“TAA E…Катерина Попева” - “МНОГУ ЉУБОВ ПОСАКУВАМ НА СИТЕ, ТОА НАЈМНОГУ МУ НЕДОСТАСУВА НА ОВОЈ ЛУД СВЕТ”
Насловно фото: Велибор Зафировски
Кога ја видов првпат, знам дека останав подзината и ѝ пишав “каде шеташ со моето тело и зошто побогу си ми го украла?”. Оттогаш наваму тоа е наша интерна шега, а кога ја запознав подобро ме фасцинираа нејзината личност и карактер. За сето ова време додека јас се терам себеси да се фатам здраво за справите, таа граби напред со својата визија за иднината.
Таа е пример за тоа дека целите се остварливи, само доколку навистина гледате напред и сте фокусирани. Таа е секси и моќна, а истовремено скромна и ненаметлива. Таа е пример дека женственоста и мускулестото, извајано тело одат рака под рака и дека едното никогаш не го исклучува другото. Таа е пример за упорност и за фактот дека само истрајноста ви го трасира патот до остварување на соништата. Таа е пример за кроткост и нежност која кај неа ја има во изобилие и извира од секоја нејзина пора.
Ако нешто посакувам за себе, тоа е да имам барем дел од нејзината волја и да сум истрајна како неа.
ТАА Е жената која поместува граници.
ТАА Е жената која и покрај сите предрасуди со кои се судира на својот пат, знае каде тера...за себе и со себе, за и со сите жени кои се секогаш свои без оглед на цената која ја плаќаат за да го живеат тоа што го сакаат.
Ladies and gentlemen… Катерина Попева!
МОДНА ДИЗАЈНЕРКА И ФИТНЕС ИНСТРУКТОР. НА ПРВ ПОГЛЕД ДВЕ СОСЕМ РАЗЛИЧНИ ПРОФЕСИИ, НО ЗА СЕКОЈА ОД НИВ ИМПЕРАТИВ Е НЕГУВАЊЕ НА ЖЕНАТА. ДАЛИ ТЕЛОТО НИ Е ХРАМ НА ДУШАТА И НА ОНА ШТО ГО НОСИМЕ ВО СЕБЕ?
Да, навидум се две различни професии но во суштина и многу слични. Викаат дека не е важно како се носиш или како физички изгледаш, важно е она што го имаш однатре, но не се согласувам со ова. Секако, облеката и како изгледаш е точно како се чувствуваш и тоа говори за една личност што носи во себе. Доколку знаеш да се грижиш за себе на тој начин, ќе имаш што да дадеш и за другите.
Се’ тргнува од тука дека телото е храм на душата и она што го носиме во себе.
Фото: Дарко Мораитов
МЕЧТАЕМЕ ЗА ТЕЛО БЕЗ ЦЕЛУЛИТ, “СВАДБАРКИ” И МАСНИ НАСЛАГИ. КОЛКУ Е ТЕЖОК (ИЛИ БАРЕМ ТАКА СЕ ЧИНИ) ПАТОТ ДО ОСТВАРУВАЊЕ НА НАШИТЕ МЕЧТИ?
Како и за се’, така и за ова. Колку повеќе ќе вложиш, толку повеќе ќе добиеш. Луѓето постојано наоѓаат најразлични изговори, особено дека немаат време и слично, но со ова не се согласувам. Тоа е секако време посветено за себе. Секој може да одвои еден час во денот и тоа е најлесниот дел. Потешкиот дел доаѓа од фактот дека ова е животен стил и дека се живее не само во вежбалната, туку 24/7. Што внесуваш, какви ти се мислите, колку се одмараш итн. За рекреативците треба многу малку за да живеат здраво и да се чувствуваат убаво, а со тоа ќе имаат и поквалитетен живот. За спортистите викаат дека бара многу одрекување, но јас би рекла дека треба голема љубов, пред се’ и вистински да го сакаш тоа. Колку поголеми цели и соништа, толку поголемо вложување. Секако, не е лесно и едноставно, бара огромна посветеност, дисциплина, решителност и карактер, но ништо не е невозможно. Главниот изговор на луѓето е дека немаат мотивација, но ниту јас имам секогаш мотивација. Целта е онаа која не’ води по патот. Кога ќе имате чисто поставена цел макар и тоа да е само убаво да се чувствувате после тренингот, вие сте на прав пат. Потоа сите коцки сами се редат.
МИ СЕ СЛУЧУВА ЕНТУЗИЈАСТИЧКИ ДА СЕ НАФАТАМ ДА ВЕЖБАМ, ЗА ВО ЕДЕН МОМЕНТ ДА СИ НАЈДАМ ОПРАВДУВАЊЕ ДЕКА НЕМАМ ВРЕМЕ, ДЕКА МИ Е МНОГУ НАПОРНО ИЛИ ДЕКА ТИЕ НЕКОЛКУ КИЛОГРАМИ ПЛУС И НЕ СЕ ТАКА СТРАШНИ (ИАКО МИ ПРЕЧАТ ОД ЗДРАВСТВЕН АСПЕКТ). ДАЛИ ВООПШТО НЕКОГАШ Е ДОЦНА ДА СЕ ПОЧНЕ СО ВЕЖБАЊЕ ИЛИ САМО СИ БАРАМЕ ИЗГОВОРИ, НАВИКНАТИ ДА СМЕ ЗАЛЕЖАНИ?
Тоа се само изговори. Конфорот може да не’ убие. Тежок е само почетокот, но кога ќе влезете во рутината, после буквално нема да пропуштите тренинг. Не заради изгледот, туку пред се’ од здравствени причини и заради чувството кое е незаменливо. А изгледот си доаѓа како последица (се смее).
КОГА ЌЕ СЕ СПОМНЕ РЕЖИМ НА ИСХРАНА, СИТЕ ПОМИСЛУВАМЕ НА ИЗГЛАДНУВАЊЕ ИЛИ ОТКАЖУВАЊЕ ОД СЕ’ ШТО НИ ПРЕДИЗВИКУВА ЗАДОВОЛСТВО НА ТРПЕЗАТА (НАЈЧЕСТО ОНА ШТО СЕ НАРЕКУВА “JUNK FOOD”). ШТО ИМА НА ТВОЕТО МЕНИ И ДАЛИ СЕ СЛУЧУВА ДА СИ КАЖЕШ “ДЕНЕС ЌЕ СЕ ПОЧЕСТАМ СО НЕШТО БЛАГО”?
Луѓето не се свесни колку јадат количински, колку шеќер, транс масти и процесирана храна внесуваат. Се’ ова прави некаква зависност. Нередовните оброци исто така се голем проблем кај поголемиот дел од популацијата. Секако, на крајот на денот и јас сум човек и обично после натпреварите каснувам и џанк храна. Но тоа се само неколку оброци во следните два дена после натпревар, а потоа се враќам на своите стари навики со обратна диета. Започнувам со ригорозниот режим и полека додавам по некоја од здравите намирници кои ми биле лимитирани пред натпреварите. Полека го зголемувам внесот и пак се држам на мојот режим, во зависност од она што сакам да го постигнам. Благото не ми е омилено нешто, дури и како дете не сум сакала. Повеќе сакам тестенини и можда некој добар бургер или пица (се смее).
Како што кажав целта е најважна! Моите клиенти ги мотивирам пред се’ со тоа што јас се грижам за себе и вложувам во себе, не само физички туку и духовно. Сите сме поминале многу борби во животот. Конкретно јас преку сите премрежја сум поминала сама со себе и тренингот и тој начин на живот ме спасил и одржал во нормала. Спортот ме научи многу за животот, не само за себе туку и за другите и едноставно ме направи подобар човек и ова што сум сега. Така што, не само преку тренингот туку и преку разговор и дружење им помагам и ги мотивирам да си ја остварат својата цел и да станат најдобрата верзија од себе. Морам да кажам дека преку нив и јас многу учам. И тие мене секојдневно ме мотивираат, посебно клиентите кои имаат посериозни проблеми или некаква попреченост. Кога тие можат можеме сите!
ФОТО: Шишковски Мартин
НЕ САМО ШТО УЧЕСТВУВАШ НА МНОГУ БОДИБИЛДИНГ НАТПРЕВАРИ НА СВЕТСКО НИВО, ТУКУ ЧИНАМ ДЕКА НЕ СИ ЗАМИНАЛА БЕЗ ОСВОЕН МЕДАЛ. ИМАШ ЛИ ИДОЛ МЕЃУ ЖЕНИТЕ БОДИБИЛДЕРИ?
Да, секако дека имам. Ме восхитуваат повеќе жени кои се бават со спортов, но ете да издвојам една Синди Гилон. Секако ќе јаспоменам и Бојана Васиљевич од Србија која се пласира во првите 10 атлети на оваа сцена меѓу најдобрите во светот. Родена е на балканот, и сите знаеме колку труд и работа од тука треба да се вложи за да се стигне таму. Капа доле! Секоја чест! Неколкукратна шампионка на една од најпрестижните сцени во светов. Претходната година во Дубаи имав чест да запознам многу звезди од овој свет. Искуството беше незаменливо, а задоволството огромно.
КОЛКУ КАЈ НАС ИМА ПРЕДРАСУДИ КОН ЖЕНИТЕ КОИ СЕ БАВАТ СО БОДИБИЛДИНГ И ДАЛИ СЕ СУДИРАШ СО ТОА ДЕКА Е ТОА “МАШКИ СПОРТ”?
Предрасуди има многу, посебно кај нас. Во летниот период кога телото е откриено, луѓето буквално зјапаат во мене со секакви коментари. Но, јас си го сакам бодибилдингот и би рекла дека доколку изгледам поинаку, тогаш не би била ова што сум и секако не би била успешна во спортов. Тоа е вкус, не мора секому да се допаѓам, но тоа што треба да сфатат луѓето е дека треба да ги прифаќаат различностите и да ги почитуваат, бидејќи секој професионален спорт е екстремно тежок.
фото: Велибор Зафировски
ТВОИТЕ ВИДЕА НА ИНСТАГРАМ МИ СЕ ПРАЗНИК ЗА ОЧИ. ЧЕСТО ПОКАЖУВАШ НЕ САМО ОДРЕДЕНИ ВЕЖБИ ЗА ТВОИТЕ СЛЕДБЕНИЦИ, ТУКУ НА ДЛАНКА НИ ГО ДАВАШ И ПРОЦЕСОТ КОГА СЕ СПРЕМАШ ЗА НАТПРЕВАР. КОИ КОМЕНТАРИ ТЕ НЕРВИРААТ И КОЛКУ ТЕ МОТИВИРААТ СИТЕ ПОЗИТИВНИ БОДРЕЊА?
Коментарите се дека не е женствено, дека е машки спорт итн. Мојот одговор на ова е дека женственоста доаѓа однатре. Тоа треба да го носиш во себе, а не дали имаш дефинирано тело или мускули. И во други спортови жените се мускулести, но доколку знаеш да се носиш со тоа, напротив, многу е женствено. На натпреварите се гледа целосниот пакет, презентацијата која и те како е повеќе од женствена. Секако, повеќето коментари се позитивни што искрено ме радува. Јас од секогаш сум сакала екстремни и посебни нешта, никогаш не сум се водела од мнозинството, не само во спортов туку и општо во животот (се смее).
РИТУАЛИТЕ СЕ НЕСПОРНО ДЕЛ ОД ДИСЦИПЛИНАТА КОЈА ТЕ ВОДИ НАПРЕД. ЗНАМ ДЕКА СИ РАНОБУДНА, НО КОИ СЕ ТВОИТЕ РИТУАЛИ ПРЕД ВЕЖБАЊЕ ИЛИ ПРЕД НАТПРЕВАР? ДАЛИ ИМАШ АМАЈЛИЈА ИЛИ МАНТРА КОЈА ТИ ПОМАГА ДА СЕ КОНЦЕНТРИРАШ ЗА ДА ГО ДАДЕШ МАКСИМУМОТ ОД СЕБЕ?
Да, секогаш пред спиење се заблагодарувам за се’ што имам, пред се’ дека сум здрава и физички способна да можам да го правам тоа што најмногу го сакам. Им простувам на сите кои не се повеќе дел од мојот живот и им посакувам се’ најдобро. Наутро пијам кафе сама (омилен дел од денот), потоа пуштам музика и распена (а понекогаш и разиграна) се спремам за на работа или кардио тренинг кој го правам пред работа. Ова ми дава сила и мотивација за се’ што следи во текот на денот. Играњето ми е лек за се’ и ме полни со позитивна енергија.
ИМАШ МОЌ ДА СЕ ТРАНСФОРМИРАШ ОД ПОСВЕТЕН ИНСТРУКТОР БЕЗ ГРАМ ШМИНКА ДО СОФИСТИЦИРАНА ДАМА, А НЕКОГАШ И ЈАСНО ЈА ПОКАЖУВАШ СУПТИЛНАТА СЕКСАПИЛНОСТ КОЈА ОСТАВА БЕЗ ЗДИВ. ТВОЕТО “ИГРАЊЕ” СО ОБЈЕКТИВОТ НЕСОМНЕНО ПОКАЖУВА ДЕКА УДОБНО СЕ ЧУВСТВУВАШ ВО СВОЈАТА КОЖА, БЕЗ ОГЛЕД ДАЛИ Е ТОА ВО РАБОТНА ИЛИ ОПУШТЕНА АТМОСФЕРА. КОИ ТИ СЕ НАЈДРАГИ ФОТО СЕСИИ?
Ти благодарам Ана. Да, секако најважно нешто е да се чувствувате добро во својата кожа и со себе бидејќи до крајот на животот ќе живеете во таа кожа и со таа личност (се смее). Имам повеќе омилени фотосесии. Да ја издвојам сесијата до Дарко Мораитов уште во моите рани почетоци. Сесијата за Азгард Нутришн со доберманите и Велибор Зафировски и сесијата за Азгард што ја правевме во Дубаи со Марио, официјалниот фотограф за овој тим. Имам и една нова фотосесија која се’ уште не е објавена, направена е со еден прекрасен фотограф Claus Willemer, но таа ќе ја објавам наскоро.
КОИ СЕ НАЈГОЛЕМИТЕ МИТОВИ И ЛАГИ ПОВРЗАНИ СО БОДИБИЛДИНГОТ И ДАЛИ НАШАТА НЕДОВОЛНА ЕДУЦИРАНОСТ Е МОЖЕБИ ПРЕЧКА ЗА ДА ПОЧНЕМЕ СО ВЕЖБАЊЕ?
Најголемите митови се дека вежбањето со тежина ќе ве направи крути. Напротив, доколку вежбите се изведуваат правилно и со целиот опсег на движење, може да се зголеми флексибилноста. Многу од професионалните бодибилдери-мажи кои се со огромна мускулна маса прават шпага (се смее). Уште еден мит е дека жените кои вежбаат со тегови не се женствени, дека луѓето кои имаат дискус хернија не треба да вежбаат со тежина и дека ако ги пипнете теговите ќе ви појаднат огромни мускули (се смее). Исто така, дека треба многу да се изгладнуваш за да бидеш фит и уште многу други митови за кои ќе ни треба посебно интервју. И покрај достапноста на информациите на интернет, луѓето тука се доста неедуцирани. Проблем е што сега и интернетот нуди море од информации од кои луѓето буквално се во забуна, бидејќи не читаат релевантни информации или не се советуваат со вистински професионалци. Како последица после короната излегоа тон неедуцирани тренери кои во јавноста шират големи заблуди и невистини во однос на фитнесот и исхраната.
Фото Трајче Тале Атанасовски
РАЗМИСЛУВАШ ЛИ МОЖЕБИ ЗА КРЕИРАЊЕ НА СПОРТСКА ЛИНИЈА ЗА ЖЕНИ ИЛИ ЕВЕНТУАЛНО КНИГА ВО КОЈА ЌЕ ГИ ОПИШЕШ ТВОИТЕ ИСКУСТВА КАКО (ПО МОЕ СОЗНАНИЕ/МИСЛЕЊЕ) НАЈУСПЕШНА ЖЕНА-БИЛДЕР ВО МАКЕДОНИЈА?
Да размислувам за спортска облека уште многу одамна дури имам и скици (се смее). Сакам да ги спојам двете професии, тоа би било нешто што би ме исполнило уште повеќе. Работам на тоа и кога ќе биде право време и ќе почувствувам дека тоа е тоа, ќе бидеш меѓу првите која ќе ја види колекцијата. Секако, тоа би било пак нешто нестандардно од она што се нуди на пазатот. Ќе се осмисли и некој интересен начин на презентација за кој имам некој концепт, но ете, ајде да не го откривам пред време.
Да, сум размислувала и за книга но и за тоа би сакала на еден уникатен начин да се долови целата приказна со која ќе може да се мотивираат многу жени и луѓето воопшто.
ШТО ТИ Е СОН? КОЈА Е ТВОЈАТА ЦЕЛ ВО ИДНИНА ГЛЕДАНО ПЕТ ГОДИНИ ОТСЕГА?
Мојата цел е да ги освојам повеќето престижни натпревари кои ми се зацртани, а со тоа да се победам себеси од она што сум била претходно. Исто така, цел ми е да влезам и во професионалната лига и од тука натаму ќе видиме каде ќе ме одведат патиштата.
Во однос на Тринити имам една многу убава идеја, која за жал е рано за да ја откријам.
Сон ми е остварувањето на овој проект, се надевам што побргу!
фото: Велибор Зафировски
ЗА КРАЈ, ДАЛИ ИМА НЕШТО ШТО БИ САКАЛА ДА ГО СПОДЕЛИШ СО НАС, НЕШТО ШТО НЕ БИЛО КАЖАНО ВО НИТУ ЕДНО ИНТЕРВЈУ?
Нешто што јавно не сум го споделила(можеби само сум го споменала низ фотографии преку социјалните мрежи) е дека пред 4 години ми беше дијагностициран меланом ( рак на кожа). Ова за мене беше многу голем пресврт во мојот живот, каде научив многу лекции и ништо да не земам здраво за готово. Цела среќа беше почетна фаза и се заврши со оперативен зафат. Од тука па натаму ми се промени животот за 360 степени. Научив дека никогаш не треба да носиме голема тага во себе, треба да научиме да простуваме, да го сакаме животот бидејќи е преубав! Да бидеме емпатични, да даваме љубов и да ги почитуваме другите. Многу љубов посакувам на сите, тоа најмногу му недостасува на овој луд свет!
П.С. Да знаете дека сум супер и дека уште долго ќе ве мачам со тренинзи. Нема така лесно да куртулите од мене (се смее).
Фото: Дарко Мораитов
За крај... драга Кате, ми беше голема чест и радост што беше дел од жените на кои им се восхитувам и кои едноставно ми се жени-херои, свои и храбри, жени од кои учам и покрај кои станувам и јас подобар човек.
Жените кои ги знам
Во ничија сенка не се кријат
Ниту пак помош бараат
Кога плеќите од тежина им крцкаат
Оти низ животот учени биле
Секогаш главите угоре да им се
Со насмев наместо солзи
И благост во погледот
Збор во шеќер прав извалкан
Наместо слатко и вода послужено
Дури и тогаш кога гостинот арамија е
Жените кои ги знам
Своја сенка имаат
И колку и кревки да се
Знаат под неа да те сместат
За душа да собериш
И коски да си одмориш
Додека тие над тебе бдејат
За да те сочуваат од самиот себе
Дути и тогаш кога огледалото
Од тебе напукнато се сокрива
Жените кои ги знам
Па дури и оние кои не ги познавам
Но чија душа во мојата се пресликала
Или мојава раскажала приказна
Која во нивните души се ткаела
Без збор да си размениме
И без ликовите да сме си ги виделе
Ете тие жени големи сенки имаат
Како стогодишни дрва разгранети
Под кои живот се зачнува
А потем чедо мило се раѓа
Дур наречници думи редат
Жените кои ги знам
Се жените со кои зборувам
Без збор да изустам
Со кои не се гледам
А сите маки сме си ги виделе
И во срцата сме си ѕирнале
Мелем на лузните сме си ставале
И приспивна една за друга сме пееле
Оти жените кои знам
Се жени чии сенки како куќи се
Кои напати до темел ги рушеле
И себе под темели се закопувале
За од рушевини повторно дом направат
И сенките да си ги изградат
Простум да стојат со векови
Без да остарат ниту ден
Без бол и страв
Оти нема похрабри жени
Од оние кои ги знам
Жените со сенка толку голема
Под која љубовта живее
Под која љубовта вирее
Ана Бунтеска