Таргет беше модната индустрија, која човекот (пред сѐ жената) го третира како месо: Срѓан Јаниќијевиќ за соработката со ПЕТА
Колку потрошувачите имаат можност да влијаат врз модната индустрија, колку имаат избор да извршат промена во модните трендови, се едни од прашањата кои се поставуваат во видеото на ПЕТА- Be a Sweater They Said,( Биди џемпер, тие кажаа).
-„И најдобриот начин на кој потрошувачите можат да имаат влијание е едноставно со одбивање да се купат производи што се направени од животни“-велат од оваа организација за етички третман на животните (people for ethical treatment of animals).
ПЕТА ги зголемува активностите за промена на целокупната глобална модна индустрија. Па така најновиот проект е насочен кон индустријата за текстилни производи од животинско потекло, која вклучува облека направена од кашмир, кожа, долна облека и свила. Нивното видео, визуелноста и јазикот се вознемирувачки - изложуваат модни фабрики ширум светот, прикажувајќи животни кои биле злоупотребувани во интерес на снабдување на барањата на профитабилната индустрија.
Слоганот на ПЕТА, „Биди џемпер тие кажаа”, е инспириран од виралното видео во 2020 година, во кое учествуваше поранешната кандидатка за градоначалник на Њујорк, Синтија Никсон, за проектот наречен „Биди дама, тие кажаа“, во кое таа зборува за двојните стандарди што ги трпат жените во однос на секој аспект на нивниот изглед и однесување.
... Биди ташна, кажаа....
Биди пар чевли..., се од друга страна дел од текстот во видеото на ПЕТА.
Она што е интересно за ова видео, е што токму зад изработката стои македонски тим и тоа продукција New Moment, режија на Срѓан Јаниќијевиќ, продуцент Филип Димитров,а потоа и Михајло Цветанов, Благоја Торевски, Новоградска, Кристијан Карл, Душан Дракалски.
Од екипата на New Moment истакнуваат:
-Исклучително искуство и огромно задоволство беше соработката со здружението ПЕТА (Луѓе за етички третман на животните). Работевме во тензичен период, на светска здравствена пандемија, со голем тим од повеќе од 60 луѓе на сетот во Скопје, во екстремно контролирани услови и максимални мерки за здравствена безбедност на сите инволвирани и константна координација на тимовите на релација Скопје – Лос Анџелес. Ова видео е еден од професионалните, но и лични предизвици што ги имаше секој човек во нашиот тим. Задоволството на клиентот и неверојатно охрабрувачките коментари кои пристигнуваат по лансирањето на кампањата на ПЕТА, за време на светските модни недели, се потврда дека возбудата од нови и провокативни кампањи, кои ја поттикнуваат креативноста и професионалноста, навистина нема граници.
- Се работи за некомерцијално (поточно анти комерцијалното) видео што го работев(ме) за Пета. Посебно ми е драго што целата продукција е сработена тука-вели режисерот Јаниќијевиќ, со кого поразговаравме за соработката со ПЕТА.
С.Ј.- Кристијан Карл и Душан Дракалски и претходно имаат соработувано со ПЕТА. Кристијан е автор (сценарист) и Creative director, додека Дракалски е Art и Creative director на Be a Sweater They Said. Приказната започнува од нив. Веројатно поради претходното искуство знаеле дека New Moment е агенција која може продукциски да изведе ваков прилично комплексен проект па така и е остварена соработката. Јас како режисер со New Moment претходно работев на неколку кампањи. Со Филип Димитров (New Moment) кој е продуцент на „Be a Sweater“ имаме извонредна соработка и наједноставно кажано брзо се разбираме, па од тука претпоставувам, поради тоа што го знае мојот начин на размислување, сензибилитет, естетика итн. го направил изборот јас да бидам режисер.
*Кажете ни нешто повеќе за самиот проект, со кој ПЕТА сака да го прикаже третманот на општеството кон животните и да им покаже на потрошувачите дека имаат избор да бидат сурови или не, секогаш кога ќе одат на шопинг.
С.Ј.- Ние како цивилизација очигледно тонеме и тоа може да се види нај јасно токму сега во време на оваа Ковид криза. Ја гледаме целата саможивност, себичност и алчност на човештвото. И во таа самозаљубеност го вртиме погледот од работите кои не сакам да ги видиме. Мислам дека тоа беше и целта на ова видео. Да ве натера да го видите ужасот низ кој поминуваат животните (за кои веќе е и научно докажано дека имаат чувства) само за да се задоволат апсурдните потреби на конзумеризмот. Во случајов таргет беше модната индустрија, која и човекот (пред се жената) го третира како месо, стока за пазарење. За тоа мислам дека беше и одлична идејата за парафраза на „Be a Lady“ со Синтија Никсон.
За ова Ешли Бирн, дел од тимот на ПЕТА вели:
„Гледајќи го видеото на Синтија Никсон, не воодушевија сите сличности што постојат помеѓу токсичната машкост на културата во која доминира мажот и токсичниот специзам на модната индустрија. И во двата случаеви се покажува моќ над своите жртви преку манипулација, малтретирање и чиста физичка сила, што во модната индустрија [за животните] е смртоносно. Видовме паралели на начинот на кој жртвите, животните жртви во модната индустрија немаат право да кажат, ниту да контролираат што се случува со нивните тела”.
*Каков предизвик беше за Вас работата на еден ваков вид на проект?
С.Ј.- Искрено иако со големо уживање работев на спотот, ова беше еден од најтешките и најстресни предизвици што сум ги имал од моето искуство до сега. Пред сѐ се работеше во период кога Ковид кризата беше во еден од своите поголеми пикови. Во проектот беа вклучени преку педесетина соработници директно, а индиректно многу повеќе. И можам да кажам дека сум посебно среќен што сите до еден беа крајно професионални и одговорни. Одговорноста што ја имаш кон така голем клиент како ПЕТА е огромна. Мора да нагласам дека е извонредно чувството кога клиентот ти ја дава целата креативна слобода, што ретко се случува особено кај нас, но тогаш одговорноста е само твоја. Во секој момент се преиспитуваш дали си на вистинскиот пат, а тоа знае да биде прилично стресно и инхибирачки. За среќа New Moment се агенција која знае како продукциски да износи вака тежок проект па бев ослободен од тој притисок кој може да биде огромен и да влијае на креативната работа.
*Каква беше соработката со сите кои работеа на проектот?
С.Ј.- Извонредно креативна и професионална од сите. Нешто спомнав и погоре, но успехот за вака комплексна работа зависи од целата екипа. Пред се Михајло Цветанов кој е Line producer на видеото кој го „извозе“ проектот без никаква особена напнатост или застој што е искрено чудо кога се вклучени толку многу луѓе, а особено во услови на отежната комуникација поради Ковид кризата. Потоа директорот на фотографија Александар Крстевски кој има извонредно чувство, огромно искуство и знаење на кое може да се потпреш. Не може да работиш видео кое ја критикува модната индустрија без мајстори на тој занает како што се Роза Трајчевска и Лидија Георгиева, Вања Бартлинг сценограф со кој секогаш можеш и подалеку да отидеш во креативна смисла од почетната замисла, и посебно изненадување беа момците и девојките од агенцијата Моделс Ин - посветени, професионални, но шарманти и духовити. Со Новоградска сме соработувале веќе скоро две децении и самото тоа кажува сѐ. Посебен предизвик беше монтажата (Благоја Торевски) бидејќи моравме поради ситуацијата да работиме онлајн, кој е многу заслужен за она што на крај го добивме како финален продукт. Има и уште многу луѓе да не ги набројувам сите, а некого ќе заборавам, но во секој случај секој од нив до перфекција ја заврши својата работа.
*Какви се реакциите на луѓето околу Вас после презентацијата на видеото?
С.Ј.- Пред се мора да кажам дека навистина ми беше драго кога клиентот беше крајно задоволен од продуктот. Буквално немаше замерка за ниту еден frame од видеото. Другите реакции ги видовме сите, но посебно ми беа драги коментарите по социјалните мрежи од цел свет од кои и најмногу се плашев.
Снимката која мора да признаеме е тешка за гледање, го носи гледачот низ фармите и фабриките ширум светот, каде што животните честопати се удираат, клоцаат, бодат и осакатуваат и на крај се убиваат заради крзно, кожи и пердуви.
*Едно од прашањата кои се поставуваат во видеото е „Дали сум дел од проблемот?“.Имаме ли избор?
С.Ј.- Мора секогаш да имаме избор. Не верувам во радикална и брза промена тоа би било утопистички, но кога веќе ме праша и во претходното прашање малку спомнав, токму во коментарите можев да видам дека има промена на свеста. И на тоа треба да се работи. На таа промена на свест. Инаку планетава од човештвото ќе се истресе како од вошки и ќе не снема. А таа за кратко ќе си ја врати природата во нормала. Главната инвестиција на денешниот човек мора да биде брзо изнаоѓање начин да го поврати балансот во природата кој го има уништено со своето бахато однесување. Сите капацитети - научни, технолошки, интелектуални, едукативни итн. мора да ги насочи кон тоа. И пак ќе кажам не заради природата, туку заради себе. Природата без нас може.
-“Ако навистина погледнете што се случува на фармите, ќе разберете дека апсолутно не е она што луѓето мислат дека го поддржуваат“.-Бирн.
*Да се вратиме на театарска сцена. Пред завршетокот на 2020 имавте премиера на Зошто сум тука. Кажете ни нешто повеќе за тој проект.
С.Ј.-Со таа претстава завршив една своевидна трилогија која ја започнав со „Шепоти во вода“ во театарот Антон Панов во Струмица, потоа „Си беше еднаш во иднината“ во Битола и „Зошто сум тука“ во ДТЦ. Сите три претстави од различен аспект отвараат дел од овие проблеми за кои и погоре говорев. Технологија, алиенација, трансхуманизам, екологија, апсурдот на конструкциите како нација религија итн. во денешно време. Предупредување, но и давање перспектива. Важно ми е што последните две се претстави за деца и млади. Според нивните реакции гледам дека се тие далеку поотворени за контемплирање на овие теми од закоравеноста на конформистичките конзументи во кои сме се претвориле (Да. Ни себе не се изземам за жал).
*Кои се предизвиците на новите видови на театар, посебно што се се одвива онлајн. Како се одржуваат пробите?
С.Ј.-Возбудливо е и крајно интересно зошто те приморува посмирено, но и далеку побавно да оди процесот. Барем тоа е моето искуство. Поради физичката дистанца мора далеку пофокусирано и порационално да се реагира, што за мене е малку различно зошто јас емотивно реагирам. Некогаш само некој гест ми е доволен и актерот да ме почувствува за насоката. Тоа сега е скоро невозможно. Но јас сум режисер кој цело време бара нов начин на израз. Сакам секоја претстава да ми е различна. Мразам стил. И ова се услови кои ме водат кон нови сфери кои се одлично искуство за понатаму.
*Кога сме веќе кај театарот, работевте на Енциклопедија на мртвите на српски јазик, во соработка со српскиот културно информативен центар. Како се одлучивте за тоа дело на Киш?
С.Ј.- Пред се само да напоменам, поради структурата на претставата оваа претстава е двојазична. И на македонски и на српски.
Ова ни е втора претстава со Спона. Претходно ја поставив Реалисти и тоа беше извонредно искуство. Ја игравме секогаш пред полна сала и имавме успешна турнеја низ Македонија. Овој пат се решив за нешто поразлично. „Енциклопедија на мртвите“ е мојот омилен роман „од детство“. Ги сакав лавиринтите на Киш додека бев тинејџер. Зошто токму Енциклопедија? Бев во некоја фаза во која сакав радикално да сменам нешто и одбрав роман кој е скоро непреводлив во театар. Тоа ми беше предизвикот. Потоа се случи цел овој хаос со кризава и уште повеќе тоа ми даде drive за ова дело. Имаме претстава која исклучително напната и драматична и покрај тоа што е онлајн. Морам да напоменам дека секоја изведба е во живо. Тоа ми беше единствениот предуслов. Да се игра во живо. Не можам да кажам колку е тоа вистински театар, но за мене ѐ. Бидејќи ја има таа театарска енергија.
*На што работите периодов?
С.Ј.- Работам на Енциклопедија. Бидејќи има уште некои технички работи да се дозавршат. И заедно со Сашо Кокаланов на сценариото за новиот филм. Ама за тоа е рано сега да зборувам.
Потрошувачите денес во голема мера прифатија дека нема ништо стилско и fashion во носење туѓо крзно.
-“Но, што е со кравите и другите животни убиени за нивната кожа? Тоа е исто погрешно. Дали го проширивте вашиот круг на сочувство за да ги вклучите сите различни видови на животни? Ако е така, придружете ни се да испратиме моќна порака, не само до индустријата за кожа, туку и до дизајнерите, трговците на мало и другите кои директно профитираат од страдањата на овие животни- велат од ПЕТА.
Бидете подобри-стои како порака во видеото.
“Ние сакаме луѓето да го испитаат своето влијание и да се запрашаат- Дали сме соучесници во страдањето на животните?
Погледнете го и сами видеото на следниот линк и запрашајте се: Имаме ли избор да влијаеме врз модната индустрија и да го спречиме страдањето на животните?
Имаме.
Неда Маретиќ