Утринско кафе со Алек Наумовски: Добрите гестови никогаш нема да излезат од мода

Првото утринско кафе најчесто го пијам сам, меѓутоа навистина уживам затоа што сум голем љубител на кафе и само турското ми помага да се разбудам. Е дури потоа во текот на денот, можам да уживам во другите вкусови, па знам да си нарачам фредо, макијато или капучино. 


Мотивацијата најчесто доаѓа од самиот живот и обврските што секојдневно излегуваат. Да успеам во намерата секаде да стигнам и да ги завршам сите планови зацртани за денот. Мотивација наоѓам во убавиот ден, во споделените разговори, во дружбите и секако во работните обврски.


Понекогаш чувствувам дека ми недостигаат 2-3 часа за да успеам секаде да стигнам и се'  да завршам. Имам состаноци колу работата со „Моделс Ин“, па одам во радио (Урбан ФМ) каде емисијата во живо ми завршува до 18 часот. Веднаш потоа продолжувам со состаноци и средби, повторно околу модната сфера, плус грижата за миленици. Додека се освестам, повторно велам дека од понеделник здраво ќе почнам со вежбање. Можеби работните обврски ги ставам високо на агендата, па време за хоби или дружби најмалку имам. 


Слободно време имам за викенд и тогаш не пропуштам да прошетам до нашите најубави рекреативни центри. За време на работните денови, најчесто денот го завршувам со серија или добра книга. Сега ја почнав серијата „The Sinner“ со Џесика Бил и морам да потенцирам дека е одлично направена. Ако немам договорени средби и излегувања, навечер ја гушкам Марјана (мачката), која пред два месеци наполни 18 години. 


Пред недела дена ја завршив книгата „Мојата ќерка Ејми“, напишана од таткото на Ејми Вајнхаус - Мич, прекрасен подарок и изненадување од мојата другарка Делфина. За здрав сон, треба убава мисла и некаков план за наредниот ден. Можеби луѓето нема да се сетат што сте направиле за нив, но бидете сигурни дека ќе запомнат каква емоција сте предизвикале. Добрите гестови никогаш нема да излезат од мода. 

(Алек Наумовски ко-сопственик на модната агенција „Моделс Ин“, радио водител и македонски топ модел)

Фото: Ани и Дими, Константин Влахо, Ерина Богоева, Владимир Георгиев, Марко Маркоски