Училиште во Турција ќе го носи името на Македонија, како знак на благодарност и солидарност за земјотресите
Собраните хуманитарни средства во износ од 50.909.796 денари, ќе се наменат за изградба на училиште во градот Малатија, Турција.
Ова е одлуката која е донесена во Црвениот крст на Република Северна Македонија по направените преговори со Турската Црвената Полумесечина.
Новото училиште ќе го носи името на нашата држава, а 32 училници ќе ги носат имињата на градовите на нашата држава.
Овој акт ќе остави траен белег и доказ за солидарноста на граѓаните на РСМ кон граѓаните на Република Турција, соопштија од Црвениот крст
Од Црвениот крст упатија голема благодарност до сите граѓани и правни субјекти за поддршката во хуманитарната акција на Црвениот крст за помош на настраданото население од катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија и со големо задоволство, информираа дека во акцијата, вкупно е собрана донација на парични средства во вкупен износ од 63.380.807 денари.
Oд собраните средства, 12.427.334 денари, се испратени на сметката за Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, за помош на настраданото население во Сирија.