Утринско Франк кафе со Марина С.Симеонова: „Скијам слалом“ меѓу обврските по дома и на работа

Со оглед на тоа што денот ми е исполнет со милион обврски и активности и со многу луѓе и дечиња, што свои, што на работа, најмногу обожавам утринското кафе да го испијам во мир, со разбушавена коса и во пижами. Така психички се подготвувам за сите обврски и правам план по кој редослед ќе ги завршам.

Професионално инспирација црпам од моите клиенти, моите вежбачи и дечињата со кои работам. Сите нивни потреби и барања ми се мотив плус да истражувам и да се надоградувам професионално. Сите нивни достигнувања и успеси се и мои лични успеси и сатисфакција.

Како мајка на 2 деца, сопруга и професионално активна жена, по цел ден „трчам маратон“ и „скијам слалом“ меѓу обврските по дома, на работа, па и малку време за себе( ова последново не ми успева секој ден ). Обично претпладне имам часови со дечињата од градинка и вежбаме. Потоа имам време за себе, за кафе со пријатели, за омилените активности со моите деца, за пазарење, за готвење... . Навечер имам 1-2-3 тренинга аеробик, зависи од денот. Во меѓувреме по некој персонален тренинг, носење деца на спортски активности, јазик, родендени, прошетка на куче, тренинг за себе и ако остане време, дружба со пријатели. 

Многу сум среќна што можам да кажам дека вечерта си ја поминувам со оние што најмногу ги сакам, со мојата фамилија, сопругот и децата. Тоа ми ги полни батериите за наредниот ден.

Бидејќи како што веќе спомнав, денот ми е прилично брз и исполнет, големиот дел од работните обврски ги поминувам во галама со дечињата во градинка, гласна музика на аеробик, моите деца дома знаат да бидат доста гласни, така да уживам во мир и тишина да си прочитам некоја страница од убава книга. Во последно време се помалку можам да си го дозволам тоа задоволство, но верувам во некое идно време ќе го променам.


(Марина Стоилкова Симеонова- Инструктор за аеробик)