TAA E…Ивана Кнез: „Сакам да им ја вратам жената на жените, онаа која современиот дизајн брутално им ја украде“

Добивај вести на Viber

Отсекогаш се восхитував на жените кои љубат да кршат табуа, жени кои зборуваат за голотија и рецепти со идентична страст, жени кои знаат што сакаат дури и тогаш кога мислат дека не знаат. Откако паметам за себе се восхитувам на жени кои не само што се свои, туку немаат страв да останат свои и тогаш кога се свесни дека животот би им бил полесен и поедноставен доколку барем малку ја сведнат главата. Кога и’ пишав дека имам голема желба да ми биде гостинка во „ТАА Е...”, воопшто не ме изненади кога на прва ми напиша “прашај ме што сакаш, се’ ќе ти кажам без цензура”. Додека ги читав одговорите на прашањата кои и’ ги поставив, помислив дека токму ваквите жени, храбри и непокорни ни требаат за да излеземе од рамките за кои и не сме свесни дека ги имаме.

Како жена која минала сито и решето низ животот, се’ уште се фаќам дека имам кочници кога треба некому нешто да плеснам в лице. Читајќи ја Ивана, сфатив дека вистинското ослободување е токму во “луксузот” да се одврзе јазикот и да се зборува отворено за се’, без розови очила, без срам, без криење. Слободата, вистинската слобода е во дозволата која ќе си ја дадеме да бидеме она што сме, онакви какви што сме сами пред себе, голи пред огледало, соголени во душите.

Нема да ви го одземам времето и вниманието со говорење за неа, таа знае да говори за себе. Само читајте, уживајте и да знаете дека во секоја од нас лежи ТАА...

Ladies and gentlemen… Ивана Кнез!

АВТЕНТИЧНА, СВОЈА, ХРАБРА, БЕЗ ВЛАКНА НА ЈАЗИКОТ. КОЛКАВА Е ЦЕНАТА КОЈА ЈА ПЛАЌАШ ЗА ДА БИДЕШ ТОА ШТО СИ, А НЕ ТОА ШТО СЕ ОЧЕКУВА ОД ТЕБЕ?

Најчесто сум сама во битките кои ги водам, често несфатена и осудена, а уште почесто со вперен прст во мене, калимеро нема правда. Скоро имав ситуација со човек кој го сакам повеќе од себе, каде говорејќи ја вистината бев осудена зошто морам да кажам на глас што е тоа што не чини. Затоа што не сум нормална како сите жени и да премолчам. Не сум, ако станам “нормална” да бидам искрена јас ќе си пресудам. Ни стана навика да живееме заедно со розевиот слон, па почнавме веќе секаде да го носиме со нас. Затоа и распаднати индивидуи влечат зад себе распаднати животи, со распаднати бракови и семејства. Ама се’ е во ред се додека пикаме под килим, да не знае татко ти, да не знае мајка ти, за мир во куќа. Е тоа ниво на примитивизам не’ остава баш онаку каде што сме, на Балкан. Па ако моето гласно говорење му пречи на локалниот менталитет, нека го, барем јас да бидам камчето што ќе направи кругови во водата со надеж дека еден ден ќе станат бранови.

СЕКОЕ ПАРЧЕ ОБЛЕКА КОЕ ГО КРЕИРАШ ДИШЕ СО ЖЕНСТВЕНОСТ И ДОЗА НА ЕРОТИКА. ДАЛИ МАКЕДОНКИТЕ СЕ ДОВОЛНО ХРАБРИ ДА ГО НОСАТ ТВОЈОТ БРЕНД ИЛИ МАЛОГРАЃАНШТИНАТА ВМЕШУВА ПРСТИ И ВО МОДАТА?

Ми требаше мнооогу време да сфатам и да прифатам дека јас не сум за сите. Мојот стил, мојата дефиниција за жена го погодува само мал дел од моменталното општество и тоа ме прави многу среќна, не сакам да сум за сите, не сакам да влезам во онаа категорија каде секому ќе се допаднам, баш напротив, не сакам да ме сакаат, ниту мене ниту моите дизајни. Таа лага на нискобуџетен восхит го расте егото како квесец тесто, а јас сакам да сум она киселото, она лутото што пркоси на топлината. Верувам во жената како битие и пол, како помлада и јас бев навлечена на трендот на дефеминизација, Европа го бара тоа од нас. Но со текот на времето научив да се сакам себеси безрезервно, а со тоа и секоја проклето блескава жена на планетава која има харизма и која не се плаши да греши. Таа жена сакам да ја облекувам.

КАКО ЖЕНА КОЈА САКА ФАРМЕРКИ И ДОЛГИ ЕДНОСТАВНИ ФУСТАНИ, ИМАВ ЧЕСТ ДА НОСАМ ТВОЕ ПАРЧЕ ОБЛЕКА ВО КОЕ СЕ ЧУВСТВУВАВ КАКО АНА, НО ЕДНА СОСЕМ ПОИНАКВА АНА КОЈА ШТО ВО ОГЛЕДАЛОТО СЕ ВИДЕ СЕБЕСИ СО СОСЕМ ДРУГИ ОЧИ. ДАЛИ СИ СВЕСНА ДЕКА ЈА МЕНУВАШ МАТРИЦАТА НА СЕБЕДОЖИВУВАЊЕТО КАЈ ЖЕНИТЕ?

Да, свесна сум и намерно го правам тоа. Знаеш Ана, вистинската родова дискриминација во моментов се случува само и единствено над жените. Се’ уште се трудиме да стекнеме право на парламент, се’ уште немаме право да посвоиме дете доколку нема маж покрај нас, се’ уште се очекува од нас да поминеме низ прстите на шефот за унапредување. Имаше период од мојов живот каде што носев ескорт покрај мене на состаноци со големите бизнисмени, само за да не бидам јас на тапет за консумација, бидејќи се’ уште жената се глорифицира прво и единствено преку нејзиното тело. Јас го сакам женското тело, не постои нешто посовршено од сенката на една среќна жена, но мојата креација бара таа сенка да говори, да има амбиција, свест, знаење, глад и жед за живот и притоа да изгледа како современо божество.

НЕМАШ ПРЕДРАСУДИ ДА ПОКАЖЕШ ГОЛА КОЖА И ТОА ВООПШТО ДА НЕ ИЗГЛЕДА ВУЛГАРНО, ТУКУ ЕРОТСКИ И ПОСАКУВАЧКИ. ТВОИТЕ ИНСТАГРАМ ФОТОГРАФИИ СЕ ЧИСТА УМЕТНОСТ СО КОЈА САКАЛА ИЛИ НЕ, РУШИШ ТАБУА. КАКВИ РЕАКЦИИ ДОБИВАШ ВО САНДАЧЕТО ЗА ПОРАКИ И КОЛКУМИНА (ОСОБЕНО МАЖИТЕ) ГО СФАЌААТ ТОА КАКО ПРОВОКАЦИЈА ИЛИ ЖЕЛБА ЗА ВНИМАНИЕ?

Една “погола” фотографија и одма следи слика од пенис во сандаче со прашањето - сакаш? Знаеш како, не може на гладно куче да му покажеш кременадла и да очекуваш дека нема да те гризне. Можеби на крајот ние самите сме криви за таа објектификација на нашите тела, нема да најдеш една биохемичарка нагу*ена на инстаграм, современите проамерикански начела не’ проголтаа сите, па дури и мене. И јас бев едно време дел од тој вртлог на еротика само што се оправдував со Мадона, а не со Ким К. Никогаш нема да имам против голо тело, ниту машко ниту женско, на крајот од денот најубавите работи во животот се случуваат кога не носиш никаква гардероба на себе нели?  Но тоа што правото на голотија кое своевремено беше резервирано само за микро дел од светот сега стана примарен симбол за привлечност, направи кај мене да посакам да се облечам. И тоа во фустани, во магични фустани кои и те како уживам додека ги соблекува од мене.

ИМАШ НЕВЕРОЈАТНА МОЌ ЗА ТРАНСФОРМАЦИЈА И ЉУБИТЕЛ СИ НА МАСАЖИ, УБАВО НАПРАВЕНИ НОКТИ И ТРЕПКИ (КОИ ГИ НАРЕКУВАШ ПЕПЕРУТЧИЊА). СЕТО ТОА НА ТЕБЕ ИЗГЛЕДА КАКО ДА Е ДЕЛ ОД ТВОЈОТ КАРАКТЕР И СТИЛ НА ЖИВОТ. ДАЛИ СУМ ВО ПРАВО ДЕКА ЗА ТЕБЕ ВАЖИ ИЗРЕКАТА ШТО ГЛЕДАШ, ТОА ДОБИВАШ?

Епа кога жени кои те следат на социјални медиуми ќе те запознаат во живо и ќе ти кажат дека си уште поубава отколку на сликите, за мене е доволно за да си потврдам сама на себе дека сум на правиот пат за стареење. Сакам убавина, појако е од мене. Сепак на крајот од денот завршив академија, каде ме научија како да станам зависна од младоста, баш онака како Доријан Греј. Знам која е цената на фанатизмот, затоа практикувам паузи од се’ и многу често се враќам на природата, на основата, на моментите каде сум оголена пред сама себе. За јавноста постои Ивана Кнез, Иве ја знаат само една шака луѓе и таа Иве шета по пижами, со распар чорапи и мрсна коса.

LOVECATS И DRAMA СЕ ТВОИТЕ НАЈСАКАНИ ЧЕДА ОД СЛЕДАЧИТЕ. БИДЕЈЌИ СОЗДАВАШ ЗА ЖЕНИТЕ, ДАЛИ МИСЛИШ ДЕКА ДУРИ И ВО НАЈЕДНОСТАВНИТЕ ЖЕНИ СЕ КРИЕ ПО ЕДНА DRAMA QUEEN КОЈА САКА ДА БИДЕ НА ГРАНИЦА МЕЃУ БЛУДНИЦА И СВЕТИЦА?

Во оној момент кога секоја жена ќе се ослободи од сопствените пранги, ќе завладее мир и изобилие во светот. Не сме свесни колкава е нашата моќ и ова не го велам на ниво на “родив значи постојам”, баш напротив. Сржта на секоја жена е исклучително високо ниво на интуиција која повлекува исклучително високо ниво на свест. Таа свест кога се буди во форма на интелект, не постои сила на светов која ќе може да ја запре. Затоа сметам дека образованието е клучот за секоја жена, но не ова современово принаправено по не знам каков систем кој буквално може да го фрлиме во тоалет, не, она старото, вистинското, каде губиш разум над книги. И кога доаѓа моментот на себедефиниција, нема да се плашиш да ја прифатиш ниту блудницата, ниту светицата, ќе бидеш поткована со најголемата моќ на светот - знаењето.

ГО ИМАШ МИНАТО ПАТОТ СО ПРЕКУМЕРНАТА ТЕЖИНА, СО КОЈА ЧИНАМ ДЕКА СЕ СООЧУВА СЕКОЈА ЖЕНА ВО ОДРЕДЕН ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ. ОД ДЕНЕШЕН АСПЕКТ КОГА ХРАНАТА ТИ Е ПОВЕЌЕ УЖИВАЊЕ ОТКОЛКУ БЕГСТВО ОД СЕБЕ, КОЈ БЕШЕ ТРИГЕРОТ ЗА ДА НАКАЧИШ ОТПОВЕЌЕ КИЛОГРАМИ И УШТЕ ПОВАЖНО, КОЈ КЛИК СЕ СЛУЧИ ЗА ДА ГИ СИМНЕШ 25-ТЕ КИЛОГРАМИ ТОВАР (И МЕНТАЛНО И ФИЗИЧКИ)?

Здравјето, пред се’. Знаеш, преку глава ми е од модерниве прифати се дрн дрн профитерски филозофии, не може ти да му кажеш на едно дете од 18-19 години кое се’ уште нема појма зошто се разбудило сабајлево, дека е во ред да има 100кг и да се прифати себеси. Не, немој сонце да се прифаќаш, бидејќи ако се прифатиш кога ќе дојдеш на мои 38 години ќе имаш во најмала рака шеќер, холестерол, висок крвен притисок и уште мал милион здраствени проблеми кои се 99% врзани со исхраната и стресот. Во ред е да се бориш со 5-10кг, да, жени сме од крв и месо и сакаме баклава ни се може бе, во ПМС сме пола живот. Но тоа инсистирање од дебелината и обезноста да се направи тренд ме ужаснува, поготово затоа што јас имав 103кг и те како знам што значи да се влече таа килажа. Да се разбереме, се облекував фантастично и ги имав најубавите мажи тогаш, значи килажата воопшто не ми беше пречка да живеам. Но, кога започна висок крвен притисок, па клиничка смрт 45 секунди па потоа до ден денес мал милион проблеми се заради таа храна и консумација на алкохол, да го имав тогаш овој памет сигурна сум дека ќе си влепев една шлаканица за да се освестам. Не го сакам овој површен модернизам каде одат на шминка и фризура, а гинеколог не виделе од моментот кога се родиле. Приоритет е од внатре кон надвор, јас сум прва за да проба човек се’ во животот и навистина тоа го правам, се’ пробав и се’ уште пробувам и пороци и зависности и хедонизам и ренесанса, дај ми живот да го живеам. Но мора да се приортизира здравјето, многу ми е жал што не постои официјална државна програма за тоа во секое училиште како што има во цел свет. Обезноста е сериозна современа болест која повторно кај нас се пика под килим и се вадиме на условите и животот или пак се правдаме со трендовите.

ЛИЧНО, МНОГУ ТЕ САКАМ ЗАТОА ШТО СКОРО СЕКОЈ ПОД СЕКОЈА ТВОЈА ОБЈАВА НА ИНСТАГРАМ ИМАШ ПАРЧЕ ДУША ВО ВИД НА МАЛ ТЕКСТ. ДАЛИ Е ТОА ПОДДРШКА, СПОДЕЛУВАЊЕ НА СВОЈА МИСЛА ИЛИ СОЗНАНИЕ, СЕКОГАШ Е ТВОЕ ЗАЛАГАЊЕ ЗА ЉУБОВ КОН СЕБЕ. КОЛКУ СЕ ЉУБИШ СЕБЕСИ ИВАНА?

Уште учам драга моја, уште се борам со моите демони. Го видов истокот, а живеам на запад и сега се’ уште не можам да најдам начин како да го избалансирам моето секојдневие. Уште учам да сакам повеќе за себе, не во количина туку во квалитет. Односот со храната многу ми помогна во тој дел, научив дека кога ми се јаде чоколадо не смеам да си го скратам тоа, туку одам и го купувам најдоброто. Ама еднаш, во три месеци. Знаеш дека пишував колумни и во одговорите кои ги добивав тогаш сфатив колку нас овде жените не’ боли егзистенцијата, колку се изгуби основната наша енергија. И затоа правам и давам онолку колку можам во дадениот миг барем некому да бидам инспирација денес, да се разбуди насмеан, среќен и охрабрен. Ни недостасува таа храброст.

ВО ЕДНО НАШЕ ДОПИШУВАЊЕ ТИ КАЖАВ ДЕКА МОРА ДА ГО СТАВИШ НА ХАРТИЈА СЕТО ТОА ШТО СИ ГО МИНАЛА И КОЕ ТЕ НАПРАВИЛО ДА СИ ИВАНА КОЈА ШТО СИ ДЕНЕС. ДО КАДЕ Е ТВОЈАТА КНИГА, ДАЛИ ВО НЕКОЕ ДОГЛЕДНО ВРЕМЕ ЌЕ ИМАМЕ МОЖНОСТ ДА И СЕ НАСЛАДУВАМЕ?

За ќотек сум, ама оправдано ми е. Се’ уште активно работам на себе, веќе 4 години со помош на психолог сакам да се поправам колку што е можно повеќе пред повторно целосно да им се вратам на моите жени. “Биди промената што сакаш да ја видиш”, се водам по тоа правило, не можам да ти давам совети како да живееш ако јас се’ уште преживувам. Но, размислувам за подкаст и собирам сила да ја сумирам целата моја сага на хартија во меѓувреме. Уште ми се случуваат животи, не седам мирна иако ме нема, јас сепак го поместувам основното тло.

ЈАС СУМ ЉУБОВ, ЈАС СУМ ЖЕНА СТОИ ПОД ЕДНА ТВОЈА ИНСТАГРАМ ОБЈАВА. КОЛКУ УЖИВАШ ВО ТОА ШТО СИ ЖЕНА, ИАКО ИМАМ ВПЕЧАТОК ДЕКА ПО ПОТРЕБА ЗНАЕШ ДА БИДЕШ И СО ТЕСТИСИ?

До ден денешен кога некој ќе ми каже “леле, па ти си Ивана Кнез, не ти личи да носиш кеси”, ми доаѓа да го онесвестам со тупаница за да види колку Ивана Кнез може да носи и што се’ може да прави. Јас одлучив да бидам онаа џукела која откако ќе истурка количка со песок, по брз туш и брза шминка, ќе облече 11ка во комбинација со некој идиличен фустан и ќе се смешка цела вечер во маниризам “нисам из одавде, не знам што зборуваш”. И тоа е мојата моќ, тоа мене ме разликува од сите жени, јас прифатив дека можам да бидам кардинален џибер и исклучителна дама во рок од една минутка. Тоа е мојата супер моќ. Јас сум жена, јас сум семоќна. Јас имам сила да го поместам светот и фрижидерот во кујна попатно и тоа ќе го сторам на високи потпетици и со црвен кармин, само ако сакам.

ОД ШТО СЕ ПЛАШИШ И КАКО СЕ СПРАВУВАШ СО СТРАВОТ?

Од себе. Во моментов сум заглавена во еден вртлог каде не знам што сакам за себе и тоа ужасно ме плаши. Мојата глад за живот стиша, многу се смирив во последниве неколку години и не знам да се носам со овој мир. Учам да бидам нова, позрела Ивана која ќе донесе неимпулсивни и промислени одлуки и тоа ме вади од памет. Тоа не значи дека ќе се повлечам пред себе, но тоа значи дека ја водам последната, најважна битка на мојот живот. И извадена сум од памет.

КОЛКУ СЕ МАЖИТЕ СПРЕМНИ ДА БИДАТ СО ЖЕНИ КОИ ГО НОСАТ СВОЈОТ СЕКСАПИЛ СО ИСТАТА ЛЕСНОТИЈА СО КОЈА ЧЕКОРАТ НИЗ СИТЕ ЖИВОТНИ СИТУАЦИИ И НЕ ЗАБОРАВААТ КОИ СЕ И ШТО МОЖАТ?

Не знам дали сум го кажала ова порано, но кога би требало да се дефинирам себе си, би рекла дека сум шовинист колку им го сакам тој проклетиот род (се смее). Види Ана, верувам во љубов, верувам во промена, верувам во моќта на позитивната мисла и знам дека со вистинскиот партнер целиот живот добива друга димензија. Не вистинскиот маж, тоа ве лажеа бабите на времето за полесно да заспиете, не постои тоа, исто како што не постои вистинската жена. Но, во еден даден момент се случува сите ѕвезди на небото да направат план и да ти се случи оној еден, некој за кого ти ќе сакаш сите тие ѕвезди да му ги донесеш пред него. Е на тој еден некој, нема воопшто да му биде важно ниту како изгледаш, ниту како се облекуваш, ниту што работиш. А попатно се’ тоа ќе му е најважно и ќе знае како со тебе, исто како и ти со него, двајцата еден за друг, еден покрај друг, со сите убавини и грдотии кои ги носи животот. Ама сето тоа ќе е неважно, ќе се имате еден со друг. И сите догми паѓаат во вода кога љубовта наоѓа начин, сета вистина излегува на површина и прво многу боли, а потоа нема назад, од таа убавина никој не се вратил. Тогаш ти ќе сакаш да си најсекси на него, а тој ќе те голта со сите негови сетила и нема да се грижи за светот околу вас, ќе постоите само вие.

АКО СЕ ГЛЕДАШ СЕБЕСИ ОТСТРАНА, КАКО НАЈДОБРО БИ СЕ ОПИШАЛА?

Овца, што упорно оди со главата во зид. Ама важно е насмеана додека и’ ги крпат раните од ударот.

ЗА КОЈА СВЕТСКИ ПОЗНАТА ЖЕНА БИ КРЕИРАЛА ОБЛЕКА И КАКВА БИ БИЛА?

Немам предизвик од тој размер. Мој предизвик е секоја жена кога ќе носи мое парче да го добие она мало нешто кое и’ недостасувало за да биде комплетна, да биде насмеана, заводлива и задоволна од себе. Ми требаат тие жени, да им делувам, да ги променам, да им дадам дел од мене и мојата храбра лудост, за тие да се посреќни. Не сакам да е светски позната, сакам секоја жена која ќе ме носи мене, да се чувствува како да е светски позната. Сакам да им ја вратам жената на жените, онаа која современиот моден дизајн брутално им ја украде.

ЗА КРАЈ, ДАЛИ ИМА НЕШТО ШТО БИ САКАЛА ДА ГО СПОДЕЛИШ СО НАС, НЕШТО ШТО НЕ БИЛО КАЖАНО ВО НИТУ ЕДНО ИНТЕРВЈУ?

Има многу иако многу имам кажано, но сепак има уште толку многу. Сакам да ги замолам младите девојки да не се задоволуваат со инстаграм лајкови, со инфлуенсерски кариери, сакам да се врати амбицијата за професија кај жените, сакам да ги замолам жените да не влегуваат во бракови само затоа што мислат дека не можат сами, да престанат со компромиси кои ги чинат целиот нивни живот. Сакам да ве замолам сите вас кои го читате ова, да престанете да го живеете животот со мотото што ќе кажат другите, почнете да го чувствувате и живеете секој миг како да е последен, не сте свесни колку брзо поминува ова наше време. Оној момент кога ќе дозволите да ви се случи “оној еден некој” со кого заедно ќе ги гледате ѕвездите кои ве споиле, голи, без мерцедеси и лобутанки е баш тој моменткој ќе ви ја промени причината за живот. Но мора да дозволите да ви се случи тоа, тргнете се од негативноста и омразата, пораснете над секојдневието и изборете се со личните демони до самиот крај. Тргнете се од проклетите социјални медиуми, тие ве голтаат живи. Вратете си ја онаа мала искра која ве тераше да играте боси на дожд, додека тече омилената песна. Вратете си го животот назад.

За крај, песната која е скокотлива и игрива како неа, која ја отсликува жената во една жена...токму онака како што таа го прави тоа преку она што го создава. Драга Ивана, чест ми беше што те имавме во ТАА Е.... Те љубам, заедно со твојата храброст и сила.

во умот сум ти

удобно навалена

со пуштена коса

и боса

гола

со испишани зборови

на телото навезени

ете таму ти седам

и те опседнувам

мислите ти ги земам

низ прстиве ги вртам

како старец бројаница

во збрчканата рака

во умот сум ти

зад сите врати

затворени

и заклучени

а клучот го запретувам

и од главата

не ти излегувам

ете таму ќе ти бидам

веква луда и обична

каква што сум

и каква што секогаш ќе бидам

сонот ти го крадам

во утрата те пречекувам

како мирис од жешко кафе

низ умот ти вртам

и те скокоткам

безобразно и дрско те задевам

оти така ми се сака

а и ми се може

во тебе да се вгнездам

и инаетливо да одбијам

да си одам

и понекогаш и сонот ти го кршам

среде ноќ те будам

и немир ти носам

дур од умот надолу полека ти се спуштам

и кај градите те чепкам

кај срцето те боцкам

за да не заборавиш

дури ниту случајно да не изумиш

дека тука сум ти

а потем на раат те оставам

и пак во умот ти се враќам

навалена и подзамижана

времето не го бројам

туку само се смешкам

оти така ми се сака

оти така ми се може