Утринско кафе со Д-р Искра Петровска Шешова: Бев единствена од Македонија на конгрес во Америка со 10.000 учесници од 42 земји – уште сум под импресии

Добивај вести на Viber

Утрата ѝ се најпосакуваниот дел од денот со оглед на тоа што се буди рано и ужива во утринската тишина.

- Наутро најчесто пијам топол чај и практикувам јога, којашто ми дава духовна и физичка енергија во текот на целиот ден. Кафето во текот на работната недела ми е резервирано за подоцна и го пијам на работа. Обично викендите ги посветувам за пиење на утринско кафе со мојот сопруг.

Многу работи можат да ја мотивираат. Нечија успешна приказна, задоволен пациент,  идеја и нова можност да може да се реализира, дружба со позитивни луѓе, семејни средби, убава музика, патувања, кои ѝ се голема пасија и нејзе и на нејзиното  семејство.

- Моментално сум под импресии од учеството на Светскиот конгрес организиран од Американската Академија за Дерматологија (ААД) во Сан Диего, Калифорнија кадешто добив грант за учество на истата и сум многу горда и среќна поради тоа. Да се биде дел од еден ваков конгрес, каде учествуваат повеќе од 10000 учесници од 42 земји од светот,  е голема чест и привилегија, посебно што доаѓам од една мала земја. Во тој голем океан од најпознати светски дерматолози се чуствував преубаво, ценето, почитувано. Имав можност да споделам тоа што ние тука го работиме, се разбира со размена на искуства и знаења, нови идеи и можности. Се надевам дека овој мотив и ентузијазам што го имам,  ќе го применам  во мојата работа, посебно во областа на естетската дерматологија со најнови техники тераписки можности што може да ги примениме тука.

Дневните планови ѝ се поврзани со ординацијата, кадешто го поминува најголемиот дел од денот.

- Со мојата медицинска сестра секојдневно си имаме нови предизвици со нашите пациенти, кои ни даваат убава енергија. Обично денот го завршувам во домашна атмосфера, со вечера со моето  семејството и разговори кој како го поминал денот. Викендите ги поминувам најчесто во природа, дружење со блиски пријатели, посета на некој концерт и секоја можност ја користам за патувања, кои ми даваат посебна сила и енергија,  и приватно и професионално. Кога би требала да избирам меѓу добра книга и филм, сепак би се одлучила за добра книга.

Искра Петровска Шешова - специјалист Дерматолог