Утринско кафе со Анета Качуркова: Ме мотивира природата

Денот ми започнува најнормално, со кафе. Понекогаш вежбам јога или фитнес вежби. Правам план во умот за денот што ме чека. Се потсетувам секогаш „Денеска е ден да се остварам себеси низ љубов“. Кафето го пијам со дечко ми. Обврските ми варираат, зависи од денот.  Часови, проби или евентуално свирка, или компонирање дома, па во согласност со тоа го правам дневниот план. Гледам да оставам и дел од денот за релаксација, што е ново кај мене.

Ме мотивираат многу луѓе, музичари, деца, моите родители. Ме мотивира љубовта и природата. За вежбање најчесто се мотивирам сама себе.

Секој ден ми завршува различно. Ако имам концерт, ми завршува на еден начин. Ако имам часови, ми завршува помирно. Како и да е, кога ќе легнам во кревет почнувам со медитативно смирување на свеста, со музика за медитација. Некогаш гледам филм.

Книгите ми се секојдневие. Читам на три јазика, но најмногу на француски во последно време, зошто морам да го подобрам мојот говор. Ама кога ќе се вратам на читање на македонски, ми е како мелем на душата, слатко како мед. Најчесто читам духовни книги. Од филмови омилена ми е серијата Star Trek - the next generation.

* Анета Качуркова, музичар