“TAA E…Илина Арсова” “СРЕЌАТА ГИ СЛЕДИ ХРАБРИТЕ”

Добивај вести на Viber

Илина не ја знам лично (за жал), но нејзината појава секогаш ми била толку блиска и топла што сум се чувствувала дека се познаваме со години. Начинот на кој раскажува за себе и своите подвизи, со неверојатна скромност, речитост и кроткост ме одушевуваа. Непретенциозна, способна и храбра, мултиталентирана и секако, своја. На моја огромна радост и покрај сите обврски кои ги има периодов, прифати да биде дел од ТАА Е... иако знаев дека според нејзиниот распоред, ова интервју ќе биде предизвик да се стокми оти не’ дели океан и различни временски зони.

Секогаш кога ќе помислите дека нешто не можете или дека ќе наидете потешкотии, нека ви биде поттик дека нема нешто што не можете да го остварите. ТАА Е една од 60-те жени во светот која успеа да ги искачи 7-те врвови на седумте континенти. ТАА Е наша гордост, жена која е подеднакво спортистка, уметница, активистка и голем поборник за едукација на жените во областа на спортот. ТАА Е жена на која и’ се восхитувам и која ги поместува границите на предрасудите поврзани со тоа за што е способна или кадарна една жена да направи, само ако сака. Овде ќе ви ја претставам Илина која нема да ја најдете на Википедија, а доколку сакате да читате за сите нејзини достигнувања и ангажмани, само впишете го нејзиното име на интернет пребарувачот и уживајте.

Ladies and gentlemen…Илина Арсова!

ГИ РУШИШ (БЕЗ ПАРДОН) СИТЕ ПРЕДРАСУДИ ДЕКА ЖЕНАТА НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ПОДЕДНАКВО ИЗДРЖЛИВА И ФИЗИЧКИ СПРЕМНА КАКО И МАЖОТ. 7-ТЕ ВРВОВИ БЕШЕ МИСИЈА КОЈА УСПЕШНО ЈА ЗАВРШИ, СО ГОЛЕМА УПОРНОСТ, ЉУБОВ И ХРАБРОСТ. СЕ ЧИНИ ДЕКА ТИ ТРЕБА НОВ ПРЕДИЗВИК, ОСОБЕНО ШТО ВАЖИШ ЗА ЖЕНА КОЈА Е АВАНТУРИСТ И ИСТРАЖУВАЧ. ШТО Е СЕГА ВО ПЛАН?

Како нов предизвик си ги поставив докторските студии. Кога ќе завршам, ќе ви кажам што беше потешко. Во меѓувреме предизвиците ги задоволувам преку реализација на изложби, поместување на сопственото ниво во качување карпи и секако искачување на некоја повисока планина во годината. Приоритетите и предизвиците некогаш треба да ги приспособиме во согласност со дејноста, па така јас си наоѓам помали предизвици кои ги совладувам на дневно или неделно ниво и поголеми за време на распуст.Оваа година на пример со помош од моите пријатели Халк Банка, успеав да реализирам неколку интересни експедиции на прекрасниот планински масив Кордиљера Реал во Боливија. Една од попредизвикувачките беше планината Кабеса дел Кондор, која посакував да ја искачам веќе неколку години.

ЧИНАМ ДЕКА ТВОЈАТА ЉУБОВ КОН ПЛАНИНАРЕЊЕТО СЕКОГАШ НАЛАГА ДА БИДЕШ ВО ТОП ФОРМА, КОЈА ПОДРАЗБИРА УМЕРЕН НАЧИН НА ЖИВОТ, СООДВЕТНА ИСХРАНА И ГОЛЕМА ФИЗИЧКА СПРЕМНОСТ. ИМАШ ЛИ ПЕРИОДИ КОГА СИ ВЕЛИШ ИЛИНА, АЈДЕ МАЛКУ ХЕДОНИЗАМ И ДА ПРЕСКОКНЕШ РУТИНА НА ЗДРАВ ЖИВОТ?

О, да! Секако. Само што кога телото ќе створи позитивна зависност од вежбање, човек брзо надокнадува за штетата која е нанесена при прекумерна исхрана, забава или неактивност. Кога здравиот живот ќе стане потреба, тогаш едноставно го правиме заради избор, не заради што така треба.

МЕ ШОКИРАШЕ ДРСКОСТА И БЕСКРУПУЛОЗНОСТА НА ПИСАНИЈАТА КОИ ГИ ОБЈАВИ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ, А КОИ СЕ ОДНЕСУВАА НА ТОА ДЕКА (ПАРАФРАЗИРАМ) ЖЕНА НЕ Е ЖЕНА АКО НЕ СЕ РЕАЛИЗИРА КАКО МАЈКА. КАКО НЕКОЈ КОЈ ПИШУВА КОЛУМНИ ВО КОИ УПОРНО ОБЈАСНУВАМ ДЕКА ЖЕНА МОЖЕ ДА НЕ САКА ИЛИ ДА НЕ И Е ВО ПЛАН ДА ИМА ДЕЦА (ВООПШТО ИЛИ НАСКОРО), ДЕКА ЖЕНА МОЖЕ ДА ОДЛУЧИ ДА ИМА ДЕЦА БЕЗ ДА ИМА ПАРТНЕР И ДЕКА РАЗВЕДЕНИТЕ ЖЕНИ НЕ ТРЕБА ДА БИДАТ НА СТОЛБОТ НА СРАМОТ, БЕВ И ЛИЧНО ПОГОДЕНА СО ОГЛЕД НА ТОА ДЕКА СУМ РАЗВЕДЕНА. НАУЧИ ЛИ НИЗ ГОДИНИВЕ ДА СТАВАШ ЅИД ПРЕД СЕБЕ НА ВАКВИТЕ КОМЕНТАРИ?

Да, научив. Тоа не допира, ниту пак влијае на некоја моја одлука. Едноставно не разбирам како некои луѓе си даваат за право да донесуваат суд кога не знаат ништо за проблемот. Како песната на Тоше „Што е тоа во луѓето тажно, што живеат во животи туѓи?“

Една од потешките лекции е човек да научи да сочувствува, да ги разбира другите такви какви што се и да не суди никому освен себеси.

Ме растажува помислата за ваквото постоење на поединци, особено кога таквите ни ја водат државата или се претставници на високо раководни позиции. Токму затоа и го објавив постот бидејќи човекот што ме навредуваше и колнеше за тоа што немам деца според она што му пишува на профилот е вработен во министерство за ПРАВДА! Ако е вработен „по струка“ и ако навистина толку се засега за мојата иднина има начин како да се обрати и праша во што е проблемот. Да сочувствува ако треба, наместо да суди. Во секој случај тоа е повисоко ниво на свесност што за жал отсуствува кај многумина.

ДА СЕ БИДЕ ЖЕНА Е ДОВОЛНО ТЕШКО, НО ДА СЕ БИДЕ НЕЗАВИСНА И УСПЕШНА ЖЕНА КОЈА НЕ СЕ ВКАЛАПУВА Е ИСКЛУЧИТЕЛНО НАПОРНО. КОЛКУ АМЕРИКАНЦИТЕ СЕ РАЗЛИКУВААТ ОД НАС ВО ТОЈ ПОГЛЕД? ДАЛИ СЕПАК МЕНТАЛИТЕТОТ Е СЕКАДЕ СЛИЧЕН ИЛИ ИМА НИЈАНСИ?

Менталитетот овде е многу поразличен. Сепак има и сличности. Зависи на што сакате да се задржам. За ова можам бесконечно да пишувам. Овде на југоистокот кој е доста конзервативен, ми се чини дека успешните жени исто така имаат проблем да се вкалапат бидејќи од средината се перцепирани како застрашувачки. Сепак тоа не ги спречува да газат кон своите цели, па макар и да треба тој пат да го одат сами. Има и опортунисти кои си бараат партнер заради некаков интерес. Најголемата разлика што ја гледам овде е прекумерното влијание на религиозните движења врз животот и одлуките на младите кои релативно млади се одлучуваат да живеат во брачни заедници, но сепак статистиките покажуваат дека висок процент од тие бракови не траат долго.

ТВОЈАТА ОСНОВНА ПРОФЕСИЈА Е УМЕТНИК. ГЛЕДАЈЌИ ГИ ЦРТЕЖИТЕ СО ПЛАНИНИ, ЗАБЕЛЕЖУВАМ ДЕКА ДИШАТ СО СПОКОЈ И НЕРАСКИНЛИВА ВРСКА МЕЃУ ТЕБЕ И НИВ. ШТО Е ЗА ТЕБЕ ПЛАНИНАТА? НАЧИН НА ЖИВОТ, ДОЖИВУВАЊЕ СЕБЕ ИЛИ НЕШТО СОСЕМ ДРУГО?

Планината за мене е дом. Тоа е местото каде се чувствувам безбедна и неизмерно среќна. Без разлика дали е врв од 8000 метри на Хималаите или некоја шест илјадарка на Андите, со стрмни страни и застрашувачки глечери, штом се најдам на врвот јас доживувам спокој. Цртежите од планинските патувања се еден вид визуелен дневник каде секој цртеж или скица крие една приказна од едно автентично доживување кое никогаш нема да се повтори на ист начин и со иста емоција.

ОНА НА ШТО СУМ ОСОБЕНО ГОРДА Е ТВОЈОТ АНГАЖМАН ОКОЛУ ЕДУКАЦИЈА И МОТИВИРАЊЕ НА ЖЕНИТЕ ВО ОБЛАСТА НА СПОРТОТ. КОЛКУ НИ НЕДОСТАСУВА САМОДОВЕРБА И ЗОШТО? ШТО Е ТОА ШТО НЕ СПРЕЧУВА ДА ЗАГРИЗЕМЕ ВО НЕКОЈ ПРЕДИЗВИК И ДА ГО ИСТЕРАМЕ ЖЕНСКИ, ИСТРАЈНО И СО СТРАСТ?

Она што ни фали е токму едукација. Некогаш жените не се впуштаат во посмели зафати бидејќи сметаат дека тоа не е женствено. Или пак бидејќи за тоа немаат време и финансии, што е релативно бидејќи истото време и финансии ќе го потрошат по салони за разубавување за да го импресионираат својот партнер со својата физичка убавина. Некогаш едноставно не се заинтересирани затоа што никогаш никој не им ги покажал опциите ниту пак биле во контакт со некоја активност која ќе ги извади надвор од зоната на комфорот.

ТВОЈАТА НЕЗАВИСНОСТ ДАТИРА УШТЕ ОД ВРЕМЕТО КОГА БЕШЕ СТУДЕНТКА И КОГА ЏЕПАРЛАКОТ СИ ГО ЗАРАБОТУВАШЕ СО ЦРТАЊЕ ПОРТРЕТИ. КОЛКУ Е ВАЖНО ДА ГИ НАУЧИМЕ МЛАДИТЕ ДЕКА ТРЕБА ДА СЕ ТРУДАТ САМИ ДА ПЛИВААТ НИЗ ЖИВОТОТ, СО ОГЛЕД НА ТОА ДЕКА СЕ ПОВЕЌЕ ГЛЕДАМЕ ПРИМЕРИ ОД РАЗГАЛЕНИ ДЕЦА КОИ ОЧЕКУВААТ ДЕКА ТРЕБА СЕ ДА ИМ БИДЕ ПРИНЕСЕНО НА ТАЦНА?

Американскиве студенти се одличен пример за тоа. Сите мои студенти кои  најчесто се на возраст од 19 до 23 години, додатно работат барем по една или две работи и имаат веќе солидно искуство во струката. Е сега, кај нас не е баш така, но затоа преку вакви примери можеби ќе посвоиме некоја добра стратегија која ќе пасува на нашиот едукативен систем во Македонија. 

НЕМА СОН ШТО Е НЕДОСТИЖЕН, НИТУ ЦЕЛ КОЈА Е НЕВОЗМОЖНА Е ТВОЈАТА ИЗЈАВА КОГА БЕШЕ ПРОГЛАСЕНА ЗА ЕВРОПСКА ЖЕНА НА ГОДИНАТА (2022). ЗЕМАЈЌИ ГО ПРЕДВИД СИОТ ТВОЈ УСПЕХ КОЈ ДОАЃА ТОКМУ ОД ОВАА РЕЧЕНИЦА КОЈА ЗА ТЕБЕ Е НАЧИН НА ЖИВОТ, ВЕРУВАМ ДЕКА НЕ ТИ НЕДОСТАСУВААТ ЦЕЛИ. КОЈА Е МОМЕНТАЛНО ТВОЈАТА ЦЕЛ ПРЕКУ ОКЕАНОТ?

Од мене се очекува целосно да сум посветена на работата, што вклучува предавања и оценување на околу 70 студенти, извршување на задачи за предметите што ги учам и воедно учество во научната сцена. Мојата цел е да ја совладам и добро спроведам секоја од овие насоки. Покрај тоа пресреќна сум што успевам и да ги истражувам природните убавини на САД, каде постојано си наоѓам нови цели и предизвици поврзани со моите омилени спортски активности во природа.

ПЛАНИНАРЕЊЕ (2020 ГОДИНА) И СЕДУМТЕ (2022 ГОДИНА). ДАЛИ РАЗМИСЛУВАШ ЗА ПИШУВАЊЕ НОВА КНИГА КОЈА БИ БИЛА ИНСПИРАЦИЈА И ПОТТИК ЗА НЕКОЈА МЛАДА ЖЕНА ДА НЕ СТРАВУВА ДА БИДЕ 6О И ПРВАТА ЖЕНА КОЈА ЌЕ ГИ ОСВОИ 7-ТЕ ВРВОВИ?

Тој што сака да пишува, постојано ќе пишува. Тоа ти можеби подобро го знаеш. И јас кога ќе размислам отсекогаш сум пишувала, дневници, блог, постови, книги. Пишувам и кога сликам, на некој начин. Сега пишувам повеќе од било кога бидејќи тоа ми е дел од работата.

МОМЕНТАЛНО ГО ЖИВЕЕШ СВОЈОТ СОН. ОД ФОТОГРАФИИТЕ КОИ ГИ ОБЈАВУВАШ НА ИНСТАГРАМ СЕ ЗАБЕЛЕЖУВА ДЕКА СИ СРЕЌНА И ИСПОЛНЕТА. КОЛКУ Е ВАЖНО ЧОВЕК ДА ЗНАЕ ДА ГО ПРЕПОЗНАЕ СВОЈОТ ПАТ И ХРАБРО ДА ЗАЧЕКОРИ ПО НЕГО, БЕЗ ВРТЕЊЕ НАЗАД?

Првиот чекор е секогаш најтежок. Но штом ќе тргнеме со цврста помисла кон тоа каде сакаме да стигнеме, чинам сите врати пред нас сами се отвораат. Како што велат „Среќата ги следи храбрите“.

КАКО ИЗГЛЕДА ЕДЕН ТВОЈ ВООБИЧАЕН ДЕН? ИМАМ ЧУВСТВО ДЕКА СИ ОД ОНИЕ ЛУЃЕ ЗА КОИ СЕ ВЕЛИ ВОДА СТОИ, ТИЕ НЕ СТОЈАТ.

Еве на пример почеток на нова недела. Седма по ред од овој семестар. Се ближи тримесечие, што значи имам многу задачи и како професор и како студент.  Понеделник 2-ри Октомври. Се разбудив во 6 часот наутро, убаво се истегнав и направив неколку јога вежби, се истуширав и пијам кафе додека ги одговарам прашањава. За половина час одам на факултет. Денес држам две предавања едно по друго со мала пауза помеѓу. Завршувам околу 12:30 попладне. Потоа треба да одам до галеријата во стариот град, каде штотуку заврши мојата самостојна изложба, а во петок се отвара нова групна изложба на која исто така учествувам па треба да однесам нови дела кои ги насликав викендов. Потоа имам време за некоја физичка активност, на пример пливање или качување. Во 3 часот попладне имам состанок со една професорка и во 5 попладне имам состанок за една групна задача по еден од предметите кои ги учам. Навечер обично работам на останатите неделни задачи или оценувам задачи од студентите на кои им предавам. Некогаш наоѓам време да читам или пишувам и гледам да си легнам околу 10 навечер

АКО ЗАСТАНЕШ ТОКМУ СЕГА И СЕ ЗАВРТИШ НАЗАД, ДАЛИ БИ СМЕНИЛА НЕШТО ИЛИ СИ УБЕДЕНА ДЕКА СЕКОЈА СЕКУНДА ОД МИНАТОТО И ИЗОДЕНИОТ ПАТ ДОСЕГА ТЕ ДОНЕЛО ТОКМУ КАДЕ ШТО СИ СЕГА?

Не би можела ни да замислам да го живеев животот поинаку. Сепак овде научив доста работи во однос на познавање на сопствените права како жена, спортистка и уметничка. Можеби мојот пат ќе беше поинаков ако ги знаев тие работи порано.

КАКВА МУЗИКА СЛУШАШ, КОЈ ЖАНР НА КНИГИ И ФИЛМОВИ ТИ СЕ ДОПАЃААТ? МИСЛАМ ДЕКА НЕ НАЈДОВ ПОДАТОК/ИНФОРМАЦИЈА ЗА ТОА КОИ ТИ СЕ ОМИЛЕНИ АКТЕРИ, СЛИКАРИ И МУЗИЧАРИ?

Мислам дека за музика лесно потпаѓам под влијанија и сум слушала речиси се освен техно и турбо фолк. Очигледно е дека и се вљубувам во музичари и тогаш станувам нивна најголема обожавателка. Наместо обратно нели... (се смее). Така низ времето сум била панкерка, рокерка и сега на крај блузерка. И сите тие правци се’уште ги сакам. Сепак ако нешто можам да слушам баш секој ден, веројатно тоа ќе биде нешто помеѓу џез и реге. Од сликари ги сакам експресионистите, а за книги во моментов речиси и да немам време освен стручна литература која е навистина обемна но и интересна. Читам многу феминистички книги, како и социјални влијанија врз глобалната спортска сцена. 

За крај. Долго се мислев која песна да и ја посветам на Илина. Оваа (што ја читате) ја напишав минатата недела и иако беше скоро објавена, чинам дека  е вистинскиот избор. Драга Илина, чест ми беше што те имавме во ТАА Е... и ти посакувам да ги освоиш сите врвови. Не само планинските, туку и тие што те дефинираат како човек и жена и кои те прават среќна!

Нема поубава жена

Од жена која љубена е

Од сама себе најпрво 

Од себе сама најмногу

Која знае како да се чува

И како себеси среќна да се стори

Та да си најди секогаш повод

Да и’ цути лицето

И живеачката убава да и’ биде

Нема поубава жена

Од жена која љубена е

Од оној со кој постела дели

И кој срцето на дланка ќе и’ го дари

Без да мери, без да премерува

Кој ќе знае како насмев да и’ измами

И со поглед еден маката да и’ ја види

Нема и не ќе има поубава жена 

Од жена која знае што сака

И која знае оти заслужува спокој

Која не ќе дава црнила да гледа

Ниту отров да голта

Која до себе ќе држи

И со крената глава ќе чекори

Оти убоста во ликот минува

И кожата ќе огруби

Времето трага ќе остави

И рацете ќе ги остари

Ама убавината во окото не минува

И сиот лик од него свети

Та ти се чини оти најубава е

Како ниедна друга која на земјава се родила

Таквите жени ретки се

Таквите жени алтани се

Тие кои за себе љубов имаат

Тие кои од саканиот љубов примаат

И по одот се познаваат

По насмевката и срцето младешко

Од кое годините само бројка стануваат

Нема поубава жена

Од жена која среќна е

И која среќата за ништо на светов не си ја продава

Ниту за руба свилена ја менува

Ниту за златници од неа се откажува

Оти убавите жени умни се

И знаат оти се’ на светов кратко трае

Освен мирот

Освен тој лековит мир во нивните срца



Фото: приватна архива и Jaron Johns