УШТЕ МЕ БОЛИ СМРТТА НА ТАТКО МИ: Интервју со Димитар Андоновски

Кариерата ја започна како виолинист и дел од младите таленти на тогашната „Плеј потрага по ѕвезда“ на М2 продукција. Денес е еден од најангажираните наши поп-пејачи, како вокал на бендот „Тајфата и Димитар“. Лани во февруари, Димитар и неговата сопруга Христина станаа родители на синот Михаил. Пејачот со гордост раскажува за синот, за внукот, за мајка му која е неговиот најголем херој по загубата на татко му, за големата болка со која се соочил кога имал само 9 години. 

Димитар со синот Михаил

* Повеќе од една година си член на групата „Тајфата“. Како се вклопи во екипата?

- На почетокот имав мали потешкотии додека се вклопив во бендот, но брзо се адаптирав на нив, а и тие на мене. Морам да признаам дека начинот на функционирање е комплетно различен од градењето соло кариера затоа што бендот го подрзбирам како едно семејство кое заеднички ги донесува сите одлуки и со заеднички сили се гради се. Изучив и доста нов репертоар на музика и се соочив со доста нови музичи стилови кој до сега не сум ги изведувал. 

* Твојата сестра Маја е актерка, зошто до сега не си ја викнал да глуми во некој од твоите спотови?

- Искрено, размислувам да биде во новиот спот за песната што ја најавуваме „Стари добри времиња“. Ни требаат професионални актери за овој спот за да можеме подлабоко да допреме до публиката, а Маја како актер мислам дека може одлично да одговори на тоа. Сепак сеуште сме во фаза на креација на сценарио, и се надевам дека ќе успееме да го изработиме овој спот заеднички.

* Какво беше вашето детство во Битола, на што најмногу се сеќавате од тие стари времиња?

- Секогаш сакам да се присетувам само на убавите работи од тие стари добри времиња. Од таа перспектива можам да кажам дека имав безгрижно и убаво детство. 

Среќен сум што ја имам Христина за жена затоа што во денешното модерно време кога сите вредности се изгубени - Димитар со сопругата и со синот 

 * Рано останавте без татко, колку тоа влијаеше на твоето детство, растење и созревање?

- Загубата на мојот татко беше голема загуба на моето семејство. Јас бев дете и нормално ми беше многу тешко затоа што чуствував голема потреба за неговото присуство. Но, благодарен и сум на мојата мајка Гордана која што се постави како столб на семејството и во различни ситуации беше и татко и мајка. Таа не научи како да се бориме во животот и не воспита во луѓе со кои што верувам дека се гордее денес. Таа за мене е жена која е најголемиот борец што го познавам и човек од кој сум научил многу животни работи. 

* Колку години имаше кога почина татко ти, и можеш ли да споделиш со нас што се случи, како почина?

- Не би сакал многу да зборувам на таа тема бидејќи и после толку години се уште е доста болна и за мене и за целата фамилија. Би сакал старите рани од минатото да ги оставам таму некаде и да не се сеќавам на нив веќе.

* Кој најмногу ти помогна во тешките мигови?

- Покрај мојата мајка секогаш тука беа и членовите од потесното семејство, но и нашите најблиски пријатели.

* Каков човек беше татко ти, кој е најубавиот спомен што го имаш од него, и има ли нешто што ти оставил како аманет?

- Мојот татко во тоа време беше многу познат човек во Битола затоа што беше прочуен гинеколог и имаше голем број на пациенти кои буквално чекаа на ред за да стигнат до него. Беше целосно посветен на на професијата и им помагаше на многу луѓе кои имаа здраствени проблеми и многу од нив добија и деца благодарение на неговите методи на лекување. Во тоа време не постоеше инвитро и разни модерни начини кои ги поседува денешната медицина. Затоа многу луѓе и по 23 години од неговата смрт знаат да го спомнат и со голема благодарност да зборуваат за него. Остави многу добри дела зад себе, помагаше на секој и тоа е и најголемиот аманет кој ми е оставен од него. А исто така негова најголема желба за мене му беше да се занимавам со музика.

* Му ја посвети песната „Ова небо знае сѐ“, која ја испеа и на твојата свадба со Христина. Има ли други стихови што ги пееш за него, и која друга твоја песна е со посвета на друга драга личност?

- Покрај тоа што е посветена на мојот татко таа песна исто така е посветена и на сите оние кои што физички ни фалат на земјата, но сигурен сум дека од горе не гледаат и се радуваат и тагуваат заедно со нас. Им благодарам на Лазар и на Магдалена што ја создадоа оваа песна затоа што знам дека и нив им е подеднакво драга како и на мене.

 * Сега си среќно оженет и со Христина го имате синот Михаил, знам дека си и горд вујко на синот на сестра ти. Какви чуства кај тебе буди тоа што си татко, како со Христина се организирате околу обврските со синот?

- Среќен сум што ја имам Христина за жена затоа што во денешното модерно време кога сите вредности се изгубени реткост е, но и и дар од Бог да имаш вистински човек покрај себе. Му Благодарам на Бога што ни го подари најпрекрасниот син на светов. Михаил ми го промени комплетно животот, се чуствувам исполнет, среќен и сфатив дека ништо друго на светот не е поблагословено и повредно од семејството. Христина е многу посветена мајка и навистина покрај бројните обврски кои што ги има околу детето, скоро дипломира на Филозофскиот факултет како историчар со највисок просек. Едноставно се гордеам со неа. Мојот внук Николај е мојата прва љубов од страна на сестра ми. Дете полно со љубов за секој. Тој е толку многу интересен и харизматичен што не ме чуди еден ден да се занимава со јавна професија како мене и сестра ми Маја. 

* Што е она што најмногу го сакаш кај твојата сопруга, кои мигови ви се најсреќни кога сте заедно?

- Ја сакам нејзината едноставност и скромност и едноставно уживам во секој миг со неа.

Милица Џаровска