од мојот живот, но со диплома на професор, а новинар по струка. Живот.Музиката стана животна определба на мојата постара керка, ете си се тешам...
ЖМ: Имате необичен стил, многу тетоважи. Овде, на ова поднебје луѓето не прифаќаат стереотипи, а вие ги рушите со тоа што сте новинарка од сериозна редакција. Како реагираа во почетокот во редакцијата, соговорниците?
- Да се рушат стереотипите е мојата мисија (се смее.н.з). Ви благодарам за прекрасните зборови, стилот е одраз на карактерот. Што се однесува до тетоважите, сметам дека нечија професионалност, компетентност, знаење и вештини не зависат од некој цртеж на телото. Колегите се навикати, 15 години сме заедно, а и кога се вработив ја имав тетоважата на едната рака. Во секој случај секогаш внимавам да не се видливи на ТВ, бидејќи сепак е национална телевизија. Потешко ми е во лето секако, кога треба да носам доги ракави на плус 40 степени. А соговорниците секогаш различно реагираат. Има коментари од типот: „Зарем ви дозволуваат вака да се појавувате?“ До: „Прекрасни бои, каква смелост и уметност, секоја чест, немојте да ја криете.“ Така што луѓето секогаш ќе најдат за што да коментираат или не се согласуваат. Најважно е секој да се чувствува убаво во сопствената кожа.
ЖМ: Ги рушите стереотипите и во поглед на приватниот живот. Имате два брака зад себе, три деца, а неодамна се веривте за кошаркарот Милан Димитриевски од КК Феникс кој е момче и помлад од вас. Кога се појави првата искра меѓу вас?
- Никогаш не правам нешто за да бидам актуелна или интересна и за да се наметнувам како различна од останатите. Едноставнно јас сум таква каква што сум. Отсекогаш сум била искрена и сум го живеела животот со чисто срце,. за мене не е важно што ќе речат или помислат другите. Миа, Каја и Вилен се мојот универзум. Моите тројца мускетари. Мојот еликсир на младост и среќа. Милан е чиста љубов и поддршка, Тој е пред сѐ мојот најдобар другар. Ние не ја забележуваме, ниту ни пречи на било кое поле, разликата во години меѓу нас. Ниту пак мислам дека годините се гаранција за тоа дали некоја врска ке истрае. На кошаркарски натпревар се случи првата искра помеѓу нас и оттогаш ниту на ден не сме се разделиле.
ЖМ: Со што ве освои Милан? Кои ви се заеднички интереси?
- Милан поседува особини и квалитети со кои денес малкумина можат да се пофалат. Тој е скромен и вреден, чесен, истраен, нежен, романтичен, а цврст. Бегаме од метеж и многу луѓе, не сакаме гласни места. Уживаме да искачуваме планини, пешачиме, возиме велосипеди и уживаме да готвиме. Тоа ни е пасија. Особено уживам во неговите измислени специјалитети. Но најголемо задоволство ни претставува патувањето на разилични дестинации. Без разлика дали се работи за светски метрополи или напуштени диви рајски плажи. Потоа впечатоците си ги прераскажуваме и доживуваме повторно и повторно, сѐ до следната дестинација. Секако тетоважите се зедничка пасија. Кога бев на патување во Париз со моите ќерки, на аердромот ме пречека Милан со свежа тетоважа на грбот со мојот лик. Останав без зборови.
ЖМ: Од вашите објави на фејсбук видливио е дека го сакате спортувањето, планинарењето. Каде најчесто го минувате времето кога сте слободни? Имате ли своја оаза?
- Природата е наша оаза. Таа е портал за внатрешен мир. Ги поместуваме границите на сопствената издржливост со секој нов искачен врв, се спознаваме себеси и нашата волја, го јакнеме и телото и духот. Тој е професионален кошаркар, а јас цел живот спортувам. Секој слободен момент го користиме да бидеме во природа. Но, еве ако морам да издвојам некое особено место, нека биде Лешница, еден рај што се крие крие во срцето на Шара. Најчесто таму ги полниме батериите. Милан не пропушта да се искапе во Кривошијска када на пролет кога е полна од обилните планински снегови со мраз студена вода. Тоа се едни волшебни самовилски водопади
ЖМ: Љубовта не познава граници од секој аспект. Но, ако Мадона или која било светска ѕвезда има помладо момче, медиумите пренесуваат без осуда, а луѓето читаат со одушевување. Како реагираа вашите најблиски кога соопштивте декка сте заедно, а како околината?
- Секако дека само на најблиските мислењето ми е важно и можам да кажам дека иако беа со резерва на почетокот токму поради годините, многу брзо сфатија дека нашата љубов е чиста и ја прифатија безусловно, На крајот на краиштата на секој што ве сака му е важно единствено да сте среќни. И Милан има прекрасни родители со кои одлично се согласувам и три сестри со кои имаме многу близок и пријателски однос, и јас, но и моите деца.
ЖМ: Кога се договаравме за интервју ми рековте „ животот нема реприза„ штета е што најголем број од луѓето живеат за што ќе речат другите. Која е вашата девиза, која ве води низ животот?
- Секој ден треба да се живее како да е последен.
ЖМ: Има ли период од животот кој би сакале да се повтори, да биде реприза?
- Не, сакам да доживувам многу нови и убави моменти. Се радувам на секој нов ден и се будам со позитивна мисла и исчекување на нови предизвици.
ЖМ: Нашиот пат, зависи од изборот што го правиме во одреден миг, време, место. Вие сега направивте нови избор на приватен план. Што најмногу посакувате да ви донесе иднината?
- Секој избор што го правиме денес е зошто веруваме во подобро утре. Отсекогаш верував и ќе верувам во љубовта..Иднината ја креираме сами, а јас и Милан имаме поставено цврсти темели за прекрасна иднина. Ла вита е бела.
ЖМ: Кој е советот што често им го повторувате на вашите деца?
- Никогаш и од ништо да не се плашат. Да ја сакаат природата и животните, Да веруваат во себе, да не се плашат од предизвици, да читаат книги, да свират барем еден инструмент, да се поддржуваат меѓусебе и да не мразат никого, но и да не веруваат на секој.
Соња Алексоска Неделковска