Утринско кафе со Александра Марковска: Ако нешто најдобро знам да правам, тоа е учењето

Мојата работа е доста динамична и различна, а со тоа и утрата ми се различни. Во моментов најголем дел од работните часови ги поминувам во имплементација на високите GMP стандарди во компанија која се занимава со производство на медицински канабис. Поголем дел од мојата работна недела го поминувам во Валандово. Секое утро пијам кафе со тимот кој е секој ден спремен за нови предизвици. Производството е сместено во Јосифово, во прекрасна природа и е вистинско задоволство да се пие утринското кафе таму. Има огромна разлика, да пиеш кафе во Скопје, во затворен простор помеѓу згради и таму да пиеш кафе на отворено во природа. За време на викендите, секако дека кафето е дел од фамилијарната атмосфера, заедно со мојата фамилија и секако нашето домашно милениче Арта, новиот член кој дава додадена вредност на секое утро.

Дневните планови ми се многу различни и динамични. Јас работам како консултант кој имплементира меѓународни стандарди и скоро секоја дејност во државата која има производ кој треба да се извеза надвор има потреба да воведе меѓународен стандард, па тука наоѓаме заеднички јазици со сите поголемикомпании во државата и регионот.

Моите обврски се од обука на тимовите во компаниите, изработка на документација, се до последното што го работам, а тоа е проектен менаџер за спроведување на највисоките стандарди. Посебно сум горда на првиот проект каде како извршен менаџер го воведовме највисокиот стандард за болничко лекување JCI.

Mе мотивира различното и новото. Во сите сегменти од мојот живот сакам различности, сакам нови работи, затоа што најмногу од се’ на светот сакам да учам и да совладувам нови предизвици. Секогаш велам, ако нешто најдобро знам да правам, тогаш знам да учам. За таа одлика е заслужна мојата фамилија, мајка ми и тетка ми кои ми вградија цврски работни навики, татко ми кој беше во душа научник и моите одлични професори од ПМФ кои ме внесоа во светот на науката.

Имам огромна желба да споделувам се’ што ќе научам со околината и тоа ме мотивира бескрајно. Затоа и мојата работа е токму тоа, соработка со различни луѓе од различни континенти, раси, религии, воздрасти. Посебно ме мотивира задоволството на тимовите со кои имам споделувано знаења.

Не ме мотивира материјалното и на тоа сум посебно горда. Ме мотивира се’ што е поврзано со танцување, на пример на 37 години учествував во сопствена балетска претстава и сега спремам нова за стомачен танц. Ме мотивираат луѓето кои умеат да направат нешто од ништо. Ме мотивира љубов, ме мотивира лојалност. Ме мотивира патувањето, до сега имам пропатувано доста, можеби пола свет, но се уште имам мотивација за втората половина. Ме мотивира животот да одам напред и да прифаќам предизвици.

После 15 години активно работење, сега веќе можам да кажам дека конечно можам работните активности да ги средам во работно време од 8 часа и попладнето конечно да го посветам на себе и на моите најблиски, и тоа не седење по кафани или кафичи, туку корисно со вклучување на спортски активности, со посетување на часови за танцување и со квалитетно време поминато со фамилијата. Имам среќа да имам големо семејство. Посебно ми се драги моите мили внучиња, па во моментот имам надимак „мама тетуш“.

Порано секако дека повеќе читав книги, сега гледам филмови. Сакам добра книга и дома имам огромна селекција на книги, кои ги поклонив на Детско Село. Во различни фази од мојот живот ме интересаираше различна литература. Во последно време сум фокусирана на мотивирачки книги.

За мојот 36ти роденден, имав журка за мојата втора матура (18+18), на која секој беше должен да донесе по една книга со наслов кој го асоцира на мене. Добив преку 200 книги, кои значително ја збогатија мојата библиотека и лично ми го збогатија мојот дух. Добив на вредност, вистинска вредност..

* Александра Марковска, CEO quality consulting