Ти си Убава
Ако погледнеме на Уметноста кроз декадите наназад и на панданите за убавина кои се пропагираат во одреден временски период, ќе наидеме на се. Од белузлави гојазни жени во Ренесансата и Барокот, до издолжени силуети со тенки колкови за време на 20тите. Секоја декада со свои репери за убавина, секоја ера со свои модни ставови, трендови и наметнати естетски вредности.
За да дојдеме до денес, ера на седостапност, глобално социјална поврзаност и виртуелна комуникација, модна хиерархија на американски старлети и наметнување на силиконски вредности. Е сега, како жена во ова општество, каде што ми е кажано дека морам да сум 15 кг под висината, да имам совршени гради во форма на крушка централно позиционирани, (ако ги немам да си ги набавам, или во краен случај да си набавам спонзор за истите), со прчест нос, рамна свилена коса, огромни трепки, абсолутно неважно дали се мои или залепени, тетовирани веѓи, хијалуронски усни и јагодици, без целулит, со тртлест задник, прави нозе, (ако ти се криви исправи ги твој проблем), бели заби и насмевка за милион долари, јас доаѓам до ситуација да кога ги гледам сликите од таквите жени, не можам да им го запаметам ликот. Кога запознавам такви жени, често се представувам два пати. Е сега, таквите жени, прототип на руска милионерка, нечија жена нормално, што слика кроасани за на инстаграм, а јаде една корка портокал на ден, се денешниот репер дека си убава.
Дали се сеќавате на 90тите? И појавата на Супер Моделите? Сите тие жени беа прекрасни за гледање, а секоја од нив со сопствени лични карактеристики, без тегнења и влечења на лице и тело, без ботокси и силикони. Чиста убавина со индивидуален карактер, жена која ја паметиш од првиот момент кога ќе ја забележиш.
Да се разбереме, немам гради, цел живот се туфкам за тие силикони. Висока сум 178 цм, сега веќе варирам со килажа 68/72 како ми се погодува периодот така. Устата и јагодиците се мои, мајка природа ме сотре на гради ама даде на друго место. Во последно време повеќе коментари допираат до мене, променив доста кругови на движење, и слушнав и од маж и од жена, нормално секој од нив со различна позадина, Абе ружна е оваа, ама проаѓа за… За жал, секоја жена и најчесто само жена, е подложна на проценка за убавина во современото општество. Осуда, испит, потенцијал, како на пазар за куповина на стока, кога испитуваат во каква состојба е животното, така често ние жените сме ставени на јавен линч. Без разлика која ни е професијата, од кое опкружување сме, дури и кога една жена е тема на разговор во женско друштво, често слушам ружна е оваа бре, дебела е, преслаба е, што се замишља со силиконине. Дури и јас се имав фатено како коментирам во такви собири, те понесува, се губиш во злоба.
И секоја од нас е ставена сама пред себе да се суди, да се сомнева, да се чувствува несигурно, дебело, слабо, неубаво и несреќно, дека ги слушаме тие коментари. А вистината е дека нема неубава жена, како што нема ни неубав маж, се е субјективна перцепција.
Да сме на чисто девојки, не судам никому нит што се боцка, нит што се сече, лепи или кујзнае што. Но, не си го одземајте идентитетот. Оставете ги флеките на образот, тие ве прават шармантни, целулитот е дел од секое тело, не се оптоварувајте, сите го имаме. Но и не му давајте храна, не го појачувајте со масти и хамбургери. Имате мали гради, ставете силикони, мала усна, надоградете ја. Ама нека застане на тоа. Колку повеќе менувате, толку повеќе и припаѓате на масата, толку повеќе се претопувате.
И јас не сакам да стареам, и јас не сакам брчки, пеги, целулит и стрии, вишак килограми. Носот ми е голем, градите ми се чудно испакнати, немам убав струк… можам до бесконечност вака. Ама, за себе си вредам најмногу. За себе сум најубава. Се додека работам на повисоки вредности, се додека се трудам да ги избалансирам современите сфаќања со личните потреби, си го чувам идентитетот и не одам по тек на водата, туку барам начин како да пливам контра, се до тогаш, јас за себе ќе вредам.
Вежби во теретана, трчање, третмани за лице во Вивидерм, нега на кожа со бебешки масла, супер намирници во исхрана и толку треба да се сочуваш и да си своја. Облечи ја блесавата леопард принт кошула на мајка ти од пред 30год, фармерки и штикла и толку треба ти да светнеш и светот да е твој. А дали си им на сите убава? Абсолутно неважно, тој за кого ќе бидеш најубава на свет ќе го види тоа во твоите најранливи моменти и ќе те сака баш таква каква што си.
Ти си убава. Ти си убава. Ти си убава.
Јас сум Ивана Кнез, нема неубава жена, има само луѓе без имагинација.
Се читаме следната недела.