ТАА Е...ДОРОТИ ПАЧКОВА: “Малку е потребно за среќа. Само да решиме дека одбираме среќа. Толку!”
Денес ќе
молчам, денес сум без зборови. Денес ќе ви кажам само да го прочитате
патешествието на Дороти и да знаете дека не постои НЕ, ако сте одлучиле да
бидете среќни и свои.
Ladies and gentlemen… ДОРОТИ ПАЧКОВА.
ЕДНА МОЖЕ” БЕШЕ ГЛАС НА САМОХРАНИТЕ МАЈКИ, КОЈ ЗА ПРВПАТ СЕ СЛУШНА ЈАСНО И БЕЗ ПАРДОН, БЕЗ КОМПРОМИСИ. ПОТОА ДОЈДЕ И “ЕДНА ПРАВИ”. ТВОЈАТА ЛАВОВСКА БОРБА ЗА РОДОВА ЕДНАКВОСТ СЕ ЧИНИ ДЕКА БЕШЕ ПОТТИК МНОГУ ЖЕНИ ДА СЕ ИЗБОРАТ ЗА ОНА ШТО ИМ СЛЕДУВА. КАКО СЕ СЛУЧИЈА “ЕДНА МОЖЕ” И “ЕДНА ПРАВИ”?
Секој пат кога ќе ми провее чувство на сомнеж во било што, се потсетувам на почетоците на Една може. Таква енормна полетна сила е незаборав. Јас во доцни дваесети, со бебе Маркијан на гради, тазе дипломирана со феноменални огромни формати на стотина дела кои ги излеав од срце за да можам да продолжам со се’ што почнав да сфаќам дека ме очекува и со огромна желба да ми ја прифатат апликацијата за одобрување на стипендија за магистерски во една сосема за мене тогаш нова академска сфера. И успеав! Додека ја развивав Една може на мускули, она кое во позадина го правев беше вложување во себеси со натчовечки напори. Од ликовна академија каде бев во постојан креативен процес и длабок контакт со себе, во родови науки каде изучував политички науки, истражувачки методи и академско пишување, антрополошки толкувања на феминизмот, епистемологии, психоанализа и род, социоекеонмски права и род, кибер култура и еден тон слични филозофии и хуманистичко општествено многу релевантни теми. Памтам дека одев паралелно и на предавањата за културолошки студии за чија љубов бев определена уште од дете. Па таму голтав теми за митови, трагедии и род, за теории на наративни идентитети, за современа политичка филозофија, филозофска и културна антропологија и што уште не. Дополнително го продолжував и моето неформално образование па пред деценија се закитив со мноштво дипломи, сертификати и признанија за лидерство, стратешко позиционирање, менаџмент, проектни циклуси, буџетирање, раководење со проекти и проектни тимови, коминикации, присутност во јавност, маркетинг, продажба, бизнис и претприемништво, па следеа развој на тренерски улоги, советодавни аспекти, покани за гостувања во емисии но и на трибини, јавни говорништва, key note speaker понуди, и многу, многу поддршка низ безброј соработки.
Со Една може дизајниравме целогодишни тренизни за родова еднквост и феминизам, осмислувавме и имплементиравме целогодишни обуки за финансиска слобода, првите години ги креирав а секоја следна ги дооформував. Тренинзите и обуките ги предавав сама, а траеа по цела година. Се одвиваа во попладневни часови, после работно време. Значи бев незапирлива. После решив да здивнам па обучував жени да ги водат. Просто си имаа дадена програма која заеднички низ менторски процеси ја расцепкувавме до најситни детали. Ги подготвував да се спремни за било какви прашања, давав се’ од себе да им е лагодно во пренесување на знаењето и зајакнувањето. Последните години, штом ќе обезбедев се’ што треба, тренерската палка ја предавав на драги жени од доверба и стручност. Спроведувавме истражувања за потребите на целната група, стапувавме во суштински контакти со донесувачи на одлуки и државни институции, лобиравме и ги застапувавме потребите на жените. Се самоорганизиравме и собравме над 5000 членки на затворена фејсбук група чии потреби баш лавовски се трудевме да ги задоволиме. Ад хок теренски иницијативи еден тон. Станавме препознатливи по човечноста и мојот телефон буквално гореше 24/7. Една прави дојде многу спонтано, вадејќи од мноштвото мои способности и несебично разделувајќи на жени кои немаа формално образование, имаа потреба да бидат дел од пазарот на трудот а немаа соодветна стартна позиција. Па така се вљубив со социјалното претприемништво како субститут за одбивноста која ја имав кон формални и сурови форми на класичните бизнис заедници. Една прави сега кога повлекувам од минатото, ја нарекував “посакуваната а немана ќерка”. Ете, толку го љубев сето кое го работев. И веројатно и оттаму силите за се направено. Иако порано знаев да изјавам дека Една може и Една прави ги создадов како опирање на сите неправди кои жените овде но и глобално ги живеат, сега, од оваа перспектива, вивидно гледам дека се направено беше од чиста питка љубов. Љубов кон слободата со која сум растена, да може да им е достапна на нашите деца и на сите жени.
Со оваа премиса продолжувам и денес, нудејќи консултантски услуги за компании и жени кои знаат дека само од нив самите зависат нивните животи и се спремни да работат кон остварување на своите најлуди соништа. Спремни да ги преиспитаат сопствените лимитирани уверувања и да изградат еден нов свет во кој имаме среќа да живееме, придонесуваме и оставаме печат, оставајќи го овој свет подобар од што сме го нашле.
ПРИМЕТУВАМ ДЕКА ЗБОРОТ “ФЕМИНИСТКА” ЧЕСТО ПАТИ СЕ КОРИСТИ КАКО НАВРЕДА, ОБОЕНО СО ДОЗА НА ПРЕЗИР И ТОЛКУВАЊЕ ДЕКА ФЕМИНИСТКИТЕ СЕ ВСУШНОСТ НЕПРИЈАТЕЛИ НА МАШКИОТ РОД. КАКВО Е ТВОЕТО ЛИЧНО ИСКУСТВО? СИ БИЛА ЛИ НАПАЃАНА ЗАРАДИ ТВОЕТО ДЕКЛАРИРАЊЕ ДЕКА СИ ФЕМИНИСТКА?
На прва ми доаѓа на помислата за она научно докажано “смалување” кое се открива кај повеќето жени, а и кај самата себе сум го забележала, посебно во одредени животни фази кога се прелевам и давам во некоја приоритетна област па друга за таа сметка одбирам да ја паузирам, да и дадам оддишка. Кога слушам жена како изјавува дека не е феминистка, можам да видам како си го прави тоа смалување. Не си дава за право да застане зад себе и со тоа ни зад цел женски род. Негирајќи ги заложбите на жените од минатото, да имаме право на глас, на избор, на образование, на љубов и страст, баш ме интересира во чија служба е? Претпоставувате, нели? На старовековните патријахални норми кои се вкоренети во сите нас, а се дел од стариот свет, овоој за кој сведочиме дека е во распад, и ако не ги освестуваме, се претвораат во вакви самосаботирачки изјави.
Јас сум била покажувана со прст за многу нешта, вклучително и за тоа дека сум феминистка. А баш ги љубам мажите. Сепак жените ми се на срце! Хахахха
Мене се’уште ми доаѓаат пеперутки во стомакот на помислата на моите дедовци. Сета почит кон машкиот род ми потекнува од најраните спомени за моите дедовци. Тие ми се моите супер херои. Кога и да правам нешта кои со нив сум ги правела, или суштински муабети кои сме ги воделе, за нас самите како човечки суштества, за градот после земјотресот и сета таа солидарност и нивни искуства, придонеси, битки, верба, за кариерата во која беа беспрекорни... јас сум огреана од нив иако се починати. И таа топлина што тие ми ја давале мене и на целите семејства ја имам во себе и ја носам во животите на моите деца денес. Да знаат како јас што знаев растејќи крај нив, дека секогаш имам кому да се јавам за да прославиме успеси или да смислуваме решенија за предизвици, или просто да филозофираме со саати.
Имам синови кои се суперчовечни, свои и слободни без потреба да угнетуваат било кого. Апсолутно за мене и тие се феминисти. Омилените мажи на мојот живот.
БОРЕЦ, САМОХРАНА МАЈКА НА ТВОЕТО ПРВО ЧЕДО МАРКИЈАН, УМЕТНИЦА, СЕГА ВЕЌЕ СОПРУГА И МАЈКА НА УШТЕ ДВЕ ДЕЦА, НОА И СОФИ. КОЛКУ БЕШЕ ТРНЛИВ ПАТОТ КОЈ ГО ИЗОДЕ ЗА ДА ДОЈДЕШ ДО ДОРОТИ КОЈА ЗНАЕ ШТО САКА И КОЈА НЕСЕБИЧНО ПОМАГА НА ЖЕНИТЕ КОИ СЕ НАОЃААТ ВО НЕЗАВИДНА ПОЛОЖБА?
Па од кога знам за себе знам што сакам. Тоа е моја силна страна.
Но патот до оваа верзија на Дороти, до пред некоја пола деценија (сега сум многу искрена) беше исклучително трнлив.
Пред 12 години ја доживеав “темната ноќ на мојата душа”. Само оние кои прошле сами самцати низ оваа презначајна но многу мрачна фаза можат да претпостават со какви се сенки се соочував. Мислам дека после тој енормно предизвикувачки период, се препородив.
Потоа дојде Маркијан и со него развив благодарност за каква не можев ни да сонувам пред тоа. Не за џабе се вели дека кога се раѓа бебенцето се раѓа и мајката. За мене беше баш така.
Секој сегмент од животот ми стана ритуален. Обожавањето кон Маркијан беше со мене во се’ што правев, каде и да одев, просто се чудев како може да ми ја собере сета таа љубов во телото.
Така станав убедена, од како почуствував и на своја кожа, во филозофиите и мудростите од книгите за надчовечки моќи кои ги голтав како тинејџерка.
Со раѓањето на Маркијан сфатив дека сме суперлуѓе. Така и ги откривав сопствените надчовечки способности, силата на вербата, огромната енергија што менува, создава, отстранува што не ни е од полза и одново раѓа. Баш како цикличноста на природата. Исто како женскоста.
И во оваа фаза, иако често бев да речам дури и етикетирана како онаа која сигурно ќе им помогне на жените ако и’ свртат или пишат, одбивам да ја носам таа огромна вреќа на грбот. Знаеш Ана, мене ми се јавуваа за се’ и сешто, не само за семејно насилство, не само за изнаоѓање решенија за излегување на пазарот на трудот на пример. Кога картичката ќе им ја голтне банкомат, за имотно правни недоразбирања, за немање родителски вештини, осамени, заглавени во правните лавиринти со нефункционалните институции, кога немаат храна на масата, кога сакаа да запишат дете некаде каде не им го примаат, кога им треба количка за бебето, кога ќе ги ограби некој кој им се правел дечко а испаднал арамија, кога немале каде да преспијат, кога избегале од дома од расправија и не знаат каде да одат, кога им треба облека и играчки, суплементи и лекови… и сето ова го обезбедувавме не знам како, со надреална помош од горе најмногу, но и со граѓанска солидарност. Луѓето навистина бескрајно помагаа при секој апел. Се самоорганизиравме. Дониравме сите, пакувавме, водевме листи за потребштини, со години на деца, килограми и адреси на живеење и носевме пред врата, јас заедно со Маркијан. Имам слики како спие во кола додека се развозуваме од граница до граница низ државава, за време на пандемијата, за да донираме. Илјадници пакети помош.
Се сеќавам на една самохрана мајка со мало детенце кое полнеше 2 годинки баш кога открија дека имаат ковид двете. После мојот јавен повик за да се организираме и да и’ помогнеме, дојдоа луѓе од цело Скопје кај мене дома, во часовите во кои смеевме да излегуваме и пакувавме од пелени до кашички, суплементи, супи и прашаци до играчки и дури една жена од членството дојде со торта што сама ја спремила. Стасавме кај нив пред дворот со балони и свеќички пеејќи а и плачејќи групно. Емоциите од овие сцени остануваат да ме водат никогаш да не престанам да правам се што знам и умеам за исполнување на мојата визија: свет во која секоја една може се што посакува!
Во мизансцен на моето фактичко помаѓање, заборавав пречесто да се грижам за себе на начин на кој добро умеам а го преформулирам со секоја нова лекција и животна сезона.
Може ли да замислите, додека сте на работа, нели, од 8 до 16 да речеме, се ова да го вметнете, а при тоа и да си ја завршите работата?
Е така го измислив 24/7 работното време. Така го растев Маркијан во канцеларија.
Спроведував истражувања со еден тим, па пишував анализи со друг, па организирав јавни расправи, тркалезни маси со трет во прва смена. Создавав барања и молби до институции, општински и градски совети, интерни документи за организацијата, правилници за членство, договори за ангажирани, пред договори и предлог активности.
Па го земав Марче од градинка, носев домашен оброк да руча во канцеларија, а и се преселив да живееме над канцеларија за да бидам нон стоп тука. (Не препорачувам освен ако немате развиено цврсти граници)
Па со тим од втора смена правевме маркетинг стратегии, па обучував, па тренирав, па пополнував апликации за државна помош на оние кои сами не можат и не знаат. Со една прави креиравме пичови и аплициравме за старт ап поддршка, и тука апликации по 100, 200 страници… создававме органски рецептури, тестиравме производи, етикети, логоа и дизајни. Го истражувавме пазарот, потребите на целната група, правевме тестери и го делевме па собиравме фид бек. Се поврзуваме со локални производители на природни убавини кои мака мачеа да се сертифицираат за органско производство. Со нив се вмрежувавме. Па се вмрежувавме со останатата старт ап заедница и одев на пичови и саемо за социјални бизниси низ светот. Ја пичував нашата идеа, ми се тресеа колената но се враќав секогаш побогата. Среќна но и уморна како мало кутре.
Фотографирафме, едитиравме. Изложувавме на саеми. Комуницирав со милон луѓе чинам во текот на денот. Правевме планови за емотивна продажба. Спремавме пакети нарачки, каталози, ценовници и дури се фативме како нудиме и деливери. Со машнички и тематски спремни според сезоната.
Дома се качував да се истушираме, да се изгушкаме и на сред муабет да паднеме во сон или со сликовницата преку очи да потонеме.
Станував во 4, 5 наутро, трета смена си ја викав, за фокусирана работа, цела кујна ми беше вижн борд, стикери и тајмлајни од таван до под. Алфа, делта бранови за фокус во работата ечеа во малата кујничка од гарсоњерата во која живеевме јас и Маркијан под наем. Пишував проектни апликации, аплицирав, создавав стратешки позиционирања, пишував публикации, препрочитував закони ставени на коментирање и спремни за промени по безброј пати, креирав предлог членови во служба на целната група, испраќв предлози до парламентот, анализи и истражувања.
Го будев Маркијан, со спремен појадок и го носев до градинка правејќи му го патувањето забавно, суштинско, најмногу љубовно и се во круг. Но секој ден различен круг. Исто беше што немаше крај.
Во тоа време мислев така треба. Тоа е тоа. Ќе го спасиме светот вака.
И токму пред мојот 34 роденден сфатив дека нешто не штима.
Почнав да практикувам една вежба за зборување со себе во огледало. Се вратив на спортувањето и почнавме да трчаме со Маркијан секој ден во парк, да одиме на карате за родители и деца во едно премило доџо. Се вратив на медитациите.
Кренав кочница. Па си земав пауза и си ги проверив целите од приватниот живот. Сите ги остварив! Се што сонував дека треба да овозможам за мирен живот имав. Што недостасуваше?
Од спиритуалните пракси и медитации ми излезе една Truth Bomb каква не можев да замислам. Толку бев во вртлогот на спасување на светот што заборавив да се ценам, сакам, почитувам и славам себеси.
Имав сатисфакција од сработеното, уживав во моментите со Маркијан-лулашки, баскет, читање, шетање.
Имав огромна верба која ме придвижуваше кон визијата за свет во еднакви можности. Знаев дека резултатите и сите успеси се неизбежни.
И така се свртев интерно и сета оваа огромна работа и труд ја контемплирав.
Сабатикал. На сите препорачувам. Одморот ме спаси.
После продолжив како нова но со многу повеќе почит и добрина кон себе, но и свесно манипулирање со сопствената енергија.
Од 2019 ги преполовив личните обврски, делегирав на ангажирани со полна верба. А и сета таа ангажираност ме искали на специфичен и автентичен начин. Нема работна позиција на која не сум била и макар чесни резултати можам да испорачам во сите спомнати области.
Е се’ ова ме донесе во позиција да знам да одберам ангажирани, да увидам кој до каде е со експертизата, да знам точно што можам да очекувам а што не. Односите со луѓето се оние кои не’ исцелуваат, и тоа не секогаш на едноставен начин а во мојот случај, низ толкави океани сработено, имав среќа да прибирам материјали за себеисцелување едно чудо.
Тоа е патот. Работа од срце. Соул бизнис. Претприемништво. Грас рут. Страствена работа. Лична кариера.
Како и да го наречете.
Еднаш штом стапнете во квантното универзално поле, работејќи ја својата стратсвена работа, нема назад, само нагоре.
Денес баш трансформирам повторно начини на кои го давам најдоброто од себе.
Она кое само од мене зависи. Не од општествената клима, не од политичарите, не од околностите, трулото општество, генералната клима или било што.
Тукукако личен свесен избор да се порасне над дадените околности и да му се придонесе на светото на автентичен начин од сопствената точка на генијалност. Ежење!
Тука сум за секоја една жена, но денес веќе и за современи компании, кои се на патот на себедетерминирање и препознавање и признавање на моќта на секоја една.
ЖИВЕЕМЕ ВО ОПШТЕСТВО ВО КОЕ (ЗА ЖАЛ) ПРЕДРАСУДИТЕ СЕ’ УШТЕ ИМААТ ПЛОДНА ПОЧВА ЗА ДА ВИРЕАТ. ОД ЛИЧНО ИСКУСТВО ЗНАМ ДЕКА САМОХРАНИТЕ МАЈКИ И РАЗВЕДЕНИТЕ ЖЕНИ КОИ ИМААТ ДЕЦА, СЕ СУДИРААТ СО МАЛОГРАЃАНСКИОТ СТАВ “НЕ СЕ ЗАМАРАЈ СО НЕА, ИМА ДЕТЕ. НАЈДИ СИ НЕКОЈА СЛОБОДНА, НЕМОЈ ДА ГЛЕДАШ ТУЃИ ДЕЦА”. КОЛКУ ТРЕБА ДА Е ЧОВЕК РАСТЕРЕТЕН И СЛОБОДОУМЕН (ДА НЕ РЕЧАМ, ДУРИ И ХРАБАР ЗА ДА СЕ СПРОТИВСТАВИ НА ПРОСТОТИЛАКОТ) ЗА ДА ИЗЛЕЗЕ ОД РАМКИТЕ НА ВКОРЕНЕТИОТ ПАТРИЈАХАТ КОЈ НЕКОГАШ ЗАСТАНУВА НА ПАТОТ КОН ЛИЧНАТА СРЕЌА?
Еден ден, еве и јавно, ти предлагам, да седнеме јас и ти и да испишеме еден комичен толковник на предрасуди па да се забавуваме и себе и сите жени на кои им биле упатени мноштво малограѓански коментари со тоа што ќе им се откорнеме од смеење. Ама онака, на сиот глас. Без самоконтрола, најдетски на светот. Со солзи и урнирање од гротескни смеења. Мислам дека супер гејм чејнџер би ни било (се смее). Ете ни перформанс целовечерен. Прифаќаш?
ЖЕНИТЕ КОИ СЕ САМИ А СЕ МАЈКИ, СЕКОГАШ СЕ ДУРИ И ОТПОВЕЌЕ (АКО ВООПШТО ПОСТОИ “ОТПОВЕЌЕ” ВО ОВОЈ КОНТЕКСТ) ПРЕБИРЛИВИ ВО ИЗБОРОТ НА ПАРТНЕРОТ. НИВНАТА ОДГОВОРНОСТ НЕ Е САМО КОН СЕБЕ, ТУКУ И КОН СРЕЌАТА И СПОКОЈОТ НА НИВНОТО ДЕТЕ. АЛЕКСАНДАР НЕСОМНЕНО ГО НАЈДЕ КЛУЧОТ СО КОЈ НЕ САМО ШТО ГО ОТКЛУЧИ ТВОЕТО СРЦЕ, ТУКУ И СРЦЕТО НА МАРКИЈАН. ШТО Е ОНА ШТО ТИ ПОТВРДИ ДЕКА ТОЈ Е-ТОЈ?
Одговорноста е огромна, несомнено. Позната сум по тоа дека постојано работам на себе во разни аспекти па така и во аспект на љубов и партнерство. Јас сум вибрантна. Од ден во ден сум поинаква. Мене во оваа сегашна верзија не ме знаат да речам претходни партнери. Растам, учам, се трансцедентирам постојано. Маж ми ми е личност број еден во животот и од првиот миг кога го запознав го имав ова чувство. Ние си кликнавме од старт. Од прв разговор знаевме и двајцата дека сме си тандем. На прв состанок - планинарење, излеговме заедно со Маркијан. Они двајца си имаат свој однос во кој гледам да не се мешам многу многу. Некогаш ми успева, некогаш не.Понекогаш ги викам свекор и свекрва. Смешни ми се кога се бават со тривијалности. Двајцата учат еден од друг но и еден за друг, најмногу секој за себе учи низ заедничкиот однос, па се е во нивни раце. Јас сум тука да ги поддржам како и да им требам и секогаш јасно го истакнувам тоа.
Со никој друг на светов не би згазнала во се’ ова. Мене интуицијата ми потврди дека ова е мојот човек. Не копав низ главата многу, си дозволував и му дозволував да почувствуваме. Такви сме и денес. И никој не знае какви ќе сме утре. Заедно или не, искуството на хендлање три деца, две едно по друго, не’ поврза на начин незамислив за оние кои не биле во ова надреално секојдневие.
Јас созрав да ја надраснав наметната романтизирана верзија за очекувањата од љубениот. Денес сум свесна дека една личност не може на друга да и’ ги исполнува баш сите очекувања. Тоа не е ни смислата на заедницата. Напротив, растам низ сите партнерски предизвици, гледам јас што имам да научам од предизвикувачките ситуации и партнерот го гледам како мој одраз. Ако не сум добра со себе нема да сум ни со него. Ако го просудувам/осудувам него се просудувам/осудувам и себе.
Научив да си и да ни дозволувам безрезервна љубов и во најтешките денови. Многу пораснавме. Се гордеам со нас! Двајцата сме во фаза каде немилосрдно се даваме на исправање дечиња на нозе. И тука нема пауза, нема ниту рецепт. Но има многу контакт со себе и со другиот, нежности, солзи, отвореност, сили во ранливиста, прегратки, рамена за плачење, поддршка, ветар во грбот на другиот и безброј моменти на бидување тука и сега. Толку ни е потребно. Ова е се што ни треба.
“УШТЕ ШТО ДРУГО СУМ ОСВЕН ШТО СУМ КАНЦЕР НА ОПШТЕСТВОТО” (2018), ”ЖЕНА БОРЕЦ” (2019), ”АРТ ФЕМ” (2019), ”РОЗЕВ БРАН” И “ЕЈ МАМА”(2020), “ЖЕНИТЕ МОЖАТ” (2021). ШТО Е СЛЕДНО ШТО ЌЕ БИДЕ УШТЕ ЕДЕН ТВОЈ КРИК И ПОВИК КОН ЕМАНЦИПАЦИЈА, ЕДУКАЦИЈА....И ВООПШТО, БУДЕЊЕ НА ЖЕНИТЕ (НА НИВНАТА СВЕСНОСТ ДЕКА МОЖАТ СЕ’ ШТО ЌЕ ПОСАКААТ) И БУДЕЊЕ НА МАЖИТЕ (ДА СЕ РАЗБИЈАТ ПРЕДРАСУДИТЕ)?
Поубаво немаше ни јас да се изразам. Впрочем велемајсторка на писмото како тебе и не знам.
Токму во фаза сум каде стратешки го трансформираме работењето на начин да е “УШТЕ ЕДЕН ПОВИК КОН ЕМАНЦИПАЦИЈА, ЕДУКАЦИЈА....И ВООПШТО, БУДЕЊЕ НА ЖЕНИТЕ НА НИВНАТА СВЕСНОСТ ДЕКА МОЖАТ СЕ’ ШТО ЌЕ ПОСАКААТ”
Токму ова е она кое следува.
Посветивме сериозно многу искрен труд и огромна љубов, за работите кои во следниов период ќе ги лансираме.
2024 година за нас, Една може обединета со повеќе граѓански организации во ЈунајтедФем, со свои активности но и еден многу свеж проект за овие простори и воопшто за културното миље од граѓанскиот но и бизнис секторот.
До крајот на годината, спремам Know How алатки за масовна употреба. Тоа ми е страствената окупација периодов, да го дадам најдоброто од себе на светот предизвикувајќи ги девојките и жените посебно, да ја согледаат сопствената извонредност.
Тоа е крикот - восклик кој ми ги исликува работните денови и ме држи љубопитна и интелектуално заиграна, да работам на негова реализација.
Едвај чекам да се сладиме сите!
ПОСЛЕ СКОРО 10 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА МАРКИЈАН, НОА СЕ РОДИ ВО 2021 ГОДИНА, А СОФИ ВО 2022 ГОДИНА. КОЛКУ ТИ БЕШЕ НАПОРНО ДА ВЛЕЗЕШ ВО ШЕМАТА - МАЈКА НА СКОРО ТИНЕЈЏЕР, ШТОТУКУ ПРООДЕНО БЕБЕ И ДОЕНЧЕ? ПОЗНАВАЈЌИ ТЕ, СИГУРНО ТОА ТИ БИЛ ПОЗИТИВЕН ПРЕДИЗВИК, НЕЛИ?
Тие сме. Толку ми е убаво што ме познаваш. Ти благодарам драга Ана. Предизвикот е тука и е бескрајно позитивен. Повик за личен раст и развој. Медитирање. Многу медитирање.
Љубов леплива и размачкана по целиот дом… подот, ѕидовите, таванот и сиот воздушен простор помеѓу.
Хаос од играчки, пелени и креми, капки, витамини, сирупи, ластичиња, шнолички. Мали алиштенца еден тон. Оброци, ужинки… Бањање по секој оброк, БЛВ лепена храна по работно биро од домашната канцеларија. Фиока за техника наполнета со брокула од мали истражувачиња. Превртена аскорбинска киселина во тазе фенирана косичка на сестричка, по сиот кујнски под. Храна која им ја искраднува Хани кучката. Па малите крадат кучешка храна и јадат. Ноа штом начека полева масло или млеко за тело па сите се лизгаме а татко му ја крева зградата во вис. Само што сме тргнале било каде на некого му се прикакало па се враќаме а другите се нетрпеливи и зошто не зборуваат плачат на цел глас. Јас се потам зошто се’ уште сум доилка и ме трескаат од земја хормони, се пресоблекувам и туширам по речиси секое второ плачење на било кое бебе. Александар е пола ден со крпа или бришач во раце а моите раце се полни дечиња.
Први возрасни парфеми за Маркијан. Тој, мојата прва љубов, развива улични бизниси а јас сум му бизнис ангелка. Во мобилен ме има запишано како пожарна. Што и да се случува на него или било кого во негова околина се врти кај мене. Симпатии, тренинзи, натпревари, проекти, дружби.
Поблиски сме од кога и да е зошто и те како треба да си држиме простор едни на други.
Се сеќавам на еден сегмент па да споделам. Од детската соба се слуша џагор на другарчињата на Марче, снимаат заедничка песна. Во дневна сум со бебињата. Софи ми е во прегратки и толку е впиена во мене што на моменти помислувам дека сака назад во стомаче. Ја љубам оваа нацртана дива и остроумна музикална малечка.
Ноа шармерот ги превртува корпите и кутиите со играчки и љубопитно си игра насмеан и зборувајќи си сам за себе. Плачам од благодарност што слушам дека Маркијан ми е среќен и креативен-исполнет, што сведочам на неговото растење во прекрасно момче. Што ги чувствувам бебињата толку блиско до себе и не пропуштам ни трепнување. Зборовите и ритамот од песната на дечките ме носи во светот и на моето детство. Детската радост ја живеам и денес. Колку сме среќни! Ги пијам моментите и неописливо сум тука. Присутна сум. Обожавам се што сме. Сонцето заоѓа на нашиот прозорец а јас се капам во солзи. Мачката Шапица ми преде во скутот. Ми годи овој нејзин ритам. Секогаш ме вземјува со нејзиното предење. Тука сум. Уживам во сиот овој хаос. На ниту едно друго место не би била сем тука, со овие совршенства од деца. Толку спремна за ова лудачко сакање.
ВАЖИТЕ ЗА ДИНАМИЧНО СЕМЕЈСТВО, КОЕ Е ФИЗИЧКИ АКТИВНО ВО ПРИРОДА, КОЕ МНОГУ ПАТУВА И ИМАТЕ ФАНТАСТИЧНА ОРГАНИЗАЦИЈА КОГА Е ВО ПРАШАЊЕ СОЦИЈАЛНИОТ ЖИВОТ. ДА НЕ ЗАБОРАВАМ ДА СПОМЕНАМ ДЕКА ИМАТЕ И ДОМАШНИ МИЛЕНИЧИЊА. КАКО ФУНКЦИОНИРАТЕ ЗА СЕТА ТАА МАШИНЕРИЈА НАРЕЧЕНА “СЕКОЈДНЕВНИ ОБВРСКИ, АКТИВНОСТИ И ЗАДОВОЛСТВА” БИДЕ БЕЗ ЗАСТОЈ?
Баш сме машинерија. Јас и маж ми сме подвижници. Што друго да кажам. Така испаѓа. Двајцата сме динамични. Тој сака да е главен во маало, да муабети со комшии и пазарџии, продавачи и бербери, пекари, и родители на лулашки, а јас сакам да тркнам на едно две до Водно и да денсам со децата како да сме на Ибица, на журка на плажа. Двајцата обожаваме да патуваме. За нас нема невозможно. Кога Софи беше 30 дена извозевме 1000км со сите тројца, во еден правец. Па за три дена назад уште толку.
Комбинираме. Приоретизираме и многу реприоретизираме. Џиновска флексибилност развивме. И успеваме.
Но и менуваме планови невидено. Децата се секогаш на прво место.
Често нашите потреби се ставено на стенд бај, често не стасуваме каде сме тргнале, често одложуваме работи кои ни значат лично. Се’ ова го правиме со огромна љубов. Таква е оваа животна сезона. Почнувајќи од љубов кон себе. На пример не можам да излезам да извозам точак, не можам да се изжуркам со пријателки, не можам ни до маркет да испазарм без деца, цели ноќи свесно избирам да дојам по барање на бебињата, изминатата година не се имаше случено да појдам во тоалет а при тоа да не плачат и Софи и Ноа. Но што е сево ова во споредба со чувството на почестеност кое го имам дека овие 3 душички ме избрале баш мене да сум нивна мајка, да им служам и да ги подигам во овие толку малку први години од нивните животи. Се’ што им треба сум јас сега и тука. И ме имаат. Се имаме. И зошто многу свесно, одбирам да ја имаат најдобрата верзија од мене, барем во поголем дел од времето, развивам еден тон други можности.
Секоја секунда ја користам за себецентрирање. Практикувам мајндфулнес во се’ што правам, медитирам, вежбам лесни вежби заедно со децата, трчаме заедно кога шетаме ете Ноа ми е по трчање партнер.
Во својата интелектуална работа станав виртуоз, за нешто што порано ми требало недела дена сега ми требаат 2 или 3 дена зошто работам од сопствената зона на извонредност.
Го ценам времето на специфичен начин. Ги делам деновите по блокови. Најголемиот блок изминатите 2 години беше резервиран за Ноа па последнава година и за Софи. Сега полека се шират и се враќаат назад и другите блокови. Се зголемува денот и за останатите. Како растат дечињата така и ние зрееме и во сите останати сфери.
Развив спиритуални пракси, се коучам наутро, се успивам со визуелизации навечер.
Во последните 3 години се посветив и на изучување НЛП чија наука уште повеќе ме втемели во ова која сум јас и како точно ги правам работите кои ги правам но и кон што ме води секој збор, секоја емоција и секое придвижување. Се остручив токму во најголемата неформална школа што може било кој на светов да ја изучи.
Ова е еден тон спиритуално научна пракса која пред бебињата не сум си давала време да ја спроведувам и не сум била вака истрајна зошто сум дозволувала да ме пие светот, “мајата” да ме разнесува.
Вака пијам од изворот и растам на еден многу софистициран начин. Чудесии се случуваат само ако одлучиме да си дозволиме а тоа се огледува и во материјалниот живот. Се’ блеска!
ГОЛЕМ ПОБОРНИК СИ НА ДОЕЊЕТО ВО ЈАВНОСТ КАКО НАЈЗДРАВ, НАЈБРЗ, НАЈПРАКТИЧЕН И НАЈПОВРЗУВАЧКИ ЧИН НА МАЈКАТА СО ДЕТЕТО ОД КОЈ БЕНЕФИТИТЕ СЕ НЕПРОЦЕНЛИВИ. ТВОЈАТА ЗАЛОЖБА ДЕКА ЖЕНАТА ИМА ПРАВО ДА ДОИ ВО ЈАВНОСТ БЕЗ ПРИТОА ДА БИДЕ ОСУДУВАНА И ГЛЕДАНА ПОД ОКО Е НЕКОГАШ ПОДЛОЖНА НА СПРОТИВСТАВЕНИ МИСЛЕЊА. ТИ СЕ СЛУЧИЛО ЛИ ДА ДОБИВАШ ОТВОРЕНИ КРИТИКИ ИЛИ НЕГАТИВНИ КОМЕНТАРИ?
Околу доњето да сум искрена и не знам веќе што да одговорам. Сум доела и посебно бебе по бебе и година дена доев тандем, сега пак дојам само едно бебе. Еве и јас, со цело ова доенечко искуство немам одговор.
Кај сите е различно. Како се чувствува мајката доилка тоа е најдоброто за неа и детето. Ништо не е морално.
Многу е значајно да споделам дека проблемот во јавни ставови за индивидуална, многу лична работа, е културолошки.
Овде никој не ја држи мајката за таа да може да го држи бебето највеќе од своја зона на супериорност. А сите сакаат да кажат што мислат на темата.
Во некои култури имаат супер обичаи. После пораѓај се организираат да помагаат нечујно околу семејството каде се родило бебе. Прават списоци и како деливери доставуваат храна за цел ден на врата, без и да влезат а не па како кај нас, сто бабици со небарани коментари на една страна или осуди уште повеќе на друга страна.
Кога ќе сфатиме дека безрезервна поддршка е неопходна на мајката и целото семејство, таткото и другите деца ако ги има, ќе можеме да зборуваме понатаму. Се’ друго е ирелевантно.
Сите да правиме како ни кажува срцето и како и за што се осеќаме спремни, за себе и своите животи не мешајќи се да советуваме посебно ако самите не треба да ја извршиме таа огромна работа околу доење на конкретното бебе за кое можеби се осудуваме да коментираме.
ДОРОТИ...ШТО И КОЛКУ Е ПОТРЕБНО ЗА СРЕЌА? КОЛКУ Е ВАЖНО ДА ЗНАЕМЕ ШТО САКАМЕ, ШТО МОЖЕМЕ И СЕТО ТОА ДА ГО ИЗБАЛАНСИРАМЕ ЗА ДА НЕМАМЕ НЕРЕАЛНИ ОЧЕКУВАЊА ОД СЕБЕ, НО И ОД ДРУГИТЕ?
Малку е потребно за среќа. Само да решиме дека одбираме среќа. Толку!
Како ме погоди со ова прашање… пред Софи и Ноа работев како за неколку души. Во комуникација со менторки кои ги имав пред 2 години, откривме дека всушност одработувам за минати генерации од семејното стебло. Како го отворив ова, набрзо останав бремена и со кралицата Софи. Тука научив да отпуштам. Мојата трета бременост ме научи да работам мудро, женски, суштински. Имаше борби во мене. Научена бев да испорачувам. Ние што сме High Achivers си имаме работа и да се самоодучуваме.
Па така ми се отворија патишта по кои не сум одела претходно. Отпуштав, допуштав…
Сега сум центрирана така да во најголем дел од времето точно знам на што да си кажам не а во што да се впуштам. Почнав многу да кажувам не и на околината. Телефонот ми е во сајлент мод после 16 часот.
Околу очекувањата… не сум правиот човек што ќе го тргне овој можеби притисок. Јас имам огромни очекувања од себе а и од другите луѓе. Знам дека можам и дека можеме. Знам дека ја имаме моќта и безброј пати сум си докажала. Едноставно, дадено ни е од горе да можеме!
Идејата е можеби да се позиционираме соодветно. И се’ бидува! Затоа и ја осмислив новата консуилтантска улога на овој начин, да можам сето искуство, спознанија, стручност и елоквентност да ги пренесам на лесен начин на останатите. Еве низ сите давања, денес работам единствено она кое ми е моја точка на генијалност и кое ме исполнува на начин да ми дава уште повеќе енергија. Така и ги учам децата, најмногу преку личен пример. Да се даваат безрезервно, но само во она во кое се пронаоѓаат низ длабок интимен однос со себе. Се’ друго си доаѓа како последица на работењето на својата животна страст. Неизбежено е. И преволшебно е да одлучиме да го доживееме. Јас одлучив и воала!
СЕ КАЕШ ЛИ ЗА НЕШТО, СЕЕДНО ДАЛИ Е ДЕКА НЕШТО СИ НАПРАВИЛА ИЛИ НЕ СИ НАПРАВИЛА?
За ништо! Толку со срцево нуркам во сите сегменти од животот, што понекогаш имам чувство дека искусувам повеќе животи одеднаш. Бескрајно сум благодарна за сите убави искуства, развој, подеми но и падови, од се го извлекувам максимумот.
Јас сум онаа која со лимоните прави лимонада и тоа по дифолт, ја пие со нозете на маса кренати, па добива проблесоци како да го нахрани светот со есенцијални масла од лимоновите кори а да му го избилда имунитетот на општествоото со состоојка од лимоновите семчиња.
Сериозно сум преблагодарна за сево изобиле на креативност, љубов, ресурсност, отвореност за учење но и еманципирање, најмногу за неограничениот капацитет за сето давање и примање… Ваква недвосмислена живеачка, по сопствена мерка, до срж а нежна, посакувам секому.
ЗА КРАЈ, ДАЛИ ИМА НЕШТО ШТО БИ САКАЛА ДА ГО СПОДЕЛИШ СО НАС, НЕШТО ШТО НЕ БИЛО КАЖАНО ВО НИТУ ЕДНО ИНТЕРВЈУ?
Многу соодветно е да кажам, кај тебе прв пат, испишав речиси книга нераскажана никому и е право уживање.
Благодарам прекрасна жено!!!
За крај....Дороти најдрага, ти си инспирација за сите жени. Те љубам!
Да му се насмееш на денот
Радувајќи му се ко дете на играчка
Да си го сакаш лицето наутро
Без шминка а со линии од перницата
Да си ги љубиш рацете
Гледајќи ги дур возиш низ метежот
И ич да не ти е гајле што веќе имаш старечки пеги
А не ставаш лак за нокти, кои и онака ги немаш
Да пееш на сиот глас ко ќе ти ја погодат песната на радио
И на оној до тебе ко ќе те погледне ко да не си токму
Да му намигнеш и да попуштиш уште малку погласно
Да си го изгушкаш детето пред да излезе од автомобилот
И да го посрамотиш отворајќи го џамот, викајќи на сиот глас
“те сакам најмногу на светот, убав ден да имааааааааааааааш”
Та до работа дур стасаш да не есапиш нервозни луѓе
И за инает да им се смешкаш ко да ги познаваш
За да им стани незгодно што те гледаат намќоресто
Да се радуваш на денот
Да му се насмееш на животот
Оти каков и да е, твој е
И во твоите раце е одлуката дали ќе си го направиш поубав
Да љубиш и гушкаш
Да плачеш заедно со оние за кои душата те боли
Да врескаш заедно со нив
Како да можеш дел од нивниот бол да земеш
И низ вресок да го отераш во мајчината
Да се смееш
Да се кикотиш со главата крената кон небото
Небаре можеш облаците со смеа да ги растераш
Да погалиш
Да погалиш со сето срце и цела дланка
Не плашливо и скржаво ко да се наплаќа за нежност
Да погалиш и да не се тргаш кога туѓа дланка на лице ќе сетиш
Радувај се драги мој
Научи да му се радуваш на животот
И дека секогаш има и подобро и полошо
Од она што токму ти го живееш
Но дека не е случајно зошто токму тебе тој живот ти се паднал
Научи дека секоја секунда е претходник на она што допрва ќе се случува
И дека со секој здив си поблиску до смртта
Научи да не фаќаш кусур кога се лоши со тебе
Кога ќе сетиш потсмев во нечии очи или зборови
Суетен не биди и не враќај
Оти на лошото не можеш да вратиш ако и сам лош не станиш
Научи да се бориш за она што го сакаш
Дал човек бил или идеал, сеедно
И двете вредат за да не спиеш со ноќи
И да си силен и чесен дур дишеш на овој свет
Диши љубов
Дај љубов
Засади живот
Откорни коров
Стокми еден ручек за најблиските
Колку и да немаш поим од готвење
Фотографирај се со оние кои ги љубиш
За да ја ставиш сликата во рамка
И да ја наместиш така да можеш често да ја гледаш
Радувај му се на животот
Радувај му се на секој миг
Радувај му се безобразно многу
Со сите сетила и на сите начини
Диши љубов
Дај љубов
Биди љубов
Биди Ти