Татјана Камерон – Тајчи: Мојот сопруг пред смртта посака да не го испратиме со тага и по погребот да направиме забава
Поранешната југословенска ѕвезда Татјана Камерон – Тајчи, лани ја прослави 30 годишнината од настапот на Евровизија и успехот на песната „Ајде да лудуваме“. Сними видео во кое учествуваа неколку пејачки меѓу кои и Тијана Дапчевиќ. Повик за учество добила и Тамара Тодевска, но поради краткиот рок и обврските, не успеала да им се придружи. Вели дека Тијана и Тамара се прекрасни и би сакала да се сретне со нив. Тајчи повеќе од три децении живее во Америка, се занимава со музика, пишува книги и настапува како мотивациски говорник. Една е од авторите на „Прозорец во ѕидот“ („Window in the Wall“) на новата песна на Оливија Њутн-Џон, ѕвездата на филмот „Брилијантин“. По книгата „25 подароци за Божиќ“, „Џорџ: Приказна и песна“, прирачниците „Биди рок ѕвезда на трансформацијата“ и „Пресвртни точки“, промовираше уште една, наречена „(Не)Скршена“.Таа е вовед во обемните мемоари, кои ги подготвува за објавување годинава. Мајка е на три сина, а пред три години го изгуби својот сопруг.
* Најсреќен е оној човек кој направил среќни најмногу други луѓе. Пред 30 години, со вашите песни, но и со изгледот на убава, мила и секогаш насмеана девојка, ги нправивте среќни припадниците на различни генерации. Сепак, одеднаш решивте да напуштите сè и да заминете во Америка, со што потврдивте дека сепак не сте биле среќни? Зошто?
- Ви благодарам за убавиот опис. Да, секогаш сакав да бидам насмеана и да ги направам луѓето среќни - барем неколку минути. Тоа ми е сон уште од мојата четврта година. Во нашето семејство секогаш се пееше. Татко ми имаше бенд, а мајка ми секогаш ми пееше приспивни песни пред спиење. Од мала сфатив дека музиката може да нè расположи и да нè утеши. Затоа и се одлучив да се занимам со музика. По победата во Задар, се најдов на врвот на популарноста. Од тој „врв“ видов многу неправди, лицемерија и нечесности, на кои не можев да влијаам или да олеснам со песна. Имаше тука и многу лични разочарувања и емотивни болки, кои не знаев како да ги надминам. Се обидов да бидам силна, да чувам сè во себе и да ја задржам таа насмевка на моето лице, додека сето тоа не ме доведе до емотивен крах. Покрај тоа, сите го сакавме мојот имиџ, бренд на убавата и насмеана Тајчи. Но, кога таа ќе се појавеше некаде без шминка или кога беше тивка, луѓето велеа: „Не си тоа ти!“ Почнав да ја губам самодовербата. Имав многу вредности во себе, за кои никој не знаеше. Сите ги сакаа само тие неколку песни, убавиот изглед и насмевката. Сфатив дека станав „кукличка“, со која управуваа други. Моето заминување во Америка беше бегство од популарноста, но и од мојот тим, кој не ја разбираше мојата ментална и емоционална состојба. Во тоа време немаше дури ни многу свесност за депресијата или за тоа како стресот влијае врз менталното и емоционалното здравје. Ако не се чувствувавте добро, тоа значеше дека сте или неспособни или мрзливи. Јас секогаш бев премногу амбициозна за да си дозволам да бидам неспособна или мрзлива, но знаев дека ако продолжам, едноставно нема да преживеам.
ПОРАДИ МОЈАТА ПОПУЛАРНОСТ, СЛУШАВ МНОГУ ГРДИ КОМЕНТАРИ
* Во Америка комерцијалната музика ја заменивте со духовна музика. Кој беше моментот кој што Ве натера да се свртите кон Господ?
- Токму тој момент, во кој поверував во лагата дека луѓето ме сакаат само кога сум весела, кога ги забавувам и кога моето природно лице е скриено од дебел слој шминка. И кога сфатив дека сум ѝ корисна на мојата екипа само тогаш кога продавам концерти и албуми. Знаев дека сето тоа е минливо. Штом ќе се појави некоја подобра, помлада, поубава девојка, која подобро ќе ги слуша, мене ќе ме отфрлат. Ми требаше подлабоко уверување и верување дека мојата вредност не зависи од мислењата на другите или од статусот во општеството. Една моја пријателка од средно училиште ме покани на вечер на поезија во една црква. Уметноста, музиката, поезијата, литературата, театарот, отсекогаш за мене беше место каде што ја откривав подлабоката и духовната страна на животот. Свештеникот што ги водеше овие настани беше многу продуховен. Тој никогаш не проповедаше, туку ни помагаше сами да го откриеме Бог, кој е љубов, која нѐ сака и боли, и при стравовите, и кога сме скршени. Која нѐ сака не затоа што има потреба од нас, туку затоа што едноставно сме. Мојата духовна музика се разви од тој мој пат на осознавање на себеси и животот и таа љубов. Имав толку многу за исцелување - сè што придонесуваше за тоа чувство на „безвредност“ и за тоа пишував песни и правев концерти на таа тема. Отидов во Америка за да студирам Мјузикл. Завршив Академија за музичка и драмска уметност во Њујорк на American Music and Dramatic Academy, играв во театри, создавав претстави и бев поканувана во верските заедници за да ја споделам својата уметност и своите искуства.
* Луѓето се обидуваат илјада пати повеќе да стекнат материјално отколку духовно богатство, иако е сосема сигурно дека нашата среќа ја создава тоа што сме, а не тоа што го имаме. После колку години живеење во Америка, сфативте која е вистинската Татјана и колку таа се разликува од Тајчи, куклата со портокалово фустанче, насмеана и распеана?
- Тоа го сфатив многу брзо откако станав популарна - дека моето вистинско јас беше засенето од брендот Тајчи. Мајка ми ме викаше ‘Тајчи’ уште од времето кога бев бебе. Многу години ми беа потребни за да ги залечам длабоките емотивни рани кои што ги добив уште пред популарноста и за да се охрабрам дека можам да се појавам како вистинската јас. Бидејќи, штом еднаш од страв ќе научиме дека треба да ги слушаме гласните насилни мажи, кои имаат позиција од која можат да нѐ повредат, кога ќе научиме дека нивните гласови се многу посилни од нашите, кога ќе научиме дека сите попрво ним ќе им веруваат отколу нам, многу е тешко да се врати храброста. За жал, во Америка, како млада жена се најдов во слична ситуација, така што тоа повторно ме фрли во истиот страв. Дополнително ми отежнуваше и тоа што поради мојата популарност, слушав многу грди коментари - од обезвреднување на мојот интелект, талент, изглед, однесување . Сè додека не научив дека луѓето ги проектираат своите лични несигурности и болки врз другите луѓе. Навистина се надевам дека денес живееме во подобро време, во кое се штитиме една со друга од такви напади и сајбер малтретирање.
СО МЕТЈУ СЕ ВЕНЧАВМЕ КОГА ИМАВМЕ 29 ГОДИНИ
* Во младоста треба да се љуби, во зрелоста треба да се пишуваат книги, а во староста конечно треба да се зборува вистината, напишал францускиот романсиер Монтерлан. Во младоста го запознавте Метју, таткото на вашите синови, кој го напушти овој свет пред три години. Како би го опишале бракот, животот со тој човек? Кога најмногу Ви недостасува?
- Метју и јас се венчавме кога имавме 29 години. За 17 години заеднички живот, неколкупати ја пропатувавме цела Америка. Правевме концерти, бевме одлични партнери и уживавме со синовите кои никогаш не ги остававме дома. Ние секогаш бевме сите заедно. Се сакавме, но имавме и многу различни верски размислувања и тоа ни правеше немир, без оглед колку се трудевме да ги надминеме. Признавам дека моите незалечени рани придонесоа за тоа. Во секој момент сум благодарна на неговата љубов што ни ја даде на сите. Најмногу ми недостасува во животите на нашите деца. Тој би бил толку горд на нив. Беше исклучителен човек и најдобар татко на светот. Ми недостасува да можам да му ја фатам раката и да ја почувствувам неговата топлина и да му се заблагодарам за сè. Ми недостасува секој пат кога одиме на море - го сакаше океанот и се обидуваше да нѐ научи сите да сурфаме. Го сакаше и нашето море и Хрватска и моето семејство. Беше бестрашен и сакаше авантуристички патувања. Ништо не му беше тешко да направи - даваше сè за другите.
* Дали на крајот на животот Метју инсистираше не само да продолжите храбро, туку и да љубите повторно?
- Кога знаеше дека нема да се излечи, мојот сопруг пред смртта посака наместо тажно испраќање да направиме забава по погребот. По мисата во црква , се собравме во холот, каде што беа бендот и неговите пријатели од колеџот, кој тој ги повика пред да почине.
Бендот свиреше музика за танцување, според ирскиот обичај „Irish wake“. Тој сакаше да не бидеме заробени во тагата, туку да продолжиме да наоѓаме радост во животот. Не се плашеше од смртта. Имаше цврста вера и заминувањето за него беше транзиција, а не крај. Беше скршен од тага што ќе пропушти години живот со нас и што физички нè напушта, но не се плашеше. Нè молеше да го паметиме со радост, а не со солзи. Не беше лесно. Сè уште не ни е лесно. Но, сите четворица сè уште го чувствуваме неговото присуство во нашите животи. Можеби токму поради тоа што кога свесно ќе се ослободиме од болката по разделбата и кога ќе ѝ ја предадеме на љубовта да ја преземе, ја сфаќаме таа метафизичка поврзаност - со сето она што тој ни го даде и што е вткаено во нас. Тоа едноставно не може да престане.
НАЈТЕШКО МИ БЕШЕ ДА ГО ПРИЗНАМ СТРАВОТ
* Во зрелоста започнавте да пишувате книги. Неодамна ја презентиравте и новата книга во форма на мемоари, комбинација на фотографии, поезија, проза и записи во Вашиот дневник, кои што ги пишувате уште од деветтата година. Колку работевте на таа книга и што сѐ можат читателите да очекуваат читајќи ја „(Не)Скршена“?
- „(Не)Скршена“ е убава кратка книга, која опишува период од мојот живот во кој почнав да се будам од депресијата, анксиозноста и од паничните напади и почнав да се лекувам. Во тоа ми помогна креативниот процес на снимање на албумот. Креативноста често се користи во психотерапијата, затоа што може на нежен начин да ги сруши блокадите позади кои се кријат траумите и искуствата кои што не сме ги излечиле. Книгата има многу бел простор, со намера читателот во неа да ја пронајде и својата приказна. Всушност, книгата може да се чита и како да се работи за замислена личност која се бори со стравовите дека ќе ја осудуваат доколку се појави во автентичност. „(Не)Скршена“ е вовед во обемните мемоари, кои ги спремам за објавување оваа година.
* Која е најболната вистина за која раскажувате во книгата?
- Најтешко ми беше да признаам колку чувствував срам и страв. Бев толку истрауматизирана од стравот дека светот ќе ме отфрли, дека ќе изгубам сè ако откријам кои книги сум ги читала, или кои песни сум сакала да ги пеам… Или да танцуваш и да не се чувствуваш неморално… Поверував во многу лаги и кога пишував за тоа, ми беше тешко да помислам колку други жени се наоѓаат во таа ситуација. Затоа што не сме критикувани само од мажи, туку и од силни жени, кои не разбираат како некоја може воопшто да се чувствува толку слаба и несигурна. Тогаш ние уште повеќе се срамиме и се повлекуваме во депресија и немоќ, и молчиме и не можеме самите себе да се трпиме затоа што сме „слаби“. Тој што не поминал низ ова, тешко ќе разбере. Токму затоа што и самата поминав низ тоа, ја напишав „(Не) Скршена“. Не сме слаби ако чувствуваме страв или срам. Да ја признаеш ранливоста и чувствителноста не е слабост или мана, туку е храброст и сила.
* Можете ли да ни откриете само мал дел од Вашите размислувања во книгата?
- „На почетокот немаше Ништо. Дури ни инспирација.Бев скршена и премногу пати. Овој пат емотивниот крах ме остави збунета и исполнета со ништо друго освен со огромна вознемиреност. Студиото го договорив доволно време однапред. Можев комотно да напишам нови песни. Знаев дека морам нешто да создадам. Но, музиката не ми доаѓаше.“
* Луѓето се дораснати да се пресметуваат едни со други, но не се дораснати за да се пресметаат со проблемите. Вие исто така работите како мотивациски говорник. Што им кажувате најчесто, како можат да победат кога ќе се најдат сред проблеми?
- Мојата централна порака е дека решавањето на секој проблем треба да се започне во себе. Да се набљудува ситуацијата во која сме се нашле, што можеме да промениме во неа, а што не можеме. Постојано работете на себе, лекувајте се подлабоко, научете да сакате повеќе, вежбајте внимателност, бидете свесни за тоа како се чувствувате физички, емоционално, психички и духовно. Работете на себе кога сте стабилни и кога ви е добро, за да можете да имате алатки и „мускули“ за кризите и за да побарате стручна помош кога не можеме сами. Во основа, повеќето од нас се научени да ги третираат симптомите и да ги лекуваат болестите, наместо да ги спречуваат. Јас сум сертифициран животен тренер и во моментов одам и на уште една обука за благосостојба. Најмногу им помагам на луѓето да воспостават здрави дневни навики за благосостојба, преку менување на размислувањето, свесност и внимателност. Мојот бренд е музика + приказна + тренинг за благосостојба.
БЕЗ ЉУБОВТА НЕМА ЖИВОТ
* Каде живеете во Америка и како го поминувате времето во оваа корона криза? Колку години имаат Вашите синови и кој од нив е музички талентиран?
- Живеам во Френклин, едно прекрасно историско гратче на 20 минути од центарот на Нешвил. Данте има 20, Еван Амадеус 18, а Блес Лудвиг 15 години. Сите се талентирани за музика. Данте и Еван студираат на „Савана Колеџот за уметност и дизајн“ во Савана, во државата Џорџија. Данте студира Виртуелна реалност, а Еван студира дизајн. Блес е активен во училишниот оркестар, во театар, а започна да посетува часови по ТВ и емитување, меѓу другите предмети. Многу сум горда на нив. Добри се, свесни, вредни, грижливи и многу зрели за својата возраст. Со оглед на тоа што моите настапи и турнеи се откажани поради пандемијата, пишувам неделен блог и работам на книга, на онлајн концерти, на моите обрски како животен тренер и постојано снимам нешто. Имам и многу административна работа околу мојата компанија, но имам одличен тим кој ми помога. Добрата страна на тоа што не можеме да патуваме е што конечно на нашето семејството му се придружи кученцето Луна. Таа е многу паметна и ме носи на прошетка секој ден, затоа што во спротивно би ме мрзело да излегувам.
Сакам да готвам добри јадења домашни, кои се готват долго и полека и да печам колачи и палачинки. Воглавно, не ни е досадно. Покрај тоа, веќе неколку години сум во Управниот одбор на „Нешвил мировници“ („Nashville Peacemakers“), кој обезбедува едукативни содржини за деца кои се во ризични групи да станат дел од банди и да бидат жртви на трговија со секс. За жал, имаме и група во која им даваме помош на мајките кои ги изгубиле своите деца во вооружени конфликти. Кога нема пандемија, волонтирам во затвор за жени како ментор и тренер.
* Кои концерти и настапи Ве очекуваат кога ќе заврши пандемијата?
- Пандемијата ми откажа дел од турнејата на која бев со сестра ми - со нашето забавно шоу „Waking Up In America“, што е комбинација на џез стандарди и евергрини во кабаретски стил – но, и сите други закажани настапи. Планираме да ја продолжиме оваа есен. А дотогаш, се надевам можеби на некој летен концерт во Хрватска, а можеби и во регионот. Подготвена сум за повици од концертните промотери.
* Дали повторно љубите ?
- Секогаш. Без љубовта нема живот. Љубовта е сѐ. Инаку, лесно не се вљубувам, но сакам сталожено и длабоко. Љубовта е единствената работа на светот која што се зголемува кога повеќе ја делиме.
СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА
Фото: Иво Шубиќ