ТРИ ПОЕНИ ОД ГРЧКОТО ЖИРИ: Кои држави гласаа за Македонија на „Евросонг 2018“?

Добивај вести на Viber

Во севкупниот пласман, со скромни 24 бода го делиме претпоследното место со Грузија. Послабо рангирана земја од нашата е само Исланд

Македонија забележа уште еден катастрофален пласман на „Евросонг“ пласирајќи се на претпоследното место во првото полуфинале кое се одржа во вторникот. Послабо рангирана земја од нас таа вечер е само Исланд. По синоќешното прогласување на победникот, на официјалниот евровизиски сајт беа презентирани конечните резултати, а нашиот годинешен „скор“ е скромни 24 поени. Идентичен резултат има и Грузија во второто полуфинале која во четвртокот завршила на дното на табелата. Во севкупниот пласман, Македонија на „Евросонг 2018“ во Португалија токму со Грузија го дели претпоследното место од вкупно 43 земји-учеснички.

За нас гласале само 6 земји. Најмногу ни било наклонето албанското жири (8 поени), а три бода групата „Ај Кју“ добила и од грчките арбитри. Поени сме добиле и од Азербејџан (6 од жири), Бугарија (5 од телевоутинг) и од Хрватска (1 од телевоутинг). Колку за утеха, со еден поен нè наградиле и членовите на жирито од победничката земја Израел која и во првото полуфинале била подобра од Кипар.

Што се однесува до нашето гласање, Македонија како и неколку години претходно, најмногу гласала за Албанија (12 поени од телевоутинг). Нашето жири, пак, максималните поени ѝ ги доделило на Бугарија. И ние сме им дале поени на грчките претставници. Од македонскиот телевоутинг 4 поени завршиле кај „нашиот јужен сосед“, како што коментаторката од МРТ милува да ја нарекува Грција.

Годинава за половина од македонски гласови (50%) одлучувала комисијата во состав: Миодраг Врчаковски, Иле Спасев, Ана Пандевска, Кристијан Габроски и Стефанија Лешкова-Зеленковска.

Ѓ.С.