Уметниците да не паѓаат во депресија: Ружица од „Ареа“ со порака до колегите

„Си седам дома и испадна корисно. Мислам дека напишав текст за нова песна“, објави на својот Фејсбук профил Ружица Милошеска- Брчиоска, вокалот на гостиварските рокери „Ареа“. Ружица важи за еден од нашите најмоќни вокали и најдобри текстописци.

„Во нормални услови, не би објавувала таква информација дека сум напишала текст, туку по објавување на песна со спот тоа би го објавиле и би ги известиле медиумите. Ова беше повеќе заради  ситуацијава со короната и заради подигање на волјата кај луѓето, а особено кај уметниците да продолжат да си работат и да не паѓаат во депресии“, им порача Ружица на колегите.

Ружица додава дека со бендот во овој период не се состануваат поради препораките за изолација, па така активностите им се сведени на минимум. Поради природата на нејзината работа, електро инженер во ЕЛЕМ, таа секој ден оди на работа.

„Јас одам на работа цело време. Во слободно време се трудам да се сконцентрирам и да напишам некој текст на повеќето од предлозите, т.е. музички склопените композиции што Ивица ми ги дава“, ни изјави Ружица за својот сопруг Ивица Брчиоски, гитарист во „Ареа“ и автор на многуте нивни хитови.

„И одењето до студио ни е ограничено сега со полицискиот час, особено за викенд, кога јас сум слободна. Така што апсолутно немаме визија што ќе се случува со „Ареа“ и до кога сѐ ова ќе трае. Но во секој случај, кога ќе заврши сево ова, сакаме да продолжиме со активности и снимање на нови песни“, вели Ружица.

Една од најубавите, меѓу многуте песни на „Ареа“ според реакциите на публиката е „Нешто недостасува“. Спотот за оваа песна е снимен токму во Италија, земјата која однесе најмногу жртви од коронавирусот.

„Еднаш порано, во Венеција. Прашања, многу прашања во една песна. И сѐ уште нешто недостасува“, напиша Ружица на средината на март на својот Фејсбук профил, објавувајќи линк од спотот. На нашето прашање, што најмногу на бендот му недостасува сега, таа вели:

„ Сега најмногу ни недостасуваат живите свирки и контактите со публика“.

М.Џаровска