Танцувајте на дождот со уникатни модни чадори: Интервју со талентираната Симона Јовчевска

I'm singin' in the rain, just singin' in the rain
What a glorious feeling I'm happy again....

Овие стихови сигурно би ви биле првата асоцијација при првата средба со креативно исцртаните чадори на Симона Јовчевска, која со своите креации и дождливите денови ги обојува со ведрите бои на нејзиниот талент, создавајќи уникатни аксесоари со кои предизвикува насмевка на сечие лице.

Ако ја познавате лично и нема да се изненадите од нејзината енергичност, талент и позитивна енергија која ја пренесува преку своите дела, но ако не ја знаете еве еден мал разговор кој ќе ви презентира само еден дел од харизмата на Симона.

Од создавање подароци за своите најблиски до креативно хоби кое го привлекува сечие внимание, оваа битолчанка која повеќе години живее и работи во Скопје, ни раскажа како започна цела таа приказна со исцртување на чадорите  и колку животот може да го обоиме со најубави бои, дури и кога тоа ни делува невозможно.

Многу „случајно". Еден дождлив ден, кога јас со моите деца требаше да излеземе, надвор не пресретна дождот. Секако неспремни, тука доаѓа Марфи, влеговме во маркет и купив чадори. Во тој момент како блиц ми прелета една мисла: - Зошто некој не се досети да направи креативни чадори, што едноставно ќе сакате да ги купите?

Тука се поврзав веднаш со зборчето „некој" и преминав на тоа дека тој некој можам да бидам „јас". Од тој момент започна целата магија, која и ден денес се шири и сум благодарна на секој еден кој е дел од целата приказна- ја започна Симона својата сторија.

Како личност која покрај тоа што те препознаваат по твојата креативна работа, дел си од Националната Опера и балет, личност омилена и меѓу пријателите, па што е она што најмногу ти недостига во периодот на изолација?

- Ух, ова е тешко прашање. Кога цртам, создавам, или било што да е поврзано од уметност, најпотребен ми е тој збор ИЗОЛАЦИЈА. Мирот, тишината го создваат мојот микро свет во кој што иако сте поврзани телесно на едно место, креативниот ум непрестано патува. Едноставно изолацијата ми беше една од најинспиративните моменти, особено во тие полициски часови каде што цела вибрација е препуштена само на природата и универзумот.

Иако е целата ситуација предизвикана секако и за мене, од еден невидлив непријател кон човештвото и свесна сум за целиот притисок и страв кој е вгнезден кај сите, некако природно ја извлеков на најпозитивен начин.

Но, на она на што најмногу ќе се радувам после се, е да се застане повторно на сцена. 

Меѓу примероците видовме и најразлични портрети, цртани ликови, пејсажи. Ја видовме хероината од Медена земја, Атиџе, но и бројни портрети на јавни личности, како и на пријатели и колеги на Симона.

* Која површина ти е предизвик за цртање?

- Еден пријател сликар преку едно четиво, баш убаво ми потенцираше:- Сликањето е „болест“. Тоа е најточниот термин што ја опишува состојбата. Едноставно се што вашето око ќе погледне, се перцепира како основа за создавање на уметност.

Се ми е ново и се прифаќам со толку голем жар, што кај мене се рефлектира со дополнителна енергија и инспирација. Едноставно, сакам да цртам на се, со било каква форма на боја.

* Што Симона најмногу сака да црта?

- Ги сакам тие чадорчиња кои носат приказна во себе, кои имаат мечта, кои говорат гласно, иако е само нацртан чадор, тие чадорчиња кои и знаат да ме понесат и се фаќам себе си  како долго време седам со еден поглед врежан во нив.

Какви се реакциите на луѓето кога ке го добијат својот нарачан чадор?

Насмевки. Многу насмевки, среќа, љубов и сјај во очите. Тука е тој момент каде што се создава магијата. Јас сум најблагодарна на тие луѓе кои сакаат дел од мене, без нив немаше да постои сето ова. Тие се тој непресушен извор на инспирација и креативност. Им благодарам од срце. 

* А каква е реакцијата на луѓето околу тебе и колку ти даваат поддршка?

- На почеток сите се претекнавме, дури и јас со самата себе. Тоа чувство кон самата себеси и ден денес ми трае, едноставно, она што верувам е дека сум само медиум кој ја пренесува таа убава порака на уметноста и ден денес неможам да кажам дека јас сама во потполност цртам и дека тоа доаѓа лично од мене.

Чудно, знам, но тоа е она искрено чувство.

Пријателите се оние кои што ја надополнуваат мојата среќа во очите, поддршката, поттикот со нови идеи за изложби, мултимедијални проекти, среќна сум што имам неколку луѓе кои со искреност и жар се исто толку среќни колку мене.

Симона е битолчанка која повеќе години живее и работи во Скопје. А кога се работи за битолчанка невозможно е веднаш да не ја поврзете со модата.

Приказната за Симона ме води кон делот кога вниманието ми го привлече со исцртаните ташни, пред неколку години, со што добивате единствен и оригинален моден додаток.

* Каков беше предизвикот да се креираат такви ташни?

- Повторно истата приказна. Шетајќи низ турската чаршија, патот ме однесе во еден дуќан на ташнари, занаетчии со кои и до ден денес соработуваме во таа приказна .

Моделот што го имаа направено толку беше убав, што во секундата ми прелета иста таква мисла: „Колку би било убаво  овие ташни да бидат уникатни, едни и единствени во целиот свет“. И повторно, во микросекунда одлучив тоа да го направам јас, па така влегов ги купив двете ташни за себе, ги направив за себе и објавувајќи ги на социјалните мрежи, веќе беа продадени следниот момент.

Од тука започна се, кога од другата страна постојат луѓе кои го сакаат тој дел од вас кој сте го создале. Кога човек е креативен тоа го покажува секаде каде што може, па во оваа категорија се и исртаните торти, кафиња.

* Што е следно?

Уф, нема крај. Се што ќе погледнат моите очи, го перцепираат како основа за цртање. 

* И тука настанува еден хаос на идеи, недостиг на време, тука е тој момент кога сликањето веќе станува една убава "болест". Но не е само тоа. Симона започна да го истражува и make up art-от , body art-от.

Ахх, да. Како што кажав, нема крај. Со самото тоа што ќе почнам да сликам на нешто друго, на храна, на предмет, или на тело, се отвара еден цел нов свет каде што може да се вложи целата енергија и нема крај. Цртање по сопствено тело е она што и мене мнооогу ме забавува. Моќта на шминката е да се создаде илузија и секако  крајниот резултат навистина предизвикува една голема радост и среќа во мене. А ако успеам да создадам среќа во самата себе, знам дека таа ќе се рефлектира и кај луѓето кои ме сакаат и следат.

* И тука не застануваме, вниманието на охриѓани и туристите кои го посетуваат овој наш преубав град, ќе го привлече еден цртеж, на едно необично место. Од каде идејата?

Таа уметност е на улицата Варош, улицата што води кон стариот град. Тоа беше многу спонтан момент. 

Марија Филева е „виновникот", девојката со која се запознавме гостувајќи заедно во една емисија. Контактирајќи и следејќи се една со друга, Марија ја доби идејата да го исцртам сандачето за струја кое се наоѓа пред нивниот дуќан за оригинален Охридски бисер „ФИЛЕВИ ". Едноставно за многу брзо време се поклопија коцките, заминав за Охрид со едно чувство кое секогаш ќе го паметам, со толку убава енергија и со голема благодарност што  еден дел од мене ќе оставам во мојот омилен град Охрид.

* Во кои други групи и проекти членува Симона?

Како уметници ние функционираме на проекти, со тоа имаме можност да се истражуваме и да се надоградуваме себе си, а тоа ме прави уште посреќна. Среќна сум што голем дел од луѓето кои ги формираат тие проекти ми укажуваат голема чест да сум дел од нив. Ќе вбројам голем број на детски претстави со групата „Триангл", моето искуство како танчер и драмски актер со  режисерот Трајко Јордановски, кои ми се особено голем предизвик затоа што како аматер во тој дел, секој пат излегувам како побогата личност, Јасмина Ѓорѓеска која во сите музички проекти кои се составени од мал ансамбл на оперски пејачи, ми ја дава таа чест и доверба, да застанам на сцена и да го испишам мојот живот со незаборавни концерти.

Благодарна сум и на сите што можеби и не ги споменав, но со таа можност да бидам дел од нивните проекти , ми го прават мојот живот поубав и побогат.

За Симона Животот е полн со бои. За својата работа ќе каже -Од почеток до денес ме води една мисла- а што ако ова би изгледало поинаку.

* Што научивме од периодот на изолација,  што би им препорачала на читателите на Женски магазин?

-Баш така. Животот е благослов, ние сме креатори на секоја минута и секунда од нашиот живот, тоа е моќта на нашата слободна волја. Јас верувам дека постои магија и верувам дека секој од нас може да ја создаде. Едноставно, танцувајте низ вашиот неповторлив танц, наречен живот.

* А кога сме кај танцот ќе ја додадеме и љубовта на Јовчевска кон оваа уметност, што ја води да биде дел од ЗУМБА тимот што и ден денес е нејзино големо богатство во животот, како што самата вели.

Тажно е колку не сме ослободени и колку го живееме животот за другите. Се прашувам доколку сите се отпуштат од своите „синџири", која личност ја кријат во себе?

А зошто да се  бориме со животот, кога може да танцуваме низ него.

Неда Маретиќ