Триесет години имам иста тежина: Ирена Спировска ја открива тајната на младешкиот изглед
- Годините треба да ги носиме со гордост, а не да ги прикриваме, е девизата на нашата позната водителка Ирена Спировска, која оваа година ќе наполни 49 години. Умереноста и здравиот живот ѝ помогнале на Ирена 30 години да ја има истата тежина.
- Никогаш не сум имала проблем со килограмите, но откако знам за себе внимавам да не претерувам со конзумирање на мрсна и висококалорична храна. Месо не јадам повеќе од една деценија, не пијам газирани сокови, избегнувам да јадам леб и пецива од бело брашно. 30 години ја имам истата тежина. Конзумирам многу овошје и свеж зеленчук, сакам едноставни јадења кои брзо се подготвуваат и кои не бараат претерана термичка обработка на храната за да се сочува нутритивната вредност на состојките“, ни раскажа Ирена, која важи за една од најубавите и најелегантните жени од јавните личности кај нас.
- Кога чувствувам глад наместо разни грицки јадам суво и јаткасто овошје кои не само што го задоволуваат апетитот туку се и многу здрави и корисни за организмот. Благо јадам умерено и не многу често, а црното чоколадо ми е најчесто дел од дневното мени кога чувствувам потреба за благо“, ни раскажа Спировска. Последниот период, таа е ангажирана со снимањата на емисијата „Везилка“ на ТВ Алфа, која ја води со колегите Адријана Алачки и Благоја Грујовски.
Ирена додава дека за добра линија и пред сѐ за добро здравје е неопходна е и физичка активност, а секој може да одбере активност соодветна на возраста, темпераментот, можностите и афинитетите.
- Јас многу повеќе ги сакам т.н. аутдор активности, а пред сѐ планинарењето и им го препорачувам на сите без разлика на возраста и физичката подготвеност. Секој може да најде соодветен терен за планинарење и да ужива во многубројните придобивки од хајкингот. Македонија е земја се преубави планини!“, вели Ирена.
Со Ирена го искоментиравме и трендот на естетски корекции кој сѐ почесто се промовира на социјалните мрежи, особено кај младите девојки, но и кај повозрасните жени.
- Се согласувам со вашата констатација дека сѐ поизразено на социјалните мрежи се промовира трендот на естетски корекции, идеални пропорции (или уште подобро кажано пренагласени пропорции ), лица без брчки. Наголемо се форсира идеалот за совршена убавина и вечна младост што е една голема илузија на модерниот човек. Најлошо од сѐ е што младите ги прифаќаат овие трендови , а сметам дека е тоа сосема непотребно на нивна возраст“, вели Ирена и додава дека убавината на секој човек е неговата уникатност, а секој од нас е различен и посебен.
- Стареењето е природен процес и како таков треба да го прифатиме. Сосема е нормално дека на 50 не изгледаме исто како кога сме имале 20 години помалку. Доволно е да изгледаме добро за своите години, а не по секоја цена да изгледаме помладо од годините што ги имаме“, вели Спировска.
Фото: Вангел ТануровскиДолги години, таа е во врска со Душко Исајловски кој е нејзин партнер во планинарските авантури, и е вљубеник во спортот исто како и таа.
- Ваквиот став го дели и мојот партнер Душко кој исто како и јас предност му дава на природниот изглед и среќна сум што е така“, ни раскажа Ирена.
Милица Џаровска
Фото: Приватна архива