Трагедија- Почина 14-месечно бебе на Детската Клиника, неколку пати било враќано дома пред да биде хоспитализирано

Добивај вести на Viber

Рано утринава на Клиниката за детски болести во Клинички центар ,,Мајка Тереза” во Скопје, починало 14-месечно женско бебе, дознава ,,Слободен печат”. Како што посочуваат вознемирени извори кои работат на Клиниката, бебето било неколку пати одбивано за хоспитализација, иако родителите го носеле во болницата. Секогаш било пуштано дома, без да биде хоспитализирано. Гледајќи дека се одбивани за хоспитален третман, родителите го однеле во Клиниката Козле, од каде состојбата му се влошила и дури тогаш било примено во одделението за интензивна нега на Детската Клиника. Тоа за Слободен печат, освен дел од вработените, го потврди и таткото на починатото девојче, Р.С.

Тој за Слободен печат рече дека поседува видео снимка од доктор, која ја снимил ноќеска во Детската Клиника, на која го прашува докторот дали за неговото дете имало спас, доколку било навремено хоспитализирано, на што докторот му дал потврден одговор. Таткото бил исклучително вознемирен и како што и самиот ни кажа, утринава го скршил компјутерот со глава на Детската Клиника после што дошла и полиција. Според неговите зборови наишол на разбирање од полициските службеници, бидејќи и тие прашале зошто бебето навремено не било хоспитализирано.

Таткото во телефонски разговор со Слободен печат додаде дека телото на бебето е дадено на обдукција и дека по судски пат ќе ги гони одговорните за оваа трагедија. 

Целиот линк на  СЛОБОДЕН ПЕЧАТ