Таа ја оживеа македонската традиција преку фустани на најгламурозен начин: Емили Пишева Гоџирова

Добивај вести на Viber

Сон или желба на секој моден дизајнер е да се појави на модна ревија во земја која има минато со модата. Земја која кога ќе се спомне ќе ве потсети на модните промени кои поминале низ улиците на таа земја, но и на промените кои се случиле и се клучни за модата во светот, а потекнуваат токму од тие предели. Своето искуство за посетата и учеството на модната недела во Венеција, со Женски магазин го сподели модната дизајнерка и уметница Емили Пишева Гоџирова.

Нејзината модна куќа Emili Exclusive Design годинава ја имаше честа да се претстави пред присутните граѓани, гости, дизајнери, политичари и сите други кои биле дел од модната недела во Венеција.

Како што ни истакна дизајнерката таму ги пречекал Генералниот Македонски конзул, Стојан Витанов, и во целиот процес на пренесување на сите тоалети, изработката и претходното подготвување на дизајните ги вклучиле сите сили со сестра ѝ Благица Пишева Ѓоргиева, која е исто така дизајнерка и успеале со своите креации кои ги претставиле на модната недела во Венеција да го постигнат она што го сакале, да привлечат внимание и да останат запаметени.

Можеби еден од најинтересните детали на креациите со кои се претставиле сестрите Пишеви покрај нивниот уникатен и претпознатлив стил кој ја истакнува женската фигура, се милјеата кои се во склад со овогодинешната тема на модната недела во Венеција - одржлива мода.

* Колку време ја изработувавте колекцијата која сакавте да ја прикажете на модната недела во Италија, односно Венеција?

-Иако нашата работа бара многу време како креативност и организација… кога ја добивме поканата и честа ние да сме претставници од Македонија на модната недела во Венеција, ги  искористивме максимално сите наши сили, за да создадеме колекција соодветна за темата, настанот, па и самата Венеција.  

* Овие настани се битни за секој еден дизајнер кој со години твори на домашната но и на балканската сцена, колку ваквите настани за вас како дизајнер и модна куќа се битни?

-Како што спомнав, се спремавме за рекордно кратко време, се‘ со цел да не ја пропуштиме оваа можност да се претставиме во вистинско светло. Како веќе докажана успешна модна куќа изградена со свој препознатлив стил, мојот став е дека никогаш не треба да се прекине со нови идеи, нови реализации, убавини што треба да се остварат, но и презентираат на домашната и светската модна сцена. 

* Дали сами си организиравте за учество, или добивте покана, ако да од кога - како одеше процедурата? Кој ве пречека таму?

-За целата мисија можам да кажам дека главни виновници се Македонскиот Конзулат во Венецијa.

Прекрасен пречек ни овозможи нашиот Генерален Конзул, Стојан Витанов, кој со претседателот на почесни конзули во Италија се погрижија се‘ да оди по планот. Како средби со тамошните организатори, претставници од списанија, многу инфлуенсери како и други модни куќи.  

* Дали бевте делегација од Струмица или Македонија или само лица кои се дел од вашата модна куќа?

- Гости или делегација како сакате наречете, на ниво на нашата Македонија, бевме цел тим од фотограф, до преведувач, само модел не ни требаше, за цела таа операција да може да се изведе успешно. Убавината во цело тоа работно патување, па и други патувања од тој тип е тоа што како дизајнери во нашата модна куќа сме јас и сестра ми Благица, така да едноставно си ги поделивме обврските. Голема подршка ми е секогаш и сопругот кој многу често ме придружува на такви патувања. 

* Моделите кои ги споделувавте додека бевте таму навистина нѐ потсетуваат на дома, особено сите ние кои пораснавме дома со плетки кои нашите мајки и баби ги ставаа на масите или на витрините, па и регалите. Зошто токму милието е главен адут на скоро секоја ваша тоалета претставена во Венеција?

-Темата на овогодишната модна недела во Венеција беше “одржлива мода“ па затоа тргнавме токму со таа идеа. Старите подзаборавени плетки (милје) кои беа неизбежен украс во скоро секој дом, да ги вратиме во мода користејќи ги како декоративен елемент во високата мода. Промовирајќи елеганција, шарм, гламур, слава, магија, нежност но и голема креативност. 

* Кој ви помогна во изработката на плетките или тие се ваше наследство?

-Изработките се наследство, вредни рачно изработени уникати кои се пренесуваат од генерација на генерација. И верувам дека секој има по некое такво парче дома од кое може да создаде некоја необична безвременска креација.

* Беше ли тешко да се пренесе сиот материјал, сите тоалети во Венеција?

-Транспортирањето на сите тие тоалети имајќи предвид дека нашите креации се секогаш необични , со волумен и огромна должина, збогатени со необични додатоци, секогаш е проблем, но кога нешто се сака секогаш се наоѓа соодветно решение! 

* Колку дена бевте таму, што ве воодушеви најмногу?

-Нашиот престој во Венеција траеше пет дена, од кои еден, а можам да кажам највозбудлив ми беше денот кога се фотографиравме на прекрасниот шарен остров Бурано. Местото од каде извира чипката, плетениците, милијетата.

На крајот на 19 ти век, во 1872 година во Бурано било отворено училиште за чипкана уметност, а притоа местото изобилува со голем број музеи и продавници за се‘ уште рачна изработка на овој вид плетки.

* Кои беа реакциите на присутните на модната недела во Венеција на вашите изработки?

-Многу од дизајнерите презентираа различни идеи како старото да биде повторно во функција, преобојувајќи или прекројувајќи ја облеката, но никого ја немаше идеата старите неупотребувани милијеа да ги вметне во нови модерни креации. Затоа привлековме огромно внимание таму, а се надевам и овде. 

* Што следно да очекуваме од вас?

- Следно на што планирам да се фокусирам е на мојот магистерски труд по Арт и дизајн и на мојата уште една голема љубов од која црпам голема енергија сликарството. Да ја остварам мојата самостојна изложба со уметнички дела, дела излезени од тој основен екран за цртање, користејќи ја мојата омилена 3D техника, дела преку кои може да ја почувствувате истата таа енергија.


Наталија Миланова

ГАЛЕРИЈА: