TAA E…Ивана Настески: „Ако некому сум била топол ветер тогаш јас сум среќен и богат човек!“

Ивана носи една неверојатна топлина во себе и љубов (чинам) за цел свет. Секогаш насмеана, со убав збор кој не го мери на кантар и несебично го дава, Ивана е активно присутна на сите културни настани кои се одржуваат. Тоа е нејзиниот начин да им оддаде почит и поддршка не само на своите колеги, туку и на сите кои создаваат. Ако сакате да одморите очи, да уживате во прекрасни бои и пејсажи, да се изнагледате преубави цвеќиња кои како да ве мамат да ги мириснете преку монитор, појдете на нејзиниот профил на социјалните мрежи. Ивана е уметник кој ќе ви го обои животот со шаренила кои смируваат и кои ве носат во еден друг свет, свет кој изобилува со спокој. Неа и нејзината сестра Маја првпат ги запознав на потпишувањето на мојата прва книга. Ме освои како човек со питомоста во очите, стисокот на раката кој како да велеше “не се грижи Ана, се’ ќе биде во ред” и прегратката со која ми влеа неверојатна енергија. Таа е мојата самовила, поддршка и олицетворение на љубов. Со голема чест и задоволство ви ја најавувам мојата денешна гостинка во ТАА Е...

Ladies and gentlemen… Ивана Настески!

ДА СЕ БИДЕ УМЕТНИК Е ДИШЕЊЕ НА СЛОБОДАТА, ИЗНАОЃАЊЕ АВТЕНТИЧЕН НАЧИН ДА СЕ ИЗРАЗИ ТОА ШТО ТИ РОВАРИ ВО ДУШАТА. АКО НЕ БЕА БОИТЕ И ЧЕТКИТЕ, НА КОЈ ДРУГ НАЧИН ЌЕ ЈА ВИДЕВМЕ ИВАНА?

- Сеќавањата ме водат во моето најрано детство. Кога имав 3 години, ни самата не знам како, а не знаеше да ми објасни и мојот татко, речиси сосема ја ишкртав со мастилно пенкало големата и тешка во тврд повез книга за музејот Лувр. Шкртаниците, придружени со детски, невешти цртежи (ако тоа можат да се наречат цртежи-се смее) и ден денес сведочат за мојата прва слика (се смее). Таа книга зазема важно место во нашата домашна библиотека. Речиси  сум убедена дека и пак да се родам би се занимавала со уметност или со нешто креативно, нешто кое бара работа со раце, со ум, но и со срце. А заради тоа што сум вљубеник во убавата реч и пишан збор, можеби би работела во некоја прекрасна книжара опкружена со мирисот на книгите.


*  ВО СЕПТЕМВРИ 2022 ИМАШЕ ИЗЛОЖБА ВО БЕЛГРАД. СО КАКВИ ВПЕЧАТОЦИ СЕ ВРАТИ ОТТАМУ?

- Белград не ми е туѓ, но е предизвик за секој автор имајќи ја предвид неговата големина, широчина на мега град, но и неговата историја во секоја смисла а особено кога станува збор за уметноста. Изложувајќи пред белградската публика, за мене како автор беше посебно доживување зошто таа има сенс за критика, а за среќа се’ уште постои некоја критична маса која умее да ги препознае добрите нешта.

КОЛКУ ТРЕБА ДА БИДЕ УМЕТНИКОТ ЉУБОПИТЕН И ОСЛОБОДЕН ОД ПРЕДРАСУДИ ЗА ДА ГИ ПРОШИРУВА СВОИТЕ ХОРИЗОНТИ И ДА НАОЃА ИНСПИРАЦИЈА?

- Уметникот напросто мора да тежнее да биде апсолутно  ослободен од сите стеги и предрасуди! Широчината на уметниковиот дух мора да го тера да истражува, да создава, да гради и да тежнее кон љубопитноста. Независно од какви извори тој ќе се напојува, уметникот мора да чезнее или  да се обиде  да си ги надмине своите лични граници за да создаде нови светови.

*  СИ ИМАЛА ЛИ НЕКОГАШ КРЕАТИВЕН БЛОК, ЕДНОСТАВНО ДА ЗАСТАНЕШ ПРЕД ПЛАТНО И ДА НЕ МОЖЕШ ДА ПОВЛЕЧЕШ НИТУ ЛИНИЈА?

- О да, се разбира дека сум имала или можеби и во иднина ќе имам креативен блок. Но, тоа е всушност дел од самиот циклус на создавање и созревање. Просто е невозможно секогаш да си во креативна катарза. Процесот на креативно (условно кажано) затапување, е всушност барање на нови извори, нови теми кои провоцираат. Тоа е тој миг на експериментирање и со самиот себе, до каде можешда одиш, тие интимни разговори со самиот себе си, тие мистични тихувања кога уметникот физички не создава, но мисловно е постојано во своето ателје, во својот простор на делување.

*  СО СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ СТАНА МНОГУ ПОЛЕСНО УМЕТНИЦИТЕ ДА СЕ ПРЕТСТАВАТ ПРЕД ПУБЛИКАТА. НО, КОЛКУ Е ВАЖНА ОНАА СРЕДБА ОЧИ В ОЧИ СО ВЉУБЕНИЦИТЕ НА УМЕТНОСТА?

- Не постои поубава, поемотивна средба од онаа средба очи во очи со публиката/гледачот. Тој eye contact е најубавата, најљубовна средба! Уметникот, делото и гледачот. Тоа чувство е најсилниот оган. Во периодот на ковид кризата мислам дека нам уметниците, тој допир особено ни недостигаше.

* КОИ СЕ НАЈВАЖНИТЕ ЛЕКЦИИ КОИ ГИ НАУЧИ ОД ТВОЈОТ ТАТКО АЛЕКСАНДАР КОЈ НЕОДАМНА НЕНАПУШТИ, А ЗА КОЈ ВЕЛИШ ДЕКА Е ТВОЈОТ ЖИВОТЕН УЧИТЕЛ?

- Мојот татко ак. сликар Александар Настески, кој ненадејно не’ напушти беше еден посебен човек, величествен уметник, создавач и истражувач! Сите негови ученици, вклучително и јас кои поминавме низ неговата учителска школа, знаевме дека тој како личност најпрво беше строг и праведен, најпрво кон себе а потоа и кон сите нас. Неговото знаење беше неисцрпно, широко и великодушно а и со невидена страст и жар го пренесуваше. Во насока на животните лекции кои довека ќе ми  одѕвонуваат во умот, а се однесуваат на знаењето, поимањето на светот воопшто, цврстиот личен став, вредноста и посветеноста на работата, искреноста кон себе како и давање на љубовта кон сите живи битија и Природата. Лично, бескрајно сме му благодарни на Универзумот што токму тој ни беше нашиот родител, трасирајќи ни го патот кон единствените, трајни вредности на човечноста и хуманоста.

КАКО БИ ИЗГЛЕДАЛА ТВОЈАТА ИЗЛОЖБА ОД СОНИШТАТА?

- Мојата изложба од соништата многу би сакала да биде среде непрегледна полјана полна со сончогледи, како од сликите на Винсент Ван Гог.

ФБ БЕШЕ ПРЕПЛАВЕН ОД ТВОИТЕ КАЛЕНДАРИ И НОТЕСИ КОИ СТАНАА ХИТ. ОД КАДЕ ИДЕЈАТА ДА ИМ ОВОЗМОЖИШ НА ЛУЃЕТО ДА ИМААТ ДЕЛ ОД ТВОЈАТА УМЕТНОСТ КОЈА ЌЕ ИМ ГО РАЗУБАВИ СЕКОЈДНЕВИЕТО?

- Идејата со цветните нотеси и календари произлезе низ еден неврзан разговор заедно со мојата другарка и колешка од работа Маја Михајлоска. Во заедничка желба некому да му го направивме видикот од прозорот оптимистичен а со тоа и креативен, мислам дека создадовме вистински потег. Во вистинско време. Ете, преку еден малечок календар полн со боја, живописен и колоритен да дадеме свежина на сивото секојдневие, а во малиот нотес да запишат ведра мисла.

* ГРАД ВО КОЈ БИ МОЖЕЛА ДА СЕ ЗАМИСЛИШ СЕБЕ СИ КАКО ЖИВЕЕШ И СОЗДАВАШ И ЗОШТО ТОКМУ ТОЈ?

- Сите градови низ светот, вистина носат свои обележја и особености. Па дури и најоддалечените села, оние руинирани, заборавени селца низ нашава Македонија носат една убавина и питомост. Не би сакала да живеам и да творам во светските мегаполиси. Таа гужва, таа бука низ улиците ми внесува немир и ми делува стресно. Целата таа напнатост, трчаници, илјадници автомобили на мојот сензибилитет му создаваат напор. Кога би имала шанса да одбирам каде би сакала да живеам тоа веројатно би било на југот на Франција, некаде во Прованса, среде полињата од мирисна лаванда. Имам впечаток дека тоа е тој мирисен спокој.

СЕКОГАШ СИ ПОЗИТИВНА, ВЕДРА, ПИТОМА ВО ПОГЛЕДОТ, НЕЖНА СО ЛУЃЕТО. КАКО ИЗЛЕГУВАШ НА КРАЈ СО МОМЕНТИТЕ КОГА НЕ ТИ Е ДО НИШТО? ОД КАДЕ ЦРПИШ ЕНЕРГИЈА, СИЛА ЗА ДА СИ КАЖЕШ СТАНИ ИВАНА И ГЛАВАТА ГОРЕ?

- Навистина Ана, понекогаш и на личностите ведри по дух не им е до ништо, добро кажано (се смее). Но, сметам дека и тоа е сосема нормално, ете да не ни е до ништо, а да имаме потреба од нешто. Кога ќе си речам на себе: ОК, па вакво чувство нема да трае вечно, се куражам. Тогаш стрпливо чекам да помине бурата наречена“не ми е до ништо”. Во многу случаи тоа“не ми е до ништо” трае кратко, па со мојата сестра Маја ја изодуваме патеката која води до тетовското Кале, молчејќи, дишејќи со земјата и слушајќи ја тишината која умее да биде многу делотворна и нежна за душата.

ГОЛЕМА ПОДДРШКА СИ ИМ НА ТВОИТЕ КОЛЕГИ (И ОПШТО УМЕТНИЦИТЕ) И СЕКОГАШ СИ ПРИСУТНА НА НИВНИТЕ ИЗЛОЖБИ ЗА ДА ЈА ИСКАЖЕШ СВОЈАТА ПОДДРШКА. ДАЛИ МИСЛИШ ДЕКА МЕЃУСЕБНОТО ТУРКАЊЕ НАНАПРЕД Е КЛУЧНО ЗА ПРОГРЕС?

- Воопшто поддршката е од круцијално значење, без оглед дали станува збор за поддршка на помладите колеги од уметноста кои тукушто зачекориле во нашиот свет, или поддршка кон тукушто вработен колега кој не ги познава училишните клупи и учениците. Се обидувам да појдам од себе во сите случаи и да се запрашам како ми беше мене на моите почетоци. Како се чувствував? Имав ли страв од непознато? Од оваа дистанца ми излегува пред мене моќната фигура на татко ми која стамено вели:Можеш! Знаеш! Умееш! Одејќи по таа максима, взаемната поддршка, макар и со топла реч, умее да даде фин призвук и резултат особено ако тоа се прави од срце и со душа. А јас, ако некому сум била топол ветер тогаш јас сум среќен и богат човек!

* ДАЛИ ИМАШ ОДРЕДЕНИ РИТУАЛИ КОГА ВЛЕГУВАШ ВО АТЕЛЈЕТО? КАКО СИ СЕ НАГРАДУВАШ ПОСЛЕ ЗАВРШЕНА СЛИКА ИЛИ ПРОЕКТ?

- Повеќе би рекла, дека пред да влезам во моето ателје имам план кој однапред си го размислувам во мојата глава, јас живеам со тој план катадневно. Што е следно? Што би било ново? Или старово да го пресликам? А да погледнам што се случува на ликовната сцена? Што ли е актуелно? И така тие многубројни, интимни прашања се обидувам, да ги преточам во слика. А мојата награда, е среќата и задоволните очи на гледачот.

* АКО ПОВЛЕЧЕШ ЛИНИЈА И ФРЛИШ ПОГЛЕД НАНАЗАД, КОЛКУ СИ СРЕЌНА СО ТОА КАДЕ СИ СЕГА? БИ СМЕНИЛА НИ НЕШТО?

- Моја Ана, лично мислам дека уметникот никогаш не треба да биде сосема задоволен со сработеното. Ако тој е среќен во целост, можеби и да му се сруши личниот предизвик. Не сум сигурна дали би сменила, нешто особено. Можеби се’ се случило со некоја причина, и убавото и помалку убавото зошто на тој начин јас сум созреала.

ЗА КРАЈ, ДАЛИ ИМА НЕШТО ШТО БИ САКАЛА ДА ГО СПОДЕЛИШ СО НАС? МОЖЕБИ НАЈАВА НА СЛЕДНАТА ИЗЛОЖБА ИЛИ НЕКОЈА НОВА МАГИЈА ОД ТВОЕТО АТЕЛЈЕ?

- За крај, кој не сакам да е крај (се смее) сакам да ја изразам мојата благодарност што сум дел од овие инспиративни прашања кои ми беа личен предизвик и вистински уживав одговарајќи ги, зошто како да си направив интроспекција на себе си. Секогаш се трудам токму 1-ви јануари да го започнам со нова слика и нов потег. Во моето ателје секогаш има свежо цвеќе. Почнувајќи ја годината со најнов акварел, сама на себе си го најавив новиот ликовен проект кој го носи работниот наслов “ Флора”.


За крај, ова е песната која се роди поттикната од една прекрасна слика на Ивана со наслов "Под црвеното сонце". Драга Иванчица, ми беше чест и задоволство што те имавме во ТАА Е...

Велат 

За секој од нас место под сонцето има

И ниту еден човек роден не е

За во туѓа сенка да се прпелка

Дека секој сончевина во себе носи

И дека со убост посебна сјае

Дури и тогаш кога небото сиво е

И кога облаците натежнале над земјата

Велат

Старите и мудрите така велат

Дека дете ко ќе се роди

Ко сонце в куќи да има влезено

И дека од него сите се греат

Небаре топло огниште среде зима баботи

Та свети куќата со радост 

Од среќа распослани шербет мисли на сите страни

Велат

Ете сум чула како велат оти сонцето за сите исто е

И за него нема боја, раса ниту пол

Дека бакнежот сончев за секого ист е

И топлината која душата ја загрева

Та нема чоек кој со сласт не ја впива

Мижурајќи со глата угоре крената

И насмев на крајот од усните

Велат

Велат оти за секој од нас време има на земјава

И дека секој со секого ист е

Та сите за љубов копнееме

Од исти кошмари страдаме

На исти радости срцата ни се полнат

Од исти болки утробата ни се собира

Ко во неа камчиња мали да има

Од јад и бес, од страв и гнев

Велат

Велат оти небото доволно широко е

За под него чоек раат да си живее

И најдоброто од себе да го даде

Оти мисијата чоечка не е за војна да води

Ниту за сабја в раце да држи

Туку некоја арнина да стори

И од арнината друг да израдува

За да мирно може да спие, да заспие

Велат

Велат дека за секој од нас место има

И под сонцето

И под ова небо

И над него кога душата телото го напушта

За секој од нас место има

И за секој од нас надеж има

За под сонцето да живее

И на небото споменот да му заживее

Ете така велат 

Така велат оние кои за љубов знаат


Фото: Драги Неделчевски и приватна архива